Кога зборуваме за новинари со професионална одговорност, умешни, елоквентни, остроумни, ведри и препознатливи, Ана е на врвот од списокот. Сигурно ја паметите по нејзината авторска, култна ТВ емисија за Скопје и проблемите на скопјани, „Врти сучи тоа ти е Скопје“ од која направи препознатлив бренд. Или пак сте присуствувале на некој важен настан или јавна трибина каде што таа била промоторка каде што повторно, беспрекорно, со бистра мисла која тече преку најсоодветна селекција на зборови и чиста дикција и соодветен стил, ќе потврди дека е ретка „новинарска фаца“, со добар мисловен дух. По сплет на околностите, имав можност да бидам дел од една таква трибина и да посведочам директно за тоа како таа „владее“ и ја води ситуацијата на исклучително, врвно ниво, а во исто време атмосферата е толку пријатна, и она што веднаш допира до вас е позитивната вибрација (и прекрасната насмевка) што таа ја пренесува, па се чувствувате како да си правите опуштен и инспиративен разговор. „Новинарството не е професија со работно време, тоа е начин на живот. Сè што сум работела, сум го живеела.“, ќе рече.
Со својот концизен и прониклив јазичен стил, таа отвора и поддржува разни културолошки и општествено важни прашања со цел да ги предизвика стегите и девијациите на општественото, родово и културно живеење кај нас, како своевидна современа хероина која постојано поттикнува да се зачува човештината, чесноста, убавината како противтежа на хаосот во кој живееме и напливот од таблоидни вести. И за да не зазвучи ова ескапистички, таа исто така директно се вклучува во граѓански акции. Верува во можноста секој од нас со свој влог да го направи светот подобар за себе и за другите. „Во ера на самољубие, претенциозност и уверување дека сè може да се купи, јас верувам само во искрената љубов и само таа е лекот за сè. И затоа не ме изненадува што таа ги заобиколува алчните и “трговците’ на чувства. Љубовта и нејзините форми на почитување, сочувство, споделување, давање, грижа, солидарност… е тоа е нормално.“
Ана сигурно сте ја забележале или сретнале и низ град, во Дебар Маало, додека го пие омилениот Southern Comfort во „Синдикат“, нејзиниот втор дом, како што вели. Нејзиниот невербален јазик го пренесува преку облеката и стилот што силно рефлектира женственост од една страна и бунтовност од друга, потоа автентичност и отменост. Со впечатлив накит што често го купува од местата каде што патува, добра и квалитетна чевла, „јака“ чанта. Но, таа не е заробеник на модата, прави свесен избор за парчињата и важи за голем поддржувач на нашите локални дизајнерски имиња. Таа е релевантен градски лик кој дава шарм и на својот моден свет полн естетика и емоција. Неминовно, Ана остава траен белег на урбаната мапа кај нас.

Утринскиот ритуал, ако станам пред децата, е пиење чај на тераса, откога ќе ја отворам нејзината сезона. Тие половина час се моите свети 30 минути. Благодарна сум кога ќе ми се случат 2-3 пати неделно. А по нив следува „торнадо“, правење сокови, преповивање, подготвување појадок, подготовки за училиште...И многу често утринското темпо знае да ми го наметне и расположението на денот.

Новинарската кариера ја започнав на крајот на 90тите во Македонската телевизија низ утринската програма. Одев по познатите скалила за сите кои ја минале таа школа, од спикерна на екран. Бев љубопитна средношколка на која ѝ беше јасно дека не сака да работи дневна политика. Тој новинарски порив за сè друго освен политика, во оваа до срцевина исполитизирана држава го задржав до денес. Од таму минав во Канал 5, а потоа мојата емисија „Врти сучи тоа ти е Скопје“ ја преселив на ТВ Телма. Во меѓувреме пишував во магазинот „Жена“, работев и во радио, „Радио УНО“ и на „Клуб ФМ“. Новинарството не е професија со работно време, тоа е начин на живот. Сè што сум работела, сум го живеела.

И низ цела таа развојна фаза бев среќлика и имав прекрасни ментори кои посветено работеа со мене, од усовршување на јазикот Лилјана Крстева и Борис Тегов, до новинарство Горан Величковски и Лилјана Дирјан. И мислам дека тоа ја прави разликата некогаш и сега. Некогаш се вложуваше во развој на подмладокот и се работеше со нив. Професионална одговорност беше основен императив на професијата. А денес новинарството е попатна станица. Уредништвото е пропаднато, скоро и да не постои како брана на заштита на граѓаните од грешките на новинарите и напливот на (дез)информации. За жал, нештата се сменети на полошо.

Слободата во поглед на преносот на свежи новини сум си ја земала, а неосетно ме обликувале уредниците кои сум ги имала. И ме поттикнувале да бидам умешен раскажувач на најновите вести бидејќи раскажувањето е професионалниот ракопис по кој се разликува новинарот. И така посветено работејќи сум си го изградила идентитетот. Упорноста, пожртвуваноста, ентузијазмот и вредната работа се зачините од кои не се откажувам и денес.

Брзината на информацијата создава и хипер продукција на вести. Медиумската писменост е она што ни треба кога царува таблоидното новинарсто и не можеме да се заштитиме од напливот на лажни вести и говор на омраза, независно од жанрот. Сакам едиторијали, нераскажани приказни што живеат тука, херои од соседството кои искрено трудејќи се, секојдневно прават подвизи во наше име како Горјан Јовановски од „Мој воздух“, дечките кои создадоа фиќо со електричен мотор, Наташа Пешева од „Ајс технолоџи“...

Облеката во реалниот живот ми се разликува од таа за на сцена и екран. Професионално научив што каде се носи и се придржувам до тие трикови. Кога почнав со работа во МТВ, имавме строги критериуми во поглед на стилот. Роза Трајчевска беше костимографка. Она што денес го гледаме на ТВ е невкус во однос на правилата за изглед на одреден медиум. На пр. дека обетките не смеат да бидат поголеми од окото, прејака боја на ноктите, косата не смее да биде пуштена зашто го засенува ликот, прекратки здолништа, здолниште без хулахопки. Тоа се некои основни параметри. Невербален јазик што праќа многу моќна порака, овозможува и пораката што говорно се изразува да допре, а да не биде одвлечено вниманието со нешто друго на себе.

Стилот и имиџот се како и хуморот, тие не само што го подобруваат впечатокот и гарантираат поголем успех и контакти туку многу влијаат и на тоа како ние себе се доживуваме и како зрачиме кон другите. Всушност стилот е јазикот на кој зборуваме без да проговориме. Облеката е невербален говор со кој ние свесно или потсвесно разговараме. И праќаме пораки што треба да се декодираат за да бидеме соодветно разбрани. Со стилот и имиџот не се раѓаме, затоа треба да го развиваме.

Се доживувам како панталона тип, бидејќи ја претпочитам удобноста. А сакам убав, автентичен накит, обетки, гривни и брошеви. И обично си купувам при секое патување некакво парче накит. Дури имам чувство дека кога сум без обетки како да сум гола. Според мене отмената жена никогаш не е надвор од мода. Таа е вонвременски привлечна.

Никогаш не сум била трендсетерка и не сум сакала трендовите да ме обликуваат. Мојот моден израз е едноставен и во тоа му ја гледам убавината. Еден период инсистирав да носам парчиња од наши дизајнери, како нивен голем поддржувач, некако чувствував морална одговорност да добијат посилно ехо. Па од тоа време имам фустани од Ивана Коцева, Христина Деспотовска, Никола Ефтимов, Булевски. Имам чувство дека до пред 7-8 години беше пораздвижена таа локална, дизајнерска сцена. Сега со исклучок на два, три дизајнери, од помлада генерација, не се афирмираа многу нови имиња. А можеби и јас сум подалеку од тој моден свет сега. Порано повеќе вложував во облеката и ми значеше таа да е со познат моден потпис, а денес само чевлите и чантата го имаат моето внимание.

Веднаш забележувам добри чевли и чанта кај некого, а „паѓам“ и на убави дланки и насмевка. Ова се најбитните аксесоари што некој може да ги има, па знам и да ги искоментирам афирмативно. Сепак облеката не го прави човекот, ама многу зборува за него. А осеќам и енергии кај луѓето, веројатно скорпијата тука ми брка работа. Дали со некој ќе го воспоставам линкот при средба, дали ќе си ја најдеме „вибрата“. Бидејќи има луѓе кои инсистираат да се наметнат и да бидат позитивни ама на некое ниво го откриваш тоа енергетско, дека е лажно. Доволно сум зрела за да можам да ги почувствувам тие работи, не мора да оставам да ми раскажува некој нешто за себе.

Актуелноста на денешните скопски ликови се мери со нивните следбеници на Инстаграм или Фејсбук. Градскиот живот повеќе не изнедрува релевантни градски фаци кои оставаат белег на урбаната мапа. Таа е преселена на социјалните мрежи, од таму се движи сè. И да не звучам анахронично ама личностите од минатиот век сè уште оставаат белег на Скопје. И денес тие се инфлуенсерите кои го диктираат ноќниот живот.

Како би ја дефинирала „ендемичната“ мода или стил во Скопје? - Се восхитувам на секоја нова објава на „Скопје се носи“ со којa вие се обидувате да го дефинирате скопскиот моден идентитет. И мислам дека нашата мода е пачворк на различни влијанија, модни вештини и слобода на изразување. Ја сакам модата на Скопје со новиот тренд на маици на Биби Риби, Скопјеееа, Индог.

Не сакам облеки што чинат цело богатство, ги почитувам нашите домашни изработки и затоа се облекувам во локални продавници или на попуст. И вештините за такви шопинзи ми се доведени до виртуозност и умеам да „заштедам“ добри пари, како што на смеа по дома си велиме. Таму на пример наоѓам многу квалитетни бели кошули, што за мене е „must have“ парче, ми делува многу префинето. Исто така и многу добри панталони.

Се омажив со бајкер и прв совет што го добив од бајкерка-мајка на моја другарка беше - прва љубов на бајкерот е моторот, прифати дека си во постојан ривалитет или придружи се. Се придружив и моето бајкерско искуство е во радиус од 2000 км во регионот, за разлика од сопругот кој ги има возено и Route 66, највисоките премини во Европа, Grossglockner, Австрија Col de l'Isera. И обично кога сме на тура се исполнуваат моите туристички желби, како посета на меморијалниот центар на Никола Тесла во Лика, тура по Арапските Емирати, посета на Голи Оток, искачување на Јахорина, Златибор, Копаоник...Здивот застанува од убавина кога се вози по планини и кај нас, Галичица, Осогово, Маврово. И не треба многу да се почувствува слободата на двете тркала, јакна, фармерки и чизми.

Во ера на самољубие, претенциозност и уверување дека сè може да се купи, јас верувам само во искрената љубов и само таа е лекот за сè. И затоа не ме изненадува што таа ги заобиколува алчните и „трговците“ на чувства. Љубовта и нејзините форми на почитување, сочувство, споделување, давање, грижа, солидарност... е тоа е нормално. Љубовта, мајчинството, фамилијата, пријателите и кариерата се моите мерки за среќа. Според нив си го кројам животот. Секогаш некој или нешто има предност, но да не се наруши балансот на застапеност.

Ова е брош риба - мајка која има боцки затоа што со нив ги брани децата. Таа е моќна и храбра, барем така ја доживува нејзиниот автор, еден единствен Оги, дете со кревко срце и силна волја. Sвездалија, кој од својот награден цртеж, рибата ја претвори во керамичко ремек дело, кое е симбол на вештините и можностите на поинаквите од нас. Овој брош за мене не е детаљ, туку суштина за силата на мајката и нејзината восприемање од страна на децата. А неговиот автор е пример колку ограничувањата можат да добијат простор за развивање само ако малку се потрудиме. Брошот на Оги е знак за препознавање на солидарност, емпатија, желба за живот и ритам на поддршка, кој почна кај една група на убави жени, а денес веќе стана и вирален.

Она што го научив е дека децата се развиваат повеќе од она што ТИ си, отколку од тоа на што ги учиш. И двајцата синови ме растат мене со еднаква брзина како што ги растам јас нив. И со сопругот даваме се од себе да бидеме добри родители, другари, учители... Да ја имаме семејната среќа бидејќи таа не е производ во маркет. Се создава со многу љубов, топлина, страст, поддршка и во хармонија.

Кога можам си крадам време за медитации и јога. Пишувам магистерска и го тегнам денот да биде подолг за да завршам уште нешто што сакам. Периодов ја читав Лидија Димковска и нејзиниот „Резервен живот“ што истовремено ми беше многу близок по времето и просторот на случување и живата нарација, и далечен според приказната на главните ликови сијамските близначки Злата и Сребра.

Го сакам Скопје затоа што немам резервен град за живот. Но, многу му забележувам на Скопје и скопјани бидејќи дозволија да му се уништи развојниот тек, му се разјаде срцевината (мислам на Центарот), му се узурпираа зелените ткива и се накити со ѓубришта и депонии. Комодитетот за живот го нема. Веќе не е убав град за живот со приказни за раскажување што живееја на секој агол. Но, јас верувам во неговиот табиет на феникс. Во неговата моќ да се прероди повторно. Сакам да го видам скопскиот активизам што го спаси ГТЦ повторно буден и активиран, затоа што тој се покажа клучен за градот во едно доба. Сега има повторна потреба од него, пред да ни се одземе сè што остана од Скопје и сеќавањата за еден град во едно време.