Асоцијации. Тоа е првото нешто што ме асоцира на Ирина. Таа обожава да игра „асоцијации“, и „ја бива“! Молете се да Ви се погоди у екипа! Брза е и гласна, досетлива и хумористична! – Така се запознавме… и изгубивме од нејзината екипа! Ирина, во принцип, ги сака сите друштвени игри…
Понекогаш и свири на виолина, понекогаш пее или само си потпевнува, ужива во театарски претстави и сака изложби… и не брои „калории“! Возењето велосипед секако нема да ја спречи да седне ненадејно на пиво, или на „Принцес“ крофна, ако во моментот науми!
Колку што јас ја познавам, нејзината „театралност“ е сосема во контекст на нејзиниот карактер и темперамент. Створена е за какви било креативни уметнички, музички и танцовни, изведби, за настапи, за шоу… и целосно се впушта во секое такво искуство што ќе и’ искрсне…
Заедно со уште две другарки, е ко-автор на пeрформанс во кој поезијата, музиката и сликата се претопуваат меѓусебно. Авторското трио воедно и глуми во истиот… и на Ваше изненадување, Ирина е архитект по професија.
Сум чул многу искрени исповеди на девојки, поготово кога ќе се почувствуваат „загрозено”… Знаете, кога девојка ќе измерка друга девојка во град, од глава до пети, признавајќи, не секогаш јавно но, секако, во себе „Еј добро изгледа типкана“?! …при тоа со израз на лицето, иако несвесно, по малку завидлив?! Eпа, Ирина е „опасната” девојка која сигурно некогаш (несомнено, и женски и машки) сте ja „измеркале”! Евентуално сте помислиле – „Девојкава страшно наликува на „Џенифер Конели!”,- што би била исто толку ласкава помисла! И толку е природна и своја, самоуверена во оптимална доза и ултра духовита… Oд оние луѓе е чие присуство е задолжително на неповторлива, „шик“ тематска собиранка од избрано друштво… и ќе сакате да ја видите повторно, за да си „полебдите“ на харизматичното „облаче“ во кое таа е обвиена… и како што спомнав: супер изгледа кога и да налета човек на неа. Ставот пак и’ е лежерен и говорот опуштен, колку и да е во моментот, стокмена дама!
Да речеме Ирина „пати” од професионална деформацијa: има остро „проектантско око“ за сопствениот aутфит: монолитни сиви и земјени комбинации, „полигонални” фустани – никако „лепршави”, и држи до геометријата како принт – пеперутки ни под разно! Ајде да ублажам за крај: не премногу гардероба но генерално, фини и ексклузивни нешта… со тоа што, години наназад нејзината неостварена желба е пикираното парче да е на 70% попуст! :)

Сум членувала во клубови за глума, сум посетувала балетски студија и сум пеела во хорови... и искрено, првото нешто во животов со кое што сакав да се бавам е, Бродвеј. Да отидам и да си ја испробам среќата во светот на мјузиклите. Со оглед на тоа дека имав 18 години и не размислував повеќе „детски“ (штета!), решив дека тоа е нереално за човек кој не пораснал со професионално пеење, играње и глума... Заради вака испуштената шанса, ја користев секоја наредна, без исклучок. Секоја дадена прилика да учествувам во какво било шоу, ја прифаќав и се посветував во целост...

Две девојки од училиштето „Пијано Форте“, имаа некаква општа идеја за тоа што сакаа да постигнат со овој перформанс. Ова не беше нешто откриено или измислено за прв пат; туку, нешто кое кај нас не е развиено на таков начин, за кој имавме идеја да го развиеме. Сите три заедно, со меѓусебно надополнување и со користење на поединечните способности и таленти, решивме да организираме една вечер во која ќе се случи синтеза на поезијата, музиката и сликата.

Поезијата, односно текстот, беше извадок и реинтерпретација, мешање на разни делови од прозата и поезијата на Јacque Prevert- француски поет од почетокот на XX век. Беа поврзани реченици, зборови, стихови и целосни песни, во една голема љубовна приказна која ги опфаќаше чувствата и љубовните страдања на две личности. Секој збор беше придружен од тон и одредена мелодија која, му соодвествуваше на чувството кое сакавме да го пренесеме до гледачите. Како текстот, така и музиката беше микс од десетина класични дела, изведена на пијано, во живо. Третиот аспект од перформансот, односно ,сликата, беше дополнително инспирирана од приказната и, се состоеше од визуелно доловување на одреден момент и реагирање на одредените импулси кои ги создаваше текстот. (на сликата) Флаерот за Перформансот

Не секогаш ставам накит ама, кога ќе ставам сакам да е нешто големо...не сакам нежен накит. Затоа што, сè друго што носам би ми било чисто и само едно големо големо ланче...има луѓе што знаат да се „натрпаат“ со „ствари“ и супер да им стои... Јас не можам. Не дека не ми се допаѓа туку, не можам да се направам „така“. Не ми стои некако на лице...

Да бидам искрена, не сум некој читач, не сум трпелив човек, така што ако се чита книга, се чита нешто во кое дејството е брзо и динамично...Агата Кристи ми го задржува вниманието, би ја спомнала нејзината книга „Ordeal by Innocence“... Игор Џамбазов исто го почитувам и можам да го читам- „Прирачник за анти антиалкохоличари“...

На што и да е, му поминува модата и брзо станува досадно и ја губи вредноста што некогаш ја имало. Единствено нешто што, барем во мојот гардеробер, е секогаш присутно и што никогаш не би го дала, се сите стари памучни маици кои со текот на времето станале пижами; и такви, со безброј проширувања, излитувања и дупки претставуваат најудобното нешто без кое не би можела...

Еден период многу на „сиво“ отидов... сè сиво и сиво, купував само сиво; некако, друга боја не ми влегуваше во комбинација... Се обидувам да ја елиминирам сивата боја… Другите бои кои ги комбинирам се живи, вибрантни, да има контраст во целото сивило... црни парчиња облека имам многу малку купувано. Една моја летна комбинација...ова се сукња панталони, и обично ги носам на висока штикла... ноџињата изгледаат тенки, топ! Винтиџ бермуди од Париз

Секако дека архитектурата и модата се поврзани... облеката и архитектурата многу се совпаѓаат. Jас кога проектирам, проектирам монолитни градби со чисти линии; многу ретко употребувам криви линии и заоблувања... во однос на колоритот и материјализацијата во проектите, користам земјени бои и природни материјали, особено дрво и камен... истите прави, чисти линии и колорит го карактеризираат и мојот „моден“ стил. Сакам силни, истакнати рабови и контури, никако неодредени форми и „лепршави“ парчиња... повеќе имам монохроматски парчиња, а доколку постои некаков мотив или шара, обично таа не се базира на извиткани форми, цветови и пеперутки туку, на геометриски линии, коцки, полигонални предмети...

Кај нас нема некој избор на добар винтиџ, најдобриот сè уште е во плакарите затворен, по домовите на луѓето...но во странство, каде имам шанса, ми претставува огромно задоволство да пронајдам парче од нечиe минато. Ова ташниче го носам скоро на сè, најомилено ми е! Винтиџ e, од Париз... И сакам крзненца, тие ми се евентуален аксесоар.

Генерално се истите комбинации на облека, и за преку ден и за навечер, со тоа што, ставаш штикла и кармин, и одма си друг човек... И светкави „моменти“ во гардеробата секогаш се добредојдени- почесто за навечер... немам многу светкави парчиња, но тие што ги имам си ги сакам.. Зара панталони и Лудус палто

Првата изведба на перформансот кој го спомнав беше во клубот МКЦ, чиј амбиент дозволи перформансот да претставува она што навистина сакавме тој да претставува: нов тип на излегување во град каде, воедно, покрај тоа што би се сретнал со пријателите, покрај добра пијачка и храна, би присуствувал и на едно несекојдневно, урбано шоу.

Само по себе, мислам дека ниту едно парче не поседува доволна уникатност да би претставувало „statement“. Мислам дека контекстот е најбитен... Без разлика колку е добро некое парче, многу едноставно може да изгуби од квалитетот и неговата впечатливост ако е лошо искомбинирано. Така што, немам едно „најоткачено“ туку, повеќе парчиња кои се надополнуваат меѓусебно.

Немам омилена песна или бенд но, претежно се е во духот на чил аут, трип-хоп и електроника… Zero 7, Air, Kinobe, The Pierces, The Bird and the Bee, Bajka, Unkle, Wilco, Јоse Gonzales, Junip, Ministry of Sound миксови... и The Irrepressibles, кои, се невидено театрални и драматични, како во поглед на музиката, така и во сценската изведба - лајк!!! Ова се нормално, бендови кои си ги слушам сама или во интимно друштво... Од техника, сакам да е бела... не „бела техника“, како машина за перење! :) Портретот во медаљонот е од госпоѓата на која ѝ припаѓало ланчето и го носела. Го купив од една антикварница во Скопската чаршија... поткршено е на многу места, од 1902 година е.

За журка си сакам поп + ретро; дојде време кога сите пробуваат да бидат, некако, авангардни но, оваа музика не за џабе се нарекува popular-поп, music for the mass – масата, составена од: панкери, металци, трансери, рапери, хипстери кои, иако навидум авангардни во вкусот, на крајот од денот заедно шизат со иста енергија и задоволство на истата оваа, поп музика... Цртеж од Драш

...нема некоја формула по која го живеам слободното време. Просто кажано, мора да биде поминато со многу луѓе и да биде поминато на еден динамичен начин... Се трудам секој ден да ми биде поинаков од претходниот бидејќи, сметам дека секое поминато денес, идентично на тоа вчера, е залудно потрошено време...секое слободно време е поминато различно; дали возење точак низ различни делови од градот и застанување на паузи за пиво, дали посетување на културни настани: театар, изложба, концерт... дегустација на храна, јадење сладолед во „Палма„, или крофна во „Специјал“...седење дома, измислувајќи нови индустриски производи, со моменти на пуштање музика и снимање на својот глас како потпевнува на истата... Не постојат правила, не постојат шеми...

Секогаш емитираме порака, барем јас емитирам. Знам точно, на кое место што да облечам и со која цел; дали сакам да има голема реакција или расположена сум да поминам неприметно, да сакам да бидам интересна, комична, откачена... Секако дека стилот ми овозможува да емитирам одредена моја особина во одредено време, пред одредени луѓе, на одредено место.

Секако, прв и многу важен впечаток остава модниот стил и изглед на еден човек… Mногу е тажно што на некои луѓе кои не се истакнуваат „модно“, не им посветуваме толку големо внимание и можеби понекогаш и не им даваме доволно големо значење, колку што заслужуваат... ова значи дека модата постојано влијае, помага еден „грозен“ човек остави добра слика за себе, и еден прекрасен човек остави погрешна, „невредна“ слика за себе... Зара панталони, винтиџ ланче од мајка и’ на Ирина и Еxte’ патики