Од каде да започнам за Верче? Слушав убави работи за неа од околу, сè додека одблизу не ја запознав за да се уверам во многу повеќе од, само, „убави работи”…
„Го скршив ледот”, едноставно ѝпријдов, со интуиција дека таа би можела да биде правата личност да ме дружи на почетокот на патувањево и дека совршено би го разбрала мојот јазик!
Вера стои зад „Вер-Мар”: една цела мини империја од креативна хармонија, изразена низ какви сè не уметнички и творечки вештини, меѓу кои зoшто да не и филигранскиот занает! Чисто информативно, правник е по професија и го познава францускиот, италијанскиот, германскиот и англискиот јазик… и моментално посетува часови по турски јазик. И сè повеќе сум убеден дека нема нешто креативно со кое Верче не се бави. И, ако претходно беше официјално Вера, по само првата официјална средба и ред муабет со неа, веднаш прејдовме на „Верче, другар мој”! ..затоа што таа располага со специјалноста инстантно да му влезе некому под кожа: додека разговараш со неа, не можеш да не зјапаш во необично привлечниот склоп од огромни сини очи и ширум отворена насмевка, надополнети со фацијални експресии кои ти го матат погледот и те држат хипнотизиран! Младолика е (не се ни обидувајте да и’ ја погодите возраста, ќе промашите) и, навидум е со детинест нарав; што е добро: токму конзервираниот детски „момент”, со кој повеќето од нас веројатно изгубиле контакт, верувам ја негува нејзината креативна имагинација, карактеристична само за безгрижно дете.
Некои од многуте приказни на Верче, накратко звучеа вака: „Од кожни чизми направив обетки кои потоа ги продадов и од заработеното си купив нов пар чизми…и тоа два пати!” Или пак, „Ми се случува да носам одеднаш два исти џемпери на себе, но во различна боја,… ракавот на едниот влегува во ракавот на другиот, и обратно; резултатот е двата џемпери вкрстени еден со друг на грбот!“ Сте чуле некој да носи лептир машна по дома, чисто од мерак? Ахам, да, сè уште зборувам за Верче…и што уште не слушнав, додека таа весело и со светнати очи ми раскажуваше за себе и за своите необични пасии!
За нејзиниот фетиш по хулахопки?! Добри половина час, ако не и подолго, тема на муабетот беа „хулахопкиии”! Нејзиниот плакар: Имав чувство дека влегувам во дуќан за слатки… дека сум „Алиса” во земја на чудата… во Дизниленд!
И после речиси 5 часа поминати со неа (дури и нè стемни заедно!) заминав фрапиран од „брдата” облека, чевли буквално во сите тонови, и аксесоари без крај! И најпосле, глетката на деликатниот филигрански накит кој таа го изработува…верувајте, беше навистина црешата на шлагот! Еј, зар изоставив баш за готвењето?! Мафинсите и сосот од малини со кои ме наслади дента… пааа, да, готвењето е уште една од нејзините пасии нели… еднаш штом почнав за Верче, очигледно би можел да продолжам до немајкаде!

Седнувам и правам. Многу сум недисциплинирана во однос на идеите... На пример, ќе седнам да работам на некоја од нив... додека работам на едно парче ми надоаѓаат 15 други идеи и работам паралелно и на нив... Ако најдам камче што моментално ме инспирира, се зафаќам веднаш со него.. и така ми се надоврзуваат идеи, една на друга...

Пораснав во семејство во кое нон-стоп свири нешто во позадина... најголемо влијание имаше татко ми кој свиреше на гитара со појачалото кое сам го направил. И му се восхитувам на чичко ми, кој не пропушта ниту еден концерт од различни жанрови, и кога се ближи џез фестивалот ме информира за тоа што „мора да се чуе“! Сакам француски шансони и италијански канцони но, се топам кога слушам џез.

Сметам дека „најоткачените“ и неспоиви бои и шари се „носливи“ ако се добро искомбинирани, и обратно; најелегантната облека, ако не ја запазува основната естетика, ќе изгледа „евтино“. Сакам комбинации кои те тераат да се подзамислиш, кога невозможните варијанти стануваат полн погодок и се прашуваш како досега не си се сетил на тоа.

Кога купувам што било (облека, парфем, мебел...), се водам според интуицијата. И најчесто, мојата формула за успех е ризикувањето и непредвидливоста. „Грешките“ се инспирација за нова опција, вистинско време за иновација. Во моментот кога размислувам како да ја поправам таа „грешка“, ми надоаѓаат безброј идеи.

Мајка ми отсекогаш нешто шиела... Чувам нејзини работи што таа ги шиела и носела како девојче. И што и да носам нејзино на себе, не пропуштаат да ме прашаат од каде ми е... и често пати „влегуваме“ во караници со неа за парчињата што заедно ги шиеме. (Фустанот на Верче е сошиен од мајка ѝ, според модел од списанието „Бурда“.)

Велат „Облеката не го прави човекот“. Но прави човек да изгледа поубаво, и ја менува сликата за некого. Придонесува да се чувствуваш поубаво... Во еден документарец за Том Форд, тој самиот вели: „Секогаш кога се чувствувам депримиран, облекувам одело. Тоа веднаш прави да се чувствувам поубаво и ми дава сила да му кажам на светот дека сè e во ред со мене“.

Првиот пат кога бев во Италија, сè ми се виде прескапо... Единственото што си го купив, беше еден пар хулахопки, од 11 евра. И толку си ги засакав што почнав да ги носам и превртени од внатрешната страна иако, реално, немаа две лица. Веќе се излитени ама сè уште се убави. Кога ќе си најдеш нешто посебно, секогаш можеш „да го свртиш и од другата страна“...just, think out of the box!

...Вториот пат во Италија, тетка ми ме однесе во магацинот на „Калцедонија“, близу Верона. Таму, си земаш корпа како оние за пазарење и „пазариш“ чорапи и хулахопки... страшно! Бев како дете пред слаткарница!!! Хулахопките не ги сметам за додадок, туку за дефиниција! Кога купувам хулахопки е исто како да купувам панталони! „Фрик“ сум за хулахопки!

Чипка, монисти, природни материјали, слоевито облекување... варирам во изборот според расположението. Можете да ме видите во елегантен фустан или во кожни рокерски панталони или во широка и долга сукња, а некогаш тесна и кратка. Некогаш носам фармерки и Converse патики, а веќе наредниот ден сум во фустан и на високи потпетици. Секси да, но никогаш вулгарно! Реков, битна ми е естетиката.

И по дома сум „со своја политика“ – удобни пижами по цел ден или дотерана како за на прием кај кралицата. :))) Само затоа што „јас така сакам“!:D Така на пример, ја прошетав цела Венеција во пижами! :))) Си ги купив од Белград (од Oysho), со пепито шара се и црвена панделка. Ммм... Баш како за мене! :) Се случувало и следново: Се враќа Жорж од работа и ме наоѓа со неговата лептир машна (од нашата свадба), како си ја носам, по дома...

Жените од мојата фамилија отсекогаш имале некоја креативна жичка, иако по професија биле нешто сосема друго. Како што баба ми правеше колачиња, никој не правеше! Велигденските јајца на тетка ми се секогаш најоткачени. Мајка ми ги шие најубавите фустани а сестра, ми во поглед на осмислување подароци ѝ нема рамна!

Додека живеев со мајка ми и сестра ми, тие ми беа најголемите „модни критичарки“. Обично, мајка ми ќе се согласеше со моите „луди“ комбинации, а сестра ми нè „спушташе на земја“. :D Иако отсекогаш сум била своеглава за тоа што ќе облечам сепак, сега кога не живеам повеќе со нив, ми недостигаат нивните коментари.

Толку многу се радував на фустанов што си го пробував неколку пати, играв во него по дома и велев: „Кој рекол дека венчаницата се носи само еднаш во животот?“ – Секако не со намера да се премажам туку, дека уживав во секој момент како идна невеста. Беше голем но, скроен по моја мера и вкус. Повеќемина искоментираа дека сум потсеќала на Одри Хепбрн... :) Тоа, секако е најголемиот комплимент бидејќи таа е дама со софистицирана и безвременска елеганција и убавина.

Свадбата ја отворивме со песната „Moon River“ (Хенри Манчини има добиено Оскар за неа, во филмот со Одри Хепбрн „Breakfast at Tiffany's“). Пред свадбата, имаше коментари за песната дека е „спора“ но, јас би се согласила со Mr.Big od „Sex and The City“ кој кажа: „It’s not corney, it’s classy!“ Венчево ми е омиленото парче што го имам изработено. Емотивно сум приврзана за него затоа што го носев на нашата венчавка. Го изработив ноќта пред самата свадба.

Е оваа сукња особено ја облекував кога ѝ буричкав на мајка ми во плакарот. Тооолку многу ми се допаѓаше што „се врти“, а се врти бидејќи е кроена во полн глок. Одамна е купена, креација е на српската дизајнерка од поранешна Југославија, Мирјана Мариќ. Целата е чипкана, што особено ми се допаѓа. Така, ја носев и на регистрацијата и за истата намена шнајдерката ми го соши корсетов токму за неа. Ете, некои парчиња имаат повеќе животи.

Секогаш почнувам од најспоредното. На пример, идејата за боите во кујната произлезе од садовите за кафе и шеќер. Ги купив прво тие и беа пресудни за изборот на тоновите во кои ја уредувивме цела кујна… (На сликата: Сос од малини за мафините, подготвено сето од Верче. Прстен од филигран изработен исто така, од Верче.)