Не секогаш се случува некој при првото запознавање да ве плени со својата непосредност, позитивна аура и неодолива насмевка. На Џулс, како што блиските ја нарекуваат, тоа и поаѓа од рака! И тој лик веднаш ве асоцира на кукла од насловна страна на списание, тешко дека ќе можете да го тргнете погледот од неа. Скопска, девојка и пол! која сигурно сте ја забележале досега низ градот, а сепак зрачи скромност и топлина.
Стилот, како одраз на нашиот карактер, кај неа отсликува елеганција, сензационална женственост, но истовремено лежерност и ведрина, “зачинет” со интересни додатоци.
Во неколкучасовната тура низ нејзиниот плакар, се испреплетоа спортски и поудобни парчиња, модни додатоци и заводливи, женствени модели кои ја следат нејзината сетилна силуета.
Одлична дружба во пријатно претпладне, со попатна кафе пауза, за да си помуабетиме, љубопитен за она што таа следно ќе го сподели за нејзините омилени нешта, начин на живот, ставови и што таа би променила во нашиот град.
Милува да рече: “Сè повеќе одиме на места заборавајќи да уживаме во моментот. “ Па, заземете удобна позиција и препуштете се на едно вистинско уживање следејќи ја приказната и секој следен приказ на нејзиниот стил.

По професија би сакала да сум “Талкач по светот” :), но сепак во реалноста сум дипломиран економист со почести и магистер по деловно право. Професионално се бавам со поморски транспорт и сум дел од фамилијарниот бизнис. Исто така сум дел од основачкиот тим на компанија за преводи која работи на проекти надвор од Македонија.

Во 6:15h ми звони алармот. Станувам на третиот "снуз", мијам лице, пијам кафе, се облекувам, одам во теретана во хотел “Park”, вежбам, се туширам и трчам на работа зашто секогаш каснам. Кога настапува летниот период обожавам да си експериметирам со модни комбинации за на работа. А во зимо ако можам и со јорган ќе отидам :). После работното време сум дефинитивно во лежерна спортска комбинација и тогаш уживам.

Како што ми влијае музиката ништо друго не ми влијае на стилот. Бидејќи ден не ми проаѓа без да слушам музика, обично знам да сменам стил во зависност од тоа како се чувствувам и каква музика слушам периодот. Имам периоди кога слушам хип-хоп и се облекувам широко со капчиња и разни (не)потребни додатоци. Од мала знаев да си влегувам во одредени фази, на пример имав одреден период кога ги слушав “Рамштајн” и се облекував во тотално црнило. Имав периоди кога се облекував од глава до пети во крзно и кожа и брат ми знаеше да ми искоментира дека сум како Мортиша од “The Adams Family”. Исто така ми викаше дека сум изгледала како да пеам во бендот на “Kiss” (што е најсмешно, стварно изгледав така). Потоа слушав поп и влегував во розова фаза каде сè беше совршено.

Обожавам места кои нудат разновидност, култура и добра забава. Места на кои секогаш би се вратила се: Њујорк и Миконос. На Миконос одам речиси секоја година, а Њујорк ми е малце поголем проект и не би одела со секого. Тоа се места каде што имам стекнато еден тон спомени кои ми се особено драги и ќе ми останат засекогаш. Исто така, би ја издвоила и Куба со својата еклектичност и комунистички шарм која неуморно освојува со спонтаноста која Кубанците ја поседуваат.

Не се доживувам себеси како зависник од мода, ниту голем познаник. Според мене стилот секогаш треба да биде одраз на нашиот карактер, начин на живот и можности. Претежно се облекувам од практичен аспект, бидејќи понекогаш имам периоди кога денот ми е преполн со обврски и немам шанси да носам штикли бидејќи нема да успеам да завршам сè на време.

Накитот оцртува дел од нашиот карактер. Имам периоди кога ме фаќа некој посебен темперамент и одам да се испирсам. Досега 7 пати се имам испирсано. Многу често знам да се инспирирам, во однос на накитот, ако видам девојка со добар стил во јака комбинација. Посебно ми се допаѓа, кога девојка со алтернативен стил комбинира накит на софистициран начин.

Пет нешта без кои не можам да живеам: моите најблиски пријатели и фамилијата ми се на прво, второ и трето место, па потоа би рекла мојот автомобил (кој ми го следи темпото на живеење) и мојот мобилен телефон (за жал). Без нив не знам каде терам :). Слабост ми е внука ми. Никогаш не ни претпоставив дека јас би била дечар. Но, кога ја гледам се претворам во кловн кој манифестира ономатопеја од цело животинско царство.

Можам да го носам истиот фустан или парче облека два пати и да се чувствувам сосема различно. Битно ми е да сум опкружена со позитивни луѓе кои се непосредни во однесувањето. За среќа материјалните работи имаат минорно значење во мојот живот. Слаба точка ми се искрени и добри луѓе. Тогаш сè останато ми станува небитно.

Скопје е супер град само што јас би го направила да биде 3 милионски за да нема муабети од типот, овој-минатиот-викенд-вака-така и секој да си ја брка својата работа. Стварно немам разбирање за џаболебари кои секојдневно одат по кафиња и знаат сè за секого. Би сакала да има соодветна индустриска зона која би оперирала под одредени норми и друг важен момент, би срушила згради кои не придонесуваат до естетиката на градот и би ги претворила во паркови со длабока букова сенка. Веќе се замислувам во лето на пауза од работа како се релаксирам таму. А и не сум многу меланхолична. Од градов би ми фалеле моменти со моите пријатели, но не и места. Како што проаѓа времето сè повеќе одиме на места заборавајќи да уживаме во моментот.