Драго Скопје, не знам колку можеш да бидеш скриено, но во моите очи си откриено секој ден. Со секој паднат костен и исушена маалска трева, тоа е твојот есенски печат на моите писма. Знам дека кога ти се обраќам како на близок, не ме слушаш со голем интерес, ама пак си тука за мене, за сите нас. Зарем можеме да се разделиме засекогаш? Не верувам.
Те наоѓам во стоплените образи и мирисите на студ што се лепат наутро на стаклото на прозорецот. И откриениот јорган. Набрзина облечените чорапи. Топлиот радијатор и ладните капки вода на очи за да се разбуди човек од сонот наречен „иде зима, ќе смрзнеме“.
Скопје, ти си џемпер со дупки. Износен до бескрајот, но удобен.
Сакам да ти кажам дека ми е драго што се познаваме, иако не се гледаме во очи. Ти си мојот омилен странец, јас твоја обична глетка, припадничка. Сакам да си го зборуваме ова тивко, на уво. Да се меша со вкусот на планински чај во Бруклински или звукот на радиото наутро кога ентузијазмот се крева како пареа по улиците. Би те губела за да те најдам, знаеш? Денес печев тиква и ги извадив сите шалови од длабочината на плакарот. Мирисаа на ланскиот дожд, на ланските одлуки. Некако несвесно го грабнав џемперот со срциња и го облеков. Со ваков џемпер можеш да го сакаш градот скришум. Да му читаш поезија меѓу редови. Да го замолиш да остане или засекогаш да си замине.
Се шетам по улици вчера, лисја и ноемврискиот коктел сонце на мене. Дури и пеперутка, како последна летна кошула играше танц околу сувите гранки. Меланхолијата ме обзема и слободно гризнувам од твоето срце Скопје. Нема да се лутиш, ти просто ги обожаваш овие мигови на совршена страст. Леплив си како карамел под јазик. Се растопуваш во моите зборови и одново бараш нови места за да ме предизвикаш.