„Која е Матеа? Ни јас сè уште не знам точно, да бидам искрена. Сè уште не можам да се дефинирам себеси. Секојдневно забележувам промени кои влијаат на таа ‘слика’ која ја имаме за нас.“
Јас би рекол дека таа е од оние луѓе кои едноставно зрачат со убава енергија. Толку природна и своја! Тоа секако ќе го забележите откако ќе ја запознаете. Како зрак светлина, нејзината аура што го обвива телото со широки, обоени светлосни прстени околу неа одразува најпријатни, прекрасни тонови.
Таа е инспиративна млада дама со изразена индивидуалност, романтичар, активист кој ја крева свеста за решавање на општествените проблеми со кои се соочуваат нејзините врсници, голем вљубеник во филмската уметност и ретка естета. „Ако некогаш направам филм, ќе се обидам да претставува визуелна поезија. Отсекогаш сум го сакала тој концепт затскриен преку ведра приказна“, ми кажа додека навлегувавме подлабоко во разговорот поврзан за нејзиниот креативен израз.
Всушност, разговаравме на повеќе теми, меѓу кои секако – нејзиниот стил. „Широки панталони, долги капути, чевли во сите можни бои и шари, мантили, кошули, долги сукњи и фустани и голем број на обетки. Носам многу широки работи, но до граници каде што сè изгледа убаво и интересно. Иако си го сакам и често го применувам тој ‘батал’ стил.“. Хм, но тој на неа секако не изгледа неуредно. Напротив, секое едно делче e таму со причина. Во одличен склад, убаво прилагодено, никогаш вулгарно, секогаш со мерка и сенс и што е најважно според неа – комфорот. „Особено ми се допаѓа комфорот кој го поседува човек при носење на аутфитот. Поради облеката може да создадеме одредена слика, која не мора да соодветствува со вистинската. Тоа е и разликата помеѓу носење на трендови и носење со стил. Стилот е прикажан преку самодовербата која произлегува од комфорот, оној што човек го носи со себе додека носи одреден аутфит.“ Тоа е „тајната состојка“, зарем не?
.

Уште од мала сум покажала љубов кон глумата, актерството. Одев и на класичен балет три години. Уште од мала ми викаа дека сум била драматична, па мајка ми најде студио за глума и се запишав, мислам во второ одделение. Одев долг период, околу седум години и бев решена да студирам во „Есра“ за актерство. И така всушност се запишав во француска билингвална група во средно, демек ако отидам во таква ќе имам поголеми шанси за Франција, за „Есра“. Но, со тек на време некако се изгуби желбата. Мислам не желбата, таа постои, но сметам дека актерството или глумата не е нешто што се учи, не треба некој да те научи, или го поседуваш или не.

Потоа, почнав да одам на „Џифони“ фестивалот. И така некако стекнав љубов и кон режија. Годинава нè одбраа неколку претставници, бевме во Италија, ја претставувавме Македонија. И запознав еден од моите омилени режисери – Keith Behrman. Не е познат. Од Австралија е. Обично кратки филмови прави. Многу го сакам човекот. И таму се прикажуваше негов филм, јас му поставив неколку прашања. Всушност не му поставив, туку се тресев додека да ги поставам. :) Навидум се многу едноставни неговите филмови, а всушност има толку многу метафори. Некако нема конкретна порака која пробува да ја пренесе туку зависи од гледачот, како тој ќе ја сфати. Некој од тимот што бевме таму му спомнал дека сум му голем фан и тој ми пријде и ми рече: „Слушнав дека си ги гледала моите кратки филмови“. И тоа ми беше најубавиот момент во животот. Ова е сликата за спомен. Со Чичовски до мене. И тој е режисер.

Мајка ми не ми даваше да си ги купам панталониве бидејќи не сака да носам земјени тонови ама јас многу си ги сакам. И долго време се убедувавме, околу еден месец. На крај ги купив и од тогаш ги немам извадено од мене. Кошулата е на мајка ми, си ја купи кога бевме заедно во Хрватска. Она ја има облечено еднаш, јас едно илјада пати, така што моја е, готово.

Обетките се на баба ми. Од нејзино време се. Кај нас така се разменуваат обетките низ генерации, како некоја традиција. Прабаба ми на баба ми, баба ми на мајка ми, мајка ми на мене. Мислам дека јас ќе бидам последна генерација бидејќи сè губам. Тоа е „мал“ проблем. А, мајка ми ги чува и има една голема кутија. И не знам, дали ѝ реагираат ушите, па не може да ги носи и сите кај мене одат.

Зборувавме баш со другарките на тема кој ни е инспирација за стилот. Не знам, никогаш не сум имала некоја личност како инспирација туку повеќе архитектура и филмови. На пример, многу често кога одиме во друг град, едноставно се прилагодуваме на местото и гледаме мала промена во начинот на кој се облекуваме. Затоа мислам дека всушност архитектурата која постои во градовите многу ни влијае. И така некако, како што одев во Италија и Франција, приметив како ми се менува начинот на облекување. Како што почнав да гледам филмови на Бертолучи, доживеав целосна преобразба. Да, филмовите премногу ми имаат влијаено. Сцените. Не мора да е одредена личност туку како филмот те тера да се чувствуваш.

Чувствувам како стилот ми се оформува секојдневно. За разлика од пред еден месец гледам голема промена. Не памтам кој, но ми има речено дека сум се облекувала како француски хипстер и секогаш сум го сакала тој опис, така што тој го користам. Иако Франција не ја сакам како држава во глобала. Некои работи се многу извештачени.

Јас сум голем противник на глобализацијата. Мислам зависи до кој степен. Сметам дека се губи специфичната култура и различностите и ја нема автентичноста на секоја држава. Тогаш која ќе биде смислата за посета на друга држава, ако секаде е истото? Имав еднаш презентација баш на таа тема. И дефиницијата за глобализација беше – свет без граници. На некој начин е добра бидејќи има шанса за развивање на сите држави и места. Но еве, ние ги имаме прифатено најлошите аспекти од неа. Кај нас моралните вредности, што порано многу повеќе ги имало, сме ги замениле со некои што не би требало да ни се репер. Ако веќе се прифаќа нешто, барем нека е позитивно.

Голем романтичар сум по природа иако тоа не сакам многу често да го изразувам. Не знам...некако никогаш не сум ја покажувала таа моја страна. А уште од мала сакам романтични филмови. Европски. Не сакам американски филмови, и американската филмска уметност не ја ценам баш. Сметам дека има два типови на филмови – оние направени за душа, за да те „допрат“ и оние кои едноставно се направени само за профит. И во американските филмови го гледам баш овој вториот тип, за разлика од европските. Европските се на многу поразличен начин правени, секогаш има некоја затскриена порака. Ништо не е случајно. Секое едно малечко парче стои таму со причина.

Не би студирала режија. Сметам дека кога нè учат на тоа се губи нашата специфичност и индивидуалност. Се наметнуваат ставови. Кога бевме во Италија, еден режисер ни зборуваше на таа тема и муабетот се водеше дека филмските студенти или оние кои се вљубеници во филмот, не треба да го студираат тоа туку едноставно да почнат да се бават со тоа, ќе се пронајдат себеси. Зашто сите имаме различна дефиниција за квалитетен филм и различен сензибилитет. И различен начин на кој ќе го доживееме.

Имам навика кога е убаво времето да го искористам за возење точак или денско кафе. Започнува да се создава точак-култура во градот и тоа многу ме радува. Често знам да се задлабочам во некој филм. Одам на курс по француски јазик, пробувам да си го усовршам францускиот, иако италијанскиот ми е единствена љубов. Италијански не знам многу, ама како тргнало мислам дека тоа брзо ќе се промени. Во последно, дел од слободното време го посветувам на истражувања за факултет, ама не ми оди баш најсјајно. Верувам *читај се тешам* дека спонтаните одлуки се најправилни, па пробувам да не се вознемирувам толку многу.

Особено ми се допаѓа комфорот кој го поседува човек при носење на аутфитот. Поради облеката може да создадеме одредена слика, која не мора да соодветствува со вистинската. Тоа е и разликата помеѓу носење на трендови и носење со стил. Стилот е прикажан преку самодовербата која произлегува од комфорот,оној кој човек го носи со себе додека носи одреден аутфит.

Од кои парчиња се состои мојот типичен дрес код? Широки панталони, долги капути, чевли во сите можни бои и шари, мантили, кошули, долги сукњи и фустани и голем број на обетки. Носам многу широки работи, но до граници каде што сè изгледа убаво и интересно. Иако си го сакам и често го применувам тој „батал” стил.

Имам две многу блиски другарки, со едната се дружам долго време, а со другата пред некое време се здружив скроз спонтано и ептен си се дружиме и си имаме некоја традиција, секоја недела сабајлечки одиме на кафе. Обично во „Излет“. Првиот пат бевме таму и така ни продолжи како традиција. И памтам се појавив баш во црн фустан и првиот коментар беше: „Леле како вдовица си“. И така малку ми се сруши меракот ама добро, потоа сепак добив комплименти, така што не беше страшно. :) После пак си го облеков и си го носам.

Никогаш не би ставила минич на мене. Едноставно јас не се чувствувам убаво во тоа парче. Не го гледам вулгарно, ако некој сака да си носи. И тоа е посебен вид на самодоверба. Но, јас не сакам кратки сукњички, повеќе сакам мистериозност. И не мислам при тоа да се покриеш целосно. Но, да се остави нешто на имагинацијата, да не е се „on the table“.

Ако некогаш направам филм, ќе се обидам да претставува визуелна поезија. Отсекогаш сум го сакала тој концепт затскриен преку ведра приказна. Моментално сум дел од еден проект кој иако не е многу професионален, сепак сите ангажирани целата душа ја имаме оставено. Проектот претставува кратка серија, во која се прикажани најмрачните агли од животот на младите. Концептот сам по себе ми претставуваше голем предизвик, не знаев дали ќе успее сè тоа хармонично да се поврзе. Но, отприлика сите ги делиме истите ставови за ваквите општествени проблеми и тоа ни беше клучот за успешна работа. Секоја епизода има различен режисер и актери. На тој начин доаѓа до израз автентичноста на секој од нас поединечно.

Јас сум задолжена за режија на една од епизодите. Се зборува за следниве проблеми: врсничко насилство, користење на интернет за погрешни цели, ширење на дезинформации, соочување со неправди и корупција. Сметаме дека ова се проблеми кои иако добиваат внимание, тоа не е доволно. Сите сме слушнале или пак лично знаеме врсници кои се соочиле со некој од овие проблеми и не се нашло трајно решение. Најголем дел од приказните се инспирирани од вистински случки. Целта е да се обидеме да ставиме целосен крај на ваквите апсурдни ситуации, бидејќи на крајот на денот и мала позитивна промена може да смени нечиј живот.

Еднаш ми кажаа: „Можеш да сакаш филм бидејќи едноставно е интересен или пак бидејќи те „допира“. Можеш да не го сакаш бидејќи не е добар или пак бидејќи буди некои внатрешни дилеми.” Сметам дека баш ова последното е „тајната состојка” за добар филм - влијанието и промената која несвесно ја создава во нас.

Три мисли што ми пролетуваат низ глава во моментов? Сакам моментално да ја слушам “Cheers darlin” во некоја куќичка во Јужна Италија. „Marriage story“ треба да добие Оскар за “Best Picture”. Интуицијата ми кажува дека Honeyland ќе добие Оскар. Една бонус: Треба повторно да отворат „Киоск“ во Аеродром!

Би сакала да студирам во Лил, во Франција. Бевме годинава на екскурзија и останавме околу четири часа. Имавме слободно време за прошетка и за одење во некој mall. Неколку другарки останавме што си шетавме низ градот. И дали дека некако таков беше амбиентот, северна Франција, врнеше, сè беше убаво, така, млади луѓе, убаво облечени и некако енергијата ми се допадна. Јас обично го бирам градот, па потоа факултетот. На крај, можеби ќе си завршам тука, па зошто да не?

Ама баш сè ми се допаѓа во Скопје, освен новиве „модернистички” згради кои се прават. Ептен ми се бездушни некако, не му прилегаат на нашиот град. Како „мое” место си ја присвојувам Железничката зграда. Сите блиски ги имам барем еднаш однесено да ја видат, главна туристичка атракција. Дури и станарите се многу фини, дозволуваат да си поседиш на клупите додека паѓаш во несвест од восхит.