Ја знаев од претходно. И, отсекогаш, наслутував, „има нешто посебно кај таа девојка…” Секоја кратка средба, пријатна, Јасмина е секогаш одмерена и сталожена…благо кажано. Да Ве предупредам, подгответе се за сериозно „затрескување“ во девојкава!
Јасмина е беспрекорна: ја карактеризира бистра мисла која тече преку најсоодветна селекција на зборови, одвај по некој жаргон…има невообичаена дикција, (колку што знам немала ангажмани како спикер досега) и не ги употребува славните ‘викам’ и ‘сфаќаш’ после секој изговорен втор збор! И, има конкретен и самоуверен став. Се прашувам, колку ли само книги прочитала досега?! Смирено гледа во очите на соговорникот, воедно е и добар слушател. Сето ова е сублимирано и отсликано, ни помалку ни повеќе, во нејзиниот софистициран и раскошен стајлинг. Генерално, личен стил на живот. Кој вели дека начинот на облекување не е одраз на она што сме?!
Длабоко е нурната во светот на модата, професионално и рекреативно, и ја краси онаа космополитска аура: синтетизирани квалитети од градовите што ги посетила и во кои поминала извесен период од животот…
И секоја почит, црвенокоса е! Зборувам за онаа црвена, со морков нијанса што, одвај, тееешко или, едноставно, не успева на секого…додека, на сонлив поглед на Јасмина, белиот аристократски тен и тој непогрешлив стил, “црвената” и повеќе oд совршено ѝприлега!
Дента бевме договорени да се најдеме во 18 часот. Признавам, доцнев! Таа веќе ме чекаше пред портата, сепак, со срдечна насмевка.
Отворајќи ја вратата, зборуваше: станот е прилично светол така што квечерината нема да ни попречи…и навистина, пред мене се отвори една широка и прозрачна просторија, уредена во беспрекорен минимализам низ безвременските неутрали – црна и бела. Налик собата за дневен престој на која се воодушевувате, и неколку пати се навраќате на истатите страници, додека го прелистувате последното издание на списанието „Брава каза”! Прекрасната „безбојност” сосема отстапи простор на колоритните раритети што Јасмина ги имаше издвоено: Моќен крој, чисти тонови, неповторливи аксесоари кои само што не проговориле… Дали турбан Ви звучи доволно „смело“?! или пак, два рачни часовници на една рака?! На Скопје поготово, и те како! Низ сето тоа, и мноштво од уникати потпишани од низа наши млади, прогресивни и потврдени дизајнери! Лично ги познава речиси сите нив и верно ги следи и поддржува нивните креативни остварувања… генерално, модните настани во градов!
И да не зборуваме за „рециклирачките“ и „направи сам” потфати на Јасмина и нејзините пријатели каде што лустер од ‘80-те станал кожна чанта, некаква си жица се претворила во шапка, и стари парчиња мебел „оживеале“ повторно… и секако, нејзиниот плакар е надополнет со фустани кои лично таа ги има дизајнирано и изработено.
Нешто недостига…што ли беше?! И, како што ви кажував, квечерината прејде во “доцна навечер” a ние, се’ уште, на среде 100 муабети едновремено…Се сетив! – Јасмина дури води и сопствен блог посветен на модата! „Модниот блог е мое хоби, но веќе некое време не стигам да ги ажурирам содржините во него бидејќи, сега хобито, односно модата, е мое полно работно време…”

Студирав Маркетинг и Мас медиуми во Прага... Отсекогаш ме привлекувала модата и, во тој период, пишував за еден неделен весник кој излегуваше во печат на англиски јазик, наменет за странци кои живеат во Прага. Уредникот на весникот ми предаваше на факултет и го замолив хонорарно да пишувам. Ми дадоа да пишувам баш за мода, имав и прилика да присуствувам на една модна недела таму и така, „се навлеков“...заедно со уште една другарка од Словачка ја делевме пасијата кон модата...

http://jasminafashionfiles.wordpress.com/ кој за жал во последно време не го полнам со содржини често, се трудам сепак, од време на време, да додадам нешто ново. Исто така, ме интересираат и модерната уметност и литература... Си ги купив сребрените мокасини од Париз; бевме на едно службено патување во Париз, си земавме и неколку дополнителни слободни денови за да прошетаме низ градот...

Стилот го менувам доста често, имам периоди на еден вид на облекување па дури и тоа не мора да значи дека стриктно ќе се придржувам кон тој стил. Последниов период многу сакам да носам здолништа и фустани, ми се допаѓа женственоста која тие ја одразуваат. Кога носам фустани тие може да бидат во секаква форма, едноставни за преку ден или посвечени за излегување, кратки, долги, широки, тесни...На работа најчесто носам тесни сукњи до колена во комбинација со кошули или блузи, со некој интересен моден додаток. Изминатава сезона (есен/зима) доста интересни ми беа и построгите кроеви, поминималистички кроеви, нитните како детаљ, а она што ми е особено забавно во последно време е комбинацијата на потенки материјали со погруби како на пример, нежен фустан во некоја свежа боја во комбинација со црна кожена јакна. Сметам дека ова му дава на женствениот изглед доза на бунтовност и урбаност.

Кога се навраќам на некои постари фотографии, забележувам дека има доста промени во начинот на кој сум се облекувала и се облекувам сега. Сепак, можам да кажам дека, и тогаш и сега, заеднички елемент во мојот стил е потрагата по уникатни парчиња, или пак детали, во се’ што купувам. Патувањата и живеењето во различни градови (Прага и Берлин) секако многу влијаеле на промените. Луѓето со кои сум била во контакт во тие средини ме инспирирале и поттикнале да го развијам стилот во некој одреден правец. Јаката е исто така од Париз. Таа е еден од моите омилени детали.

Во принцип, мислам дека секоја девојка треба да има бела кошула... класична, што може да се носи на работа но, и да може со аксесоари да изгледа поуникатна; црно фустанче, колку и да звучи клише’ сепак, не за џабе е кажано...според мојот стил и вкус, и секојдневна хаљина особено за летните месеци; убави наочари за сонце и чанта, убави аксесоари...не мора да биде нешто премногу скапо... да, и црни салонки мислам дека се „а must have“!

Мислам дека, што се однесува до храброста во облекувањето, немам проблем; бидејќи, секогаш се облекувам како што се чувствувам и како што мислам дека треба да се облечам во моментот, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не. Во однос на промената, можеби би сакала да внесам повеќе накит како додаток на облекувањето... Манго панталони и Шик андеркавер блуза

Омилен бенд или пак песна немам, но Молоко, т.е. Roisin Murphy ми е една од омилените музичари. Ја слушам неа, Jamiroquai, Florence + Тhe Machine… Модата и музиката се секако поврзани, бидејќи барем за мене расположението кон кое ме води некоја музика може да се одрази и врз мојот избор на облека. И обратно – доколку сум облечена на некој веќе замислен начин сакам тоа да се совпаѓа и со музиката која ја конзумирам во тој момент.

Портокаловата чанта ми е од португалскиот бренд за аксесоари „Парфоа“; имаат многу интересни парчиња, и невообичаени реклами во кои учествуваат многу блогери... Јас лично, највеќе ставам акцент и вложувам поголем буџет во чанти и чевли... Штом чантата и чевлата се „добри“, можеш да си дозволиш и поевтина гардероба.

Многу сакам винтиџ, во моментов, моите винтиџ парчиња ги имам наследено од гардеробата на мојата мајка и затоа ми се особено драги. Би сакала да имам и повеќе, но во моментов сметам дека во Македонија не постојат вистински продавници за винтиџ облека. Она што го имаме е „second hand“, а разликата помеѓу двете е огромна. Second hand може да биде било каква маица, веќе носена...винтиџот се сепак, поуникатни парчиња, нешто што навистина има вредност и значење...

Не штедам на чевли. Обожавам чевли! Особено на високи потпетици и во различни бои... Тие можат да му дадат посебен белег и на наједноставниот аутфит. Кога се селев од Прага си ги праќав чевлите по пошта, во кутии... каков стрес ми беше тоа! Овие најчесто ги носам со фармерки, или со поедноставни и потемни сукњи... Дезигуал чевли

Ташната направена од лустер е еден од изработените предмети со кој најмногу се гордееме...Стариот лустер (со ретро форма од 80-тите) го купивме без конкретен план што ќе правиме со него. Потоа добивме идеја да ја извадиме сијалицата, да го префарбаме во црна боја, да го затвориме дното со парче кожа, да поставиме кожен појас и на горниот дел, заедно со патент и рачка, и на тој начин да добиеме ташна која не само што изгледа уникатно, туку е и потполно функционална!

Едно од најнеобичните парчиња што ги поседувам би била кожната трака за на глава украсена со камчиња во боја, од дизајнерското дуо „Дума“. Сметам дека модните додатоци за глава – шапки спортски или свечени, цветови, турбани итн., сè повеќе и повеќе ме доловуваат... Покрај чевлите, за мене, тие се најважниот елемент за комплетен изглед. Аксесоар кожна трака од „Дума“

Најчесто сум импулсивен купувач, многу ретко купувам работи кога ми требаат... и јас не сум човекот кој би дал добар „шопинг“ совет! Вообичаено кога шетам, ќе видам нешто и го купувам. И за некои пригоди, имам веќе подготвена, спремна гардероба; да речеме, фустани за на свадби или сл. Не можам да им одолеам на некои работи дури, некогаш, и ќе се задолжам, но нема да се воздржам.

Она што најмногу ми недостига од Прага и Берлин е разновидноста во поглед на стиловите и кај мажите и кај жените, оригиналноста, храброста во облекувањето, експериментирањето со стилот, со гардеробата и со целата физичка појава. Социјалниот живот има допирни точки, но и доста големи разлики токму поради онаа разновидност која ја спомнав.

Едно од парчињата што мислам дека највеќе ме доловуваат е, веројатно, фустанов. Од една страна е едноставен, црн фустан, сепак, го има и моментот „балонче“... од друга страна пак, тука е појасот со цветот кој, му ја дава уникатноста. Има доза на сериозност и уникатен е. Честопати купувам кај Росица Мршиќ... Најомилените парчиња облека ми се оние купени од наши дизајнери. Уникатни се и ми значи што се токму од нив. Фустан од Росица Мршиќ.

Кај нас едноставно, владее преголема униформираност и претопување во масата и недостиг на индивидуалност. Тоа се одразува, и преку социјалниот живот, и преку изгледот на луѓето, и преку начинот на облекување. Можеби изборот на гардероба во овие градови и не е драстично поразличен од оној што го имаме овде; сепак повеќето млади луѓе сакаат да внесат свој белег во она што го носат и тоа ја прави нивната гардероба, без разлика на цената, богата со креативност и приказна за личноста која ја носи.

Средината често, т.е. многу знае да влијае на начинот на облекување. Кога одам во модни градови како што е Париз, не можам да не се инспирирам; и гледам, колку-толку, таа инспирација да си ја донесам тука... Љубител сум и на патувањата, па се трудам барем 2-3 пати годишно да отпатувам некаде. Тоа ми е некој вид на полнење на батериите, истовремено, и инспирација за сè што правам од креативен аспект.

Посетував курс по мода, организиран од институтот Евро Балкан во Скопје, и предводен од Никола Ефтимов и Росица Мршиќ. Започнавме од основи, по малку кроење и шиење за да стигнеме до целокупниот процес на изработка, од инспирација до реализација на еден проект... нешта кои отсекогаш сум сакала да ги знам. Во принцип беше наменет за аматери, и присуствуваа различни профили на луѓе кои, едноставно ги интересира сето тоа. Финалната ревија се одржа во рамките на „Скопско лето“ и секој, нормално, си имаше тема на инспирација... мојата беше Африка. И баш ми се погоди затоа што, девојката која го носеше мојот фустан беше африканка, мислам дека живее тука... тогаш го направив фустанов. Другарка ми Анета го нацрта мотивот, претходно и’ посочив репер како сакам да изгледа; на крајот само ја додадов црешата...