Something old, something new, something borrowed… така е.
Дел од сликиве ги извадивме од досието на Игор, отворено во 2012 година за Скопје се носи. Сликани тогаш, во неговиот прекрасен дом покрај река, со топол пречек во доцна есен, непресушни теми со саати уште од врата, генијална енергија и „out of the ordinary” инспирација. Да додадеме, и восхитувачки искрен и автентичен, со бистра мисла и питома жичка во говор, со шармантен SF нагласок. Mногу понапред од своето време, ако се водиме по неговиот изглед и vibe, всушност сликиве делуваат и современо. :) Десетина пак од сликиве ни ги позајми пред некое време лично Игор, за да навистина ажурираме но, не и да финализираме затоа што тој е несопирлив.
Доколку ја следите неговата кариера вперена кон универзумот, светлосни години напред, и, сте имале прилика да ви поприкаже за неговиот „свет“, ќе согледате дека е од ретките со мултидимензионална вокација, повозвишена од една сосем вообичаена дневна агенда. Еве една „капка”, речиси како со пипета обликувана, од сè по малку во неговиот океански опус од творештво. Се надеваме ги гледате во неа „спектрите“ од бои и форми, како се прелеваат и прекршуваат од светлината. Со драго срце „Скопје се носи“ ќе ја сподели со „жедните“ меѓу вас.
Еден од „пионерската“ инспирација на „Ск се носи“, со доверба во нас уште од пред „нашата“ ера. Битие и повеќе од „медиум“, Игор.

Кариерата ми почна многу рано, па затоа многу луѓе мислат дека сум многу постар. Средно училиште запишав во Скопје, а на 17 години отидов во Сан Франциско така што морав брзо да созреам. Со многу уметници не сме ни разговарале за годините. Јусеф Набил отсекогаш мислел дека сум постар, поради кариерата, во смисла на достигнувањата.

Верував во своите дела и знаев дека се зрели за да се покажат, а знаев и дека ако кажувам на кустоси од галерии дека имам 20 години одговорот ќе беше: „поработи уште неколку години па дојди“ ...па кажував дека имам 26 години а имав 20. Сега знаат и мило им е, но ми потврдија дека ако сум признаел за возраста ќе ми го кажеле истото, „дојди подоцна“. Иако отсекогаш сум бил искрен во сè, во уметноста можеби конкретно не сум се чувствувал како 20 туку позрело.

Повеќе не кријам бидејќи кариерата ми е на повисоко ниво и немам проблем. Имаше еден период дури и јас не знаев колку години имам. :) Мило ми е што сум кажал така, сум заштедил во години. :) Сега па ми викаат дека имам потенцијал за многу повеќе, кога ќе им го кажам портфолиото. Годините мислам дека воопшто не се важни. Има уметници кои почнале многу подоцна, а имаат сериозни вредности. Има и некои кои сè уште размислуваат дали сакаат да се бават со уметност, а мене тоа ми беше решено уште од почеток.

Уште од мал цртав, цело време. Отсекогаш, цртањето, уметноста ми биле прв избор. Сè што е поврзано со неа, од керамика до графика, сликарство, скулптура, сè ме интересира. Кога бев средно уметничко сакав да ја научам секоја можна техника и да ја владеам многу добро за да можам да комуницирам визуелно. Трета средно веќе знаев дека сакам да живеам и студирам во странство и напорно работев да го постигнам тоа.

Во контекст на современа уметност, перформансот почнал 60-тите, 70-тите. Има многу убава книга во врска со перформансот, „The Art is Body“, како телото се користи за уметност. Може да се види од Eнди Ворхол, што на некој начин е перформанс за фотографија, до Пјеро Манцони, дело кое се вика „The Art is Shit“. Исто така и Марсел Дишан кога со стакло затвора воздух, на пример, воздухот од Париз, воздухот од Њујорк, од различни места... кога тоа е изложено мислам дека има една таква посебна енергија, многу е инспиративно.

Работам многу медиуми и концептот и идејата доаѓаат први. Идејата е најважна, потоа користам материјали и елементи кои симболично ќе ја поддржат. Инспирација ми е Течинг Хсиех, кинески уметник; неговите перформанси траат една година, има една година перформанс, една година живот. Тој прави „check-in“ и „check-out“ на машини кои откуцуваат време цела година, значи не може да спие повеќе од еден час, не може да биде отсутен од просторот повеќе од еден час. Да гледаш такво нешто скроз лудо, за мене е инспиративно бидејќи кажува колку е умот силен и колку можеш, ако нешто намислиш, да го оствариш. И поради тоа перформансот е многу интересна гранка. Некогаш можеш да се фасцинираш колку телото е всушност само материјал, баш медиум.

2-димензионалниот проект прв пат го правeв во Чикаго, за Арт Институтот, на отворањето на Modern Wing музејот. Го имам правено 8 пати низ светот. Во Париз, по осум часа, во Сан Франциско три дена по три часа, во Шарџа, Дубаи во Њујорк и во Брест, Франција, Онасис Културен Центар во Атина и во Музеј на Современa Уметност во Скопје. Искуството е секогаш многу различно и реакцијата на публиката го прави перформансот. Следуваше потоа „Мanumission“, преформансот со сечењето и со коњските оглавници, како приказ на конфликти меѓу религии и изгорените слики. Тие се како еден циклус, одат заедно. Нареден беше процесот „Purification“.

„Purification“: Го почнав со перформанс - туширање за време на уметничката недела во Њујорк, на кој присуствуваа Јоко Оно и Марина Абрамовиќ, се вика „the tunnel space“. Ми дадоа посебен простор во галеријата да правам перформанс. Инсталирав туш и ги проектирав сите работи кои сакав да ги заборавам додека се туширав. Правев стаклени структури, како капка вода, на некој начин како холограм. Алудираа на индивидуализам, дали си свој или си баш како капка во река и постануваш ништо. Исто така правев и слики каде што телото кога доаѓа во контакт со водата ја менува енергијата. Сликите сами по себе се статична енергија на некој начин, и за мене е како симболизам на самата идеја. Потоа почнав со акварелите, бојата е емоција и се растекува. И тоа си е засебна серија.

Во Сан Франциско учев на Универзитетот „Academy of Art“, па се запишав на постдипломски. Во меѓувреме почнав да работам со Марина Абрамовиќ, работев со неа околу две и пол години, речиси три. Се запознавме во Мајами. Имаше силна енергија при запознавањето, дали бидејќи потекнуваме од иста територија или… посакав да се сликаме заедно, имав апарат, но, не сликаше. Марина рече, „има премногу енергија во просторот, дај му го апаратот на друг“... Беше ептен магично. И самата работа со неа и целото искуство, се восхитувам на тоа што го има постигнато како уметник. Беше супер, доаѓаше и на многу перформанси. Но, беше доста напорно бидејќи не само што бев уметник туку и курирав изложби, закачување дела, правев визуелни каталози, сè... и ми дојде премногу, сакав да се фокусирам на себе.

Бев дел и од нејзиниот филм “The Artist is Present“. Доби награда за најдобар документарен филм на „Берлин филм фестивал“. Се снимаше во "Мома". Прва беше работилницата – “Cleaning the House“, бевме 25 перформери. Не смеевме четири дена да јадеме, да зборуваме. Многу беше потешко да не зборуваш отколку да не јадеш бидејќи кога не јадеш сакаш да се жалиш, а не можеш. Имавме тешки психофизички вежби. Немавме мобилен, интернет, ништо. “Disconnected“ од светот тотално. И после тоа назад во Њујорк, каде што сè се движи. Првите неколку дена си “slow motion“, потоа пак се враќаш во нормала. Ова беше подготовка за перформансот во Mузеј на модерна уметност во Њујорк, и беше многу убаво да бидеш со луѓе кои го прават истото и нормално дека не сакаш да се откажеш... беше интензивно. Интересно е тоа што откако ни кажаа дека завршил перформансот и дека може да зборуваме, никој не прозборе веднаш, помина едно половина час. Убавото е што на некој начин си ослободен но во исто време и заробен, не можеш да јадеш, немаш мобилен, и после тоа ги вреднуваш тие работи.

Сан Франциско е идеален бидејќи не е толку голем колку Њујорк, има многу природа, луѓето се многу приемчиви, се чувствуваш добредојден, како дома. Се стремат да имаат подобар живот и не да ти ставаат пречки на патот. Таму научив дека егото е лоша работа... почнав да се дружам со други уметници и многу сакав да им помагам, без разлика дали е соработка или контакт. Мислам дека уметниците треба да си помагаат, се бориме заедно а не против себе. Секој си е уникатен на свој начин. Кај нас има многу талентирани уметници, но или немаат како да се пробијат или на некој начин се несигурни па се затвораат во себе или се еден против друг, што за мене е тотално трошење на енергија. А се случува, во секој свет, сигурно, па и во модниот. Мислам дека сите уметности треба да се „хранат“ едни од други за да се направи нешто силно.

Многу сакам асиметрични, некогаш минимални и чисти форми, без премногу текстури, најчесто црна комбинација, инстиктивно, ако ми се допаѓа нештото, го носам. Е сега, зависи кај си и која е поентата. Сакам да биде микс на елеганција со креативност. Како уметник би требало да бидеш искулиран во поглед на тоа што сакаш да носиш, ама сепак мислам кога се среќаваш со куратори или галеристи треба да го постигнеш тој чист изглед, сериозност.

Ми се допаѓа кога гледам убав дизајн на палто или што било друго. На некој начин во облеката се пронаоѓаш себеси. Не е само да си купуваш, некогаш едноставно е супер тоа што знаеш дека некој го дизајнирал парчето а ти си се поврзал со него, повеќе не е површно туку како да постанува дел од тебе. Облекувањето е важно. Имам пријатели во Њујорк кои се модни дизајнери...не знам дали знаете за Leigh Bowery, Александар Мекквин беше сосема инсириран од Ли, сите аутфити ги правел само тој да ги носи и многупати му понудиле да прави за "mass production“ ама не сакал. Сè што правел, тој го носел. И сите креации се дури скулптурални. Mногу колекции на Мекквин потсеќаат на тие на Ли. Има и цело движење во Њујорк. Повеќе го сметаат како визуелен перформанс, уметност, отколку како мода, a e поврзано со мода. Контекстот на неговите креации е „само за себе“. Неговиот живот постанува креација, секојдневни нови креации. Тука открив колку начинот на кој си облечен ти дава самодоверба, супериорност, луѓе дури и сакаат да се сликаат со тебе.

Благодарение на моите пријатели сум имал прилики да присуствувам на модна недела во Париз. Бев и на „Masquerade party“, онаа за „Grazia“. Сите гости беа со маски на лицето, меѓу кои и Кејт Мос и Наталија Водјанова. На after party на Фенди, каде што свиреа Duran Duran. Живанши секогаш правел најшик забави, на кои одат не само модели, туку и глумици, пејачи итн. Дотерани луѓе, кој од кој...модели облечени во „Живанши“ е како да гледаш „aliens“, скроз. Дури и тие од обезбедувањето се од глава до пети во „Живанши“. Буквално „top of the top“, неверојатно. Секогаш се случува во „L’arc“, клуб близу триумфалната порта во Париз и самото место како да е дизајнирано од него. Сè е до детал осмислено.

Ми беше задоволство кога прв пат го правев перформансот во Скопје во Музеј на Современа Уметност во септември 2012, целата подготовка за изложбата, плус прв перформанс во Скопје од тој вид, 2-димензионален. Беше ретроспективен, поминуваш преку уметникот - влез во музеј и излез од музеј, има доста симболично значење, со самото влегување во музејот се менува енергијата на публиката, потоа кога ги гледаат видео инсталациите и сето тоа, мислам дека доживуваат друго искуство. И беше супер посетено, тоа најмногу ме исполни бидејќи ја направив изложбата за публиката и кога се виде резултатот, доби голема вредност целото искуство.

Изгорените цртежи ми се од 2007, прво ги правев во Сан Франциско на многу дебела хартија, сакав да горам детски ликови, изгорени од животот од самиот почеток, нешто што се создава а се уништува. Дали си проекција на туѓи мисли и лимити или си тоа што си, а сепак како дете немаш многу можност или шанса да бидеш толкав индивидуалец... има многу за идентитет, и се прилично психоаналитички во основа.

Со Almyra Communications работам веќе 5 години и досега имаме продуцирано 8 уметнички филмови кои го прославуваат мојот креативен процес: „Taming Fire“, „Burning Words“, „Wit-ness“, за кој работев интензивно цела година пред премиерата на филмот инаку снимен во Оукленд, Калифорнија, во кој учествува и нашата Катарина Ивановска. За време на фестивалот правев перформанси и инсталации поврзани со темата „Надзор“. „Untie“ инсталација на големо дело кое го работев долго време и содржи огнена рефлексија на дела и остатоци на хартија кои се заедно втопени и рефлектирани на памук; потоа, во соработка со нашата дизајнерка Милена Атанасова, го конструиравме целосното дело како инсталација, скулптура а во исто време и перформанс-outfit кој подоцна премиерно го носев за време на мојот –Artist Talk во Чикаго оваа пролет. Потоа „Ocean Breath“ кој сè уште е во продукција и имаме снимање во Северна Калифорнија оваа пролет, 2018.

Самата моја уметност е на некој начин мое само-ослободување, а преку тоа е објективно со сите. Телото е медиум, секој има тело, секој има глава и гледајќи во нешто конкретно на некој начин се поврзува; зависи, кој колку е отворен, толку и ќе се поврзе со делото. Има различни реакции, од најповршни до онакви од тие штo тотално те сфатиле. Kако што вели Марина Абрамовиќ, „колку што уметникот вложува енергија толку и публиката треба да вложи за да ја добие таа трансформација.“

Моментално сум во продукција на стаклени скулптури кои ги работам во соработка со David Ruth Sculpture Studio во Оукленд. Последниве две години изработивме 60 стаклени/ сите различни, излиени од фотографски леки. Процесот е долг, и, за мене предизвик, затоа што ми дава поинаква идеја за време отколку кога правам перформанс или работам со оган. Планирам да имам 150 завршени до наредната година и истите ќе ги користам за големи инсталации, до океанот и во новиот филм ’Ocean Breath’. Ова е важна трансформација во моето творештво кое ја симболизира транспарентноста во животот и уметноста.

Најдобрата работа што ми се случила досега се искуствата од сите мои патувања и можноста да ги реализирам моите визии на места кои ми биле сон. Сè е во поглед на пронаоѓање, прочистување, ослободување на самиот себе. Сега, на пример, се гледам како жител на светот, сакам сите бариери да се скршат. Не е важно кој од каде е, важно е која душа ја носиш. Со перформансите научив дека станувам сам по себе свое битие.