„Љубовта го движи мојот свет и сметам дека таа е сè што ни треба. Работата, пријателствата, врската или бракот, домот, мајчинството па дури и стилот на облекување мора да се темели на љубов за да вроди со плод и да заживее. Единствената личност која е одговорна за тоа каде се наоѓаме во животот сме ние самите. Никој друг. Излезете од комфор зоната, работете напорно и станете подобра верзија од себе.“ – Загорка
Приказната за неа, како и неколку минати, го содржи моментот на „пред и потоа“. Иако претходните фотографии и оние „најсвежите“ , испреплетени, се доказ дека таа останала верна на себеси и на својот стил, со шмек на созреаност и сјајој кој се добива при себереализација, издигнување скалило погоре од она што ќе си го зацртаме. Збогатена од низа бесценети случки, доживувања кои го дополнија целокупниот приказ. Спој на искуства и мисли, стил кој не би дозволил да остане неприбележан. Погледнете подолу. Ќе се согласите со мене, нели?

Пред сè мислам дека е најважно да се чувствуваш добро во облеката што ја носиш, бидејќи тоа се гледа однадвор. Сакам да се издвојувам од толпата и да носам нешто поразлично или дури и кога носам basic парчиња да им дадам свој личен белег. Не ми се допаѓа униформираност, повеќе сакам да купам нешто што нема да го гледам на другите девојки, макар и по цена да отскокнувам и да ме гледаат чудно.

Стилот низ годините доста ми еволуирал и ми се подобрил, морам да признаам. Возраста, начинот на живот и искуствата ме менувале како внатрешно така и надворешно. Научив дека честопати помалку е повеќе кога станува збор за гардероба, накит или шминка. За разлика од порано, ретко носам масивен накит од бижутерија и силна шминка. За секој ден носам минималистичка шминка или воопшто не се шминкам.

Сметам дека модниот маркетинг е страшна машинерија и честопати успева да ни наметне желби кои инаку би ги немале. Кога светските брендови ги лансираа „пижамите и папучите за надвор“ навистина не бев импресионирана, но многу брзо ми „легнаа“ па си купив по некој чифт. Сепак, не ги прифаќам сите трендови кои ни ги налага модната индустрија. Не сè се вклопува во мојот стил и се држам до тоа. Важно е да останеме верни на себе и нашиот личен стил.

Аутфитот е најбрзиот начин да пренесеме порака. Дали сме бунтовни, конзервативни, лежерни, ведри како личност или можеби позатворени. Свесно или несвесно, преку начинот на облекување зборуваме уште пред да проговориме. Токму затоа, стилот на облекување треба да биде во согласност со нашиот карактер, начин на живот, нашите афинитети или цели. Но и со пригодата. Сметам дека тоа дури е добар манир и знак на добра култура. Несоодветното облекување испраќа лоша порака.

Но, кога излегувам сакам да бидам скоцкана од глава до пети. Носам фустани кои ја следат линијата на телото во комбинација со високи потпетици и добра чанта. Добриот аутфит ми дава самодоверба. Секогаш и сегде се обидувам да бидам облечена согласно пригодата и природата на настанот но и да внесам личен печат во секоја комбинација. Никогаш премногу строго деловно, ниту ептен спортски.

Мислам дека добриот стил се стекнува со текот на времето и искуството. Низ годините го усовршуваме и дефинираме, на начин како што се дефинираме и спознаваме себе си. Тие две нешта се поврзани едно со друго. Сосема е нормално една личност да лута додека да го пронајде вистинскиот стил. И да смени неколку, нели, особено додека човек е млад.

Она што веднаш успева да ме освои кај некоја личност е самодовербата и начинот на кој успева да ги носи парчињата. Сакам луѓе кои зрачат со позитивна енергија каде и да се појават. Едноставно пленат. Потоа забележувам чевли, особено ако се на високи потпетици и начинот на одење на една личност. Сакам луѓе кои се движат грациозно.

Што би му кажала на твоето тинејџерско „јас“ да можеше да се вратиш назад во времето? - Топуците од Phard, кратките маички во комбинација со фармерките со екстремно низок струг, сенките за очи во сина и лила боја и лажниот тен изгледаат навистина ужасно. Но, тоа е фаза која треба да ја поминеш токму во тие денови и да ја преживееш како и сите искуства во животот. Би си рекла, уживај максимално во секој миг од твоето патување и немој никогаш да се грижиш што ќе речат другите. Нема да им се допаднеш на сите и тоа е сосема во ред. Најважно е да веруваш во себе и луѓето ќе те ценат поради тоа.

Имам подароци кои ми се особено драги. Речиси сите се од мојот сопруг. За триесеттиот роденден ме изненади со моите омилени и долго посакувани Лобутинки. Ги обожавам, колку и да се незгодни јас ги убивам од носење. Годинава кога се породив, ме изненади со златно ланче со натпис Кира, кое секогаш го носам на врат. Имам и еден прстен детелина, кој ми го подари без повод и ми особено драг, не го симнувам од рака. Вереничкиот прстен, една посебна чанта и некои други.

Која е најдобрата работа што ти се случила досега? - Несомнено, најдобрата работа ја искусив годинава. Ми се случи најневеројатниот, најмагичниот миг од животот, станав мајка. Тоа е еден комплексен спектар на емоции и навистина на секоја жена и посакувам да го доживее. Најчистата и најнесебичната љубов во животот. Кира е центарот на мојот свет, не постои нешто што не би го направила за нејзината среќа.

Љубовта го движи мојот свет и сметам дека таа е сè што ни треба. Работата, пријателствата, врската или бракот, домот, мајчинството па дури и стилот на облекување мора да се темели на љубов за да вроди со плод и да заживее. Единствената личност која е одговорна за тоа каде се наоѓаме во животот сме ние самите. Никој друг. Излезете од комфор зоната, работете напорно и станете подобра верзија од себе.

Кое музичко искуство генерално, особено ти било драго и незаборавно? - Музика слушам зависно од расположението и пригодата. Сакам електронска и денс музика, но тоа е повеќе кога сум излезена. По дома сакам да слушам реге, соул, инди поп или џез. Да издвојам и по некоја омилена нумера, Wicket game- Chris Isaac, In the manner of speaking- Nouvelle Vague, Paradise - Coldplay, Free love- Depeche mode, My kind of love – Emeli Sande, You’ve got the love - Florence & the Machine, Mad about you – Hooverphonic with Orchestra, Wonderful life – Hurts...

Го обожавам Дебар маало, а посебно уживам во шолја добро кафе во „Кофи фактори“. Градскиот парк за мене е најдобриот дел од градот, посебно откако сум мајка. Јас сум дете од Карпош па посебна носталгија ме врзува за тој дел од градот, но Водно е мој дом последниве три години па ги согледав неговите убавини посебно во лето кога е посвежо и воздухот е почист.

За Скопје можам да зборувам до утре. Би навела многу нешта кои ми сметаат и би ги променила, посебно градежното силување кое градот го доживува последниве години и загадувањето во зима. Но, сепак јас не можам без моето Скопје и за мене е најубавиот град на светот. Секоја година ни нуди прекрасни моменти како што се првиот снег во зима, расцветани липи на пролет, мирисот после дожд, првото сонце во март и полни тераси во Дебар маало. Исто така луѓето без кои не можам да живеам ми се тука, ова е мојот дом.