Попладнето го поминав во друштво на 6 жени. Останав на својот стол, каде што и си бев, на неколку секунди само се исклучив бегло од целата „фурија“ за да ја констатирам сликата. Продолжив во тие 10-на, колку и да беа, секунди да им читам од усните и од експресиите и бев сведок на успорена снимка од надгласувања, надополнувања, надодавања, кикотење, секоја со секоја, на секоја, секоја секаде присутна во муабетите на секоја од нив… – сензационално! Во случај ако сте заборавиле како е да си во друштво на шармантни, интелигентни, самоуверени, дрдорести, палави, со доза на она детинaстото, неодоливи, со еден збор, ж-е-н-и!
На мое барање Сандра беше водечкиот наратор, која морам да нагласам, се истакна со исклучително бистри мемориски капацитети кои секако ги преточи во исто толку живописна наративна нишка. Да речеме, присуствував на јавно листање и читање на глас од страниците на нејзиниот ментален „споменар“ за „втората третина“ од нејзиниот живот: Скопските „дечурлана“ во ’90-те. Соговорничките будно ја пратеа и соодветно суфлираа и надополнуваа споделувајќи ги искуствата… Веродостојноста на ретроспективата секако дека беше поткрепена со материјални докази, односно зачувани примероци (топуци) обележја на соодветната ера. Се’ си беше кажано на место… со значителна доза на хумор, амплитуди во говорот, пцовки и себе-ругање, не толку типични за вообичаената дама. – Вообичаена?! Стереотипите се веќе одамна надвор од игра! Од неодамна важи дека „најпривлечни се жените што отворено и енергично ќе се изразат, па дури и ќе опцујат, мушки!“ – Така е! Така всушност и било, отсекогаш.
Иако исклучително ретко, умешност е пцовките да делуваат симпатично! Мојата „прва“ дама Сандра, поточно, „наратор примариус“ е жив доказ за тоа, таа е веродостоен примерок за овие вториве, дами. И те како е шармантна! Она „момчешкото“ таа го има дури и во гардеробата, суптилно и префинето, си го има „моментот“ во стилот! Таа носи џокејски чизми… во комбинација со (навистина) женствен фустан… на свадба! Кој би рекол?! – „Ова е „торта“ фустан, и ова е мојот свадбарски аутфит. „Те мооолам само облечи фустан!“, – ме молеа кога требаше да бидам старосватица…“ Но не е во прашање ништо помалку од рафинирана и класична елеганција! -„Сакам баланс, да се чувствува и машкиот елемент; женскиот момент да е присутен но да не е пренагласен.“Вообичаено пак, преку ден, ќе ја видите во маичка со Дизни апликација а уште поверојатно, во спортски дрес! Не е во прашање ништо помалку од свој личен печат: „детскиот момент и дресовите отсекогаш сум ги имала, си имам одредени „моменти“ уште од дете“…едно е сигурно, непредвидлива е… едно е најсигурно: „моментот“ – деталите. Ретко само наѕираат од косата или од ракавот, на реверот… најчесто се гласни, и тие исто така живописни и колоритни, динамични и интензивни, дури со доза на хумор…што така фино ќе те изненадат, дури и ќе те треснат од земја! Една од суфлерите ја дефинирaше: „Натрупана, и’ стои тоа што на никоја друга не би и’ стоело, на парчиња што никоја друга не би ги ни облекла!“ Секое нејзино издание е „момент“, „фешта за очи“, како што реков, со твист на забава. И додека те анимираат сините јарки очи, уникатната боја на глас и отворената насмевка, полемизираш во себе дали Сандра повеќе потсеќа на Џоди Фостер или на Дарија Вербови… Одлучете сами, додека таа Ве лансира назад во тин шемата од 90-тите во Скопје… „ –Што, немаш флуоресцентна пластична цуцла привезок?! – Шетај беее!!!“

Мислам дека ние ја имавме „најглупата мода“ што постои. Според мене. Ако зборуваме за модата во свое време, а под тоа се подразбираат твоите тинејџерски денови, мислам дека дефинитивно ја имавме најодвратната мода. Имам 33 години, значи зборам за модата пред 15-на години најмалку, кога бевме прва-втора средно. Нормално и јас ја пратев, и јас си се носев така, сите си се носевме...значи одвратно!

90% од работите што ги имам мислам дека моите ме имаат натерано да ги купам. Отидовме до Солун со моите (обично сакам да шетам во нивно друштво) и непланирано, на поминување покрај некоја си продавница, ми се запнаа „ајде бе, пробај ги балетанкиве“, и ме натераа да ги купам, а не сакав. Како ги купив не ги извадив од нога! Шалварите ми се од Лондон, „Дезигуал“ се. Блузичкава ми е од втора средно, си ја имам купено од „Стружанка“ и немам намера да ја извадам од плакар...чувам полно стари парчиња.

Јосип Броз (гимназијата) ни беа „трендсетери“ на времето. „Бенетон“ беше статус-симбол. Шизиците и шизиките беа облечени во „Бенетон“. Блузон, врз крагњиче во боја... и секако монтките од „Клуб 77“. Имав точно 15 години и ко да се смени некако се’ преку ноќ ...се појавуе „Фард“! Не, прво се појави „Оникс“... Мораше бе да се има парче од таму, како да ти кажам?! - Најглупост да е, не е битно! Отров скапо беше, панталони од 4000ден., стигаа и до 100 евра! Најпрвиот дуќан беше на трети спрат во ГТЦ, брат му на Бојан Емануел го донесе прв во Скопје; карши неговиот беше дуќанот на Бети „Пијано“, она пак продаваше „Енерџи“ ствари. После него почнаа масовно низ градов да отвараат Фард дуќани... тоа беше чекање редови!

Ги чувам се’ уште: два пара кондури од „Фард“. Едни топуци, понезгодно нешто за одење не постои! Мислам дека во историјата на модата, не дека се разбирам до толку ниту пратам, такво нешто не е извадено... реков, ќе чувам два пара, едни чизми и едни ниски, за да им покажам на моите деца што сум носела... и тоа си стои. Смешно е затоа што многу сакам кондури, и ми се најбитни од гардероба! И за маскенбал рековме, за 1-ви Април, таман! Гланц нови се, 2 пати дали се облечени... катастрофа!

А во осмолетка цуцлите?! Во 6-то одделение? Немаш привезок пластична флуоресцентна цуцла? - Бегај бе!!! Тие беа, онака... Идеш, се облакаш во „Бенетон“, носиш „Најк“, и имаш цуцла. И најпознатите, снопот што се носеше, збир на различни ситни привезоци од „Рубин кармин“. Мислам, како да ти кажам... срциња привезоци, ги имаше и златни и сребрени. Мислам дека тогаш „Рубин кармин“ ги направи најголемите пари, остај стариве што кажуваат златара „Целе“ ова-она, не знам што! И карминот што излезе: Зелен! И тоа многу јака зелена, дреч, скоро флуоресцентна; го нанесуваш зелен и после две минути менува боја, станува црвен или розев... тој беше онака, „Хај-тек“!

Климт го сакам ради колоритите... и нашиот уметник Корубин, кој исто така применува многу бои... боја, цело време се врзувам со боја. Сакам колоритни работи и сакам работи што не одат заедно, што не одговараат... и немам толку гардероба колку што веројатно имам парчиња што ми се „моменти“... мислам дека финишот секогаш лежи во тој „момент“, што сакаш друго носи! И мислам дека тука лежи твојата приказна, изразувањето на тоа што си „ти“.

Значи, две личности во животов се моите модни „гуруа“ - татко ми и мајка ми. Тоа се две личности кои имаат развиено еден така фантастичен осет за естетика, форма и боја. Ден денес кога треба некаде да се појавам, да отидам, а да ми е особено важно, се обраќам прво кај нив за одобрување на тоа што ќе го носам... татко ми е повеќе по добрата софистицирана класика, повеќе во стилот на Армани да речам; и мајка ми исто така, но со додатна примеса на „еден откачен момент“; таа бара, сака да го најде тој еден добар детал на тебе... Двајцата заедно се моите најдобри консултанти.

Татко ми се бавел многу долго време со мода и е еден од ликовите кои важеле за градски трендсетери во тоа време. Се бавел со производство на фармерки, под брендот „Панда“. И бил таков градски, скопски симбол, исто толку битен колку што биле и Васе, Лонѕа, Клуб 77. Тие три и Панда. Колку што имам слушано од луѓево, морало да се има фармерки од Панда. Не можам да се сетам точно на годината кога му била доделена плакета за најдобар дизајнер во Југославија... колекцијата била изработена во Белград, во ‘80-те. Имам и јас едни „Панда“ фармерки од тоа време што и ден денес ги носам. Повеќето што тогаш ги носеле овие фармерки се’ уште ги носат. Да, имам некој бекграунд и можеби затоа не сум се интересирала до толку за мода, веројатно затоа што од дете сум растена во една таква средина... Овој џемпер ми е фаворит и го носам со фармерки и со маица.

Не пратам трендови, не знам што е актуелно. Да ме прашаш сега... и не знам кои се ударни дизајнери, популарни модни куќи, апсолутно немам појма и не ме интересира...не знам да ти набројам дизајнери освен тие што се комерцијални и што секој друг ги знае. Ташничево ми одговара на се’. Го купив на плажа, од продавница за детска облека...

Дипломирав на внатрешен дизајн во Фиренца, потоа следуваа пост-дипломските студии во Милано. Најпрво упишав економски факултет во Солун; поради здравствени причини прекинав, и откако сè добро се заврши, одлучив ‘отсега го правам она што го сакам’! Mе примија на Академија во Фиренца и наредните 2 години ги поминав таму. Три години по ред упорно аплицирав за докторски студии во Лондон, таму сакав отсекогаш да учам... и конечно ме примија, најбитно ми беше што си докажав на себе дека успеав во тоа...

Мислам дека стајлингот не ми еволуира многу затоа што повеќето работи што се во тренд ги густирам за многу кратко време. Како што има трендови во мода, така има и трендови во внатрешно уредување, ѕидање, градење, технологија, материјали итн., и брзо ги густирам и тие трендови. Можеби затоа не се фокусирам и на модата како гранка и не ја користам како алатка за изразување затоа што веќе имам поле на кое што се изразувам; не ми треба дополнително да се доизразам како личност и на поле „мода“...и затоа можеби не ги пратам трендовите во модата; веќе ги пратам ваму и кога би ги пратела и модните би ми било премногу...

Се искачаше и во „МНТ“. Се искачаше и во „Силекс“ дискотеката но немав отидено ниту еднаш, моите не ми даваа; на цело наше друштво, ден денес што се дружиме, не ни’ беше дозволено; „Кај сакате идете али, го пречекориш ли мостот Камени, тешко тебе!“, чаршијата важеше за опасна во тој период, и таа ни беше забранета зона, тотално.

Идеш четири пати „1-2-3-ХОП“ па се вртиш на другата страна... сите играа на тоа, уште го памтам денсот! Знаете кој го воведе?! – Домците од 11-ти Октомври! Компир и Селма, они беа парот за играње... они го отвораа, никој немаше храброст да го почне, сите уплашени, знаеш, незгодно! Се чекаше прво на нив, потоа влагаа тие малку поопуштените, па сите останати... Многу беше популарен и долго време се играше.

Стилот често може да биде само моментален одраз на конкретна состојба на умот, или на ситуацијата во која се наоѓаме. Имам многу пријатели „металци“ кои се екстремно кротки, фини, високо-образовани и прошетани луѓе иако нивниот стил е „чуден“ и тешко прифатлив за многу луѓе. Стилот на облекување не ја оддава секогаш комплетната слика.

Имам и другар „трансер“ кој е апсолутно елегантен, деловен, облечен во стилот на Хуго бос... нема ниту еден момент на него што асоцира на транс; ниту едно нешто по кое би го провалил, да носи некоја си кожичка на рака или симбол, маица, и кога е лежерно облечен. И во приватен живот бил отсекогаш таков, како да не бил на ниту една транс журка.

Оваа ми е „свадбарската“ комбинација, вака сум најдотерана... Вака облечена бев старосватица. Ми се јавија и ми рекоа, „Те молам само носи фустан, прави што сакаш само те молам носи фустан!“ Па им праќавме на младоженците од Солун слики од фустани: „а овој? Овој?! Овој...“ На крај го видов овој на мене и го земав без да им пуштам слика. Продавницата беше само за некои такви, „торта“ фустани. Беше изложен со едни дијаманти, абе што да ти кажам! И „лејди“ беше скроз. Јас си го замислив со кожна јакна и чизми и го купив. Панделката ја врзувам нагоре, за да делува по „машки“, да има строгост... Сакам да има строгост. Само треба да е испеглан... :) нормално, го носам со ниски кожни чизми и кожна јакна... Тогаш бев и прв пат толку нашминкана, најчесто ставам само римел.

Мони: „Брошов е од „Марни“ и е нејзиниот омилен брош. Го става насекаде. Ирина: „Скршен е. Буквално, го има скршено од носење!“

Мони: „Ташната најлево горе ја има откорнато од носење и се’ става во неа! Сандра ја купи прва од „Зара“, потоа и сите ние. Нејзината, кафеавата, излезе најубава, затоа што од носењето и’ омекна кожата и стана мн добра. Жолтата под неа е Кавали, поклон и’ е за роденден.“ И кремавата ташна најдесно со „Сандра моментот“: накит закачен на ташнa. Понекогаш знае да го носи истово ланче и како каиш. Има периоди кога една иста ташна ја носи со се’, дали преку ден, дали навечер, било каде.“

Како дете имав едно розево зајче брош и без разлика дали ми одеше или не, го носев на сè... Мислам дека од дете сум едно исто. Имам и нови „моменти“ но и оние што отсекогаш сум си ги имала, и детските моментчиња... носам маици со ликови на Дизни... и дресови, ги имам неколку! Сè ќе им биде дозволено на моите деца, само не смеат да не сакаат дресови! :)

Последниве 2-3 години поретко излегувам. Си ги имам најдобрите другарки, си ги имаме местата каде што постојано одиме заедно, на јадење или на пијачка… сакам и да си освежам контакт. Сакам да гледам нови луѓе, и гледам да менувам , да движам. „База“ за кафе ми е „Суперфлај“. Најинтензивни до сега ми биле „Суперфлај“, „Излет“ и чаршија... Знам понекогаш да се појавам и на фенси места како „Кала“ или „Интермецо“.

Накитот те открива. Накитот кога ќе го видам, знам што типче си. Не дека се напрегам да анализирам, едноставно знам. Мислам дека деталите повеќе не’ издаваат како личност, тоа што сме вистински; побитните црти на еден карактер се откриваат преку детали. Дента можеби девојката е расположена па носи по „хепи“ боја, затоа облеката во тој поглед не ми игра улога. „Моментчето“ е важно, алкичката, саатот итн... И не мора да е баш накит, може да е збрцан молив во коса, без врска што и’ дошол при рака... деталчето е всушност битниот „момент“.

Mодата се рефлектира на се’, од градежништво до индустриско производство. Во внатрешното уредување поготово. Материјалите што се користат, штофовите, принтовите... се’ се оплеменува преку одреден принт. Знаеш, тоа е финишот. Дали се работи за просторија во која ќе влезеш, или гледаш зграда пред тебе, формата можеби и нема да ја забележиш прва колку ќе ти падне прва во очи фасадата, во тоа што е „облечена“. Дизајнот на вратава е моj. :)

Личниот стил неизбежно има големо влијание врз уредувањето ентериери. Понекогаш тоа може да биде и маана... Воведуваш свои моменти кои не секогаш се прифатени, нормално. Секој инвеститор има сопствени специфични барања. Во тој поглед, колку што може, гледам инвеститорот да одговара и на мојот сензибилитет, барем до некаде да сме „близу“, да се погаѓаме. Доколку не, ќе го препратам кај мој колега или соработник кој знам дека би ги исполнил барањата. Не ни може поинаку, во спротивно нема да се заврши работата како што треба.

Најнепрактичниот човек за шопинг мислам дека сум јас. Нема понепрактичен. Купувам импусливно, ми се допаѓа во моментот, го купувам. И кога ќе го донесам дома... можно е и да не ми се допаѓа повеќе. Кога веќе купувам импулсивно, гледам барем да се поевтини работи, да не ме „боли срце“; поскапите, е тие ги мислам, ги преспивам...

Скопје го сакам затоа што ми е „дома“. Сите знаеме на кое „ниво“ е, коментираме и го критикуваме но, како и да е, дома ни’ е. Ако ништо друго, знаеш дека можеш во било кое време да му се јавиш на некого, да му се „истуриш“ и да му спуштиш слушалка и утредента да биде „нема везе, идеме кафе да пиеме...“