Гардероберот на Ангела не е ништо помалку од сон во „живи“ бои. Зад вратите ми се отвори нејзиниот свет, се појавија ударни нијанси и разиграни принтови, но и елегантни лелеави парчиња. Ова не е изненадување кога се размислува за нејзината иконска „етикета“ како балерина, со техника која бара огромна сила, вештина и флексибилност, но сепак, обучена да изгледа нежно и грациозно во своите движења… Мешањето модели и експериментирањето со бои се составни делови на нејзиниот сензибилитет, како и на нејзиното лично чувство за стил. „Многу ме инспирираат бои. Кога ќе си го отворам гардероберот или имам некои екстремно шарени парчиња, и си викам леле доста, но многу сакам да експериментирам во тој поглед. Да е поразлично“. Танцовите движења како арабески и пируети се дел од основниот вокабулар за движење на балетот, а такво чувство имав додека игриво се нижеше една комбинација по друга. Убавината и слободата на движењето на телото, преточени во стилски израз. „Ништо не е случајно и сè е свесно, па така и изборот на гардероба и модни додатоци. Со сè што ставаме на себе, сакаме да покажеме нешто и привлечеме некого. Облеката зборува многу за нас и колку повеќе внимание посветиме кон искрено пронаоѓање на сопствениот стил, а не копирање и следење на нешто што е тренд во моментот,толку повеќе ќе пренесеме автентична, јасна и оригинална слика за себеси“.
Истражете ја целата колекција на Ангела и видете го гостувањето на специјалниот „цупкач на прстиња“, нејзиното преслатко кученце, подолу…

Љубител сум на емоции, а балетот ми е прекрасна подлога за себеизразување преку главниот инструмент на оваа професија - телото. Генијална машина што совршено функционира, ми дава можност да сум во една секојдневна нова игра со себе, ги запознавам и најмалите делови, емотивно полнење и празнење, танцување и кога не ми се зборува, тренинг на умот, адреналин, уживање во моќта на женската естетика. Ја сакам убавината и слободата на движење, во просторот и времето, пред очите на публиката, подготвена да допрам и до нивното најдлабоко битие.

Моите ме запишаа на балет на 7 год. Како рекоа „Многу сакаше да играш, те запишавме и ти Ангела не се откажа“. Добро реков, фино се решила мојава судбина дека не сум се откажала :). Ама навистина ми е пасија. На 14 год. целиот фокус ми беше на тоа и знаев дека морам да се вложам. За разлика од руски школи каде што штом детето се запише, го тераат да вложи максимален труд, тука тоа почнува подоцна. Од 30 почнува врвот на балерината и зависи колку ќе си го чува телото, до кај 40 е максимумот за играње. Ме исполнува, сцената, публиката, сè!

Ќе го издвојам кореографот Лео Мујич, кој за МОБ направи една прекрасна приказна, „Ана Каренина”. Лик од два метра, маркантен, препознатлив до немајкаде. И уште едно искуство што ме врзува за средно - се спремав за натпревар и покрај класични варијации требаше да се претставам и со модерно парче. Тоа ми беше прв контакт со модерниот танц и благодарение на професорката успеав да се осознаам во едно друго светло, да не се плашам да се покажам во истото, да излезам надвор од сопствените рамки во многу креативен процес.

Балерини кои екстремно ми се допаѓаат првенствено по начинот на изведба и танцување, потоа по експресијата, посветеноста и нивото на уметност кое го поседуваат, како и по начинот на живот што го негуваат надвор од балетскиот свет се Polina Semionova, Ulyana Lopatkina и Diana Vishneva. А општо земено огромен мерак ми прави Берлинскиот Национален Балет, почнувајќи од откачено добрите играчи, претставите, па сè до начинот на кој го прикажуваат и доживуваат класичниот балет денес.

Мода и уметност? Директно поврзана, екстремно значајна релација. Појдовната точка е естетиката. Особено ми се допаѓа високата мода и ревиите на Iris Van Herpen, McQueen, Zuhair Murad, кои од својата облека креираат уметнички дела во 3D. Во балетскиот свет има една интересна личност која би ја спомнала како директен пример како се имплементира и поврзува модата со уметноста, Berlin based артист, Maldire dancewear, кој прави балетски трикоа со флорални принтови, елементи од фауна, тонови и бои, суптилни детали…ѕирнете на IG.

Ништо не е случајно и сè е свесно, па така и изборот на гардероба. Со сè што носиме, сакаме да покажеме нешто. Облеката зборува многу и колку повеќе внимание посветиме кон искрено пронаоѓање на сопствениот стил, а не копирање и следење на нешто што е тренд во моментот, толку повеќе ќе пренесеме автентична слика за себе. При прв контакт со некого секако стилот и облеката ми се првиот впечаток за него, но дефинитвно не го оценувам карактерот на база на стил. А несомнено ме привлекува впечатлив кул машки стил и добро скоцкана девојка.

Стилски и како правец често знам во одредени периоди да си се запрашам на каде се движам, развивам и оформувам. Зашто реално се менуваме, не е дека секој пат сме исти или исто се облекуваме. Многу ме инспирираат бои. Кога ќе си го отворам гардероберот или имам некои екстремно шарени парчиња, и си викам леле доста, но многу сакам да ескпериментирам во тој поглед и затоа секој пат одново и одново бирам нова боја. Да е поразлично. Сакам и шарени чорапи и ги имам многу.

Затоа и ми се допаѓа маицата со „Authenticity is the best power“, посебно сега со социјалните мрежи, инфлуенсери и сл. Живееме во модерен консумеризам и сите следат одредена личност што промовира одредена облека, ја купуваат и тоа е тотално неавтентично зашто не си тоа „ти“. Гледам дека сè оди во тој правец – crop top, хеланки, сè во иста боја, униформирано, многу ми е копирање. Треба човек повеќе да се потруди. Нормално, естетика е во прашање, не дека треба да се оценуваме според облеката, но зборува...

Имавме со другаркиве балерини еден проект, се отвори кабаре во Битола. Бевме скептични дали да прифатиме, зашто кабаре нели, па има и казино и знаеме тој цел фазон во кој правец може да отиде, но прифативме, се отвори, супер излезе. Имавме костимска/генерална проба и една од балерините не беше задоволна со костимот. Малку беше чудно сошиен целиот дизајн и ептен се изнервира, до солзи. И ок, нам како балерини битно ни е да ни е удобно тоа што го носиме.

Понекогаш малку претеруваме, сè нешто како не ни се допаѓа, а нашата работа е да изиграме, не да се оптеретуваме како ќе сме облечени, сепак има кој мисли и решава за тоа. И баш ѝ реков, „Не те носи тебе корсетот, ти го носиш“. Значи ако знаеш ти да го носиш, си го тераш своето, нема никој да го забележи корсетот. Некогаш треба да си го смениме начинот на размислување. Зашто ако се фокусираме на тоа „не е добро, не е добро“, ништо не излегува. И во тој поглед гледам да работам на себе. Отворај очи, гледај од сите страни, учи.

Уживам да гледам добро облечени луѓе, иако понекогаш знам да си искоментирам „каде вака”. Тоа ми е блиц мисла и освен на смешка не продолжува зашто апсолутно почитувам сечиј избор и стил. Голем процент од луѓето во Скопје се носат шаблонски, комерцијално и по малку досадно, но има еден добар процент на различно и квалитетно префинети стилови што се мелем за очи. Азиската мода досега ми е фаворит, имав и прилика да ја доживеам и тоа таму е друг универзум. Посебно се опседнав со кимона после тоа искуство.

Во теорија, возраста влијае на парчето што го одбираме и истото го поврзуваме со одредена фаза или старосна граница. Сметам дека особено внимание треба да се обрне на реалната слика за себе пред огледалото и да не се бега од истата, бидејќи таа ќе нè донесе до правилен избор. Формата и должината за мене се важни зашто влијаат на визуелниот приказ. Но во пракса, од позиција на 20 и нешто годишна девојка, ако тотално веруваш во тоа што го носиш и можеш да го износиш (без прашање „а бе мислиш ли океј е ова да го носам?”) feel free and go for it.

Нотесчето ми е подарок. Во воз во Кина со еден дечко не можевме да искомуницираме зашто не зборуваше англиски, сакаше да се запознаеме, не се разбиравме, а они не ги користат социјалниве мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“, си имаат свои. И ми го даде ова и ми даде една многу убава запалка. Јас смотана наместо да ја ставам во куфер, ја земав со мене и на аеродром ми ја земаа. Срце ме болеше за тоа.

Треба да си го најдеш своето и не би требало да се водиш по тоа како некој друг прави. Сите гледаме, не викам дека не, но сепак да имаш свој печат, да е интересно. Тоа ми се допаѓа. Такви ликови сакам да гледам, не само во врска со облеката туку и општо, карактерно, навики, зборување... Позади сè се крие интелектот.

Ме инспирираат желбите и целите кои си ги поставувам сама на себе. Моите родители и луѓето со кои бирам да се дружам и поминувам време. Рутините кои ги имам во денот зашто ги уживам. Ме инспирира знаење, успех, мудрост, позитивна и убава енергија, многу смеење, музика, добра журка и квалитетен љубовен живот. Сè на сè, ме инспирира хедонизмот.

Како стил-икона некако прва на памет ми е Peggy Gou. Толку убави и внимателно одбрани детали користи во облеката, знае вешто и кул да носи и спортски варијанти и обратно на тоа да е елегантна. Во одредени комбинации ги комбинира и двете крајности многу фино и тотално се прикажува себе си каква личност е преку облеката. Цртите на ликот и се толку специфични и убави, а минималистичките тетоважи по телото ептен ми го комплетираат целиот нејзин лик.

Сега варијанта си имам за излегување – „Зеленика“ на Водно, а спротивно на тоа па, знам и во „Three kitchen“ да отидам. Сега не одам баш, ама порано многу често одев во „Кино карпош“, во „BKW“ знам да седам, тука ми е во близина, „Бистро комедија“ исто од новите местенца, „Makka“. Го сакам „МКЦ“, сакам изложби и концерти.

Мислам дека стилот се развива со тек на време. Зависи колку ќе напредуваш и во што, колку вложуваш во себе. Јас на пример на 15 години бев интроверт, за разлика од сега. Сакам луѓе, да комуницирам, познанства, да излезам, да отидам на добра журка, убаво да си поминам. И стилот си се гради со тек на време. Е сега, знам дека има и такви што го немаат, и џабе се сите пари, сум видела и такви луѓе. Во ова време можеби дури е и полесно, со „Инстаграм“ и слично, луѓето следат и ќе ископираат нешто, ќе се потрудат и реално добра копија поминува.

Сакам постојано да имам некоја нова цел, сметам дека колку попрецизно пристапиш, па макар да е и најмал детал, толку посупериорно ќе излезе. Во тој контекст сакам да ги сменам навиките што не ми се добри. Пример, многу доцнам. Имаше еден проект за кој требаше да се сретнам со кореограф, јас доцнев и тој си отиде. Прв пат ми се случи нешто такво. Ми рече, „Јас не можам така, 15 минути бев таму, тебе те немаше “. И од тогаш си реков, „Ова мораш да го поправиш“. Значи од такви нешта до работи врзани за балетот, кај себе, во односи...

Како би ја дефинирала модата во градов? Резултат на големиот консумеризам. Тука влегуваат и социјалните мрежи, секакви информации, инфлуенсерството… до некаде луѓето ги отвораат видиците, се промовираат и растат бизниси, но постои граница која лесно се преминува и преоѓа во шаблон, каде личности константно промовираат облека и тоа се развива во принтер на униформирано облечени луѓе, со поголем фокус да го облечат изборот на другиот пред својот и се губи автентичноста. Ова е некој мој скромен став. Бидете свои!

Сум размислувала во средно кога бев и општо кружеле темите за аудиции, за балет, за живеење надвор, и не знам... Некогаш кога се шетам по улица и го гледам градов си викам „леле зошто, зошто живеам тука?“. Навистина има некултура и многу луѓе некако се однесуваат како по навика. Не живеат, преживуваат. Нема малку енергија, да се запрашаат „Чекај, што правам?“ Има и супер ликови, не велам не, ама може многу повеќе.

А од друга страна си велам „убаво ни е Скопјенце“. Си го сакам. Постојано циркулира темата за странство, но мислам дека треба да се потруди човек и ова место тука да го направи подобро. Зошто да избегаш? Иако апсолутно разбирам па и некој што се потрудил, па се разочарал и изгубил енергија за тоа. Јас сум оптимист иако кога ќе отидам на некои места, ме разубедуваат нештата. Доколку морам да заминам, ќе ми недостасува чувството на комфор и припадност, емоција и физички контакт со моите блиски.