Овој пат (за промена) подранив, и не погрешив! Само ја продолжив авантурата која долго ќе ја паметам…
Се сретнавме пред „Пелистер“, на плоштад. Наспроти мене горделиво исправени стоеја две „мермерни” фигури: Десно, гротескниот Цар Самоил; лево од него, величествениот Г-дин Алфонсо во препознатливото, мермерно бело одело. Легенди…
За разлика од Самоил, г-динот Алфонсо ме дочека со широка насмевка на лицето и силно ме прегрна! Навистина има племенитост во човеков, си помислив!
Ме посоветува мудро, ми предложи економично решение како да стигнеме кај него дома и секако, прифатив; така се упативме кон најблиската автобуска постојка… Патем, зборнавме и за времето дента; изостануваше онаа типична летна скопска жега. Пиркаше пријатно ветре и сонцето беше изненадувачки „милозливо” –наклонето и за пригодата и неговиот аутфит, одело и долги панталони, сред лето. Беше исклучително уреден и немаше ниту капка пот на неговото чело. Мирисот на омекнувач, на штиркана и испеглана облека лебдеше околу него. Мала дигресија: дали сметате дека 84 години се пречка некој да носи очила за сонце на чија рамка од страна пишува „sexy“? …и да се движи со кондиција на 20-годишно момче?! Постојано заостанував неколку чекори зад него!
Вистинските вљубеници во модата, се големи „бунтовници“. Нивна најчесто неостварена желба е да носат отворени сандали на ладно, чизми или блузи по долги ракави кога е топло… накратко, сакаатда ги комбинираат парчињата од летната со оние од зимската гардероба…. Г-дин Алфонсо, го живее тој сон! И колку што јас знам, едвај некогаш отстапува од своите сакоа, очигледно ниту за сметка на временските услови… тие се, без збор, негов добро препознатлив, заштитен знак…
Вoзејќи се во 19-та на ЈСП, ми раскажуваше со сјај во очите, за почетоците на неговата кариера во балканската кинематографија; лека-полека, се надоврза и на своите патувања, годините од животот кои ги поминал во Франција, Белгија, Австрија…„Не може секој да глуми“, велеше тој…. Нетрпеливо, гo грабнав апаратот и почнав да ги режирам „сцените“ со него. Не е ни чудо што е глумец, фото-апаратот буквално го обожува! Алфонсо е навистина фотогеничен! Занесен во приказните, не забележав дека автобусот застана пред „Зегин” во Шутка- нашата постојка. Близу аптеката, сокакот угоре водеше кон„Вашингтонска“ улицата… неколку чекори потаму и стасавме нa прагот од неговиот дом.
Дневната беше уредена во колоритни пастели. Eден од ѕидовите беше бојадисан во розево-кафена комбинација, друг во жолто-виолетова; мебелот преслечен во прекривка со цветни мотиви, на масичката милè исто така со цветни везови. Тој влезе во една од собите и се врати за миг со „палетата” кравати. Веројатно има кравати колку што брои и години! Меѓу нив, висеа ретки модели со неповторливи дезени дури и духовити принтови како „Tasmanian Devil’, „Снупи”, кенгури итн. Тој со посебно внимание ми посочуваше на секоја од нив. Во наредните половина час следуваа сакоа… ми ги покажа и оние кои беа педантно сместени вo заштитни навлаки; кројот кој преовладуваше беше без грешка, класичен и елегантен. Некои беа од твид, и претежно преовладуваа кремави, кафени и сиви тонови. И секако, мноштво од кошули, особено бели, во секаква нијанса: млечна, снежна, бисерно-бела итн… Што се однесува до фотографирањето, непотребни беа инструкции за како да „се однесува” пред објективот – тој добро си ја познава работата!
Сакаме да зборуваме за пасии и хоби, нели… како и повеќето од нас, г-дин Алфонсо е навистина едноставен и го исполнуваат мали нешта. Тој не може без музика. Навистина е страствен кога станува збор за неговата музика! Тој е шампион во турска музика, прочуен во Шутка и подалеку! И е горд на сопствените радио-касети складирани во 5 куфери, сите до една од неговите многубројни турски изведувачи! Неговата омилена пејачка е Muzeyyen Senar…
И како голем верник, негува огромна почит кон традицијата за Курбан Бајрам: без отстапки секоја година на Големиот ден, јагне одгоено за неговата фамилија, се дочекува со плех музика, среде Шутка. Режените линии на јагнето се симбол за здравје, благодет и изобилие…
Не само што е во добра физичка форма, а веќе меѓу ветераните, тој има навистина млад дух, бистра меморија, жар и несекојдневен ентузијазам и најважното, благодарен е за сето она што го има… Заминав со насмевка и во добро расположение. Неколку пати погледнав наназад, кон мојот добар и искрен домаќин дента: Г-дин Алфонсо, во друштво на Анџел стоеше пред портата на својата куќа отпоздравувајќи ме со раката сè додека не скршнав кон свиокот надолу, додека сосема не му исчезнав пред вид…