Дап. Им влеговме дома и најпрво, им го изедовме сладоледот. Без усул им направивме русвај, им ја нарушивме приватноста и на расипана клима ги принудивме на следново: пентарање по плакари, на терпезариската маса и на софата во дневна. Наредно, ги пикавме у ќош ко деца под казна, забарикадирани во „џунгла“; потоа дијагонално и во другиот ќош (без да смеат да се свртат, ни да мрднат ни збор да не кажат, строго!)
Сепак Анастасија помина без рипање на креветот во спална (двајцата се извадија и од тепачка со перници) а на Раде, најпосле, му дозволивме од ќошот да се сврти кон собата… ама малку, само на кратко! Пројдоа и без да влезат во кадата но, мораа да се сликаат пред завесата од кадата. (Без никаква поента но, со концепт: капи на глава во тоалетот дома.) Имаа среќа до душа и што не им украдовме ниту еден пар патики (а имаа преубави), ниту еден од часовниците, ни од „Бартон“ и „Санта Круз“ маичките, ниту од велосипедите (Раде ги има три), ни од „заробените девизи“ на Анастасија… а можевме.
Барем се забавувавме (ние)… и си отидовме под импресии и посреќни од кога и да е, додека Анастасија и Раде останаа да го средуваат ломот… ама отидоа на Матка после тоа, видовме некое story од пуканки со пивце, на десетина педи од Треска… Куртул, и од „Скопје се носи“, и од пеколните 39 степени тоа неделно претпладне кое брутално се стори во спурено попладне, без абер од ветре.
П.С. Ниту едно од собните растенија не беше повредено за време на „роварењето“ низ станот. Ако се исуши она „тажното“ (со четирите пара наочари за сонце) „Скопје се носи“ не ја презема одговорноста за истото. Беше и премногу „заштитено“ од UV зраците со индекс 9! Припишете го на жегата, Скопје сепак беше во „портокалова“ зона.
И сосем „ватрено“ ќе ве стопли нивната приказна. Лета време, да, и точно е дека помина лето и пол оттогаш, и цел еден живот помеѓу но, автентичноста и спомените се тука. Сè уште под вивидни импресии (како и тогаш), запознајте ги во нивен полн сјај (како и секогаш) – Анастасија и Раде.

Мојата работа е логистика за продавниците „Проспорт“ и „Дроп ин“. Логистиката не е поразлична од логистиката на останатите продавници низ градот. Но она што е различно, и што го сакам е дека дејноста што ја работам е и мое хоби, години наназад, а тоа е велосипедизмот, сноубордингот и аутдор активностите.

Раде: Работите се менуваат во поглед на изборот на артикли за следна сезона и новите колекции. Најчесто е некаде помеѓу прифатлива цена и добар дизајн/карактеристики на производот. Во минатото секогаш појдовна точка ни беше цената. Денес работите се менуваат и луѓето од оваа дејност го препознаваат квалитетот и добриот дизајн без разлика на цената, па сега изборот е по freestyle и варира од добро стокмени парчиња облека за кои потрошувачите сакаат да платат.

Искрено како градска фаца/урбана легенда би го издвоил Зоран Ристевски (Зоки Бејбе). Причината е едноставна. Го има насекаде, го дише градот вистински, позитивна личност, смисла за хумор, креативни статуси по социјалните мрежи, реален и долгогодишен комшија. :) Посакувам вакви ликови да има повеќе, ако е возможно.

Анастасија: Години наназад дечките од „Кино Карпош“ печатат роденденски маички на кои се наведени имињата на сите „стални” гости. Многу ми се драги овие маички бидејќи ме врзуваат преубави спомени од последниве 10тина години за КК... продолжено еспресо со пиварка отсабајле, леснотијата на врзување муабети со непознати, шизење, симпатии, првоаприлски маскенбал, пиво на шанк, „Сешн селекшн“ за Нова година денски...

Во средината на 90тите памтам дека ептен ми беше шизик Тијана - сестра и на Тамара. Бев фасцинирана од нејзиниот бунтовен стил и кратката бланширана коса. За еден маскенбал во градинка или основно бев „Тијана“, цела во џинс со кожната јакна на мајка ми и пластичен микрофон во рака. Претажна бев што никој не ми ја разбираше маската. :(

Раде: Секогаш има „мода“ во спортскиот свет и тоа никогаш нема да избледи. Дизајн, бои, комбинации се дел од секој спортист и секој на различен начин тоа го изразува. Некој му придава повеќе, а некој помалку внимание. За некого е тоа цел ритуал, да биде во тон со велосипедот, гардеробата. За некој тоа е сосема небитно. Јас сум некаде на средината. :)

Анастасија: All-time-favorite парче дефинитивно ми се црните класични Ray Ban Wayfarer. Ги имам повеќе од 10 години, ги носам секој ден и не постои комбинација во која не ми се вклопуваат. Со нив имам пројдено два континенти, безброј кафиња, свадби, три Reworks фестивали па дури имам извозено и мал мавровски велосипедски маратон со нив. :) Пред некоја година го убедив брат ми дека мора да ги има и оттогаш не купил други.

Ах, каков непребол... Пред неколку години од Њујорк си купив една класична tote торба од Мајкл Корс. Кога се вратив во Скопје почнаа да се продаваат и носат копии од истата во сите бои и од срам да не помисли некој дека ми е фејк не ја извадив од дома. Тоа е... кога имаш пари, а немаш мозок. Памтам дека беше 600 долари и дека ја купив со идеја да ја носам еден век. Кога и да ја видам во плакар ме тера да размислувам што можев денес да си купам со парите потрошени на таа нефраерска торба.

Активна сум спортски откако знам за себе. Гимнастика, пливање, ракомет, тенис, скијање, велосипедизам, планинарење - you name it! Но, отсекогаш сум спортувала за да „се потрошам“, изморам или соборам некој личен рекорд. Откако почнав да ги делам спортските подвизи со Раде, научив повеќе да уживам во природата и преку спортот да го негувам менталното здравје.

Раде: Еден ден поминат со некоја личност во природа има поголема тежина од со една личност која ја познаваш само на градскиот асфалт во текот на целата година. Сè она што го доживуваш подалеку од градската гужва се врежува и вистинските карактери испливуваат на површина кај луѓето. Никој не е ист кога е уморен и кога му е удобно дома. :)

Посветеноста на тимот кој работи е резултат на она што е Дроп Ин денес, а тоа е „храм“ на градењето на субкултурата во градот и државата. Дроп Ин е неуморен и верувам дека така и ќе остане. Заедничко за сите овие луѓе е дека се дел од секојдневието од оваа супкултура и дека едноставно припаѓаат тука.