„Ми се случило да отидам на театар и несвесно да ја пропуштам претставата опседнат од креативните мисли за музичка тема што ми се врти во глава. И, додека не ја запишам, отсвирам, испеам… едноставно не сум мирен.
Мојот професор по Аранжирање Кире Костов честопати ми велеше: „Тоа е болеста аранжерска, Глигорије“. Епидемијата е таа, нема бегање. Заразен еднаш и за цел живот.
Не би можел без музика, музиката е мојата мисла, моето вдишување, издишување, постоење! Јас не би бил Глигорије, ако сум без музика.“ – Глигорије

Паметам една вечер седев пред телевизор и гледав филм со еден виолинист. Бев длабоко внесен, и си реков во себе, и јас сакам да бидам како него! По некое време желбата почна полека да ми се остварува кога на приемниот во нижо музичко комисијата процени дека треба да свирам виолина, додека моите родители кога ги поднесоа документите за прием во нижо во графата инструмент, имаа пишано пијано. После приемиот јас бев пресреќен, а моите родители шокирани.

Приказната започна кога по некое време завршив нижо музичко и запишав средно виолина. Во меѓувреме додека бев нижо негде 5, 6 одделение, почнав сам да истражувам музика внимателно слушајќи плочи од колекцијата на татко ми, бидејќи тој е голем колекционер. Тогаш ги пронајдов Bob Marley, Isaac Hayes, James Brown, Ray Charles, Kool and the Gang.

Најпосле ме заинтересира магијата на хип-хопот и нејзината култура. Барав нешто ама не знаев што. Татко ми тогаш ми понуди да слушнам една плоча со наслов „Rapper’s Delight“ од The Shugar Hill Gang… Е, тука откачив, и реков... Тоа е тоа! Го направив првиот „scratch“ на грамафонот и ја оштетив иглата... Хахаха... Се навлеков на таа музика, која што е дел од мене и денес.

На факултет запишав „Музика и аранжман“ во класата на проф. Кире Костов. Оттогаш па наваму почнав да слушам музика предводена од Биг Бенд Ансамбли. Тој период го пронајдов jazz fusion-от (Miles Davis, Herbie Hancock, Billy Cobham, Groower Washington, итн.) Па, потоа свртев накај латино-американската музика.

Кое музичко искуство или соработка досега ти е особено драго, те има подучено или едноставно би сакал да го споделиш? - Сите ми се драги и сите подеднакво ги почитувам и сакам. А, би ја издвоил соработката со моите драги пријатели, Тони Зен и Нино Васков. Ни гостуваа во албумот „Спектар од бои“ во мојата поранешна хип- хоп група „Скопски Метеж“.

Со кој музичар, од оние кои не се повеќе меѓу живите, би сакал да jamm-ирате или, да си помуабетиш на пиво? - Jam Session дефинитивно уз пиво во придружба на Stephan Grappeli, Chuck Berry, Little Walter, Stevie Ray Vaughn, Bob Marley. А, од живите...Anderson Paak, Erykah Badu, Common, Robert Glasper.

Виолинист од минатото или од денешницава на кој особено му се навраќам и кој ме „влече“ повеќе од сите други е Stéphane Grappelli. Уште кога го слушнав во средно, знаев дека тоа е звукот што го барам од виолината. И до ден денес го слушам, учам од неговото свирење, и ме импресионира во душата исто како и првиот пат кога го слушнав. Во средно почнав повеќе да ја истражувам класичната музика бидејќи свирев дела за виолина пропратени од клавирска придружба.

Од авторите од мојата домашна библиотека кои сум ги читал и ми оставиле некаква слика, или порака, ме импресионирале со приказна која во одреден момент ме инспирирала за ново, поинакво размислување, гледање, би ги издвоил: Пауло Коелјо –„Алхемичарот“, Спенсер Џонсон – „Врвови и долини“, Робин Шарма – „Калуѓерот што го продаде своето ферари“, Максанс Фермин – „Снег“.

Местата каде има добра музика, и добри луѓе, ме имаат и мене. Моментално најомилени ми се празните простории за свирење на мојот факултет. Таму во последно време си го пронаоѓам „зенот“ знам да си заседнам и со часови, да заборавам на простор - време, и да свирам пијано, да правам – истражувам музика, учам, читам, креирам. Онаму каде што е мирот, љубовта, и добрата музика, таму сум и јас.

Ми се случило да отидам на театар и несвесно да ја пропуштам претставата опседнат од креативните мисли за музичка тема што ми се врти во глава. И, додека не ја запишам, отсвирам, испеам... едноставно не сум мирен. Мојот професор по Аранжирање Кире Костов честопати ми велеше - „Тоа е болеста аранжерска, Глигорије“. Епидемијата е таа, нема бегање. Заразен еднаш и за цел живот.