Седеше на шанкооот сама негде после 2… Не не, стоеше на коњопојот (наспроти мене, во друштво) негде после 22, интелектуална згодна и замислена. Штрчеше со аура и стајлинг „крзно и шнолка на шишките“ ала исконската фигура на Гвинет Полтроу – „Маrgot“ во The Royal Tenenbaums, загадочна и загонетна. Ја познавам само 2 „пати“ и не само поради тоа, таа е загатка. Насмеана, но ретко зборува. Делумно можеби затоа што зборовите не се за да се расфрлаат туку-така, можеби пак дека едвај се познаваме, делумно можеби поради околности како жустра забава од претходната вечер и мамурлаци или, едноставно, поради тоа што таа е тоа што е. Што знам? – Речиси како винтиџ фотографијата што ви е најдрага од кутијата кондури накрцана со стари фотки: неповторлива „сцена“ од друго доба, ќутлива а толку пораки, со душа, мила и необјасниво привлечна. Некоја свежа, инспиративна „класика“, некој редок успешен нео-винтиџ, како некоја… што знам? – Загатка.

Најчесто сум во фармерки и патики. Мене да ми е удобно, да е широко. Секогаш гледам тоа што го носам да е еден број поголемо на мене. Преку ден сакам да се осеќам опуштено, но и убаво во тоа што сум облечена, а за вечерно излегување знам и да се „скоцкам“ од глава до пети ама сето тоа да биде во мој стил.

Модата и музиката може да се каже дека се во доста тесна врска. Најчесто во тинејџерските години тоа е поизразено. И низ текот на времето, дооформувајќи си го стилот, музиката што ја слушам има големо влијание. „Заразена“ сум со некои постари бендови како Pulp, Modern English, The cure итн. Во последно време по дома се слуша фанки. Или ќе начекаме некоја плејлиста на Јутјуб и си „врти“. „Гранџ“ стилот сум го носела отсекогаш во себе. Изминатиов период е и доста модерен така што најчесто сум во таа „форма“.

Патикиве си ги зедов годинава од Бата и тоа брзо-брзо да не ми се продадат па да останам без нив. Прво имав бендисано едни слични од Zara,но како и секогаш, сè што ќе видам и ќе ме бендиса на нет кај нас го нема или го добиваат после 2 месеци. Па така си ги најдов овие и сум среќна што не ги чекав првите, зашто овие ми е 100 пати поудобни и поубави. :P

Летово треба да спремам и магистерска и ме фаќа паника :) Се смеевме со професорот, од лани до сега ми поминаа 100 идеи низ глава и конечно се одлучив. Ќе бидат double exposure фотографии на кои ќе има портрет и преку него залепена друга фотографија од пејзаж. Не можев да се одлучам меѓу тема портрети и пејзажи, па решив да ги спојам во едно. Нормално сето тоа ќе има приказна. Ќе фотографирам во Охрид на локации што ќе бидат некако поврзани со ликовите. Здравје, кога сè ќе е готово ќе ви кажам да дојдете на изложба :)

Tашничкава е на мајка ми но, јас малце си ја преправив во стилот на Carrie Bradshaw. Малецка е, а собира сè што ми е потребно и баш е женствена и шик. How to make: :) Одбираш неколку бои на лакови и ги нанесуваш на ташната како шкртаници. Ја оставаш надвор да се суши и, оп, имаш нова ташна за помалку од 2 сати :)

Идеи има насекаде околу нас. Тоа е исто како кога велиме „Ми летаа прашалници на сите страни" :) - Треба само да ги фатиме и да пробаме да ги реализираме. Некогаш треба и да се ризикува за да се успее. Не често, но имам и луди идеи за кои, кога подобро ќе размислам, си се чудам како можело такво нешто да ми падне на памет. Ама кога размислуваш отворено и сестрано може сè да ти дојде на ум :)

Кропнатава маичка ја обожавам и најмногу ја носам, на сè што имам со висок струк, било на здолниште, фармерки, шорцеви... не сакам топ зашто се осеќам премногу голо.Овој модел е таман како за мене направен. Малце ѕирка стомаче и струкче и тоа е скроз доволно. Башка натписот "Artist" ме опишува баш мене.

Добра шопинг зделка, хммм... без разлика дали имам за да си дозволам добар шопинг или не, задоволството е исто. И кога ќе си купам едно парче кое знам дека вреди и ќе го изнаносам, исто му се радувам како на 10 работи купени истовремено. На секоја купена ситница се радувам како мало дете и никогаш не купувам колку само да купам. Го земам она што знам дека навистина ми треба.

Панталониве си ги купив летоска во Охрид. Омилени ми се за на лето зошто се широки и лесни. Инаку, купени се од Пренди и се само 250 денари. :) За мене немаат никаква врска марката и цената бидејќи дури и во продавниците што ги викаат „нискобуџетни" најчесто се наоѓаат многу убави парчиња за малку пари.

Имам едни штикли, само за во зимо. Не сакам многу да се влечкам по гужви, на штикли, поготово не летно време... можеби се зезнав со првите штикли што ги купив, беа 10-ка. Се симнував со нив од дома до чаршија па, можеби, саат време! Ме зезаа, „излези си по патики а, штиклите во ташна за да си ги облечеш кога ќе стигнеш во град, па на враќање ќе си ги земеш патиките...“ Никогаш порано не сум сакала штикли и секогаш сум била на рамно. Но, секако, со тек на време дојде и тој момент. Ги немам во голем број бидејќи ретко ги носам и тоа е најчесто за вечерно излегување. Прикладни ми се со сè што носам и скоро секогаш ги комбинирам со фармерки.

Со фотографија почнав да се занимавам од средно, но тогаш не беше ништо сериозно. Се трудев да фоткам со обичен „идиот" апарат и ми успеваше. За факултет конечно си купив професионален апарат кој ми е секогаш на десното рамо. Фотографијата е медиум за изразување и комуницирање. Таа треба да пренесува некаква порака и тоа да биде со голема доза на енергија и стил.

Јас сум застаната на 23 години. Летото некој ќе ме прашаше колку години имам и му викам 23! Не бе чекај, 24 имам, ваљда. А бе години, што врска има. Сите ти викаат: „Еее од 20 до 25 се најубавите години.“ Кога ќе наполниш 30 ти викаат тие се најубави, фактички сите се најубави. Од 50-60 те тешат после, најубави години се и тие.

Дефинитивно се изразуваме и преку стилот, и оставаме впечаток но, не секогаш тоа е пресудно. За жал има многу конзервативни луѓе, особено кај нас, кои нè оценуваат според надворешниот изглед. Сум била во таква ситуација и навистина е смешно кога некој ќе те праша „А со стилов твој, шо праиме?" Да, јас сум успеала да изградам сопствен препознатлив стил и тој е мој, личен, и не сакам да ми се мешаат во тоа :)