По вокација, Ивана е филозоф… и, е во многу недоумици и дилеми…и можеби затоа упорно поставува реторички прашања како: „Зошто? Зошто тоа мора да е така?!” И се насмевнува весело, со светнати очи, секој пат кога ќе ги изговори истите… патем, брлива е и изгледа како да има, не повеќе од 15 години; генерално, ја краси онаа детинеста аура. Но штом прозбори, нејзината зрелост и начитаност неизбежно ги забележувате… и’ успева најтешкото: ги балансира карактеристикиве со толкава леснотија! Филозофските прашања согледувате дека се само нејзини сопствени „узречици”, односно вчудовиденост или воодушевување на конкретен предмет или тематика; се подразбираат нејзината духовитост и дискретна, речиси невидлива, иронија…
По хоби, таа е љубител на екстремните спортови. Поекстремно, таа се бави со нив! Малку се извртени нештава тука: хобито повеќе се поистоветува со нејзина професија, додека универзитетската диплома по филозофија и љубовта кон читањето би биле нејзино хоби!:)
Не поседува фустан со цветни мотиви во плакарот… не поседува фустани! Не видов ниту потпетици… ни маскара, ни кармин наоколу… Но верувајте, знае толку добро да ги усогласи боите и да ја склопи комбинацијата, за 2 минути! И Ве уверувам, ќе биде попривлечна од кој било распафтан флорален мотив со кој ќе се разминете на улица! Некако зрачи одвнатре, поинаку (и знае да си се „носи” и без шминка)!
Кога сме кај оригиналноста: Ивана знае како да залепи шмиргла на скејт! Девојки, некоја друга знае како да го направи истово?! -Не Ве слушам?………….(молк)……….. – Знаев. Ивана е единствена. :)
Ајде заедно да ги разгледаме двата „аспекти” на Ивана.
1. Детинестото: Сака чудовишта и други неартикулирани суштества како принт, ОК; навистина го сака и логото „уста која вришти”….највеќе сака ѕвездички! Серијалот „Ѕвездени патеки”, исто така го сака. – Детинест? – напротив! Кој вели дека цртаните денес, анимираните филмови и стриповите се воопшто за деца?! “…„Омилена меѓу суперхероите ми е херојката Wonder Woman од DC Comics! И Tank Girl, нормално! :) Ги сакам и ликовите на Марвел али, ДС ми се боље пошто имаат појаки суперхеорои, како на пример, Супермен! А сите знаат дека тој е најјак!” (токму така, само еден е Суперчовек!) И, секако, длабоко е приврзана за своето семејство…
2. Возрасното: Меѓу тетоважите го „има“ и Ниче, има и репродукција на дело од Фрида Кало… со чие творештво Ивана е детално запознаена, a e далеку од инфантилните тематики. Буковски? Исто така…Неколку пати муабетите спонтано кулминираа со аргументи околу најистакнатите жени од минатиот век; воедно, феминистичкото движење е исто така од нејзин посебен интерес. Еден куриозитет: Ивана ја карактеризира накратко, релаксиран стил на облекување. Но и’ се допаѓаат комбинации „во тон”, oсобено кога патува! Tаа им оддава почит на местата што ги посетува, на оригинален начин: Нејзиниот стајлинг, меѓу другото, мора да е во согласност со градот во кој се ноѓа во моментот! Така, мотивите што преовладуваат на облеката мора да соодветствуваат со самиот град; на пример, Ајфеловата кула фигурира на чорапите за дента низ Париз; маичката со принт „Peaches” е за во Берлин, каде што живее пејачката (иако, канаѓанка по потекло), итн. Ви спомнав уште на почетокот: таа совршено го балансира својот свет на „младо-старо”: беснеат фиктивни суперхерои, фрчат екстремни спортови, се насетува нео-хипи начинот на живот и, прострујува, меѓу редови, феминизмот… позитивни вибрации, патувања, и мнооогу книги… н.з.с. за Ивана од екстремиве? – Исполнета одвнатре, сепак умерена и ведра.
Се мислев но, сепак, на крајот би ја додал забелешкава: Навистина, по малку е и срамежлива… и смета дека: „без раце не се може но, сосем ми се непотребни и не знам каде да ги сместам кога ме сликаат со фото-апарат!” :)

Ми се смееја другаркиве... еднаш правевме журка на тема „анимал принтови“ и другарка ми ми кажа, „оди до Певекс, има едни добри панталони со леопардски принт...“, и влагам во Певекс, гледам полно жени, купуваат, а јас (на 28 години) стојам и... вртам на телефон: - „Биља брат, кај се панталоните?“ - „Кај си?!“ - „Еве сеа влегов во Певекс...“ - „Кај си точно?“ - „До касата сум, право пред мене има панталони ама леопардовските не ги глеам...“ - „Значи, не си нормална! Тргни право, застани пред панталоните и почни да ги бараш!“ - „Чекај малку, стој на линија!“ Инаку, Певекс ми стана хит, топ работи се наоѓаат!

Почнав да пирсам од многу мала, на 16-17 години. Почнав кратко после тоа да работам паралелно и во Меднес скејтшопот, па факултет и сето тоа одеднаш ми дојде многу напорно. Нон-стоп бев навака-натака. Пирсањето го работев од љубов, земав колку за да можам да купам нови игли. Доаѓаа кај мене деца за пирсање па им давав пари за такси да си отидат до дома, дури им ги враќав и парите назад.

Каналов, беа два во пар, ми ги донесе дечко ми од Шпанија. Пред неколку лета на одмор, отидовме и до едно сурферско градче близу Бордо, Франција кое излага на Атлански океан. Пред нас го гледавме само океанот, сурферите и толку...рај! Брановите буквално не „акаа“ од земја, повраќавме вода ама вриштевме од смеење! Така го изгубив едниот канал... четворица машки беа околу мене инаку готово, ќе се расплачев! Отидовме потоа и во Љорет, до продавницата од кај што ми ги купил пред три години и си купив други затоа што немаше повеќе како овие. Инаку сакам ѕвездички, многу.

Маиците сакам секогаш да се со кратки ракави, тесни и долги, обични... и сите ми се исти, обични, класични. Многу сакам маици. Ги имам многу! Маици имам цел живот! Сите пари во принцип си ги трошам на маици! И на патики. И на каиши. На ништо друго. Трики сум“, Стар Трек ги сакам! Морав да најдам маицава...

Маица од Пети Смит, не ми се веруваше... многу ја сакам Пети Смит! Ја купив само затоа што е она на маицата и премногу ја сакам; инаку никогаш не би купила ваков модел, oтворена на едно рамо, што паѓа и ми комплицира што да носам под неа... Сакам поедноставно да ми биде кога се облекувам, не сакам комплицирани работи.

Каиши имам... цела вечност! Каиши, каиши, каиши... и патики. Мислам дека никогаш нема да имам доволно каиши, и патики. Омилен ми е тој со нитните, го направив за мојот омилен братучед. На обичен каиш ги ставав нитните една по една. Потоа ми го даде затоа што многу му се допаѓаше како ми стои, а и јас многу го сакав. Уште еден убав каиш и мој втор омилен е виолетово-зелениот, поради боите.

Виолетова и зелена ми се воопшто омилени бои. Имам и розево-зелен шушкавец, и еден дуксер во истите бои. Ми се случува да ги носам во комбинација и каишот и дуксерот и шушкавецот. Сакам да носам истовремено работи што се во иста боја. Знам и да мешам бои, без да се потресувам дали некоја боја одговара со друга.

Истиве Reef апостолки ги имам 3-4 пара во различни бои. Закон ми се! Тоа ми е „момент“, со гардеробата, што купувам исти работи во различни бои. Ако го нема во друга боја тогаш го купувам уште еднаш истото, во истите бои или го купувам во друга големина. Обично машките се такви, кога нешто ќе им се погоди го купуваат само тоа, тоа, тоа...

Кога бев во Берлин ја облеков маицата со Peaches затоа што таа е од Берлин. Покрај Пети Смит, Peaches ми е една од омилените изведувачи. Стилот на музика си повлекува и некаков стил на живеење, стил на облекување што и не мора да значи дека е правило. Mислам дека има нешто во тоа „You are what you wear.”

Откако почнав да се тетовирам, ги однесов и сестра ми и зет ми и мајка ми на тетовирање. :) Се на се’ имам 8 тетоважи. Еднаш кога ќе почнеш да се тетовираш инспирацијата сама доаѓа. Прва тетоважа ми е буквата Д (Даниел) во ѕвeзда. Таа ми е и најомилена бидејќи после 12 години Даниел остана љубовта на мојот живот. Од внатрешната страна на десната рака ми стои цитатот од Маркиз де Сат „It is always by way of pain one arrives at pleasure“.

Бијонсе е шизик и никој ништо не може да ми каже! Еден период пуштав музика и пуштав песни само од женски изведувачи, такви „феминин“ бендови од 80-те, панк и поп. Има некаква тесна поврзаност со мојот интерес за феминизмот; почитувам жени уметници, музичарки што и да се... и тетоважата на грбот ми е „Тank Girl“, супер херојка најоткачена, нај „ѕвер“...и нормално, Фрида Кало.

Марамава и каишов ми се за сноуборд. Имам приметено дека си имам некои комбинации што ми се омилени... ако некое парче ми фали од целата комбинација, тогаш не ја носам. Макар и да фали само долната маица што секогаш ја носам во истата таа комбинација, нема шанси да облечам некоја друга маица! Секогаш, под секоја маица носам маица на прерамки што е подолга од таа одозгора. Многу сакам слоеви; на пример, носам подолга, одозгора друга пократка и врз неа уште пократка маичка и сакам сите три да ми се гледаат.

Омилено лого ми е ова со ракава, на Санта Круз. Ретро лого е, „Screaming hand“... имам многу маици со него ама пола ми се кај мајка ми и кај сестра ми. Знам да спијам во една маица вечерта и да излезам со истата сабајлето. Не се потресувам многу за такви работи. Ова на мене ми е маичката за спиење... ќе ме утепаат од Квиксилвер! :)

Откако се преселив од дома, сестра ми се налути... „-Си одиш ти и сега ќе немам што да носам! Треба да седнеме еден ден и да одлучиме што ќе понесеш со тебе а што ќе ми оставиш.“ :) Еднаш пред да оди на одмор ми ја зема пола гардероба! Сестринското ривалство мислам дека никогаш не бега... сестра ми е госпоѓа ама кога не е облечена така, облечена е во моите работи и ги сака. :)

Погледни, те молам. Значи, те молам! Што е со ликовиве?! Види, леле! Му го скршило ноџето и ова бега такво исплашено, крваво... и го лови, девојчево го лови со ласо! А што бара чавкава тука, те молам кажи ми?!! Види, стои и ги гледа, види го девојчево со ноџето во рака! - Најбоље маица! Другар држеше скејт шоп, имаше парчиња и на „Rope“. Моментално во Скопје не може да се најде овој бренд.

Мајка ми е мајка ми, и ништо друго. Многу е срцка, има и добро „стилче“. Психолог е, закон жена е! Многу е убаво да имаш мајка психолог. Тоа е тоа што треба во светот, повеќе луѓе како неа... татко ми ја вика „жена за сва времена“ и во пар со него се „партали“! Многу се сакаат, поим ми се за вљубен пар, и после 100 години. Опасна банда се! Секогаш, попрво би избрала да отидам на одмор или на викенд со нив, отколку со други... се’ уште се забавни, многу! Дури и друштвото мое сака да се дружи со нив. Со татко ми имам пораснато затоа што бев „син“ на татко ми. Јас личам на него а сестра ми на мајка ми. И како растевме јас станав мајка ми а сестра ми стана татко ми... Сега сум иста мајка ми.

Овие патики ми ги купи дечко ми затоа што многу сакам Најк. Луѓето се делат на „Адидас“ и на „Најк“. Адидас се можеби по „оld school“ ама Најк се многу пошизички, нели?! Имам другарка што е „болна“ по Адидас, и цело време се препираме, си препраќаме слики од модели на патики... „А види ги овие какви се!“ – „Не не, види ја ти целава колекција...”

Купував нешто за внук ми од оделот за деца на Теранова; го видов и маичево таму и си го купив за мене. Многу сакам суперхерои, опседната сум со нив. Со „Мarvel“ не стојам толку добро „DC Comics“ ги сакам повеќе... Знам само дека Супермен е најјак, толку знам. :) Омилена ми е, нормално, Wonder Woman.

Јас сметам дека секоја жена е феминистка. И тоа не е ништо страшно, за разлика од популарната дефиниција „исфрустрирани мажо-мразачки” (ако тоа воопшто е збор). Според мене, најголемиот проблем кај нас е необразованоста. И на жените и на мажите подеднакво. 21-ви век е, а кај нас се’ уште постојат жени кои немаат завршено основно образование; главната причина е тоа што не им дозволуваат татковците, мажите и тоа е тажно бидејќи тие жени не познаваат ништо различно од нивниот живот и веруваат дека тоа е улогата на секоја жена. Јас имав среќа да раснам во семество со прекрасни баба, мајка и постара сестра. Тие се причината поради која верувам дека секоја жена може многу повеќе. Секогаш кажувам, ако постојат повеќе жени како мајка ми и повеќе мажи како татко ми светот ќе биде многу поубаво место за живеење.

Амстердам е „крај“! Се заљубив во Амстердам! Поинаков е во поглед на луѓето, културата и манирите кои се основа и го прават човекот „убав“. Таму го има тоа. Сите се фини, културни, убави. Кај нас кога некој ќе ти отвори врата за да влезеш се прави „шизик“, додека кај нив тоа е природно. И колите немаат никакво право во сообраќајот. И цел ден ќе чекаат додека не поминат сите точаци и пешаци. Луѓето изгледаат стварно среќни, и да не е така... спортуваат, трчаат во парк, се чувствува некоја убава енергија. Во Амстердам жените се катастрофа! Мажите се тие што многу се средуваат, има многу убаво облечени мажи...

Портретов на Фрида Кало, го добив пред две години на награден конкурс. Eмилија Пендева имаше напишано на фб дека по повод тригодишнина тетовирање доделува награда - гратис тетовирање на најдобрата идеја за тетоважа што некој ќе и’ ја предложи. Не пратам никогаш такви работи ама тоа попладне немаше работа и беше толку досадно па си реков „ај и така сакам тетоважава да ја правам, ќе и’ пишам“. По неколку минути ми стига мејл назад од неа „Леле не ми се верува, мора да ја направиме, сон ми е да правам ваква тетоважа!“ Отидов кај неа на тетовирање и, јас се тресев, она се тресеше, двете бевме возбудени како мрднати! И ја направи „партали“! На лице место ја осмисли! Ми ја правеше 6 саати... и само што излегов од кај неа, ми заѕвони ти.

Сите фармерки ми се многу смкнати и многу ми е битно долната облека да е шарена затоа што секогаш ми „ѕирка“. :) Битно е ако веќе се гледа, да биде добра или барем шарена. Тесни фармерки, во принцип сакам тесни... Сите ми се „Independent“ и ми се скејт фармерки и тесни како овие. Гледаш, истите фармерки различна боја. Вакви фармерки имам уште 3 пара во различни бои, истиот модел, секогаш. Во однос на еволуирање на стилот ништо посебно не е сменето, само фармерките станаа потесни. И хеланки! До пред неколку години да ми кажеше некој дека ќе носам хеланки ќе “умрев” од смеење. Ама ете... и тоа се случи.

Кај и да одам секогаш ќе му се вратам на Скопје! Јас сум од тие луѓе што многу го сакаат градов со сите негови убавини и маани. Во последно време слушам многу муабети дека Скопје не е тоа што беше, дека ја изгубило магијата и не знам што. Нормално дека не е тоа што беше, и ние не сме тоа што бевме. Не викам дека не претеруваат со језиви грдосии од градби и милион споменици, но тоа не е причина да се откажеме од градов. Мирисот, енергијата, магијата, спомените никогаш нема да згаснат!
Saved as a favorite, I really like your blog!