По професија сум инженер по биохемија и физиологија. Млада девојка која живее во Скопје и сака да танцува. Искрено, многу ми фали диско. Баш тоа си размислував пред некој ден. Си викам сè би дала да отидам уште еднаш во Минус 1 и да платам 200 денари за џин-тоник. :))

Најчесто се движев во Кино Карпош, Сектор… И кафана. Пак е тоа балканското во нас што го имаме, кафана е кафана и најдобро ќе си поминеш. После 5 ракии, сè ти е супер. Колку и да речеме дека е класична македонска работа, нема лош провод у кафана. И секогаш Водно, кога имам време и сум расположена да се пентарам. Потоа, парк. Езеро Треска, Матка.

Многу ми се допаѓа кога ќе видам некој убаво облечен, се гледа дека се потрудил и се чувствува убаво во тоа што го носи. Една од работите поврзани за мода, а што е многу важна, ми ги кажа мајка ми: „Што и да носиш, нема да ти стои добро само ако немаш насмевка на тебе“. Да имаш самодоверба во тоа што го носиш.

Не се инспирирам за модни комбинации од Instagram или Pinterest, не. Зошто? Зашто во последно време премногу акцент мислам се става на сите модни блогерки што „продаваат“ работи и форсираат една работа, која можеби не е добра и можеби лично тебе на стилот нема да ти прилега. Така што секогаш барам инспирација од рандом луѓе, излози, мајка ми, баба ми, другарките, другарите. Знам да му крадам дуксери на дечко ми. :)

Оние луѓе кои имаат навистина посебен, свој стил, а не copy-paste од многумина, успеваат од истите работи што се нудат по продавниците да направат различна комбинација од другите. Е тогаш знаеш дека тој човек размислува поразлично. Сакам да се дружам со тој човек.

Најбитно ми е да се чувствувам своја во тоа што го носам. Кога барам некое парче облека, секогаш сакам да се пронајдам во него и со нешто да ме врзува. На пример, фустанов што сега го носам ме потсеќа на многу лош ден, ја чекав другарка ми за да седнеме на кафе и во меѓувреме си го купив, а сега ми стана едно од најомилените парчиња облека. Такви работи. Сметам дека во тој поглед ми се има променето стилот од порано. Порано се трудев да бидам во тек со модните трендови. А сега воопшто не го гледам тоа така. Секогаш гледам прво да ми овозможува комфор, да ми се свиѓа мене и да ми стои убаво. И потоа, кога ќе го носам некаде, ќе ме врзе со некој настан што ми е мил и драг и секогаш тоа парче облека ќе ме потсеќа на некој и нешто и ќе ми буди емоции. И мислам дека тоа е многу, многу поспецифично, тоа треба да го бараме во облеката. Да не биде само она „како изгледам“. Облеката е начин на кој можеш да се изразиш и да дадеш прва слика за себеси. Тоа е една причина плус која човек може да си ја „зграпчи“ и да ја сврти на позитива, односно да биде уникатен и да покаже дека не се претопува во масата.

Имам една баретка што ми ја даде баба ми од 68-ма или 69-та година, кога била во Париз ја купила. Зелена е, малку е дури изедена од молци ама тоа го вртам отпозади за да не ми се гледа. И таа ми е буквално омилена баретка. Ме топли и ја обожавам. Тие парчиња од баба ми што ми се подарени ми се најдраги. И, карираната дебела кошула на татко ми од неговите студентски денови.

Живееме во многу стресно време и навистина мислам дека ни треба некаков начин на кој ќе можеме да се изразиме креативно и да се ослободиме. И облекувањето е еден начин на кој можеме буквално да се ослободиме. Плус, навистина има некоја психолошка поврзаност. Се гледам себеси… ако сум порасположена, ќе си се облечам во нешто поубаво или ќе си смислам нешто поубаво или еве денес бидејќи е потмурен ден, а многу сакав сонце да има, и си викам е па добро бе, нема да се препуштам на меланхолија… И секогаш така си правам, не дозволувам нешто да ми го расипе расположението. И тоа си го префрлам на облеката.

Тој што во кој било момент ќе доживее да има потполен мир со себеси, нека ми јави, сакам да седам со него. :)) Зашто секогаш ќе има нешто за што ќе размислуваш, нешто што не ти одговара, нешто што сакаш да го промениш. Но, мислам дека тоа е здраво. Зашто ако сè ти е „наредено“ во животот, остануваш во таа зона на комфор. Мислам дека која било промена е добра промена. Она што ме движи напред е тоа што секогаш сакам да сум подобра верзија од себеси. Малку звучи клише. Еве и во поглед на модни комбинации, кога ќе видам слики од порано си викам, „Магдалена, добро, што си мислела?!“ . Но, ок, си викам модата тогаш била таква. Никогаш не би ставила на мене потпунки. Има сакоа што стварно добро изгледаат со оние минималистички потпунки ама од оние саковцата од 90-ти години – не! И никогаш не би си ја истапирала косата. Ниту би направила од оние минивал фризурчиња. А инаку сметам дека нема лошо парче облека, ако знаеш да го искомбинираш и носиш.

Јас сум порасната со машки наоколу, имам двајца браќа. Јас сум најстара. Никогаш не ми е досадно и никогаш не сум сама дома. :) Имам повеќе другари отколку другарки. И порано цело време одев во фармерки и дуксери. А мајка ми отсекогаш сакала да бидам баш девојче и да облекувам фустани и сукњички, убави блузички и кошулчиња. Дури сега тоа го сфаќам и го применувам. И сега ако ме прашаш што секогаш би носела, тоа е фустан и џемпер. Најкомотна комбинација. Широк, лелеав фустан и џемпер. Никогаш на себе не би ставила нешто што е скроз „уз тело“. Мене не можеш да ме видиш така облечена, да имам тесна блуза и тесни фармерки. Или тесни фармерки и широка блуза или тесна блуза и широки фармерки, на пример. Секогаш да има контраст и секогаш да има некои мали детаљи. На пример, марама на ташните.

Мајка ми можеби најмногу ми има влијаено на стилот. Оној период кога и ги крадеш облеките. Она, „Mамо, дома сиии?“ и ако не ти врати, одиш кај неа во плакар и нешто земаш. :) Можеби најдобриот совет што ми го има дадено е да знаеш како да си ги носиш годините, никогаш да не ги криеш. Колку години имаш, твои си се и биди горда на тоа.

Ако не направиш грешка, нема да научиш. Најдобро се учи на своја кожа. За жал. Ете, Phard нè научи дека не треба да носиме топуци. Како што си се пронаоѓаме, ставаме акцент на сите аспекти во животот. Растеме и треба и стилот да „расте“ и да се развива, сè подобро и подобро.

Кај некој прво забележувам очи, дланки и уста. А вниманието ми го задржува со целокупната појава. Едноставно кога човекот е добар, ведар, тоа го гледаш уште во првите дваесет секунди. Кога е насмеан, задоволен. И кога има доза на самоувереност. И луѓе кои знаат да ти направат муабет. Тоа е многу битно. Најважна карактерна црта кај некој ми е да има пасија кон нешто во животот. Тоа што го сака да го прави со љубов. Луѓе кои знаат каде се, кои се мили и кои имаат, нешто што е многу важно во денешно време – домашно воспитување. Ако го немаш, ти си никој и ништо. Треба да знаеш да кажеш работи од типот, „Извини“, „Добар ден“, „Како можам да ти помогнам?“, во секојдневни ситуации. Тоа многу ми фали кај луѓе. И кога кај некој недостасува тоа воспитување, веднаш се гледа. Уверена сум дека сите можни проблеми, и тоа што сме некултурни, се караме по улица, фрламе ѓубре каде стигнеме, потекнуваат од недостаток на домашно воспитување. Сите комплекси излегуваат на виделина кога човек не е задоволен со самиот себеси. И таков човек претставува закана за општеството. Станува ладнокревен, нема емпатија. Тоа ужасно ми смета. Зашто ако човек е исполнет, и го прави она што го сака, без разлика колку и да е тешко, мислам дека станува сè подобар.

Мојата работа, поготово сега за време на пандемија е навистина стресна, но секој ден станувам со помислата дека јас сум се одлучила ова да го правам и сакам да го правам. Тоа е нешто што ме „бутка“ напред.

Добра работа што ни се случи со пандемијава е што можеме да научиме клучни работи. Едната е дека не мора да си дишеме во врат во супермаркет, а другата е дисциплина и менаџирање на времето. И многу важно, за мене, односот кон екосистемите. И дека не сите работи се егзистенционални, па да не можеме да преживееме без нив.

Инаку, хоби ми е јогата. Најубавото чувство на светот ми е после вежбањето.

А, да, клучни совети кои секоја мајка под ова поднебје ги дава на својата ќерка: прво, облечи се, надвор е ладно (надвор е 30 степени ама ако нејзе и е ладно тогаш и тебе ти е), второ, обавезно капутот да ти го покрива газот, да ти го стопли и трето, исправи се, ќе станеш како Квазимодо. И порано го сметав тоа како „Леле мамо ајде доста не ме замарај“, но сега, искрена да бидам, купувам џемпери што ми се под газот. :) Како што растеш сфаќаш дека мајка ти имала право за сè.

Јас се сметам пред сè за биолог. Додека студирав имавме истражувачко друштво на студенти – биолози. Секое лето имавме теренска акција. Траеше петнаесет дена. Одевме насекаде, најчесто непристапни делови на територија на Македонија и спиевме дали во шатори, планинарски домови и тн. Беше волонтерска работа и го правевме со љубов.Најбитно е што ми даде искуство во истражувачката работа, ме научи на дисциплина, фактот дека природата е преубава, но и пресурова. Од една страна многу ми е мило, но од друга, многу криво што во 2020 луѓето откриваат дека постои Лешница на Шар Планина. Или дека има леднички езера на планините.. Супер е тоа што се откриваат тие „скриени природни богатства“, но треба и да знаеме како да се однесуваме кон истите, а пандемијава за жал ни даде можност да го видиме спротивното.

Многу е битно да бидеш љубопитен. Уште од мали нозе. И тоа треба да се негува. Ако истражуваш повеќе и повеќе, сè повеќе и создаваш.

Без разлика колку проблеми да имаш во животот, треба да се трудиш да бидеш насмеан и да гледаш позитивно на иднината. А не да си цело време негативен и потиштен. „Леле ова ми се деси и сега цел ден ќе плачеме“. Не, ок, се случило, одиме понатаму, ќе научам нешто до тоа.

И ова морам да го нагласам – Бабичките низ град што се дотерани. Најјаки ми се. Дали порано така ги учеле дека треба да бидат секогаш стокмени? Еве по баба ми гледам. Кога ќе ѝ дојдат гости, ќе им каже „Добар ден“ и потоа оди до соба да се пресоблече, да си се дотера, ќе се врати и тогаш ќе рече, „Ајде сега што ќе се напиете“. Некој друг mindset имаат.

Behind the scenes: „Многу зборам, тоа е исто така карактеристично за мене“. :))

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply