Сандра, во Скопје именувана и попозната како мала камила (Малата камила од семејство Камилоски :)) беше на мојот „радар“ од поодамна. И откако ја запознав, би рекол дека е најкул личност со која би можеле да поминете едно попладне. Ако се прашаме, кои се оние прекрасни, динамични жени кои го прават духот на градот? Ете, веднаш асоцијација ми се вакви оригинали, едни единствени.

Таа е како супержена, го фрла фустанот и мантилот, ги лизга чизмите, ги зграпчува двете деца и заминува да го спаси денот! Ведра, интуитивна, спонтана и исполнителна. Ми се чини дека најбрз договор зa стил-профил имав со неа. „Кога сум со многу луѓе, знам да сум многу активна, не застанувам. Само инспирација, од едно место, на друго место, сега ова ќе направам, мозокот ми е постојано активен“. Еве и конкретен доказ – завршила средно музичко училиште, потоа Факултет за безбедност, па курс за графички дизајн, дипломатски протокол… и како ова да не е доволно, таа е и сертифициран сомелие . А она што е веќе добро познат, нејзин печат, и нешто во што таа сосема се пронаоѓа (она вистинското :)), се нејзините креативни дела под дизајнерскиот потпис @malakamiladesign. Оттука не е нималку чудно што модниот бренд, откако се појави на нашата домашна сцена, за многу кратко време привлече големо внимание.  А токму деновиве, ќе биде промовирана нејзината најнова колекција. „Не би да сум претенциозна, но секогаш си остварувам замисла“. Нестрплив сум да ги видам нејзините најнови „творби од емоција“ (како што таа ги именува).

Ме пречека во црн, свилен, женствен фустан над спортска бела, Vans маица, впечатливи хулахопки и црни чизми над глужд. „Морам да задржам полуспортски изглед. Не би била јас ако не е така. Пример, доволно ми е елегантен фустанот и некако морам да го искомбинирам со нешто поспортско. Дури и за навечер, скроз би го носела ова за низ град“. Со неа носеше и црна беретка, која премиерно, спонтано, ја проба во таа комбинација. Et Voila! Маркантна, шик комбинација.

Сандра ја има таа моќ да го пренесе чувството преку облеката што ја носи. Дали некогаш сте виделе некој да изгледа толку добро во смело боди, панталони со впечатлив принт и чизми над колена? Не? Така и си мислев. А црн припиен фустан и кожен мантил? Како од страниците на Vogue. Исклучителна, со конкретен и самоуверен став. Таа има автентична комбинација на разиграна мешавина од лежерност и луксуз. Префраерски изгледа и во комбинација од фармерки, блузон и патики. Несомнено, во прашање е умешност, но и смелост, како што таа ќе додаде – „Никогаш не ми било страв да облечам нешто што сакам, имам храброст. Од кога знам за себе“…

Имам средно музичко образование, кога го завршив си мислев што ли да запишам. Реално, кој знае на 18 години што сака. Додуша поновиве генерации некако знаат бе! Мислам дека се многу понапредни отколку кога ние имавме по 17-18 години. Сè им е сега предостапно и можат сами да опипаат некои работи, пред време. Некои работи што ние подоцна сме ги откривале, тие порано ги откриваат. Копчето за forward им е притиснато на пребрзо. Нема некоја сталоженост. Некако сè е многу брзо. И да се навратам… 18, си викам што да правам. Тогаш серијата CSI беше хит невиден. Помислив, „Па мене ова многу ме интересира, јас ова можам да го работам“. Бап, запишување Безбедност. Нема појако, комедии живи. Стигнав до трета година и го баталив. Си реков, „Не можам ова да го учам, не сум ова јас, што правам?“ Пред три години го завршив. Мислев штом сум стигнала до таму, ќе се потрудам. И некако товарот ми падна, сфатив колкав товар сум носела. Не сакам работите да ги оставам незавршени. Ме притискаат. Тогаш запишав Графички дизајн во „Семос“, траеше некои година дена и си реков, тоа е тоа. Нешто креативно. Знаеш, како низ годините цело време да се осознавав, да се откривав. Пробував. Што е многу океј, веројатно.

Нема појако со моето „откривање“. Работев и во „Камник“, врзано за дегустации на вино. А во меѓувреме, во нашиот фамилијарен бизнис, јас цело време работам. На пример, ако имам сега фиксна работа во Скопје, тука сум. Но, ако немам, цело време сум горе во Галичник, во „Неда“.

Кога го родив Филип, не работев едно добри две години. Некако многу сериозно си ја сфатив улогата на родител и 24/7 му бев посветена. Сега имам второ дете ама тотално ми е различно од првото. Некако, искрено, многу млада го родив, на 25 и искрено, прв пат сфатив што значи да бидеш одговорен. Ама она, „Е, ова е одговорност“. Некако бев и исплашена и си реков, „Ова мора да го истерам како што треба“. Бев амбициозна мајка, да го научам многу работи. На година и нешто броеше на англиски. А Ками, сега има година и три месеци, само мама и тато вика. Да се навратам на „Камник“. Многу интересно, Анита што работи во „Камник“ ми се јави, „Сандра, бараме девојче, те молам дојди на разговор. Ти си профилот што треба да го работи ова“. „Ајде“, реков, „Ќе дојдам“. А веќе кога бев таму, на Анита ѝ реков, „Па дај да се сертифицирам за ова“. Завршив и за сомелие. Откако потпорасна Филип, завршив и курс за дипломатски протокол. Така, да се дешава нешто. :)

Некој тоа го гледа од позитивната страна, да менуваш така работи, да испробуваш. Но кога бев помлада, некои го гледаа како несериозност. Многу сум благодарна што мајка ми и татко ми никогаш не ме форсирале за ништо. Муабетот беше, „Супер, пробај“. Дали дека сум трето дете. :)

Првото претставување на мојата колекција не беше ревија туку едиторијал. А првата ревија, по која станав препознатлива беше во „Кантина“ на настан на Тогаш извадив модели само по едно парче зашто имав стари материјали од тетка ми. Прешизички беа. Намерно го земав капутов зашто е од таа колекција. Интересна приказна стои позади него. Ептен убава беше промоцијата. Манекенките ги поставив во стаклениот дел од „Кантина“, беше преполно со луѓе, многу беше кул. Надвор девојки седеа со машина за вез и везеа иницијали на маички, интересен настан беше ептен.

Кога заврши настанот еден дечко ми вика „Колку чини капутов?“, јас му одговорив толку и толку, ми дава пари и ми вика „Земи го. Ова е подарок од мене за тебе зашто на друг вака не би му стоел. Ова си ти, не треба друг да го носи“.

Инспирација за моделите црпам од моменталната состојба. Децата ми го покреваат духот. За нив творам и создавам. Секогаш ги правам работите според тоа како се чувствувам. Кога разгледувам материјали, на лице место знам да одредам комбинација, „Леле ова како би стоело со ова“. Многу пати ми се случило да цртам работи, и везе нема, ќе нацртам, ќе отидам по материјали и нешто сосема петто ќе сошијам. И многу спонтаност. Секогаш си го слушам чувството во стомакот. Научив низ годините дека секогаш треба да преспијам пред да донесам некоја голема одлука. Знам дека тоа функционира за мене. Ден, два, ако можам и два дена да издржам, третиот ден се будам и знам што треба да направам.

Ќе излажам ако речам дека сум немала периоди на комфорна зона и да не сакам да излезам до продавница. Толку многу сум знаела да влезам во тој „бубањ“ да ме мрзело ѓубре да фрлам. Но мислам дека сите сме имале такви периоди.

Другарите ме викаат Ромка поради обетките, „Пак ли мори Ромке со тие обетки си дошла“. :) Златни се и многу драг подарок ми се. Мајка ми и татко ми ми ги подарија за првата ревија, направија да се чувствувам ептен посебно. Имам исти вакви помали, сребрени. Имам еден комплет од бисери, обетки со нараквица, тие ги чувам за посебни прилики. Инаку во принцип не сакам да се „накинџурувам“, не се чувствувам своја. Часовник, во моментов носам smartwatch и ќе го носам сè додека не купам некој поскап.

Тоа сфатив. Веројатно одбирам гардероба каде што нема потреба да се донакитиш. Парчето е доволно и атрактивно, само по себе. И со чизмите многу добро стои, зашто доаѓа чизмата над колено, а панталоната е со принт со проѕирни коцки.

Бодиво ми е „коњак“. Со фармерки, штикли или патики. Тоа е тоа. Од „Yamamay“ ми е. Исто вакво си купив и плаво. За летно време ми е врв.

Да можам да носам цигари, мобилен и пари во џеб, ташна не би ни носела. Жими сè.

Немам проблем да експериментирам. Но, не сакам трендовски работи. Пример оние што излегоа гуменине чизми, проѕирни. Што беше тоа?! It’s not my thing. Од толку што ми е далечно ова што ќе го кажам, не би го ставила ни во уста да речам, ама… Што е тоа бе штикла-патика кажи ми?!

Луѓе што немаат изграден стил, многу лесно можат да се „залепат“ за тренд. Што е многу тажно. Ама сега, или го имаш или го немаш осетот, не е ни толку страшно.

Мислам дека стилот е вроден. Скроз. Со тек на време можеш само да го надополниш и да го изостриш правецот. Мојот би го дефинирала како удобен и смел. А стилот кај еден човек се воочува и во движењето. Начинот на себепретставување, ставот. Деталче, и мало да е, како украс, како statement.

Се препознавам веројатно во 90-тите. Лежерен, ненаметлив, слободен стил. Таму сум изгледа, го живеам :)

Што најчесто потсвесно истакнуваме преку начинот на кој се облекуваме? Атрибутите кои ги поседуваме. И не е потсвесно, свесно го правиме тоа.

Памтам од детството, моите имаа едни пријатели, нон-стоп одевме кај нив на гости. Одвај чекав да отидеме кај тетка Пепи, носеше 35-ка чевли. Знаеш што значи за мало девојче, мали штикли?

Толерантна сум кон стилот на другиот и никогаш не наметнувам мислење. Ако некој ми побара совет, тогаш со задоволство би го дала, дури и комбинација ќе смислам. Никогаш не сум судела, „Леле оваа што облекла“, ми е гајле, што сакаш облечи. Твое е, како се чувствуваш. На пример, другарките, многу ме зезаат за кожениот мантил. „Види ја оваа што облекла денес“. :) Им викам, „Зошто бе, оставете ме“. :) И друга другарка вика, седиме во бистро „Комедија“, „Ќе оди да пљачка станови со кожениов мантил“. :)

Никогаш не ми било страв да облечам нешто што сакам, имам храброст. Од кога знам за себе. На пример кожениот мантил го носам со патики. Тој е винтиџ, од сестра ми Софка е. Така се чувствувам. Имам носено бунда од лажно крзно со тренерки. И тоа шизички стои, во мојата глава е шизички. Јас ќе го износам тоа и тотално комотно се осеќам, не ми е непријатно. Еден другар ми вика, „Сандра, опинци да облечеш, нема да ти биде срам да ги шеташ“. Ич, ич.

Сакам винтиџ парчиња, само кај нас нема баш голем избор. Имам парчиња од мајка ми и тетка ми. Мајка ми е ептен шизика, и во младост била фраерка. Секогаш имала многу фраерски обувки и дел ги има зачувано, но ногата и е поголема и жива ќе се изедам за тоа.

Секогаш коментирам и секогаш фалам некој што ми е шизички облечен. И да не ми е близок или не се дружам со него, ако го сретнам низ град, скроз знам да му искоментирам. Но, не можам да кажам дека некој има добар стил ако само еднаш или два пати ми се допаднал како се облекол. Софка, сестра ми, неа ќе ја издвојам. Отсекогаш била фраерка. Многу ми има влијаено на стилот. Индиректно. Никогаш не ми зборувала нешто или наметнала, но со самото тоа како таа се носеше. Самиот момент дека она го има носено мантилот ми е уште толку померачки да го носам. Си имаме често менувано широки блузони зашто и двете сакаме да ги носиме. И знаеме пример на сред ручек да кажеме, „Еј ај дај ми го да го носам“, и она „Еј ајде бе“.

Во принцип сум многу спонтата и сум екстремна. Знам да отидам од една крајност во друга. Буквално за сè. Можеби е добро за нешто, а за друго не, меѓутоа ете, тој тип сум. I overdo things.

Ние луѓето колку и да се правиме животни, многу сме кротки. Љубовта ни е водилка. Кога ќе се вљубиме, знаеме да се заборавиме дури и себеси. И да се „вкопаме“ во некоја комфорна зона и мислиме дека во моментот тоа ни треба и дека творбата, каква и да е, ја ставаш на пауза. И мене ми се случило, си го кажувам ова од искуство. Зашто кога велам I overdo, и I overlove. Кога сум вљубена, многу сакам. Многу. И тогаш на моменти не сум своја. Знам да се „изгубам“.

Кога сум со многу луѓе, знам да сум многу активна, не застанувам. Само инспирација, од едно место, на друго место, сега ова ќе направам, мозокот ми е постојано активен. Многу сме блиски со Софка и Павле. Во град нон-стоп ме земаа. Се сеќавам Софка ме има носено во „Аха“. Со неа сме девет години разлика, а со Павле четири.

Кај друг сè забележувам. Буквално. Сите можни детали. Отсекогаш. Многу ми се допаѓаат мажи со специфични носови. Многу ми е секси тоа. Дури да е голем и грбав? Паааа….Паѓам во несвест. А клучна е енергијата. Не знам колку и да е згоден, убав, ако не си „кликнеме“, ништо.

Ганеша е индиски бог, таа зима кога ја ставив тетоважава ја скршив ногата на скијање. И некако така си го врзав, тешка година ми беше таа и си барав симбол да ме смири.

Колку и да звучи ова чудно, мрзам да одам по бутици. Црева ми се превртуваат. Најчесто, 90 проценти, нарачувам од апликација Нарачувам и од други места. Не поднесувам гужви. Можеби моментот пробување… Вака онлајн знам дека нема опција да го пробам и многу ми е полесно да го нарачам. Зашто кога ќе отидеш во продавница, ќе си речеш „Чекај бе, да го пробам, да видам како ми стои“. И тоа многу ме исцрпува. Не можам. Со саати така и излегувам од молот како да сум истрчала маратон. Цела енергија одземена, пресисана.

Не знам дали со го чула ова досега од некој ама не знаеш колку ми влијае што ќе облечам дента според тоа дали ми се плодни денови или пред да добијам. Пред да добијам се облекувам… па ако може шаторско крило да навијам околу себе и така да излезам. Додека пак ако сум во средина на месецот, ми доаѓа свилен фустан да облечам. И многу е важно каде одам. Приликата секогаш ми влијае на аутфитот.

Зависи како ќе ме „акне“ периодот. Сега ми е период на неизлегување, непиење и само вежбање. Башка вадам нова колекција и ми требаше фокус и организација. Јас сакам да одам на вечера. Да пијам вино и да јадам вкусно. Тоа ми е „моментот“.

Правев натална карта кај една жена и ми вика, „Слушај, гледам дека многу сакаш во кујна да се пикаш“. И викам, скроз, многу сакам да готвам, особено за блиски луѓе. А зашто имам две деца, не знаеш какви манџурии знам да правам. Од полнети пиперки до грав… You name it.

Ова го има плетено баба ми, мајката на татко ми, за мајка ми. Врзана сум емотивно за него и ми беше „ултимејт“ хит летово. Не знаеш колки шизички стои. Го носам со фармерки и со патики.

Искреност ми е најважна особина кај некоја личност. Голем проблем им е на луѓето да зборат отворено за чувствата, а тоа решава буквално сѐ. Без разлика на релацијата. Колку е само лесно да ја кажеш вистината.

Кога не ми е денот слушам музика, гласна. Или долго разговарам на телефон со луѓе што ме смеат и ми го веселат духот.

Со музиката исто како со периодите во кои се наоѓам. Во 20-тите омилен бенд ми беа Queens of the stone age и ги гледав Live, тој згоден џинџер го гледав од први редови :)) Порано многу се радував на нови музики, само си препраќавме со пријатели. Деновиве на рипит ја слушам Careless Whisper од George Michael, да ме прашаш зошто, не би знаела и јас. Многу го сакам George, и сите артисти од тоа време.

Која е мојата „супермоќ“? Колку убаво прашање :). Не би да сум претенциозна, но секогаш си остварувам замисла. Универзумот секогаш работи за мене. А доколку подлабоко би влегла во ова прашање, секогаш ја кажувам суштинската вистина.

Во каква релација се модата и уметноста? Брат и сестра. Имам и другпат изјавено, дека добро парче гардероба е како парче уметничко дело. Експресија, творба од емоција.

Еве сум јас!. :) Не знаеш колку ми е убаво во ваква гардероба. Кога сум „стегната“, кога сум многу дотерана, некако ме тера да сум Како посериозна, поостра.

Најдобро се чувствувам кога сум облечена во „baggy“ гардероба. Не толку за удобност туку друг ми е и ставот. Во стил, „Ова сум јас“. Тој момент го имам. Дури на моменти се чувствувам пофраерски кога сум така облечена отколку кога сум со нешто припиено, секси. Како „gangsta“, со тој став сум кога сум во „baggy“.

Морам да задржам полуспортски изглед. Не би била јас ако не е така.

Сега е модерно да си секси, да си гола, да се крева прашина. Нема автентичност.

Многу ми се шизики оние девојчината што одат во „Амок“. Тие се така покул, поалтернативни.

Колку е лош „Инстаграм“ за да денгубиш, толку е и добар зашто достапни ти се многу работи. Сè ти е на дланка и можеш да бидеш во тек со сè што се случува. А ние секогаш влијанието го земаме од надвор.

Е сега да ти кажам, пукната сум по Nike Dunk Low, пробав да ги нарачам од еден сајт ама не ми одговорија. Совршено ќе беше да ги имав сега тие, со фармерчиња.

Колку возраста влијае на начинот на облекување? Духот носи суд. Без разлика на годините. Се разбира, сè додека не работиш во сериозна корпорација или си врзан со дипломатија, тогаш ќе си пратиш протоколи, сакал или не.

Скопје е мој град, никогаш не би си заминала, би се изгубила во спротивно. Тука ми е сѐ, јас сум многу врзана за моите корени. Балканскиот дух ми е пресимпатичен, неделните ручеци со најблиските, 17 луѓе во мала дневна соба. Гласноста, смеата, трпеза полна како да нема утре. Ракија, вино. Кафана во Дебар маало, поздрав со сите околу тебе. Децата што ми растат со баби и дедовци. Сѐ е на радиус од неколку километри. И домашар сум, реално :) Сакам да патувам, но последните 2 дена едвај чекам да се вратам дома, во мојот град. Отсекогаш. Не би навлагала што би променила, сè уште немам такви моќи:)))

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply