Драго ми беше после толку време повторно да ја видам платинестaта русокоса со тенкото плетенче до половина… која што не знам зошто зад тоа нејзино препознатливо „век и вековно“ опавче, ненаметливо само го спомна и другото, тазе, „опавче“ – наставката и титула Доктор на науки, стекната за истражувањето на Типографијата и македонскиот дизајн.
Беше сплет на околности, среќлии бевме, имав и јас можност да присуствувам на некои од не многу дамнешните предавања на истава девојка, Марија Ветероска (сега со додавката Трпкоски) за кои и денес се споменува, останаа добро запаметени! Нејзините предавања во рамките на Факултетот за арт и дизајн, беа толку креативно „потковани“ што во нив доброволно „учествуваа“ студентите, слушателите, љубителите на графичкиот дизајн и типографијата, со мерак исполнувајќи ги зададените задачи… Нејзината професионалност – на исклучително ниво, сепак со таа топла и пријателска насмевка на Марија не ќе и дадевте повеќе од 20на години убедени дека таа е всушност студентка од соседната клупа! И не дека е нешто многу изменета оттогаш, плетенчето сè уште си стои… и “The Clash” старките! И (надвор од контекстот), покрај Клеш, сè уште ги слуша и Рејдиохед, Дорс, Фу Фајтерс, Пласибо… Е како да не е за почит Др. Ветероска?! – Всушност, е сè уште истата таа Марија, насмевката и бистриот поглед се исто така, тука. Како и начинот на кој таа зборува, концизно и инспиративно за соговорникот, нејзината информираност, остроумност, креативност и стручно познавање со она што се бави.
Freelance денес, и подобро од кога и да е, ја „барата“ сопствената специјалност – графичкиот дизајн. Уште еден факт за неа: таа е и сценограф. Скоро една деценија обликува „светови“ во кои се сместуваат и се одвиваат дејствијата на самите опери и балети: сетете се на операта „Хофманови приказни“ со кои лани се отворија Мајските оперски вечери – „зад сцената“ стои Марија, за врвната сценографска реализација што воедно е и потврда за нејзиниот професионален калибар…
Е сега претставете си го нејзиниот вообичаен ден: „Врзана“ е дење-ноќе за Illustrator, InDesign, Photoshop, 3ds Max и други време-конзумирачки компјутерски алатки и програми во кои таа ги обликува нејзините креативни решенија. Меѓувремено, не знам кое „меѓувреме“ е тоа, со саати „прескокнува” фигури од стиропор и шпер-плоча, „подрипнува“ на монтажни планини, мостови…. карикирам! И ниту таа ниту, нејзината креативност се преморуваат! Облеката е адаптирана на секојдневните ангажмани и маневри… од друга страна пак секое парче што го носи на себе помалку или повеќе го истакнува токму тоа што во основа таа е – уметник. За нив нема граници особено во средствата за самоизразување, облеката е само уште еден медиум. Можеби лежерниот стил и’ користи за секој ден но, не баш практичните „текстурирани“ фустани (и корсетот изработен од сликарско платно) и не случајно се нејзин избор за неповторливи пригоди: сами по себе тие се уметнички дела во кои таа се препушта на моќта на трансформација, на текстури, бои, алтернативно од панк до женственост, од плетени и дрвени мотиви до камчиња.
За хипер-активна и креативна личност, чие време и агенда се тотално „накрцани”, што останува во доцните часови (или не знам кога)?! – ведра е, насмеана и дружељубива како да го има сето слободно време на светот. А да, и слика… навистина не знам кога!

Шалвариве ги купив во 2006-та година. Ја паметам годината затоа што ги купив за премиерата на балетот „Шехерезада“, чија сценографија ја дизајнирав. Тогаш ги купив за една таква пригода што во конкретната комбинација изгледаа елегантно. Оттогаш нема лето или зима да не ги носам барем неколку дена во неделата. Ги носам и за работа и за вечерни излегувања. Каде и да патувам секогаш прво нив ги пакувам! И квалитетот е толку добар што изгледаат како вчера да се купени.

Секогаш гледам облеката да ми биде „камелеонска“. Без разлика каво парче ќе купам, сакам да може да се носи во различни комбинации. И во посвечени пригоди и на полежерни настани... да можам истото да го облечам и за на работа и за дневно кафе и за навечер кога ќе излеземе во некој клуб... Парчињата облека ми се прилагодуваат на тоа какви кондури или шарпа ќе ставам во моментот.

Фустанов го купив за премиерата на операта „Дон Џовани“ на отварањето на Мајските оперски вечери пред 3 години. Вообичаено една сценографија спремам во период од 6-7 месеци. Во послeдните месец дена тоа е толку многу интензивна работа и до последен момент толку многу се работи, па никогаш немам време да смислам што ќе облечам за премиерата, тој убав голем ден за кој напорно се работи долго време. Дента, на само еден саат до премиерата, го видов фустанот, го облеков во студиото и од таму директно на премиера! Фото финиш скроз! Секој пат, ми се случува истово, во последен момент... а ова беше ептен последен момент! Тој е едно од омилените парчиња што ги имам.

Тука се и професионалните потреби, во основа лежерната облека е многу важна, да се чувствуваш пријатно за да можеш да се фокусираш и на работата што ја работиш. На пример сценографијата: додека се изработува, неопходно е да маневрирам низ просторот додека елементите изработени за сцената се поставени наоколу во работилниците итн.

Еден од моите студенти – Нерсес, направи илустрација од мене претставена во овој аутфит, со буква „А“ во раката (предавав Типографија, и тоа е моја потесна специјалност во полето на графичкиот дизајн): ги има шалвариве, карираната кошула и шарпата затоа што сакам да носам шарпи... дури и плетенката... бев навистина изненадена! Тогаш всушност сфатив дека веројатно тоа е мојот најтипичен аутфит кој го претставува мојот стил.

Првото плетенче ми беше тиркизна боја... Ова ми е веќе второ плетенче... А не поднесувам долга коса. Сум имала секакви фризури од кратка машка и црна до црвена и виолетова; и секогаш велев дека никогаш нема да бидам платинеста, но по грешка се случи и тоа, ме бендиса и веројатно цел живот ќе останам! До неодамна не се доживував себе си како таква, за разлика од тоа како ме доживуваа наоколу...

Стил икона – со современиот начин на комуникација има толку многу информации, стилови и итн, постојано сме бомбардирани со визуелни стимулации и од музичкиот, и од филмскиот, и од модниот свет... Мадона, иако како музика многу мал дел од нејзиниот опус ми се допаѓа и се фокусира во средината на ’90тите, сепак таа е стил икона. Се' што таа ќе облече или направи во одреден спот станува модерно. Од тој аспект - Да, Мадона... и ја почитувам како таква... но никогаш не влијаела врз мојот стил на облекување. Бјорк ми е уметнички врв. Екстравагантна... само таа може да се носи со облеката која ја облекува... Дејвид Боуви. Толку.

„Пеколниот портокал“ на Кјубрик за мене е најдобриот филм на сите времиња... маичкава ја купив од продавницата „The Killer Panda“. Таа е една од моите омилени маички. Го купивме од таму и малиов Франкенштајн... имаше и фигура од „Тhe Exorcist“! Ми се допадна дизајнот на речиси сè што видовме таму...

Музиката во мојот живот секогаш играла битна улога... и не толку панкот колку што гранџ стилот ми влијаел токму во периодот на моето растење како личност и обликување како уметник... и секако дека влијаел и врз облекувањето. Многу често кога излегуваме, тоа се рок барови... Затоа и нашиот стил на облекување е повеќе „лежерен“.Едноставно одиш таму да слушаш добра музика, бенд во живо и да се опуштиш. Ретко кога одам на тие места во штикли... Затоа реков дека се облекувам на ист начин, и за на работа и за на кафе и за навечер во град - тоа е тој стил. Старкиве се од едицијата на Конверс за „Клеш“… ги убив од носење, година дена ги немам тргнато од нога.

Кога купувам гледам парчињата да се „неутрални“ и да не се врзани со моментален тренд... не е дека не ми се допаѓаат тековните стилови и актуелната мода. Сепак ако најдам парче од тоа што е модерно во моментот, а ми се допаѓа - го купувам. Но и тоа гледам да биде неутрално, да може и по неколку сезони да се облече и да не биде нешто што „штрчи“ од мојот плакар.

На 5 дена пред свадбата јас немав венчаница. Горниот дел едноставно не беше тоа што треба да биде. Се сеќавам, враќајќи се од работа и чекајќи на семафор, се сетив дека пред неколку месеци видов корсет во „Вибрациони“ (кај Александра Митковска) што ми се допадна. Отидов таму, го порачав тој корсет во бела варијанта, но не им ја кажав пригодата... не знаеја дека е за свадба. Беа навистина брзи, го изработија за 3 дена и тотално испадна како „вајан“ за мене... дури и нијансата на белата сосема се погоди со таа на здолништето! Го добив еден ден пред свадбата. Направен е од сликарско платно и изгледа како да е скулптура. Темата беше „60-те години“, со вметнати „панк“ елементи. Носев бела сукња од тул до под колена, црн појас со машна одзади, црни чипкани ракавици на дланките и црни потпетици... и мало црно шеширче на кое случајно налетав година дена пред свадбата...

Неколку пати ми се случило да купам навистина добри кондури кои ми се баш удобни, а се на штикла. За кратко време, бидејќи не сум многу внимателна, знам да ги чукнам или изгребам - не знам да ги чувам и брзо ми се оштетуваат. Овие кондури толку ми беа пријатни што си купив 2 пара од истиот модел. Не носам секојдневно штикли иако ги имам многу... Повеќе сум фан на рамни кондури и спортски патики...

Ретко одам на шопинг и ретко, ретко сум со мислата „сега ќе излезам да видам што има по продавници, и ќе си купам нешто“. Тоа не го правам, едноставно не уживам во таквиот спорт... и затоа сум тој „импулсивен купувач“. Во моментот гледам нешто што ми се допаѓа, го знам бројот и дали тоа би ми стоело или не, го купувам - и тоа е тоа. И многу често парчето ќе стои во шкаф, сè додека не му дојде времето (некогаш поминува и цела година) и после тоа ќе му ја извадам „душата“ од носење. :)

Уште како дете сонував да ја посетам Куба. Ама не било која Куба, туку Куба на Кастро, додека тој е жив. И сонот се оствари пред некоја година. Покрај тоа што Куба беше сето тоа што го посакував и замислував, исто така беше и временска машина што нè врати во педесетите. Од таму, покрај сеќавањата на посетените места, за спомен донесовме книга со фотографии кои ги правел Че Гевара, магнет од Ла бодекита во Хавана и капите кои се заштитен знак на Кастро и Че. Немаше голем избор на сувенири, па најблиско до автентично што можевме да најдеме беа капите. Капата на Че, иако никогаш не била дел од мојот аутфит, ми е драг сувенир.
This is really nice to know. I hope it will be successful in the future. Good job on this and keep up the good work.
Amazing, such a valuable site.|