Кога ќе помислам на сите џез-свирки каде што го имам слушано Шамба, секогаш ја правам истата врска меѓу овие сензации – звук кој гравитира кон хармонија и чисто уживање. Став, талент, аура, харизма, „аудио и визуелен пакет“ преточен во хедонизам. Стимулирачки пат кој ќе те вивне во убави вибрации, во правиот интензитет. Лесно е да се забележи оној лаунџ момент што потсетува на комфор… но и вистинската опсесија и пасија кон она што го креира. Неговиот печат и во облекувањето е хармонијата. Внимателно ги бира состојките кога се работи и за модни комбинации. Воочливо е дека не потпаѓа на трендовите без да поминат низ негов филтер. Да, кога свири џез кокетира со класиката и веројатно сте го виделе „скоцкан“ во костум, но секојдневно носи парчиња со пононшалатна, лабава „нота“ низ кои може послободно да дише неговата енергија. Има завидна, приватна колекција „Џери Сајнфелд облеки“ во кои ден денес се чувствува оптимизмот на деведесетите. А и квалитетот. Зборувајќи за опсесии и квалитет… знаете дека покрај музиката, втора љубов му е правењето леб? Па, се чини дека секоја своја опсесија тој ја претвора во ремек-дело, зашто и „лебот на Шамба“ веќе е негов препознатлив знак и вистинско гастрономско доживување. Имав можност да присуствувам на дел од целиот „ритуал“ на изработката, па придружен со звукот на џезот совршено проектираше мулти-сензорна обработка на стимули. Целиот овој склоп генерира синхронизиран, живописен спој на звуци и вкусови. Нека трае…

Од мал почнав да свирам на виолина, повеќе како идеја на тетка ми, која беше виолинистка. Муабетот бил дека сум многу музикален, па сум морал да свирам на инструмент... Почнав, но јас не побарав сам виолина да свирам. Тоа се чувствуваше понатаму. Многу малку вежбав. Бев талентиран, тоа го викаа луѓето, но ништо не направив со тоа. Свирев виолина од прво до четврто, имав пауза кога се откажав, и во седмо почнав сам да свирам гитара и да си слушам Хендрикс, Дорс, џезови. Оттогаш ми се јави опсесија да учам на „Беркли“.

Фатив стипендија и учев еден семестар. Брзо се вратив зашто беше многу скап животот, а и сфатив дека тоа што го правам никогаш нема да е ултракомерцијално за да вложи некој толку пари, да живеам таму како тинејџер, да не работам и да учам. Тука запишав Правен, гледав да нема многу математика. :) Паралелно, јас веќе работев како музичар, свирев во „Љубојна“, па „Летечки пекинезери“ каде што ја правев музиката и најмногу имам свирено. Почнав и да заработувам и откако завршив факс наместо постдипломски, продолжив да работам како музичар.

Секогаш имам некое хоби на страна... Тоа со еден другар го имаме зборувано... Мора да има работа што повеќе ја сакаш од сопствената работа. Зашто еден момент те фаќа апатија во твојата струка, и не можеш да доаѓаш дома и да бидеш само тоа и да мислиш сè уште на работата. Туку јас ќе дојдам после свирење, и ќе почнам – ајде книгата за леб, рецепти, ќе праам леб и другиот ден сум посвеж, пак ќе можам да се вратам на музиката. Знаеш како некој круг ми е така... Секогаш имам нешто ново.

Во последно време почнав да правам коктели, и безалкохолни и алкохолни. Сега правам mocktails, тие се без алкохол ама ги ставаш во чаша за алкохол и имаш чувство како да пиеш коктел. Има една книга што ми ја поклонија за роденден, баш е за мене зашто обожавам да земам овошје и некако да го преработувам.

Движечка сила во моментов ми е правење леб. Се инспирирам од книги. Калифорнија ми е голема инспирација во животот. Сè уште не сум отишол на тоа место ама таа енергија ме влече. Вежбам јога, исто така. Сакам здрави пијачки. Ме интересираат super foods, нутриционизам и такви работи. Тој хедонизам што не те троши. Да си направиш нешто за денот да си го обележиш.

Кога ќе ми речат: „Ај да направиме леб!“, им кажувам - „Ама знаеш дека сега го почнуваме и за 6 саати е готов? Кога ќе го извадиме од рерна треба да чекаме уште 3 саати за да дојде на собна температура, да се оформи?“. Во принцип тоа е многу бавна работа и треба многу трпение. Јас го имам подесено вака... На секој пола саат треба да направиш нешто со тестото. Јас го ставам тајмерот, и за тоа време свирам гитара... Тие работи една со друга не си сметаат воопшто. Тоа ме држи дома да бидам и да си ги работам тие работи што ги сакам.

Хиперактивен сум. Не преработлив, си имам периоди кога сум мрзлив и ништо не ми се прави ама премногу ништо да не правам, не. Сакам учење, проекти што самиот ќе си ги зададеш. Па читам книга околу таа тематика, гледам јутјуб видеа во врска со работите што биле во книгата, од други луѓе, си собирам така. Луѓето со интегритет и визија за она што го прават најмногу ги почитувам. Не можеш постојано да се жалиш и да викаш „Е па добро, тука сме сеа, толку можеме“. Може повеќе.

Имам опсесии. Така ми беше и со свирење гитара кога почнував како дете. Го почнав тоа и само тоа ме интересираше. После тоа сите аналогии ми беа врзани во стил, како би се однесувал добар гитарист... Си замислував што би правеле тие што се мастери. Што треба следно да се направи за да не застане работата.

Најинспиративен ми е животот на Дјук Елингтон. Го има проширено спектарот на звуци. Како што има нови синтетички материјали во модата, тој е пионер во таа работа. Некаде 1920 почнал, a 70-та му завршува кариерата со тоа што умира. Но, на тој пат никогаш немало застој. Еден момент станува многу тешко да викаат голем бенд. Треба голем автобус, хотел... Тој од свој џеб ги плаќал тие работи само за да продолжи да експериментира со идеите. Во биографијата „Music is my mistress“ апла се гледа дипломатија, како да бидеш лидер.

За некој да биде автентичен во изразот потребни се многу работа и голем интегритет. Да не потпаѓа на трендовите што доаѓаат. Да не ги „земе“ без тој да си најде дел од душата негова во тоа. Она што доаѓа како новитет, да го користи само ако му одговара. И да го има тој интегритет, зашто по 10 години ќе дојде нов тренд и претходниот ќе падне во вода. И ако тој слепо го следел трендот, ќе си гледа слики од него, снимки и ќе рече „Леле, па не требаше толку да го следам ова“.

Јас би ги издвоил почеток на 2000-та до почеток на 2010-та како „среден век“. На некој начин сега е појавена ренесансата, во последниве 10 години. Боите се вратени. 2000-та, 2005-та, 2008-ма, сè е на кафеаво, има џемпери со патенти, хип-хопот, Phard. Денес многу подобро изгледаат луѓето во поглед на облекување. Посвесни се.

Најпрво, јас сум џез музичар. И во поглед на стилот морам да кокетирам со класиката. Кога свириш џез, не можеш да носиш дуксер. Самата музика влече некој кодекс на облекување. Ако одам на некое место, се облекувам за тоа место, но како јас што би се носел на тоа место. Ако треба да свирам во коктелска атмосфера, знам да облечам токсидо ама после тоа одам дома и се пресоблекувам и излегувам со нешто друго. :) Многу често и расположението и местото ми ја дефинираат комбинацијата, сè земам предвид за да сфатам што треба да носам.

Е сега, јас сум џез музичар, но многу ми се допаѓаат одредени трендови. Но, трендот мора да помине низ мој филтер, да видам дали може на мене да стои. Имав една теорија баш, ќе видам некој спот со некој поп-пејач или рапер, не толку познат, и сите се прашуваат колку години има, и јас гледам кадар на пример, носи сребрена флуоросцентна јакна, гледам дека му стои и викам, сигурно има 23 години. Јас никогаш не би ја ставил на мене зашто знам дека ќе ми штрчи, кога ќе се видам во огледало ќе бидам во стил: „Еј а бе интересно е, но не сум јас ова“.

Не сум прерадикален во стилот, не сакам веднаш да „паднам во око“. Сакам некој ако следи како се облекуваат луѓето, да рече „Еј, интересно си облечен“. Не сакам да бидам тој што ќе влезе во просторијата и да бидат сите очи вперени во него. Омилен парфем ми е Higher Energy на Christian Dior – и сè од YSL.

Стилот е начин на самоизразување, освен ако е униформа која мора да се носи тогаш е друг тип на самоизразување – тоа би било професионално самоизразување. Сметам дека стилот се истакнува преку хармонијата на боите и изборот на парчиња што ќе се комплементираат. Прво што забележувам кај некого се чевлите.

Не можеш да ги одвоиш модата и музиката. Тоа што реков дека сум комотен да се сликам доаѓа од перформансот, дека од мал сум на сцена, со различни бендови. Треба да се облечеш во склоп со тоа што ќе го свириш со тој бенд. А имав проблеми, зашто јас на пример не сакам кондури да носам. Не носам онаква „Ферагамо кондура“. Воопшто немам навлезено во таа насока. Е сега, некогаш сум морал и сум викал као „Не бе, нема никој да примети“, и со патики сум одел и ми се лутеле после другите од бендот – „Види ги патикиве, како за на баскет си“. :)

Скопје ми делува дека е поконзервативно во поглед на стилот. Ако живееш во место каде што има повеќе бутици, цело време ако има апдејт на нова облека, и тоа влијае. Јас имам среќа што татко ми изнакупувал такви „Џери Сајнфелд облеки“, го осеќаш оптимизмот на деведесетите. Јас денес си ги носам, и во 2021-ва изгледаат перфектно. Има и тука многу автентични луѓе на свој начин, а најдраги ми се луѓето што имаат смисла за хумор и воедно чувствувам дека истото им е битно кај другите.

Многу влијае и архитектурата на градот. Облеката што ќе ја ставиш на себе... ќе треба да излезеш и да се движиш по овие тротоари. Јас во Аеродром кога ќе излезам со жолта јакна... онака, има магла надвор, сè е сиво, пензионери наоколу, и веднаш гледаш дека си впечатлив. Има такви некои моменти, јас сите ги земам предвид. Исто како музика кога правам... Или храна, да речеме... Не можеш да мешаш состојки што не одат... Ги земам предвид „состојките“ од надвор, калливи тротоари, нечисто... Не можам пиц-пец да се облечам, ќе треба лимузина да ме земе. :))

Обожавам луѓе со своја пасија, опсесија. Кога ќе се најдат, дури и да не е истата пасија, можат да зборуваат како за иста работа. Тој е тој дизајн на човекот. Тргнува во некој правец, почнува да прави нешто и се сретнува со проблеми. Кондиција имаат само оние со страст. Тој што отишол со некаква цел, а не е неговата страст, ќе се изгуби. Ќе се разочара од резултатите што ги очекувал. Јас не очекувам никакви резултати. Само сакам постојано да ја имам опсесијата покрај мене.

Kога човек ќе тргне да направи нешто само за да каже дека бил првиот ми е многу претенциозно. Tука да застане мислејќи дека го направил печатот со самото тоа. Му наоѓаш златен период од 5 год. кога работел и бил добар, потоа само слушаш муабети, „Сега сите прават како мене“. Затоа го кажувам Дјук како пример. Во 20-ти бил пионер за една работа, во 30-ти за друга. Цело време имал свежи периоди, внесувал новитети. И каталогот е битен на човекот. Да не е само краток период и после тоа да збори „Види, ова сум јас во тие години. Од мене почна сè“.

Кај нас дури и невозможно е да се бавиш со уметност. Пазарот е мал, затворен. Затоа луѓе мечтаат за Југославија. Пазарот бил поголем. Имало инфраструктура за уметностите, за сè. Шундот има многу јак ефект врз луѓето. Како секогаш Македонија е во сè поназад. И не го кажувам тоа во стил да сум навредлив кон Македонија туку како многу објективна слика. Ние треба со тоа што имаме денес интернет, да гледаме што се случува и што е можно побрзо добрите трендови да ги донесеме кај нас.

Кое музичко искуство особено ми е драго и незаборавно? Мислам дека тоа се луѓето со кои свирам највеќе последниов период, новиот бенд. Андреа, Марко и Славчо. Ме научија дека многу сакам да свирам со нив. Многу се талентирани, претерано. Знаеш, јас им кажувам песна и следна проба доаѓам и онака немам никаква замерка. И одеднаш, иако не сум сакал да сум лидер, сум. :)

Во последно работам музика со текст. Претходно клучна беше мелодијата. Размислував како би го вклопил со музичките идеи што ги имам. Тоа ми е нова опсесија. Многу ми е интересно, сакам да биде баш како што го размислувам. На англиски немам пробано, зашто не размислувам на англиски. :) Ме интересира рима. Се навраќам на стилските изразни средства по македонски што нè учеа. Преку мојата музика сакам да пренесам емоција што се повторува, а не ме нервира. Сакам да поттикнам желба за хедонизам и освојување на следно ниво во таа филозофија.