In the making of не беше нагазено ниту едно цвеќе. Чесен збор, баба Милка! Патем, голема благодарност до баба Милка! Постарите имаат предност, да, башка што и дворчево е токму нејзино, на баба Милка. Во сржта е на Дебар Маало, но е скриено, приватно и интимно, спасено е… дворчето единствено го уживаат нејзините најблиски… добро, и потесниот комшилук од виснатите балкони што го опколуваат, кој крадешкум (со кафето наутро и попладне) одмора очи со него…
Мојата платонска и дамнешна „симпатија“ ме донесе тука. Но малку поинаква симпатија! Да се разбереме, и за пријателска дружба е потребна симпатија, не?! – еве зошто:
Ја викаат, Сани, но по мое таа е Сончева. Ќе Ви кажам дека таа „препознава“ карма. -„Ја гледам кармата кај луѓето, сè е до кармата“… – ми кажа еднаш… А нејзината карма?! Без двоумење ќе кажам, што и да била таа во претходниот живот, какви и да биле нејзините поранешни дела, денес нејзината енергија, аура, харизма, шарм не остануваат неприметени. Како и да го/ја наречеш, едноставно зрачи, се чувствува и се сведува на истовo: ја краси мила ѕвезда, племенитост, необјаснива привлечност. Без дефиниции, и да сакаш не можеш. Едноставно, таква и’ е кармата…
Фотосинтезата тој ден си го направи своето. Ретките облаци и сончевите зраци ми ја дадоа оптималната светлина додека дворот и ветрето исткајаа совршен канвас на кој ја „насликав“ „сончевата“ девојка. Кога ја прашав, зошто токму цветни принтови (а ги има доста и често на неа) таа одговори: – „ја сакам природата, не сакам монотоност, сакам бои и разновидност, сакам сè што симболизира живот и природа“… Логичка последователност на кажаново, се нејзиниот личен „хербариум“ и „инсектариум“! Имав полни раце работа, воодушевен, набљудувајќи ги тие „збирки“: Квалитетна „берба“ од пред неколку години е нејзиниот редок и драгоцен виолетов „грозд“, додека омилените „примероци“ од инсектариумот и’ се сините „пеперутки“, од… не би знаел да кажам на кој под-род на Lepidoptera припаѓаат. И камења! Некои од нив можеби од пештери, можеби од морските длабочини, можеби речни; и масиви, геолошки откопини, гранити, минерали, корали кои се всушност нејзини „напрстоци“, орнаменти – накит. Во функција на мимикрија! Тотално соодветен на љубовта кон природата, и самиот накит наличува на нејзината, „природна“ природа, живописна, ведра и светла аура.
Настрана впечатливите орнаменти, јаркиот колорит и цветовите од сите видови и форми што ја красат! Нејзината „говорна амплитуда“ би рекол дека е нејзиниот најголем и ширум познат „печат“. Зборува слеано дури и мелодично, смирувачки, радиофонично. И токму нејзиниот глас е тој што го спасува саботното претпладне! Секоја сабота наутро „грее и шири позитивна енергија “ во радиоетерот, полека Ве буди и „разгибува“ со пресни забавни новости, токму на време освежува после бурната петочна ноќ… ведро, лесно и природно.
Знам, доцнам со приказнава и сонцево не е какво што беше тој ден дури и едвај навраќа деновиве… Среќа што таа има милозвучен глас, неодолива насмевка, многу бои на неа и грее, секогаш. Таква и’ e кармата.
Добро добро Карма, еве признавам, само не ми го земај за зло! Нагазив две-три детелинки! Ама беа трилистни, чесен збор! Баба Милка, не сакав навистина… ама никнаа одненадеж на среде патеката, навистина!

Во модата не постојат правила. Важно е тоа што го носите да биде удобно, да ви се допаѓа, да одговара на обликот на вашето тело и карактер. Секој од нас би требало да има и негува свој единствен и препознатлив стил на облекување. Јас низ годините ценам дека имам изградено препознатливост особено со белиот прамен во мојата коса кој е 100% природен, a парче што секогаш сакам да носам на себе е накит. Имам неколку омилени парчиња и не можам да издвојам, но накитот секогаш, во секоја прилика, сакам добро да го искомбинирам.

Неблагодарно е кога треба да зборуваш за себе... но јас секогаш сакам да кажам дека мојот изглед е огледало на мојата душа и на она што во моментот е во центарот на моите случувања. Ако 6 години работев во приватен сектор секогаш се обидував да имам деловен изглед со мала доза на лежерност, денес пак сум во изградба на сопствен бизнис во кој главна филозофија ни е добар стил и имиџ кој ќе биде главен показател на брендот кој сакаме да го градиме.

Мислам дека не можам да кажам дека сум овој или оној „стил“... порано бев многу по „фенси-шменси“ сакав да се „скоцкам“, се дотерував многу повеќе и носев високи потпетици, буквално за секаде. Сега пак претежно носам рамни чевли и ги имам во сите бои, само да ми е удобно и пријатно особено и поради тоа што многу пешачам... од работа до дома, на кафе, до „Сити мол“ пешки од центар, речиси сите дестинации ги одам пешки.

Цвеќиња ме потсеќаат на пролет, на природа, и тоа ми е убаво. Не сакам монотонија, сакам бои. Мешавина на бои, многу бои... Не сакам да носам монотони парчиња, или само црно. Имам три или 4 црни фустанчиња, оние „must have”, летни и зимски... сè друго ми е со цветови, шарено, дреч зелено, дреч сино...

Радиото ми е „љубов“, веќе две години како сум таму. Интересно е како воопшто испадна целата работа: Сосем случајно на наградна игра ја добив книгата „Најголемата тајна на светот“. Отидов со сестра ми да ја подигнам наградата, не ни знаев каде се наоѓа радиото... „случајно да не ви требаат водители?!“, - ги прашав - „имам вишок време“... –„девојче цело време оди на радио дека во тек е кастинг, бараме водители!“ Не знаев. Ретко слушав радио, а сакав да работам во радио! Ми рекоа, „Сними се на телефон, не мора да е професионално и испрати ни ја снимката со твои податоци на мејл“... Се сеќавам дека кажував една иста реченица по 16 пати, а сестра ми збореше, „што се замараш сигурно е наместено...“ Дента кога тргав за Венеција ми се јавија, ми кажаа дека мојот глас и уште неколку се избрани од не знам колку, беше навистина голема бројката... и упорно мислев дека само ќе направат „фама“ и ќе си изберат некој свој! А всушност се гласало на фб, снимките на кои читавме биле јавно споделени, лајкувани, за што бев тотално неинформирана. Наредно нè повикаа и во Македонски институт за новинари, повторно читавме и дури потоа бевме избрани 4-ца кои почнавме да работиме во радио.Звучи пријатно кога се слушам на радио но, не дека си го доживувам гласот како оној на Александар Деловски или како на Бранка Станковска што кога и да го слушнеш нивниот тоналитет, си викаш „тоа е тоа“... но целиш, сакаш да го постигнеш тоа.

Mи има кажано другарка ми, „ова кога ќе го видам нема никогаш да го спојам но кога ќе го видам на тебе ми оди“. Kога комбинирам две парчиња во различна боја, битно ми е мене да ми одат во комбинација... цветнава суќња ја комбинирам со клод жолта маичка и со зелени чевли. Некој можеби ќе рече „доообро, шутка и топана!“

Секогаш се водам од филозофијата дека најдобар пат до оригиналноста е да „измешате“. Повеќе стилови или модни комбинации, но секогаш претпазливо. Имајте и по нешто од новите трендови, можете да „украдете“ изглед од црвениот тепих, но балансот меѓу нив и внимателното мешање ќе ве доведе до уникатен, ваш изглед.

Не патам од комплекс да носам бренд; што ми се допаѓа тоа носам, независно од цената, секако и да ми стои. Носам сè, од скапо парче накит на себе комбинирано со облека/маичка или фустан кој може да чини и 200 денари. Имам многу маици од „Котон“ купени за 290-390 денари; а со вработените во „Певекс“ сум на „да пукне“! Мислам дека цело време, 24/7 сум во „Певекс“. Всушност сè што купувам е евтино...

Можеби токму таа слика и порака којашто му се испраќа на светот преку надворешниот изглед е главниот виновник за успехот или неуспехот . Некој може да биде 100% „скоцкан“ со скапа, брендирана гардероба а да е плиток или плитка, а може да биде со облека која тука-таму има по некое дупче или крпеница и да има душа колку еден свет.

Огромно влијание во тоа што сум јас денес има нејзината грациозност на божица, вонвременски шарм и беспрекорно чувство за стил – Одри Хепберн. Препознатлива по кратките асиметрични шишки, што кога првпат ги видов веднаш сакав да ги пробам на себе и од тогаш ја немам променето својата фризура, а ја носам повеќе од 15 години на ист начин... и го посетувам фризерот, мислам дека на дневна основа! Косата може да ми биде каква било, но шишките мора секогаш да ми се рамни! :)

Не сум се бавела со пеење... освен на фајронт, евентуално на домашна журка кога се пее песна од Брејк. :) Фаворит ми е, особено песната „За нас“! Има текстови што премногу ги сакам, но текстот на таа песна го обожавам! Како друштво отсекогаш сме знаеле неформално да се собереме, иако порано почесто, и да си направиме свирка. Еден од другариве свири, другиот пее, а сите ние им се уфрлуваме! Се дружиме уште од средно и сме секогаш за свирка, за лабаво дружење, да не е класично излагање во дискотека или журка, особено во лето. И тоа „собирање“ значи свирење и пеење до сабајле! Другаров има и песмарица... Бевме сите собрани кога ја извади за прв пат и... песмарицава, со Леонардо Ди Каприо! – Океј??! :) Има испишано во неа песни од No doubt, Nelly Furtado, хитчиња од тие времиња... Слушам сè, и можам да излезам од кафана до дискотека, до журка... кафани не ми се омилени, повеќе сакам диско и комерцијална музика но, се прилагодувам... само да ми е добро друштвото! Ме зезаат, „добро има ли некоја забава а да не кренеш рака, да не се насмееш, да не се забавуваш?“ Само да е „лустер“ екипата погодена: неколку другарки сме, се собираме, сите сме секогаш облечени во шарени и „џиш“ бои, и играме во диско како да нема никој друг наоколу. Особено ако е Гоце Саф во четврток е тогаш е „спуштање“ до доле! :) Гоце Саф ми е омилен лик. Зрачи, сам по себе е урбан „лик“! „Хит“ е, од тетоважи до стајлинзи!

Ценам дека убавината на жената / мажот не се крие во облеката која ја носи, фигурата или начинот на којшто си ја средува косата. Убавината на жената се гледа во нејзините очи, затоа што тие се портата до нејзиното срце, местото каде што живее љубовта. Вистинската убавина во жената или мажот се рефлектира во нејзината душа.

Дополнително влијание има мојот хороскопски знак. Раковите имаат тенденција да се облекуваат според нивното моментално расположение. Може некогаш да ми се допаѓа некое парче облека, но кога ќе ми се промени расположението што во тој момент го имам, може да се смени и изборот на облека и вкус. Кога сум во меланхолично расположение, носам црно-бели комбинации, а кога сум порасположена сакам светли бои, многу бои.

Карикатурата на ѕидот е по повод нашата три-годишнина. Чиката во Рамстор што ја црташе е најстар од сите, но најубаво црта...изгледа е „скаран“ со англискиот па имаше напишано „Јast”... :) За да го намамам Александар за цртежов, му кажав да дојде до паркингот на Рамстор бидејќи татко ми купил Дукати... не дека ми поверува, сепак дојде! :) Затоа на цртежот сме седнати на Дукати!

Чевлите... не е ништо особено скапо или брендирано, како и облеката...се зезаше Александар вчера кога ги пренесуваше, „чекај да ги погалам“... од причина што ако ги натрпам во плакар или ќе се исцрнат едни од други или пак ќе се рецнат по нашиве „феноменални“ улици па срце ќе ме здоболи... затоа пак, култно го чувам накитот.

Сликата е од Венеција, му ја купив на Александар затоа што сака веспи... Сака секакви мотори. Маичката на мечето е обична маичка за бебе, ја купив од „Џамбо“, Испринтана е во „Ултра дизајн шоп“ (во Дебар Маало); напред пишува „I hate Valentine“, позади, „but I still love you”. Јас се „трескам“ од земја за „Валентајн“, секоја година сакам да правиме нешто посебно, различно... Александар, напротив, не го сака. Така се сети на „Вера, надеж, љубов“, 30-ти септември... да одиме на вечера, да правиме нешто посебно но да не биде на Валентајн туку на православен празник... :) Сината боја веројатно ја „наследив“ од дечко ми, воедно ме потсеќа на море.

Фустанов е 5 евра од „Зара“ и секогаш го комбинирам различно... особено со „Али експрес“ еспадрилите! Во комбинација со чевли и со накит за на свадба фустанов е „бомбона“ затоа што изгледа ок, а сепак не е „теткарски“; во комбинација со еспадриливе е „топ“! Се израдував кога ги видов на „Али Експрес“ сајтот затоа што цветниот принт многу одговара со цветовите на фустанот! Мислам дека се совршена креативна комбинација, го „разбиваат“ фустанот, го прават поинаков.

„Дали сум од Македонија“ - хахахаха , е едно прашање пропратено со многу убави комплименти од урбана девојка. Сакам комплименти кои доаѓаат од понежниот пол, но само кога се искрени и директни бидејќи и јас сум „без влакна на јазик“ и сакам отвореност и искреност во секое поле не само за изглед... Ланчево ми е омилено, исто така е Dyrberg Kern. (Александар: „Како тиквешки гроздобер е!“) :)

Овој фустан е купен за Нова година, иако не e соодветен за периодот во кој е купен. Сакам да носам парчиња што не се наменети за актуелната сезона...нема врска што е зима, баш тогаш сакам да носам нешто што има боја, баш затоа што сè е сиво наоколу... уште еден повод поради кој го купив беше што тогаш најдобрата другарка ми се „запросија“ со момчето - мојот најдобар другар од средно! Тој ме викна да избереме заедно прстен и тоа беше „the day”!

Скопје најмногу го сакам по мирисот на липите, кој е опеан во илјадници песни и толку препознатлив за градов, но како полека да исчезнува. Мирисот ми евоцира спомени и толку ми е драг бидејќи ме потсетува на „старо маало“ каде што пораснав и што кај и да се завртев имаше липа... Пред мојата зграда, позади зграда каде што секогаш сакавме да се нурнеме во некоја игра, собиравме бела рада или пак возевме велосипед околу паркингот додека нозете не ни се преморат и не падневме од замор. Но ликот на градот се менува и како да се откажуваме од липите, кои пред некоја година беа официјално прогласени за еден од најважните симболи на Скопје. Се чини сега дека новото обележје на нашиот главен град се јапонските цреши. Ако градот се менува тогаш се менуваме и ние со него... но, моето Скопје се состои од оние места и луѓе што ми се драги, од убавите среќни мигови што изминале и нема да се вратат, од нештата што ќе ме потсетуваат на оние среќни мигови што допрва ќе ги доживеам. Го сакам тоа Скопје и си дозволувам да го наречам „мое“.

И сакам да завршам со една убава мисла која мене секогаш ми е водилка: „Верувам во розовата боја. Верувам дека со смеењето се согоруваат најмногу калории. Верувам во бакнување, во многу бакнување. Верувам дека треба да се остане силна, кога изгледа како сè да оди наопаку. Верувам дека среќните девојки се најубави. Верувам дека утре е уште еден нов ден и верувам во чуда“.