Време е за аперитив. Освежете се со коктелот со потекло од Падова. Потребни ви се: шампањ, ликер Aperol, сода вода и парчиња портокал. Во чаша со коцки мраз ставете околу две петтини Aperol, потоа додадете три петтини од шампањот и една шприц сода. Следува по една кришка портокал и измешајте. Рецептот за „Аперол Шприц“ веќе не е тајна и заслужува да биде споделен со сите љубители на добриот вкус кај нас.
А покрај него, уште повеќе, стилот на овој извонреден пар. Едно свежо откритие на двајца посветени и „уиграни“ архитекти кои сведочат за складност и префинетост во секој поглед – време е да ви ги претставам: Пако и Маја.
Тие ги имаат сите состојки за маестрално мешање на автентичен италијански стил, гламур, елеганција, но и практичност и удобност. А пак најдобриот дел од нивниот свет е фактот дека движечката сила зад нивната филозофија на дизајн е великодушност – тие го прават она што го прават затоа што сакаат луѓето да уживаат во прекрасен простор и да создадат спомени.
Ми останаа врежани неколкуте неверојатни катчиња во нивниот дом, стилот и убавата енергија. „Ѕиркаа“ оригинални фигури, насекаде имаше вешто ускладени бои и текстури. Се чувствував како времето минато со нив да беше момент во кој ќе седнете на мека, кожна фотеља, безгрижно ќе се навалите и – ќе уживате. Едно по друго, се редеа муабети за рачно изработените палта на Пако (секој детаљ е важен!) скоцкани со, би ги нарекол, „коска“ чевли и серијал од масивни машни во јарки бои и шаренило. За да споите вакви варијанти ви треба тој посебен сенс и внимание да не се отиде предалеку. Пако тоа вешто го „носи“ на себе. А потоа, одеднаш, пред нас се најде кутија со „евергрин“ silver bullet најки, драго парче за кое тој морал молскавично да делува пред да го снема во рок од пет минути на онлајн продажба. Дами, а плакарот на Маја е „dream come true“. Таа има колекција на толку добри, елегантни, гламурозни фустани што ќе посакате уште следниот ден да организирате коктел, гала-забава на некој покрив со поглед, среде лето кога ве пирка ветре и ви го лелеави избраниот фустан за таа вечер, а музиката го следи овој „mood“ (хм, тоа всушност е добра идеја!). Накит со карактер, чевли кои оние со изострено стилско око не би ги пропуштиле.
Постои неспоредлива возбуда во потрага по неверојатен стил!
Следно за вас – кликнете на галеријата подолу за да ja посведочите естетската оаза, секако, додека го допивате вашиот „Аперол Шрицер“. Divertiti! ;)

Маја: Кога влегувам за прв пат во некоја просторија прво ги забележувам деталите. Деталите во смисла на парчиња аксесоари што секој ги има и секогаш тие се работите според мене со кои можеш да ги препознаеш луѓето (барем јас) и деталите, од аспект дали е нешто добро изведено (мебел, гипс картон, молерај итн.), што само ние архитектите ги препознаваме. Професионална деформација. :)

Пако: Како архитект можеш да се „наметнеш“ колку што можеш. На крајот на краиштата човекот ќе живее таму и глупаво е да му наметнам јас некој стил што можеби нему нема да му се допадне или да се почувствува непријатно, како да не е на свое. Успешен проект е кога ќе се погодат и клиентот и архитектот на исто ниво. Многу ретко се случува.

Пако: Кул е да бидеш различен и впечатлив но да не бидеш кловн. Отсекогаш прво сум приметувал чевли и кај мажи и кај жени како и со уметноста така и со нив треба да знаеш да избереш, начинот на кој ги носиш и одржуваш зборува за тебе. Кога зборуваме за машка гардероба сметам дека најважно е мажот да има топ чевли, при тоа мислам да се од добар материјал, добро дизајнерско парче, да се различни, и секако удобни, а другото само треба да му е пасент, точно.

Пако: Ако треба да дадам дефиниција на мојот стил би бил smart casual. Гледам да сум педантно облечен но да ми е удобно, да не е многу формално. Не сакам тесни работи. Гледам да сум често во сако, и најчесто го комбинирам со фармерки. Со нашата професија е специфично. И Маја за истото се жали. Не можеш секогаш да се облечеш поелегантно бидејќи не одговара така да отидеш на објекти и надзор, градилиште и сл.

Маја: Заштитен знак на Пако е идеално сошиен костум, по мерка, од најдобриот материјал. Првото запознавање ни беше во средно школо, носеше фраерски аутфит...адидас тренерки со копчиња од страните и кожна јакна Авирекс, на веспа. Но кога се врати од Италија, ,,паднав“ на италијанскиот аутфит и стил. :)

Пако, ти ми кажа дека на студии си заминал во Италија. Би можел ли да направиш паралела меѓу модата и начинот на живот тука и таму? Што те натера да се вратиш во Скопје? - Би рекол дека е многу сличен животниот стил. И тие живеат „200 на саат“ и трошат повеќе од што заработуваат на ќефови. Фамилијарниот бизнис и можноста веднаш слободно да проектирам а не да работам како помошник со години ме натера да се вратам.

Маја: Сакам различности и сакам да експериментирам...не можам да одредам место каде што најмногу сакам да одам. Мислам дека секаде можам да се вклопам и да уживам. На Пако, за разлика од мене, многу му е битно јадењето, ако не е направено како што треба, се нервира и никогаш повеќе не се враќа. Или знае дека на некој плоштад во некој град служат јадење само за туристи и не седнува никогаш, а за мене има преубава атмосфера. Во Скопје среќа за мене е што на плоштад рестораните сè уште имаат убаво јадење...често одиме во „Пелистер“.

Пако: Архитектурата е професија врзана со естетика. Значи ако не знаеш добро да се облечеш, нема да можеш некому да направиш добар ентериер или објект. Барем јас тоа така го гледам. Имам контакти со архитекти во странство од форумите на кои одам по Европа, ги гледам дека сите веднаш се издвојуваат. Сите се скоцкани, топ! И автоматски тие луѓе се препознатливи. Оние пак кои работат во банка на пример или во јавна администрација следат некој дрес код и сите се слични.

Маја: Сакам да носам убави чевли, порано не гледав многу на квалитет, но со годините сега прво што гледам е да ми се удобни. Имам неколку пара што ми се драги, купени во некоја од земјите каде што сме шетале и исто наочарите Прада - многу сакав да си ги купам и после ги добив како подарок за роденден, изненадување од Пако.

Пако: Најбитна е желбата да купиш некое поуникатно парче. Да не бидеш како униформиран или слично облечен како сите други. Ако се потрудиш, можеш. Сум шиел одела во Италија, Бугарија па дури и во Бангкок, но сега шијам кај Фарук, во Чаршија. Тој си го знае занаетот, нормално материјалот треба да е добар за да се погоди. И некој кој сака може за малку пари да се облече многу штосно. Да не оди во „Massimo Dutti“ само или „Boss“. „Boss“ носи црно, сиво и тегет. Крај. И некогаш евентуално некое карирано сако.

Пако: Овие патики ги имав 98ма, први патики што сум си ги купил во Италија. Се викаа silver bullet, кога излегоа беа хит. И ги извадија пак по толку години, најавија на еден сајт дека на еден ден ќе се продаваат. И јас логиран на сајтот во 9, тогаш почна продажбата, во 9 и три минути ги купив, 9 и пет веќе ги немаше. Сега има едни слични ама баш истиот модел го нема. Маркетиншки добар фазон им е тоа, да извадат стар дизајн.

Пако: Моделот на моите чевли е brogue или некои ги викаат зумбасти. Кога сакам поелегантни бирам oxford brogue, а поспортски derby brogue. Мокасинки сакам со машнички, во Италија ги викаат mocassino brera. Некои можеби и се по 10 години стари, ама кога се добро сочувани, траат. Тие модели се безвременски. Може да ги носи и постар човек и дете. Само кошули и кравати имам шарени, другото сакам да е покласично. Јас немам ниедно одело од тие што се сега модерни – на пр. кратки, со тенки ревери и тесни тричетврт панталони како за маријачи. Затоа во мојата гардероба, за разлика од на жена ми, можам да искомбинирам сè со сè. И навистина имам парчиња што ги носам со години. Некогаш ми се смејат кога ќе им кажам на работа, по 10-15 години имам чевли. Ама ги негувам.

Маја: Скопје ми е дом. Тука се моите најблиски, пријателите, затоа го сакам. Го сакам и заради утрата, некако посебно ми се убави, мирисот на липите, го сакам во мај и јуни, има некоја посебна енергија, живее. А би променила многу нешта. Прво сите коли да се мавнат од тротоарите, ни фалат паркови, луна парк многу ми фали на мене, а камоли сега, за Тара. Многу работи фалат, но, пак си го сакаме.