Случајно наидов на фотографииве, едно службено зимско претпладне во вежбалната со пијано во МКЦ. Сместена голема картонска кутија на подот покрај прозорот накрцана со „хартии од заборавена вредност“: нотни тетратки, некакви мемоари, дипломи и купишта црно-бели фотки во неа со прашина „еден прст“. Знаев дека кога-тогаш ќе се вратам на истото место… едно пролетно претпладне, завчера.
И погодете што, кутијата беше се’ уште таму ниту цм померена, со два прста прашина и најважно, со потполно истата содржина. Во неа фотографииве што ќе ги видите тука и денес… макар што се само неколку од стотиците таму.
Токму во пресрет на „Здраво Млади!“ ќе ве почестиме со ова сосем случајно „откритие“, под сосем случајно-ненамерни околности: не којзнае колку афирмирани фотки, барем не меѓу нашите и малку поновите генерации, сепак од неопислива емотивно-историска вредност ако некој го праша „Скопје се носи“ за мислење. Директно (не од мобилен и не од дигиталени апарат) изворно од базата на МКЦ, „скриено богатство“ од аналогни фотографии од разно-разни изведувачи и артисти кои гостувале и настапувале низ годините во МКЦ, груба претпоставка повеќето од нив некаде во доцните 70ти и низ 80те години.
Вистина е дека не обезбедивме потполни информации и податоци за сиве фотки но токму во тоа и лежи убавината. Некои random, некои чисто онака, некои поради неверојатниот стајлинг, бакенбарди и бркови – ретро #throwback, баш во наше Скопје, во светото и култно МКЦ, тогаш „25 Мај.“
Како ентитет и творевина – „МКЦ“ – благодариме за сите облици и варијации на уметност донесени наминати, сретнати и неверојатно сплотени на едно место. И уживани. Благодариме неизмерно за културата и за свеста, зборови не се доволни.
П.с. Збор два од Грга, кумот на фестивалот што не сакајќи од обичен “поздрав до младите” се оформи и прерасна во фестивал со силна музичка програма стигнувајќи до дефиниција за добар провод“ – „Здраво Млади!“ Во друштво на Stephan кој дента пристигна директно од Берлин за #6 издание на „Здраво Млади“. Инаку, Stephan e германски фотограф кој се бави со аналогна фотографија и пристигна со 23 испечатени и врамени аналогни фотографии што тој ги има сликнато на Здраво Млади #2014! Kоја коинциденција, м?

(Скопје се носи: А стварно ти го имаш смислено името „Здраво Млади?!“ - Не, го имам украдено. Од флиперница во Кратово. Бевме, свиреа Bernays Propaganda во „Талисман“, еден минијатурен кафич во Кратово. И дечките кои го правеа концертот не шетаа низ Кратово. Беше и Пеце од „Суперхикс“ со нас а он е по потекло од Кратово. И Пеце го праша едниот од дечките, „Еј, овде беше Здраво Млади!“ и овој вика: Да, да, ама го затворија. И јас прашав, „а што беше?“- „Флиперница ама, викам, ја затворија. Флиперница една „Здраво Млади.“ Флиперана е тоа, флиперница во Кратово...“ А јас веќе имав букирано бендови за фестивалов. Односно, као во 2 дена правиме фестивал во МКЦ, не знаевме име...и, им реков „Еј ај да го 'цопнеме' името.“ Инаку тоа име, има и песна нели на Бојс, „Здраво Млади“ со група „Мадригали“ и така...Јас го украдов, да. Прашав дали може да го украдам и ми рекоа „ОК“. Украдено е, не сум го смислил. Еве го.“ - Грга

Грга: „Значи кога бил мал капацитетот на МКЦ, настаните се одржувале во салата на Работнички во Градски парк. Таму се правеле концертите, МКЦ ги организирал. И концертната сала кога не можела да собере толку луѓе, кога имало поголем интерес отколку што можело МКЦ да собере, ги праќале гостите во салата на кошаркарскиот клуб „Работнички“ во Градски парк: АЗРА имаат таму свирено, англичаниве металци...и мислам дека во СРЦ Кале. Јас сум тука од 1991-92, мислам како посетител нели, кога сум имал 12-13 години на „EKV“, Рокфест итн.