„Другата страна” е долгометражен филм кој ни ја раскажува приказната за Бобо и Софи, кои по загубата на своите родители се приморани да се соочат со суровата реалност и да пораснат побрзо од своите врсници. Со помош од најблиските, пробуваат да се справат со реалноста во која живеат. Нивниот поглед кон светот драстично се менува откако ќе го пронајдат светот за кој секогаш сонувале. За разлика од многу проекти на младинската продукција „Марви“, овој се издвојува со тоа што е наменет и за најмладата публика. Може да се каже дека „Другата Страна” е првата македонска семејна фантазија, снимен во време на пандемија, без финансиски средства. Идејата која ја добиле за овој филм  (семејна фантазија) потекнува од она со кое секојдневно се соочува секој од нас, за сите оние нешта кои се неправилни, но ние луѓето свесно ги правиме, убивајќи го правилното, рационалното и етичкото, што за жал, е проблем со кој веќе подолго време се соочува и целиот свет, незнаејќи која е точната формула за менување и справување на истото, или пронаоѓање на исправниот пат. Па затоа, филмот ги претставува двете различни гледишта преку детската и бурна фантазија која го отсликува правилното од неправилното, реалното од нереалното преку искрената надеж и желба на двата главни протагонисти ( Софи и Бобо), кои се справуваат со тешката одлука и ќе навлезат во една поразлична авантура која ќе ја одгатне точната формула за пронаоѓањето на вистинскиот свет.

На филмот работеле вкупно 15 млади ентузијасти со голема пареа и огромна љубов. Актерската екипа ја сочинуваат Филип Каменаровски, Оливера Каменаровска, Тодор Стојковски, Јелопи Седеу Нишевиќ, Ана Петановска, Марија Клепова и Вања Тројачанец. Филмот е во режија на Мартин Чичовски, сценариото е на Оливера Каменаровска и Мартин Чичовски. Одговорноста за камерата и тонот ја преземаа Марија Додовска и Христо Чолаков.

Музиката од филмот е на Ана Петановска, која што направи аранжман со песната „На Овој Свет“, специјално изведена за филмот.

Си поразговаравме повеќе со Марија, Мартин и Вања…

Што всушност е Марви за вас, а што би значено тоа и за останатите нас? Ве молам нешто повеќе за почетоците и раѓањето на Марви! 

  • Марви се роди заедно со „Ема”, по успехот на тој филм сфативме дека единствениот начин за пробивање во филмската индустрија е со дело/дела. Што повеќе создававме, толку повеќе млади сакаа да соработуваат со нас. Набрзо сфативме дека кај нас нема филмска индустрија, така што нема каде да се пробиеме, со тоа нашата цел се промени, и решивме ние да создадеме индустрија.

Како успеавте да склопите тим од дури 15 млади, но ентузијастични луѓе со иста пасија, а очигледно и супер функционален и истраен тим? Од каде најмногу црпите идеи? 

  • Со секој нов проект доаѓаат и нови млади таленти, кои откако ќе го погледнат нашиот начин на работа веднаш сакаат да станат дел од тимот. Она што нè држи неразделни и сложни е токму искреноста, свесни сме какви се филмовите што ги создаваме, поставуваме реални очекувања за како ќе бидат прифатени, и до каде ќе не доведат. Сепак, кога сакаме нешто да направиме, или кога имаме одредена цел, никогаш не викаме дека не можеме да ја постигнеме, дури и кога звучи невозможно.

Филмот „Другата Страна“ е вашиот краен продукт за кој се очекува да има неверојатен успех како културолошки така и во психолошки контекст, токму кај најмладата публика. Дали идејата за истиот е базирана на вистински настани можеби прикажани со нота на фантазија и суреализам?

  • Филмот не е базиран според вистински настани, но има познати елементи од реалноста кои играат битна улога. Другата страна, односно другиот свет кој се потенцира во филмот е всушност светот за кој ние луѓето отсекогаш сме сонувале. Оној прекрасен свет во кој луѓето се почитуваат меѓусебно, свет полн со вистинска љубов, без омраза, без загаден воздух итн. Фантазијата е она што го двои овој свет од реалниот, со што поставуваме прашање… Дали ние, луѓето, некогаш ќе дојдеме до овој свет за кој веќе вечно сонуваме? Оние кои веќе се созреани личности, потешко би ја направиле таа промена, промената која мора да почне од нас, затоа децата кои сè уште се осознаваат, многу полесно можат да дојдат до одговорот.

Отсекогаш сум се прашувала како режисерите ги избираат имињата на протагонистите, па и на оние злите… Зошто баш Софи? Зошто пак Бобо?

  • Мартин: Софи, именувана според моја имагинарна другарка, со која имам незаборавни моменти и спомени како мал. Бобо, именуван според омилениот руски цртан кој остави вечен белег на моето детство.

Дали имате некои очекувања за трансформација на погледот на младата публика кон животот, дали сметате дека филмот ја има таа моќ, да промени и подучи нечиј живот засекогаш?

  • Искрено, едвај чекаме да видиме каква моќ има филмот. Ние сакаме да има позитивен импакт на потсвеста на децата, тоа е нашата цел, а на денот на премиерата ќе видиме како ќе произлезе сето тоа, и каков импакт ќе има.

„Другата Страна“ е снимен за време на пандемија и тоа без финансиски средства… Како? Значи… Како?

  • Оригиналниот план беше филмот да се снима во јуни 2020 година, но се случи што се случи, мораше да се одложи поради ситуацијата. Не знаевме дали воопшто ќе се сними филмот, но успеавме да направиме добар распоред во август истата година, со вкупно 20 дена снимање. Причината зад сето тоа е што имавме фасцинантен продуцент, Оливера Каменаровска, која е совршен за логистика. Таа студира во странство, и специјално за филмот дојде во Македонија, со што и мораше да се врати во Канада кон крајот на месецот, и не смеевме да не го завршиме проектот во даденото време. Секако, баш тогаш ние ја скршивме камерата и објективот, но тоа додаде на нашиот мотив за работа, обезбедивме нова опрема, и завршивме порано од очекуваното.

Ни напоменавте некои многу интересни и уникатни локации на емитување на вашите краткометражни и долгометражни проекти како Лос Анџелес, Њујорк, Токио, Велс, Малавли… Дали сте имале прилика да репортирате директно од местото на настанот, да ја впиете културата и да направите извонредни фотки од секое од овие must-go локации? 

  • За жал, сме немале шанса да присуствуваме на некои од попримамливите локации и фестивали каде што сме конкурирале. Но затоа, имаме интересни доживувања од фестивалот „Кратка Форма“ во Горњи Милановац во Србија, таму се прикажуваше краткометражниот филм „Фотографот” кој освои второ место за најдобар филм во младинската категорија. Си поминавме совршено, имавме прекрасна дружба со Србите, Италијанците и Американците, и ќе останеме пријатели уште долго.

Дали сметате дека стилот на облекување игра важна улога на филмското платно? Дали во вашиот филм е обрнато внимание на вакви, навидум детали, но според нас, изразување на самата личност и личното доживување на светот, баш преку парчињата облека?

  • Обрнуваме внимание и на најситните детали, парчињата облека се само едно од нив. Даваме простор на публиката за анализа на стилот на ликовите, секако, и тоа може да ни каже нешто повеќе.

Како би си го опишале стилот?  

  • Сите тројца имаме некој специфичен, но посебен урбан стил кој го шетаме низ градот, а кога станува збор за некој настан, или премиера, стилот го комбинираме со нешто поелегантно.

Следите модни трендови?

  • Спротивно од тоа што сме ентузијасти и со љубов ја работиме креативната страна на уметноста, не сме ентузијасти по модните трендови. Нашиот моден тренд е да се чувствуваме најдобро во нашата облека.
Што сметате дека е кул за една модна комбинација, со што некој успева моментално да ве освои, особено да ви се допадне и да ви го задржи вниманието?
  • Кратки панталони во комбинација со некој широк дуксер, што претставува вечна слаба точка кога станува збор за одбирање на комбинација.

Во што се чувствувате најсвои? 

  • Можеби звучи малку клише, но најсвои сме во креативниот процес. Додека снимаме, пишуваме, монтираме… Па и додека се караме, се чувствуваме свои.

Што најмногу цените во едно пријателство? 

  • Нашето пријателство не се базира само на работата, иако таа заедничка особина нè спои, со што ја зацврсти довербата и искрената љубов во нашиот тим. Па затоа градењето на нашето истрајно пријателство се состои од таканаречената брутална искреност, која е присутна секогаш и во секое време. Тоа не прави да бидеме поблиски и поистрајни во нашето другарување, верување и исполнување на нашите цели. Можеби, тоа е и тајната состојка за тоа што прераснуваме во подобри личности и поуспешни во секој сегмент.

Нешто лично и персонално што сакате да го споделите со Скопје? Или пак да ја откриете вашата формула за како Скопје да се носи? Што би промениле во градов да имате магично стапче?

  • Скопје претставува местото каде што сме израснати, каде што имаме најубави спомени и местото кое во нас ја вдахнува силата да го правиме тоа што го сакаме. Секако, Скопје со себе носи нешто необично, носи чувство на предизвик и промени кон светот за кој просперираме, и создава катче на еден возбудлив почеток за кој ние, како екипата од „Марви“ пробуваме да го искористиме до максимум.

Се гледаме премиерно на 6-ти март, кој во CINEPLEXX некој пак во Канада, кој како си ја наредил. 😊

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply