Јулска среда, неработна. Добар штимунг. Дотеран спој од звуци. Итав до парк, среќен што конечно, по карантинските паузи ќе си го нахранам апетитот со нова, инспиративна средба. На клупата од десно, спроти фонтаната, ја сретнав, Јована. Во „all black“ комбинација, со поглед кој оцртува смиреност, длабочина, но во исто време разиграност, жар што не мирува, туку постојано е – во движење. Набрзо потоа дознав дека тоа ѝ е всушност клучниот елемент во животот. И си го има врежано засекогаш, на левата рака. „Тетоважава е прилично нова. Ова е надреализам. Дел од триптих. Хуан Миро. Филозофијата му е движењето, во космосот, во празнината. Пред месец дена ја ставив. Иако ми е желба од последниве десет години“, ми објасни. Неколку сантиметри подолу, уште еден детаљ што би рекол дека е константа во нејзиниот стил. Часовник. „Часовниците ми се потсетник на нешто убаво што ми се случило, а и потсетник колку е саат. :) “. Саатот откуцуваше, а уживав во секоја минута со неа. Муабетот ни се разврза од нејзината поврзаност со уметноста уште од мали нозе. Не случајно кај неа се компресирала толку креативна енергија од различни културни сфери. „И мајка ми и татко ми се занимаваат со уметност. Татко ми беше режисер на документарни филмови, така што со него веројатно се разви љубовта и кон фотографија. Уште од дете сум со апарати и камери, поголеми од мене. А пак мајка го има завршено истото што и јас, Историја на уметност со археологија. Исто така од дете пракса ми беше да одам на изложби“. Ви спомнав и дека е туристички водич? Си „ископав“ еден драгоцен камен, ви велам јас. Нејзиниот стил рефлектира минимализам. Пред сè удобност и хм, лежерност. А „зачинот“ се детаљите. И ќе се уверите дека комплиментот „Looking good!“ од рандом дечко на улица не бил туку така кажан. Ретко ќе ја видите во фустан, и тоа не во класична комбинација со потпетици туку одлично склопена со патики, и кај неа изгледа супер шик. Недвојбено, облеката е уште еден медиум за изразување. „Мислам дека преку начинот на облекување може да се емитираат нечии пораки, расположение. Секогаш се радувам кога добро облечена личност е и добро воспитана и културна. Тоа е добитната комбинација за убав впечаток“. Наполно се согласувам, драга моја Јована.

Откако знам за себе уживам да се изразувам креативно. Несвесно, но најголеми „виновници” да се посветам на уметноста се моите родители. Татко ми беше режисер на документарни филмови, Драги Савевски. Поголемиот работен век го помина во „Македонска радио телевизија“. Инаку е и мајстор на непрофесионалниот, аматерски филм. Уште од дете сум со апарати и камери, поголеми од мене. А пак мајка ми има завршено Историја на уметност со археологија, истото што и јас. Од дете пракса ми беше да одам и на изложби. Иако поради иднината на тие професии кај нас, таа не беше многу среќна што го одбрав тој пат. Но, кога ќе се реши човек, нема бегање. Ќе ми беше криво да не останев во тие води.

Се восхитувам на големите мајстори почнувајќи од праисторијата, па сè до современата уметност. Но, како омилени би ги издвоила Леонардо да Винчи, Микеланџело, Диего Веласкез, Винсент Ван Гог, Пабло Пикасо и секако Хуан Миро. Очигледно тешко е да се одлучам за еден, со оглед дека сите оставиле голем белег во светската уметност и сите на различен начин ме инспирираат. Од нашето поднебје, основоположниците на современата уметност, како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски имаат посебно место во моето уметничко окружување.

За среќа постојано имам соработка со многу професионални луѓе во повеќе сфери од уметноста. Сепак, најголем впечаток ми остави практичната работа во Музејот на современата уметност уште во студентските денови, кога имав можност да се запознаам со музејската работа и целиот процес на организирање изложби. Тогаш сфатив дека навистина го обожувам она што го студирам. Но, долгогодишната соработка за фото документација на „Скопје филм фестивал“ секогаш ме радува и исполнува.

Треба да се земат примери од странските музеи кај нас. Иако со должна почит кон колегите, навистина се трудат максимално со тие ресурси што ги добиваат да направат сето тоа да е интерактивно, интересно. Сепак се соочуваат со проблеми и од архитектонски аспект. Тоа што им е понудено како објект мора да го адаптираат за да биде повозбудливо за гледачите. Повеќето се трудат да следат практики што ги има во странските музеи.

Во последниве години, кога и јас поактивно се движам во тие кругови, Музејот на современа уметност секако има направено неколку значајни изложби и тоа со познати автори. Хенри Мур, Дали. Тука се обидоа да привлечат поголема публика. Потоа, Археолошки музеј се потруди со „100 години Требениште“, таа беше половина година актуелна. Тие би ги издвоила како изложби со кои се подигнаа стандардите кај нас во тој поглед.

Во Скопјево некако како на вага да сме ставени, пола-пола. Има преуникатни, оригинални ликови кои навистина ме одушевуваат со храброста на комбинациите и тоа е нивен печат, можат лесно да се препознаат. И има она каде што се гледа copy-paste моментот, како на машина, што не ми се допаѓа зашто се губи индивидуалноста. Така што мислам дека зависи во кој круг решаваш да се движиш. Јас одам на културни настани, мултимедијални, каде што всушност и повеќето си се изразуваат и во стилот.

Часовниците ми се потсетник на нешто убаво што ми се случило, а и потсетник колку е саат. :) И ретко, ама кога ми се случува да излезам без саат, многу чудно се чувствувам, буквално како да ми фали нешто. Не сум комплетна. Ми се чудат од каде толкава желба за часовници. Тоа е мој „зачин“ на комбинациите.

Тетоважава е прилично нова. Пред месец дена ја ставив. Иако ми е желба од последниве десет години, кога почнав да студирам. Пресудниот момент веројатно беше мојот 30-ти роденден. :) Да го овековечам моментот. Ова е надреализам. Хуан Миро. И овие форми што ги правел несвесно, нели со надреализмот се исклучуваш од свесното, се вклопени во еден триптих каде што базата е синило. Меѓу останатите симболи на сликата всушност е и движењето. Овој рез, кој во оригиналот е со црвена боја, секој го доживува во животот порано или подоцна, не значи дека е крај, туку има континуитет. Малите точки се повторно движење. И можеби тоа не е првичната замисла на авторот, но јас така си ја доживеав. Ова е средниот дел од триптихот. Едноставно се имам конектирано со тоа и само се очекуваше момент кога ќе си ја носам засекогаш со мене.

Буквално сè што е поврзано со Шпанија ме одушевува. Некако пристапот на Миро ми се допадна. Ја поедноставува формата. Филозофијата му е движењето, во космосот, во празнината. Сината боја му е омилена и најзастапена, а и мене ми е, иако тоа во облеката баш не го прикажувам. Сината како одлика на смиреност, едноставност, длабочина. Откако почнав да учам за него, сфатив дека тоа му е поентата – длабочината и празнината којашто може да се долови со таа боја.

Сè уште е ново моето искуство како туристички водич и е одличен предизвик. Средбите со непознати, љубопитни луѓе го збогатуваат моето секојдневие. Потребна е концентрација, самодоверба и желба за неколкучасовно објаснување на културно-историски, социо-политички факти за нашата држава. Најчесто се изненадени (не знам дали позитивно?) од целиот концепт на центарот на Скопје, а секако се одушевуваат од чаршијата и нејзините скриени катчиња. Повеќето се интересираат и за околината на Скопје, каде што може да се пофалиме и со преубава природа.

Ретки се тие што од мали нозе остануваат препознатливи по еден ист стил. Стилот лесно се менува, се надоградува. Со годините се менуваме и созреваме карактерно, па така и стилот претрпува промени. Врз оформувањето на стилот може да влијаат некои наши идоли, нашите родители, околината. Сè додека тоа е индивидуален процес, а не следење трендови и имитација, за мене е сосема нормално цел живот да се оформува и менува стилот.

Облеката е уште еден медиум за изразување. Така што и најмал детаљ во комбинациите може да е препознатлива карактеристика кај човекот. Мислам дека преку начинот на облекување може да се емитираат нечии пораки, расположение. Секогаш се радувам кога добро облечена личност е и добро воспитана и културна. Тоа е добитната комбинација за убав впечаток.

Ретко носам сукњи и фустани и обично кога ќе облечам фустан сите ги изненадувам и збунувам, во стил, „Што е, за каде ти е?!“. Ете тоа ми е „блиц“ момент да изгледам поженствено. Зашто едноставно од дете сум во панталончиња, фармерки и за тоа можеби е виновен татко ми бидејќи човекот беше само во џинс. Тексас јакна, тексас кошула, фармерки, сè! И веројатно, не знам... ми се допаднало како тоа изгледа кај него, без разлика што е машка фигура, и си го имплементирам и кај мене зашто најудобно си се чувствувам во фармерки. Само ете така знам да изненадам и да облечам фустан или сукња.