Почнав да внимавам што купувам и како се облекувам уште во средно и не варираше тој стил многу и на факултет кога тргнав, на архитектура. Нели таму учиш повеќе за уметност, стилови итн… Минималистички ми е стилот меѓутоа секогаш се појавуваат некои геометрии. Дали риги или точки… Сакам бои ама сакам и црно-бели комбинации. Спортски стил – не ми е близок, никогаш не ми бил. Од мала. Секогаш имам детал, од типот на некое интересно ланче или декоративна капа, некоја мала марама.

Имам свој „меур“, и во него си правам како што јас се чувствувам. Како сакам да се облечам, каква експресија сакам да покажам. Значи доколку тоа не можам тука да го пронајдам, сама си го создавам. Ако се почувствувам дека не можам креативно доволно да се изразам или дека моментално ситуацијата во која сум не ме опишува мене доволно или не сум среќна, си создавам свој начин.

За време на пандемијата создадов бренд –Студио Anngo. Тоа е креативно студио од Скопје кое дизајнира и рачно изработува ѕидни геометриски скулптури од дрвен материјал. Поврзаноста меѓу архитектурата и уметноста ја интегрирам и искажувам токму преку геометриски скулптури и нивно имплементирање во секаков простор и концепт. Она што ги прави дизајните впечатливи и единствени е геометрискиот шаблон или „pattern’’, слоевито и тродимензионално подреден, кој е главен и препознатлив мотив во сите уметнички дела.

Кога почнав со бизнисот всушност на работа ми беше многу досадно. Нула креативност, само колку некој правец, дека мора да се вработиш и да го печеш занаетот. Не ми се допаѓа тоа. Си дадов отказ и сама се насочив. Секогаш стојам зад тоа дека сам можеш да си направиш. Ако нештото ти лежи… Многу бев среќна тој период, колку и да имав сомнежи што, како ќе биде. Многу добро ми влијаеше на самодовербата.

Многу ме исполнува кога ќе направам нешто што знам дека целосно е мој процес и кога ќе го видам, ми се полни душата. „Еј ова навистина добро сум го направила!“. Многу сакам кога луѓето ме препознаваат во нештата. Кога ќе речат, „Еј ова ти си го правела, се гледа“. Воопшто не сакам basic ствари. Во архитектура, во ентериери, општо. Не сакам досадни, монотони работи. Тоа ме ужаснува. Она „веќе видено“.

Моето мото е „The most personal is the most creative“. Секогаш сум се водела по таа девиза и тоа ми е основата. Не ми се допаѓа наметнувањето во креативна работа. Не сакам да се оддалечам од тоа што ми се допаѓа и навистина ми лежи.

Денот во било која варијанта ми почнува со кафе.
Кога работам во студио од дома- во кафе и пижами или некој аутфит за валкање ако работам рачно (ова е толку немодерно ама прво го споменувам зошто ми е омилено и би сакала секогаш утрата така „индивидуално“, во тишина и слободно да ми почнуваат, а, кога одам во канцеларија се знае, или широка сукња со тесна блуза, капата обавезно, а и некогаш кратки ширoки фустани во бои и геометрии (пепито/точки/карирано). Секогаш беретка и таканаречена – Chelsea ниска чизма(периодов). За вечерно излегување често носам црни работи.

Последно што сум купила поуникатно беше од Белград, качкет. Од стара продавница за качкети, „Ерцеговац“. Е тоа е нешто што би рекла дека најдобро ме претставува, капа.

Мајка ми ми има влијаено на стилот. Многу добри парчиња купувала. Сега кога ќе се навратам, ѝ ги крадев во средно. Воопшто не беа старомодни.

Сакам геометриски, минималистички работи. Дрво обожавам. Не преферирам луксузни работи, гломазни, што зрачат со „wealthy power“. Тоа ми е старомодно. Сакам јасни линии. Најголема пасија и инспирација ми е модернизмот, како правец. Многу бев фасцинирана и кога учевме на факултет, Мондријан, Корбизје, Валтер Гропиус. Тогаш почнува сферата на индустриски дизајн и тоа ме фасцинира. Кога сликаат на текстил, кога прават некои чудни чаши, ламби…

Не ми се допаѓаат актуелните чевли/патики со дебели ѓонови и спортско-fancy комбо на модни парчиња. Ми се допаѓаат кошули од сомот.

Некој со исклучителен, маркантен стил, што се носи оригинално според мојот вкус и параметри за мода? Tilda Swinton – секогаш пред времето.

Најмногу енергија црпам од мојата имагинација, од некои убави пријатели околу мене (и од патувања многу често).Многу долго мислев дека сум екстроверт, дека можам со секој човек да си направам муабет. Зашто луѓето секогаш така ме доживуваат, дека сум постојано насмеана и позитивна… Но, последниве неколку години сфатив дека во опкружувањето на дневна база, на работа, воопшто не сум екстровертна. Баш сум позатворена во себе… Мислам отворено разговарам и сето тоа меѓутоа не можам секогаш целосно да се опуштам во сите ситуации… Полна сум со енергија ама не сум есктроверт.

Не сакам онакви струкирани кошули со свадбарски материјал (како што го вика дечко ми). Исто и штеп на панталони. Не го сакам тој office look. Го сакам моментот на baggy со тесно. Пример тесни панталони и широка кошула. Или обратно. Не сакам сè да е тесно.

Сметам дека кул за еден аутфит, со што некој успева моментално да ме освои, особено да ми се допадне и да ми го задржи вниманието е некој детал во јака боја или геометрија (накит гломазен и геометриски, чанта во многу храбра боја, добро комбинирана бела широка кошула. Кратка марама. Летно време обожавам кимоно со уникатни шари како детал за вечерни седенки.

Според мене стилот е вроден, но и се негува со текот на времето. (пола-пола)

Омилени места во Скопје? „Кофеин“ мојата маалска љубов и хотелот „Јадран“ од архитектот Иван Артемушкин (би сакала да го реставрирам некогаш во животот, бидејќи моментално останува да сведочи руиниран за некои минати вредности кои бледнеат во градот)

Интервју со Ангела Стефановска

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply