Каква ли љубопитност и радост се криеше во мене да ја запознаам Офелија и да нурнам подлабоко во нејзиниот свет. Ги читам со особено задоволство нејзините текстови, кои ги прават воочливи и нештата што можеби не сакаме да ги видиме, а треба. Толку искрени, толку точни. Зумираат мајсторија и суштина во мал текст со голема вештина. Се збиваат цели светови и поенти во својата срж, како да си ги слушате мислите длабоко во себе. Слоеви емоции кои на крајот ве поттикнуваат на најискреното: „Браво!“. Многумина ја доживуваат и како духовен учител. Дотолку ми е навистина драгоцено и едно од најдрагите признанија од нејзиното искусно и професионално „потковано“ новинарско перо… уште од почетоците на „Скопје се носи“. Тој исечок од неделникот „Фокус“ од 2014-тата си стои зачуван во мојата архива, а завршува со „Читајте и гледајте фотографии. Интернет-страница за уметност“. Уметност е она што јас би го кажала за нејзиниот начин на живот.

Настрана од многу книги, цвеќиња, уметнички дела, нејзиниот дом е исполнет со драги сувенири од градовите во кои живеела или патувала, меѓу кои и Париз. Воедно, повеќето парчиња облека, а и нејзините најдраги – шамиите, се од таму. Софистицирани и боемски. „Дојдов до оној момент кога ги гледам облеките што сум ги купувала со години, си ги собирам, си ги носам, си ги сакам. Уште се убави, модерни, мои, драги“. Црн костум со бела кошула, фармерки со бела маица, црни панталони со бела кошула (но зачинети со патики со животински принт), шамии и шалови. Сеопфатната моќ и умешност на нејзиниот личен стил лежи и во тоа што таа ужива во тоа што го носи. „По што се разликуваат луѓето во поглед на стилот? По тоа дали ја носиш облеката со напор или ја чувствуваш како втора кожа. Или што би рекол Пруст, како што птицата си ги носи перјата сраснати. Облеката како дел од мене, таква облека сакам. Да се сакам себеси во таа облека, да не чекам едвај да стасам дома и да ја соблечам од себе од непријатност“. Воочлив е тој опуштен париски шик дух кој произлегува од нејзиното сопствено изостреното око, деликатниот вкус, природноста и интегритетот со кој зрачи.

И начинот на кој зборува – инспиративно за соговорникот, остроумно, со многу човечност и проникливост. Секоја приказна е приказна за вредности. „Нашиот разговор секако ќе биде многу повеќе од тоа како се облекувам, кој ме инспирира, каков е градот во кој живееме, што го чини, уличната мода. Верувај ми. Времето е такво, почнуваме да разговараме за облека, а завршуваме со нашите дилеми и живеењето во 17м2. Во кои собира цел еден живот, верувај. Знам од искуство“, ми рече.

Читајте го интервјуто подолу и уживајте во фотографиите…

Ние не знаеме ништо едни за други. Или правиме слики за другите врз основа на нешто што сме слушнале, податоци за работни места, „рекла –казала“, профили на „Фејсбук“ од кои понекогаш бегам зашто почнувам да се сомневам во капацитетот на човекот да разликува убаво од грдо, умно од глупаво.

Во ‘86-та година, пред да се омажам, пред што било, работев во Париз. Едно време, така се погоди, кај ќерката на Жан Франсоа Ласаж. Ласаж беше кутурие, работеше вез за Шанел, имаше семејна фабрика со четириесет вработени, живееше во дворец и јас имав лудачка среќа да бидам со тие луѓе толку време. И ова го кажувам ептен на мои најблиски зашто исто така се плашам дека порано бев бестрашна кога пишував, а сега? Се плашам од оваа средина. И многу ми е поубаво сосема да се повлечам.

Еволуцијата е многу важна. Мораш да комуницираш со оние поинакви од тебе, од други средини, да ги сослушаш, да си кажеш „А бе јас имам маани, вистина“. Да промениш некои ставови, некои заблуди.  Јас знам луѓе на кои истото што им било важно порано, во поглед на статусни симболи, со кои ние само се покриваме, сè уште им е важно… сите тие автомобили, часовници, брендирани парчиња. Тој однос кон материјалното се учи. Многу работи разбираш гледајќи се себеси во минатото и тука спаѓа и односот кон облеката.

Мојот плакар секогаш беше полн со неселектирана облека и разни ќесички, украси накит во еден лом во којшто само јас можев да се снајдам. Како некој ковчег со спомени, а не вообичаен гардеробер. Првпат годинава го средив и повремено го отворам неверувајќи им на очите дека тоа конечно го сторив. Пречесто се селев и чував работи како спомени кои инаку за ништо не користеа. Фрлив еден дел. Тоа е како да се ослободуваш од минатото, тие парчиња облека кои повеќе не се за носење и разни кутивчиња полни со расипани ѓерданчиња. Сега сум многу понеоптоварена со предмети од порано. Си ги сакам парчињата облека што се собирале со години, а ги чувам само оние што сè уште можам да ги носам.

Долго време не знаев што да купувам: кога живееш во голем светски град имаш голема понуда на облека што по некоја година не можеш да ја гледаш колку е грда. Те привлекла зашто била евтина и зашто еднаш сум сакала да имам преполни плакари и со што ми треба и со што не ми треба. Купував стихијно и многу, кога бев во лошо расположение или зашто едноставно сакав да потрошам пари. И потоа, дојдов до оној момент кога ги гледам облеките што сум ги купувала со години, си ги собирам, си ги носам, си ги сакам. Уште се убави, модерни, мои, драги. Еве, на пример овие шамии. Најмногу ги сакав шамиите на Лакроа: последната сум ја купила пред 12 години, а како нова е. И убава е. И другите што ги имам, исто така. Најубавата на Кензо, некој еднаш ми ја украде. Никогаш не најдов слична.

Овој капут што го гледаш си има своја приказна како и чантичката со цветови и чевлите со циркони. Капутот го позајмив од тетка ми кога имав 23 години. Ми го даде една вечер да го прошетам во диското „Турист“. Другиот ден и го вратив. Кога почина, и мајка ми ме праша што сакам нејзино да земам, јас го земав само тој бордо капут кој сè уште изгледа како да е вчера купен. За мене има многу поголемо значење од кој било нов брендиран кашмирски капут. А стар е преку триесет години. Многу поинаку гледам сега на облеката отколку порано. Со текот на времето така се определив, парчето да има вредност за мене.

Ова ми е единствено парче со видливо лого… Ќерка ми заврши на „Сорбона“… Ова беше последна серија на Луј Витон, беше повеќе како новчаник, минијатурна ташничка. Не сакав да ја купам зашто ми се чинеше многу скапа. Јас се вратив од Париз и собирав пари и ѝ ги пуштив на Гала и кога се врати таа, ми ја донесе. Купена е 2009-та. Сакав да имам едно такво парче и плус, сакав да биде многу необично. Гледаш, го има логото, но тоа воопшто не е битно, ружите доаѓаат во преден план. И не беше до тоа дека е Луј Витон туку некако тогаш бевме многу депресивни и гледав како и својот морал да го подигнам. Потоа ја надминав таа фаза.

Стилот не е вродена работа меѓутоа нас многу нè дотеруваа кога бевме деца. А јас многу научив во тие месеци кога бев во Париз. Кога се вратив, мајка ми не можеше да препознае дека куферот е мој. Ми рече, „Ова не е твој куфер, си земала туѓ“. Зашто јас отидов таму со карнери и со сатени, а се вратив со бели кошули, бели панталони, со обични џемперчиња со копченца. Како да кажам, сè едноставно. Таму така се облекуваа. Сè беше од многу убави материјали. И јас што носев карнери, ги исфрлив од мојот гардеробер. Купив од Коокаï црна сукња, со копченца позади, сè беше чиста волна и за неа сè беше многу обично. И сега одеднаш од така накитени… Ми рече „Ти ја упропасти сестра ти, и таа почна да носи црни палта“. :) Знаеш, тоа е она дека веќе не сакаш да се криеш зад облеката, а истовремено сакаш да е убава. Јас црвено во суштина порано речиси и да не носев. Носев тексас, многу црно, особено како студентка… Многу бели кошули и сè уште ги носам. Луѓето ме препознаваат по бела кошула. Додека работев во Општина Центар ги терав сите машки да носат бели кошули и што е за право, сите слушаа. :)

Кога ја пишував рубриката „Соблечи – облечи“ во „Фокус“ на времето, често се појавував на телевизија, а и имаше каде да се појавиш. Имаше и коментари од типот, „Види ја оваа како изгледа, а коментира за други како се облекуваат“. Значи тие не ја виделе Сузи Менкес како изгледа. А темата за мода и стил е многу важна. Зашто кога некој оди во голем град, уличната мода или тоа што е „улицата“, на некој начин ја прави сликата. Не само за тоа кој е нивниот социјален статус, кој е нивниот пристап кон модата, кои се нивните сфаќања за тоа како треба да се изгледа на улица, туку тоа е дел од тебе. Ти си тоа. Не е она „Дај да се наредиме со крпчиња и со статусни симболи“. Свесно пренесуваш порака. Знаеш за она што сите го зборуваат? За тој „нулта“ стил. А така го викаат поради тоа што кога излегуваат модели на Армани пример, тие се секогаш во црно или почисти линии итн. Тој со тоа не сака ништо да каже за себе. Тој вели, „Еве ви, повелете ревијата, јас сум дизајнерот, но јас со облеката ништо нема да ви кажам“. За разлика од Мјуча Прада или Вивиен Вествуд, експлицитни примери. И тие се работите за кои мене ми е многу страв да зборувам зашто мислам дека луѓето погрешно ќе ме разберат. Прво, дека јас солам памет. Второ, „Која сум па јас да кажувам, немам факултет за тоа“. И сега треба јас да им кажувам од каде е тоа, за кого сум работела, каде сум работела.

Генерално, јас сум многу разочарана од луѓето овде. Најмногу од недоследноста и од површното третирање, професионално и пријателски. И од тоа што е најголема болка овде, а тоа е дека сè е заменливо. Површноста е многу застапена. Дека секој е заменлив, дека со секој може да се пополни некое место или време. Зашто апсолутно не се сите заменливи. Некому му е битно само своето „шоу“ да си го направи и потоа ќе заборави на луѓето со него, кои се, дали нешто му помогнале. Во моментот кога не мислат дека баш им требаш или не им се вклопуваш во новата слика, те заменуваат со тоа што им се вклопува. И можеби утре ќе признаеш дека некому тоа што си му го направил, односно си го заменил со некој друг, е погрешно, но доцна е. Се гаи еден паушален однос, освен ако немаш интерес од некого. И многу се плашам од две работи. Од тоа дека мислат дека јас нешто им продавам памет, се фалам кај сум била, што сум била… Отпосле сфатив дека не треба тоа да го зборувам зашто тоа не е мој проблем туку нивен. Јас кога им кажувам за Богдан Богдановиќ, кој имал 60 години кога јас сум имала 24, јас бев избезумена од неговата личност. Воопшто не ги гледав годините на човекот. Јас бев импресионирана од него како личност. Ми има подарено и книга. И сега јас ако им го раскажувам ова тие мислат дека којзнае што сакам да постигнам. Тоа ми се мене убави моменти. Погрешно толкуваат и автоматски убавите спомени ги претвораат во нешто што нема врска со тоа што јас сум сакала да го постигнам. И плус мојот спомен го сквернават.

Нема поголем срам од тоа да типкаш пораки на телефон додека седиш со некого на кафе. И демек одиме кон Европа. Не одиме ние кон никаква Европа. Тоа некажување на вистината е една од најштетните работи во оваа средина. Сеедно дали се работи за облека, изглед, за што и да е. Мене овде веќе ништо не ме чуди. Основните правила се прекршени. И на однесување, и на третирање на стари и млади, да не зборувам за машко-женски односи, потоа на кој начин се манипулира со возраста, посебно кога станува збор за жена. Знаеш како велат, стар маж, старо вино, а стара жена е за во ѓубре. Се мисли со време на животните, стилските правила. За мене односот кон облеката е однос кон животот.

Облеката прво кажува дали имаш некаков однос кон неа. Пример, порано пишував за еден шеф на „Црвен крст“, кога имаше акција за помош на луѓе погодени од поплава. Секој ден излегуваше во различна Lacoste кошула, која знаеме колку чини. Одеше низ кал, со Lacoste кошула или Paul&Shark. Значи ти не смееш да имаш никаков таков бренд на себе. Што сакаш да им кажеш? Каква порака им праќаш на луѓето? Или пак не знаат да комбинираат. Не знаат дека одредена крагна не може да оди со краватата што ја носат. Најголемиот дел од нив се опкружени со луѓе кои им велат, „Шефе, најбољи си! Значи каков беше сега кога излезе!“. Најпогрешната работа што може една јавна личност да ја направи, особено што кај нас се главни политичарите, е тоа да има луѓе околу себе кои ја поддржуваат во грешките. Има по некое зракче светлина меѓутоа тоа е многу ретко зашто гледаат едни од други и опружувањето е најопасното од сè. Тоа им дава снага.

За мене можеби не е битно како ќе се облечам. Но, тие луѓе кои се на позиции, ја креираат сликата за градот, за државата, многу е важно што кажуваат со облеката. Не само со неа, таа е дел, со комплетниот имиџ. Гледав еден млад политичар пред некој ден, со девојката. Јас освен пари, на тие слики ништо не видов. На една слика едни очила, на друга слика други, и една инфантилност кон оние на кои им се обраќаат.

Во облекувањето треба да имаш вкус. И кога имаш пари и кога немаш, да знаеш што да купиш и што ти стои. Ако не си сигурна, можеш да прашаш. Ако имаш 2 000 денари купи си нешто црно-бело, барем нема да изгледаш како кафеанска певачица. Голем број наши жени мислат дека знаат и затоа има многу кич низ улиците и во канцелариите: високи штикли, тесни сукњи, карнери, лошо искомбинирани бои, стреч, деколтеа, проѕирно. Уверени се дека тоа е стил што го негуваат и им стои и ги претставува. И да се чудиш како успеваат од 20 фустани да го изберат најгрдиот. И зошто мислат дека тоа не е важно. Јас воопшто не мислам дека модата е прва, најважна работа. Не. Но, зошто треба да носиш на себе грд фустан? Јас сум имала разговори со познати жени кои велеле, „Што читаш? Elle? Аууу таму нема ништо за мене“. Демек мода не ги интересира. „Јас сега мода ќе терам, па јас сум интелектуалка“. Ама не е мода тоа што мене ме интересира, туку дека секој човек, барем мене ми се чини, сака да гледа нешто убаво. Зошто некој би сакал да гледа нешто што не е убаво? Значи поентата е сосема друга. Не зборуваме душо драга ние за мода. Ние зборуваме дека човек се напојува со убави работи, бои. Инаку, сè ќе биде црно. Сè ќе биде сиво. Сè ќе биде исто. Дај на сите да ни биде сеедно. Ама не, ќе те осудат „Аааа тебе само мода те интересира, ти читаш Elle“. Да, читам. Прво, во „Elle“ има фантастични колумнистки. Зошто тоа да го потценуваш? Демек под чест им е да зборуваат за мода. Глупости.

Но има многу скопјани кои не се експонирани, кои имаат стил што ги претставува, Дејан Дуковски, Срѓан Јанаќиевиќ, има многу мажи од таа генерација со силен интегритет. Оригинали. Никола Ристановски, на пример. Има тајна во добриот стајлинг: да уживаш додека се дотеруваш, да го сакаш тоа што го носиш, да си се допаѓаш кога ќе се погледнеш во огледало. По што се разликуваат луѓето во поглед на стилот? По тоа дали ја носиш облеката со напор или ја чувствуваш како втора кожа. Или што би рекол Пруст, како што птицата си ги носи перјата сраснати. Облеката како дел од мене, таква облека сакам. Да се сакам себеси во таа облека, да не чекам едвај да стасам дома и да ја соблечам од себе од непријатност. Не знам како нашите девојки носат 13 см потпетици, зашто така не можеш да се движиш правилно. Можеш само да се тетеравиш како пајка од болки во нозете. А зошто? Па сите знаеме колку сме високи.

Во градење на стилот ми влијаел начинот на живот. Многу промени на живеалишта. Многу различни земји. Како се гледам себеси, како созревам. Не сум веќе површна во купување и облекување, слично како што не сум површна во изборот на луѓе. Никогаш не купувам облека затоа што страдам заради нешто друго или животот ми е во хаос. Ништо добро од тоа не испаѓа, или фрлени пари повеќе отколку што треба или фрлени пари на што не треба. Научив да не купувам кога се чувствувам лошо, а многу мои пријатели тоа не го научија. „Се облекува како што живее“. Е, тоа е реченицата. За врвните аналитичари, модни хроничари, тоа е тој врв што може да се постигне. Јас имам блиски луѓе кои сè уште не ја научиле таа лекција. Мислат дека ако отидат и го купат цел дуќан ќе им биде подобро. Не, ќе дојдеш дома и уште полошо ти е, многу полошо ти е. И сакам да подарувам. Што многумина исто така не го научија. Сè што имаат трошат на себе. Каква празнина е тоа да расфрлаш на себе, а да штедиш на други.

Накит скоро воопшто и да не носам: еден часовник и „тринити“ прстенот што кај Картие го нарачал Жан Кокто за неговиот љубовник: три испреплетени кругови од жолто, бело и розово злато што симболизираат љубов, пријателство и верност. И тоа е отприлика сè. Еден брош и уште еден ѓердан од недефиниран материјал.

Овој фустан го носев со тоа палто. Палтото е од ’98-ма година. Од Париз го имам купено.

Сакам убави чевли и понекогаш ги наоѓам, но и тие се како извадени од ковчегот со спомени: едни Гучи со штрас на штиклата што ги купив 1999 година во Стразбур. Ги видов на насловна на „Тајм“, со текст дека во Њујорк за нив се чека со месеци зашто листата на купувачи е долга. Беше интересно дека во Стразбур никој не чекаше на нив. Не им се допаѓаа, па можеа да се најдат во нивната продавница по трипати пониска цена од американската. Ги купив. Уште ги имам. По малку ги третирам како сувенир. Но сè уште може да се носат. И сè уште се убави.

Во Белград кога одиш на пример или во Париз, Рим, еве и во помали градови, пример Грац, таму се циркулира на улица, не седат во кола и веднаш да се тупнат во кафуле. Па можеш да видиш дека таа сезона пролет-лето на пример, парижани носат сиви старки или leggings. Ти можеш тоа да го видиш овде? Не. Мора да одиш во кафеана или тренди ресторан за да видиш.

Понекогаш кога сакам да видам што се случува во градот одам на неколку места: во тренди ресторани, на пазар или на плоштад и улица Македонија. Има навистина убави девојки кои очигледно пред да излезат цело попладне поминале на фризер и шминкер. Загубиле многу време, зашто и онака се убави, но тоа е некоја манија, да си нацрташ лице врз лицето иако пролетните најави за шминка се лајт пудри, светли бои, природна коса. Еднаш бев во едно место каде што се собираат и паркираат Мерцедеси, BWM-а и сл., и тие девојки што беа таму јасно беше дека цело попладне го поминале на „монтирања“, знаеш која енергија е тоа? Сите носеа чизми над колена и многу кратки здолништа или хеланки. А тоа беа убави девојки, згодни, средени, да се разбереме. Меѓутоа со толкаво отсуство на личен печат. Со вулгарно однесување. И јас тврдам дека многу малку се чита, што е страшно штетно. Кога се патува не се „краде“ од патувањата, за да се продуховиш. На убавите девојки некој треба да им каже да се прашаат за кого се дотеруваат и која им е целта. Зашто ако е тоа за нивните машки пријатели, нив тоа не ги интересира. Се бара идентитет, особеност, малку повеќе читање, образование, љубезност, пред три слоја пудра и облека која ништо не покрива. Како што не верувам во корекции на лицето, така не верувам во многу шминка освен за свадби и матурски. Па и тогаш треба да се пази да не се претвори некој во во светлечка реклама. Понекогаш се срамам да кажам дека никогаш не сум била кај професионален шминкер, дека на шминкање секогаш сум трошела 15 минути и дека ако нешто мразам тоа е пудра на крагната од кошулата. Но, тоа не мора да биде догма или закон. Нашите девојки и момци во поголемиот број имаат уште многу да учат и да се поврзат со светот кој битно ќе влијае на нивните перспективи. Ако не знам како да се облечам за некоја пригода, гледам да се облечам барем пристојно.

Не треба со облеката да се соблекуваш. Облеката користи за да се облечеш.

Вулгарноста е во лицето. Вулгарноста не е во телото. Французинките на пример возат точак во мини фустанчиња, но никогаш не изгледаат вулгарно. Прво зашто лицата не им се пренашминкани, косите им се многу природни, дури и неуредни искрено. Имаш три типови жени кога патуваш, ги гледаш. Италијанки, Англичанки и Французинки. Потполно различни. И ниту еден тип не е како овој овде. Јас секогаш велам дека Скопје има ненормално голем капацитет, огромен капацитет како град што е неискористен во секоја смисла. Прво гледај простори, како оној на МСУ, кои се комплетно неискористени. И како простор и како концепт.

Овој часовник ми е подарок и секогаш паѓаат шали дека не го давам ни да ми го исчистат. Но, тоа е дел од приказната дека мене не ми треба да имам уште 20 часовници. Јас и да имам пари да ги купам, нема да ги купам. Ама тоа е мој став кон нештата. Секој од нас е автентичен.

Јас зошто не зборувам за моите години? Се шалевме со моите поранешни колеги од Општина  Центар, каде што работев четири и половина години. Им кажував, „Па јас да ви кажам колку години имам вие уште пред дваесет години ќе ми речевте да се фрлам во Вардар“. Кај нас често ќе слушнеш „Стара си, стара си“. И затоа реков, нема да им кажам кое годиште сум. А знаеш зошто? Тие мислат дека јас ги кријам годините. Не ги кријам. Не. Нивниот пристап кон моите години не е нормален. Потоа нема воопшто да те гледаат на ист начин, не само како жена, туку и како соговорник.

Многу пати сум се изјаснила дека сум против какви било поправки на лицето и телото кои би го успориле стареењето, зашто тое е една од најголемите лаги. Зависно од тоа дали те лажат дека си поубав со ботокс, филери и екстензии или самиот се лажеш. Достоинственото стареење е малку тешко во оваа средина каде што не смееш да ги спомнеш годините зашто те отпишуваат во секоја смисла, а на одредена возраст можеш слободно да умреш зашто веќе за ништо не си. Тоа го проценуваат само врз основа на бројката, но јас не сум од тие што ќе исполнуваат туѓи желби за да им изгледам соодветно. Не сакам да глумам дека изгледам помлада отколку што сум, истовремено не сакам да зборувам за годините зашто сметам дека овде треба да си на некое ниво на развој и да имаш основна култура, за да можеме ние да зборуваме за годините. Старите филозофи дури велат дека не треба да се интервенира врз туѓиот стил зашто така го правиш она што не е и му даваш свој печат. Зошто би сакала да лажам дека немам брчки, дека не ми се опуштила кожата или немам совршено тело. Робувањето на илузијата за младоста е штетно за сите. Тој што не те сака, нема да те сака во ниту еден од двата случаи. Знаеш како вели Готје? Дека старееме само за околината. А јас друго нешто велам. Има две работи со кои сфаќаш дека течат годините, за кои можеш да се определиш. Можеш да старееш или да пропаѓаш. Многу е различно. Мислам дека има достоинствено стареење или пропаѓање, што се гледа на лицата на многу ликови кои се обиделе да одат против природата: види го Мики Рурк или Деми Мур или многу наши девојки кои се трудат да се „коригираат“. Ни фустан не можеш да коригираш, а не пак лице, а некаде да не згрешиш.

Тоа е и со градовите. Скопје не старее како сите градови, Скопје пропаѓа. Јас ненормално многу сум пишувала за Скопје. Го знаев секое ќоше. И одеднаш сега мене ми треба огромна енергија и психичка подготовка за да се натерам да излезам на некое место.

Секому му препорачувам да си ги знае мааните. Духот и телото си имаат маани и никој однадвор не треба на нив да интервенира, освен нивниот носител. Јас си ги знам мааните. Нешто сум успеала да надминам, нешто не. Имам една слика од дете и понекогаш пријателите ги прашувам да погодат која сум јас на сликата… И тие што ме знаат, веднаш ќе погодат. :) Тоа е табиет. Знам да бидам намуртена, да се налутам. Нема да вреѓам ама знам да се налутам, да ќутам, знам да ти кажам работи кои не сакаш да ги слушнеш. Порано помалата ќерка постојано ми велеше кога ја прашував зошто некои луѓе така реагираат на мене, „Ти ма мамо знаеш како ги гледаш?“. Сè уште сум намќор, злопамтило, понекогаш мислам дека само јас знам. И многу често ми се случувало, во ситуации кога луѓе прв пат ме гледаат или не ме знаат, да морам тој прв впечаток да го поправам. За жал јас самата тоа не можам да го видам зашто не е збор, па да го поправам, или навика, па да ја избегнувам. Затоа јас воопшто не се согласувам со онаа изрека „Нема втора шанса за прв впечаток“. Секако дека има втора шанса за прв впечаток, односно секоја наредна средба или можност е нова шанса самиот да се поправиш или нештата да ги поправиш. На пример, не ги носи облеките од своите ќерки, штом ќе наполниш 35 не носи халанки и маица, гол стомак, мини без хулахопки… ако самиот не се гледаш, другите се тука да ти сугерираат.

Многу често сакам да одам на сигурно во облекувањето: униформата – црн костум бела кошула, фармерки- бела маица, црни панталони – бела кошула и шамии и шалови, многу шамии и шалови и корпи, иако не одиш на пазар. Па наполни ги корпите со цвеќе и зеленчук и така прошетај по улица и тоа би било слика на уличната мода во град во кој уличната мода е кафеанска мода зашто на улица се само оние кои немаат автомобил или мораат да поминат неколку чекори. Врз основа на она што се движи по улица не можеш да сфатиш како е облечен градот.

Сепак има девојки и момци на велосипеди кои го нарушуваат овој лош градски мизансцен и среќна сум поради тоа. Им се виорат фустанчињата, корпите им се полни со зајре, а момците ќе профилираат со најнов модел патики и пантолони со војнички принт во правец на паркот. По некој од нив ќе отвори книга, ќе летаат змејови со децата и тоа е таа убава градска слика, вистина, една од ретките. Може со неа треба да се тешиме и таму да го бараме стилот на облекување на скопјани.

Мечињава многу ги сакам. Тие се милениумските мечиња на стоковните куќи Printemps.

Оваа книга ја обожавам, а исто така и филмот.

Во Скопје не одам во шопинг со намера. Купувам ретко и само ако случајно налетам на фустан, шал или очила за сонце. Во продавница не поминувам повеќе од половина час особено што ние имаме само молови. Немаме продавници, стоковни куќи, уредени излози, љубезни продавачки, некаде каде што ќе ти е мерак да шеташ и по нешто да купиш. Една година посетив една другарка во Стразбур. Беше голем студ и не можеше многу да се шета по улици. Затоа секој ден одев во нивната стоковна куќа „Галери Лафајет“. Шетав по штандовите кои постојано ги менуваа. Едноставно се чувствував како што би рекла Холи Голајтли во „Појадок кај Тифани“: знаеш дека таму има само љубезни луѓе, убаво мириса и не може ништо лошо да ти се случи. Толку убави предмети собрани на едно место те расположуваат, те радуваат, не мораш воопшто да ги купуваш. Тоа му недостасува на Скопје. Чевли не можеш да најдеш. Што не се на платформи или на гума. Среќа што барем патики има. Адидас со животински принт, на пример. Не ги соблеков цела зима. Си купив и исти чорапи. На продавачот му велам стара сум за ова а… а тој се смешка и вели, не напротив… но такви продавачи ретко се наоѓаат. Нашите продавачи се мачат. Ретко ги интересира дали ќе купиш или не. Постои таа една дистанца продавач – купувач зашто сме затворени, главно проблемите си ги носиме и на работа и кога купуваме, па како да не сакаме да си пречиме едни на други, се избегнуваме. Купи нешто ако ти стои и бегај.

Затоа ми се мачни тие купувања со намера. Секој роденден се честам по нешто: бидејќи е август секогаш има нешто на попуст. Имам неколку убави кошули од секој 9 август. Мајкл Корс, Кавали. И тоа се ретки брендови во мојот плакар, купени неодамна. Не патам од тоа. Купувам ако е на 70% попуст и ако е убаво. Понекогаш на продавачите им велам дека да купиш во овој град на оваа сиромаштија капут од 1000 евра или чевли од 600 евра е грев. Навистина. Срамота дури. Не сакам никакво лого, ниту да бидам нечија подвижна реклама, ниту да купувам за да покажувам социјален статус. Во 21 век никој не би требало да си ја зголемува цената покривајќи се со брендови. Тој си што си. Привлекувањето на внимание со бренд трае пет минути.

На четириесет можеби сè уште можеш да се глупираш, на разни начини да се бараш. На педесет веќе потполно ти се менува животот, хемиски. И кај мажи и кај жени. Бегбеде вели дека не си на половина живот туку на две-третини.  Според мене, човек до четириесет веќе треба да има некоја насока и план. Јас генерално сум одела без план. Во оваа средина многу тешко се старее зашто не е приемчива за тие луѓе. Постои кафеански живот и ништо друго. На пример во Берлин кога ќе одиш, гледаш уште од мали како одат во школи за готвење. Јас сум „умрена“ на пример, сега би одела, да има таква школа. Овде нема никаква школа, за ништо. Има за јазици, за што ми е мене за јазици? За да одам некаде надвор да живеам? Смешно е. Да тврдиш дека ова овде е нормално е штетно за средината. Да кажеш на некоја жена која има 150 килограми дека супер ѝ стојат хеланки е штетно за неа.

Во цивилизирани држави жените успеаа да се изборат кога ќе основаат семејство, да имаат сите исти права во куќата. Сите учествуваат во животот и во секојдневието: заедно чуваат деца, заедно готват, заедно куќат куќа. Сите имаат право на живот и да бидат она што се, да се остварат професионално и лично. Не е поентата на феминизмот во влакната под мишка или во возењето автобус од жени. Искрено се надевам дека наредните генерации ова ќе го научат, доколку не се иселат. Зашто тенденцијата е таква. Како животот да е на некое друго место, така многумина се однесуваат. Како за таму некаде да се спремаат.

Се надевам дека Скопје во иднина поубаво ќе се носи, а и ние со него.

Еден миг храброст или цел живот каење. Отсекогаш бил тој изборот за сè.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply