Бев во небрано, сакав да направам нешто за кое имав нула знаење па ми рекоа „побарај го Јован, тој би можел да ти помогне…“ Не го ни познавав но веднаш засукавме ракави заедно: се фативме за навидум саат време работа која требаше да резултира со успешен и забавен 3 минутен производ. Mатеријалите беа тотално несредени и не баш најквалитетни. Обратно пропорционално очекувањата ми беа до небо, додека непредвидливиот исход право пропорционално со лудило и фијаско.
Пред да продолжам кон потенцијалната пропаст, ќе ви го претставам храбриот Јован кој подоцна во една прилика самиот тој се опиша себеси вака (цитирам): „Јован е нормален дечко, кој не може да пее високи тонови, сам брише прашина и си готви од негови 17 години; сака вода, дрво, убави чевли, акустика и внуците… “ Ќе надополнам со она што го дознав дополнително за него: знае и да свари добро турско кафе!” Инаку, духовит е, пријатен и пред сè, сестран.
Всушност, не знам во кое поле од уметноста Јован нема пробуричкано. И не знам дали да ги класифицирам неговите предизвици, афинитети и акции според полињата во уметноста или пак хронолошки, по редослед на нештата и неговите периоди од животот. Како и да е некоја негова виртуозност сигурно ќе ја изумам затоа што ги има доста… и онака сите му се вкрстуваат, испреплетени се и комуницираат, надополнувајќи се меѓусебно. Едно нешто знам е дека неговата креативност е неисцрпна и неговите специјалности и вештини само се намножуваат. Од музички инструменти и пеење, од глума и театар, од фотографија и режија до продукција…меѓу другото, од неодамна гласните жици му „вибрираат“ и низ локалната радио фрекфенција. Постојано „движи“ од едно во друго и со огромен личен влог во сето – со душа. Тоа е неговата „виталност“, не далеку од неговото „Motion Emotion“. Проникливо име за неговата база, неговото студио каде што магијата и преплетот стануваат визуелен производ поткрепени од сево погоре. „Сè си има зошто“, не за џабе велат така…
И штом е толку тежок и драгоцен влогот и емоцијата е на ниво. Штом се широки познавањата во толку дисциплини, динамиката и придвижувањето од една во друга се неизбежни. И не преостанува друго освен оптимизам и мајсторлук. „- Татко ми отсекогаш ми велеше „можеш да имаш диплома, да си доктор на науки, да си ова, да си она ама најбитно е да си мајстор на тоа што го правиш“. Отсвири една песна, насликај нешто и едноставно да е, ама потруди се мајсторски. Тоа е најголема придавка на тоа што го правиш.“
Да довршам за потенцијалната пропаст: Дента Јован не кажа ни збор, ниту видов гримаса. Единствено што приметив беше неговиот секундарно наострен „фокус“ и моментално шалтање во креативен mode… дури, улета клизачки, со полна пареа и концентрација сред куп хаос и концепт кој такаречи висеше во воздух и… – voila! Ете го, после неколку часа видеотo „Скопје се носи“, изготвено само за ваши очи… Со својот режисерски шмек и плодотворна креативност, Јован остроумно го стокми калабалакот, филмски кажано во „фрејмови“ логички и смисловно распределени на временска оска од 3.05 минути. Трпеливо го изглади и гланц го „светна“ и тоа онака, по мој терк, сo моето начело „празнично за очите и мелемски за душата“, но по негова формула, умешно, мајсторски. Скопје се носи* е живописен сведок, Јован не е ништо друго освен, Мајстор.

Уште додека бев во средно се „маткав“ со театар и слично. „Медиа Артес“ беше една невладина организација која водеше многу проекти од тој тип: доаѓаа луѓе од Чешка, од ваму – таму со кои истерав неколку работилници за театар; еднаш бевме во Берлин, бевме дел од работилницата „Theatre in education“, каде вршевме обука на луѓето кои беа пријавени во форумот. Бев и на една работилница во Романија па потоа низ Србија, Белград, Нови Сад... се изнашетав и ги поминав тие, еден куп, обуки за театар ама театарот никогаш не ме влечеше доволно за да продолжам да го работам.

Имам настапено на Охридско Лето со охридски театар, глумев како дел од подмладокот што тогаш не беше официјален театар: дојде група американци - „Independent Theatre“ од Њујорк и заедно направивме приказна, пародија на класична америчка бајка: Имаш добар и лош принц и сега доаѓа лошиов, ја грабнува принцезава, па добриов тренира па оди и ја „спашава“. Всушност беше една супер пародија на приказнава. Беше скоро 80 проценти импровизација, американците си зборуваа на англиски, ние на македонски. Се одржа во задниот дел на „Света Софија“ и беше преполно. Тоа некако и ме натера да се запишам на режија. Бидејќи се занимавав со театар и со глума, барав начин да направам некој спој и со музика и така запишав режија во Бугарија. Имам уште четири испити за да завршам.

Завршив и нижо музичко - кларинет. Требаше и да продолжам со средно музичко ама не ме влечеше, кларинет ко кларинет никогаш не беше мој инструмент. Пиано отсекогаш сакав, можеби да се запишев на пиано и ќе продолжев. Многу подоцна сам научив да свирам гитара, гледав од други како свират. Ми текнува, првата акустична гитара ја купив од еден другар што ја имаше украдено од Љубаништа од некој шатор. Ја заборавив во Бугарија, и којзнае каде е сега таа гитара.

Кога дојдов во Скопје почнав да работам во Томато продукција, од неодамна работев во Вертиго. Сега имам мое студио „Motion Emotion“. Работам целосна видео продукција, пост-продукција, фотографија, имам доста соработници но воглавно проектот го водам јас. Летово имав доста проекти во Охрид и бев таму цело време.

Сакам џез, слушам џез, има неколку артисти кои ги пратам цело време, ама не се ограничувам само на тоа. Има еден гитарист, пејач и кант-автор кој многу го слушам - Џон Маер. "Тој ми е омилен бидејќи има своја приказна, си има некоја филозофија на музицирање и искреност во неговата музика... многу е добар како гитарист и има интересни текстови што јас му ги сакам. Тој блузерскиот дел, бидејќи има и поп-музика и блузерска. Му ги имам гледано сите интервјуа, сè имам прочитано за него. Едно време купи ранч и замина во Монтана, на човекот му правеа операција на грлото па не можеше да зборува цели две години. Во последно време можеби и од него имам влијание врз начинот на облекување. Кантри влијанието стигна и во мојот плакар. Тој фазон многу ми се допаѓа.

Почнав да слушам некој џез фазон во Софија, покрај братучед ми. И тој студираше во Софија, (кларинет студираше), и ми пушташе музика, концерти, ми правеше „филмови“, ми раскажуваше истории за џез музичариве, бидејќи за секој можеш интересна приказна да најдеш. Ќе го издвојам Мишел Камило, латино џез музичар е. Го слушав кога гостуваше на Охридско лето, човекот свири како јас што ја кревам ракава и го пијам виново, свири „ненормално“! И нон-стоп е насмеан, има неверојатна енергија! Во принцип ме импресионираат луѓе што се многу позитивни.

Во основно бев рапер имавме и бенд. И долго време имав проблем со татко ми бидејќи носев широко, ги носев „паднати“ пантолоните и тој ми викаше,„аман, до кога со ова“? И скејт возев, го нарачував од Швајцарија да ми го донесат, прв бев во Охрид што има скејт подигнат на двата краја, порано ги имаше само оние подигнатите од една страна па излегоа тие од двете, па за скокање ... долго време возев. Да фатам сега сигурно ќе возам пак.

Во средно свирев во бенд, макар што стилот горе-доле си го задржав, на бунтовник, скејтер: имав така една косица, ми беше надоле ама не беа тоа шишки... а малку да пуштам коса одма ми се витка, баш ко шлем ми беше. Ама каква што ми беше виткана косава, мислам дека на сите што имаа таква фризура им стоеше само мене не. После почнав да свирам во еден рок-прогресив бенд па тие широки панталони почнаа по малку да се теснат. Ама никогаш, на пример свирев и метал и сум настапувал по кафичи, не се облекував ко металец.

Самиот момент „плажа“ беше многу поубав порано. Имаше некоја магија. Додека бевме мали, не одевме на плажа сами... и кога ќе му здосадев на татко ми за плажа ќе ми речеше „додека не се истопи снегон горе на Галичица на врвон, не е за капење“. И ние станувавме и гледавме дали е истопен снегот за да одиме на плажа.

Кога почнавме сами да одиме на плажа, кој имаше точак со точак, кој немаше, пешки. Некој пак со ролери. Првично немаше од оние со силиконски тркалца, туку со пластични, и да отидеш до Горица 3, (сегашна Немо плажа), од кадешто живеевме ние, тоа е како да си изодел до Ѓорче и назад. Тоа шкрипи... па секогаш носиш еден, бидејќи ти имаш BMX, а сите немаа тогаш таков точак, па мораш да качиш некој па вози, па врти, ко Боинг да туркаш! Одевме отсабајле до вечер. Па скокавме во вода, правевме „пирамиди“ за да импресионираме женски и сите тие работи...И беше интересно што на враќање, си се уморил од цел ден, и знаеш колку има пат до дома и пак со точаците... ама беше многу супер. Немаше шанкови, беше песок, имаше место каде да го ставиш пешкирот, немаше музики и беше многу искрен период. Сега сè е направено со шанкови и лежалки.

Обично не сум некој тип кој премногу пази на стилот. Не ни знам дали имам одреден стил бидејќи никогаш не сум се грижел премногу за него туку сум се грижел повеќе да ми е убаво во тоа што го носам. А можеби бидејќи се бавам со уметност и несвесно тоа што ќе го купам сакам да е убаво, естетски. И не мора да е за облека, може да е на пример за мебел или за јадење. Сè е работа на креативност. Сакам естетика на работи.

И облекувањето е сигурно начин на самоизразување ама јас не го гледам така. За мене лично не игра некоја голема улога. Не сметам дека преку тоа што ќе го облечам ќе пренесам некаква порака. Со тоа што ќе го облечам си ја прикривам душава некако. Откако ќе ме запознае човек лично и откако ќе го сфати мојот карактер ќе може да створи комплетна слика за мене, за тоа што сум.

Многу сакам документарни филмови бидејќи се отсликува некоја реалност, некаде, одредена приказна за одредена случка, лице и место. Не е исценирано туку е документарец. Затоа и ја сакам повеќе сржта на луѓето, повеќе им ја сакам приказната... па после тоа што тој/таа го носи ми создава плус некоја претстава за нивната приказна.

Мој документарец немам снимено, макар што во иднина би сакал многу да се бавам и со тоа. Имам мои студентски филмчиња иако не сум нешто многу горд на нив бидејќи ептен беше „партизански“ на факултет, ги снимавме сами, не се ништо посебно. И сите работи што ги имав квалитетно направени се поврзани со праксата и работата што ја имав. Досега никаде јавно не сум потпишан дека тоа Јован го направил. Затоа и се тргнав од тоа, за да почнам сам и да почнам имево мое да го потпишувам.

Во Скопје ми се допаѓа што има одредени профили на луѓе кои се „градски“, кои живееле во одреден период кога се живеело послободно, имало и повеќе музика. Еве ќе ги издвојам Јохан и Томе, газдите на „Штала“, кои имаат по 50-60 години ама сè уште имаат млад дух. Можеш да направиш муабет за како било, што било тогаш, за искачање... летоска налетав на Гањо Поповски во „Чамо“, кој всушност работел снимател па ми кажуваше на кои филмови работел, Тито го имал снимано. Супер ми е тоа што во Скопје можам да сретнам такви профили на луѓе.

Со татко ми сме ептен кул, ептен добри пријатели. Сигурно уметничката жичка ми е од него. Тој е резбар ама и добро црта. Се сеќавам, бев мал, имаше тој еден пулт на кој црташе и јас ќе застанев до него и ќе пробав да го прецртам она што тој го црташе... и тој вино пиеше,а јас ќе земев во чаша и ќе си ставев сок од боровница и демек и јас вино пијам.

Има еден гитарист, Томи Емануел. Под „Kings of strings“ тројцата заедно со Влатко Стефановски и Сточело Розенберг, одржаа концерт кај нас. Џипси-џез свири човекот, има над 60 години ама има таков млад дух, цело време е насмеан и прстине му „летаат“, нема мака! Неверојатно! Има едно клипче на youtube, „Classical gas“ е нумерата, ја свири како виртуоз и на крај кога ќе заврши ќе се изнасмее, ко ништо да не било.

Во помалите места немало толкава фрекфенција на искачање. Во Охрид имало диско „Палас", во тоа време татко ми бил добар диско играч. Еднаш имало натревар и во круг на сред диско играл на You're the one that i want од Grease, патем освоил и награда мислам. Тоа биле златни времиња, всушност тогаш и почнало она ривалство Скопјани / Охриѓани... Охриѓаниве од секогаш сакале да ќарат скопјанка. Тие приказни ми се интересни.

Со татко ми сакаме, двајцата заедно, да направиме тетоважа, зборот „мајстор“. Татко ми отсекогаш ми викаше „можеш да имаш не знам каква диплома, да си доктор на науки, да си ова, да си она ама најбитно е да си мајстор на тоа што го правиш“. Отсвири една песна ама отсвири ја мајсторски. Потруди се. Сликај нешто, и едноставно да е, ама потруди се да го направиш мајсторски. Тоа е најголема придавка на тоа што го правиш. И реално е така. Особено во светот на уметноста. Џабе ти е школа и дипломи и триста други работи ако стварно не си мајстор на работата. А „мајстор“ и како збор ми се допаѓа бидејќи е таков, малце старински и е наш. Мајстор! И така. Се трудам да сум мајстор во тоа што го правам, мајсторлукот ќе видиме колку ќе се покаже.

Лошо е што сум сестран. Човек што е сестран никогаш нема да успее во една работа, а многу е поубаво да успееш во една работа отколку да си сестран во сто други. Не дека лутам. Работата е во тоа што, ко секој млад човек, сакам да успеам и гледам некако да не летам толку во воздух туку „да ја спуштам топката“ и да видам до каде можам, што можам и како можам.

Почнувам од нула и почнувам сам. Ете, имам дарба и гледам да ја искористам во некои цели што ќе ми донесат некои други, финансиски придобивки. Инаку би се фикусирал на една работа ако имам одредени финансии, би бил помирен. Би правел авторска музика и нема да ми биде гајле дали ќе ми успее тоа и ќе ми донесе пари.

Кај еден човек може да ме привлече карактерот, неговата филозофија на живот. Неговата амбиција, неговото сфаќање општо за секојдневни работи. Значи стилот на облекување ми е тотално небитен за некој човек да го ценам ко човек или да сметам дека е квалитетен и добар. Бидејќи не секој има добар „сенс“ за облека. Тоа не значи дека вреди помалку. А човек кој само изгледа добро и се носи добро е само „фасада без ентериер“.

Купувам кога имам потреба, не купувам импулсивно. И ретко кој ми го погодува вкусот. Татко ми многу често од Швајцарија ми купува и искрено порано, од 10 работи што ќе ми ги купеше пола ќе ми се бендисаа. И нон–стоп му викав, „немој да ми купуваш“, ама нему му беше мерак и во последно време почна да ми погодува.

Многу сакам кондури, сакам добра обувка. Самиот дизајн на обувката како обувка ми се допаѓа. Кога ќе купам кошула, гледам дизајн ама побитен ми е материјалот. Или фармерки и панталони кога купувам сакам да се едноставни, да нема „џиџани“ работи на нив, да се ептен „simple“. Додека на кондурите многу повеќе ме ипресионира самиот дизајн.

Бев мал, се сеќавам имавме една пријателка Џуди, од Ахен. Во Охрид порано имаше навистина експанзија на туристи од Германија, Холандија, од многу европски држави. Ја запознавме преку стрико ми, кој работеше во „Инекс Горица“ (замисли, во Охрид во тоа време во хотелите имаше и „bellhop“ - портир што ти ги носи торбите до соба).Така ја запознавме, се спријатели со мајка ми, почнаа да комуницирааат и тетка Џуди доаѓаше секое лето а, некогаш и по два пати годишно.... интересно беше што татко ми во тој период работеше во „Отекс“, и се сеќавам еднаш како што ја имаше оставено на стол кошулата, етикетата се гледаше. Татко ми ја виде и праша „еј, а бе чија е кошулава?“ - пишуваше на неа „Отекс“. Значи Џуди во Германија случајно купила кошула „Отекс“. Сакам да кажам дека своевремено „Отекс“ и други конфекции имале навистина квалитет и производи што се продавале на запад „ко алва“. „Отекс“ тогаш бил моден гигант.