Што те поттикна да ги поврзеш архитектурата и поезијата?

Како (претежно) тивка личност, ми беше многу убаво и лесно да се изразувам преку пишаниот збор. Имав огромна страст за пишување и размислував да се запишам на книжевност, но се одлучив за Архитектонскиот факултет заради тоа што (тогаш верував дека!) беше ретко поле кое обединува љубов за уметноста, филмот, изграденото наследство.

Во првата година од студиите, бев принудена пишувањето многу интензивно да го потиснам. Дури и цртежите, кои беа убави но не архитектонски, морав да ги трансформирам во материјал разбирлив за „брзо” читање од страна на менторите. Се чувствував немо, и ми требаше многу време да постигнам брзина и да изградам свој начин на цртање во новиот „јазик” на техничко изразување.

Кога потиснувате дел од себе – свесно или несвесно – се случува трауматско искуство: неповрзаност, отцепување од самите себе. Габор Мате вели дека обратниот процес, воспоставување на врска со себеси, се нарекува автентичност. Мислам дека поемоцртањето во мојот случај беше баш тоа, оздравување, прифаќање, простување. Во одреден период може и да заборавите дека нешто било потиснато, но ако станува збор за силна љубов (пишувањето е тесно поврзано/инспирирано од длабокото читање, длабокото читање беше интензивно присутно во браншата) – не можете долго да ја потиснувате.

Да одговорам на прашањето, беа поврзани од самиот почеток, но дури во четвртата година на студиите бев доволно храбра да ги поврзам свесно во конкретен проект. На студио кај проф. Минас Бакалчев. Тој знаеше да нè види зад тоа што се претставувавме дека сме, да нè ослободи од личностите кои ги глумевме, и да го извлече на површина најдоброто од нас, заради едноставна причина: знаеше да слуша зад тоа што го кажувавме.

Зачетоците на поемоцртањето се унапредија во конкретни принципи за време на магистерската теза, а подоцна и во докторска дисертација која ги обедини варијациите на сопствените просторни херои (архитекти кои работеле низ преплетот на поезијата и цртањето), варијациите на книжевните и феноменолошките херои кои влијаеле на она што го создавам од една поинаква перспектива, и варијациите на сопствената проектантска и педагошка пракса.

Long story short :) Ме поттикна внатрешната страст кон двете полиња на креативност, но и внатрешната болка која ја чувствував поради потиснувањето на страста кон пишувањето. Некако, чувствувам дека морав да ja „оздравам” таа нема рана, да најдам свој јазик за да проговорам.

Од каде најчесто црпиш инспирација?

Кога проектирам, најмногу ме воодушевуваат приказните кои ги содржи едно место. Пробувам да ги слушнам градските елементи како живи битија кои носат свои размислувања и чувства, и чекаат да бидат слушнати, видени, реобмислени. Приказните на жителите се следен чекор, и е возбудливо да се согледа, нацрта, запише, како секојдневните сценарија доживеани од жителите се преплетуваат со водишките на куќите, плоштадите, дрворедите, саат кулите, реките.

Што преферираш да правиш во слободно време?

Кога посакувам време за себе, секако, пишувам и цртам. Читам книги од списокот „to be read as soon as possible” и ги извлекувам од нив фрагментите кои ми се најважни во некаква пишана или нацртана скица. Не ги доживувам овие процеси како работа, туку како ослободување, растење.

Пробуваме да сме колку што е можно подолго во природа. Откривањето на урбани прекрасности си има своја магија, но бара посебно внимание и спремање; кога имаме опција секогаш избираме град на море, езеро или шума. Некогаш ми годи градскиот шум и сопствената хиперактивност, но за да се поврзам со себеси, природата секогаш ми дава многу посуптилни благослови од градот.

Професионална деформација. Што прво ти паѓа вo очи кога ќе влезеш за прв пат во просторија?

Осветленоста. Енергијата. Присутноста на билките. Музиката да е тивка. Инаку не влегувам.

Што ти дава енергија и сила?

Една медитативна техника која ја научив од Wangyal Rinpoche, и ја надополнив со нагласок на просторното. Ги затворам очите и за неколку минути дишам длабоко, визуелизирајќи ги атмосферите на средба со сите луѓе кои ги љубам длабоко.

Имаш ли стил икона/и? Од кај нас или пак пошироко?

Баба ми Викторија.

Белата кошула што ја носиш има приказна…

Како што спомнав, баба ми Викторија беше мој единствен, person-specific fashion guru, зашто беше целосно присутна во сите мои процеси на растење и ме познаваше најдобро од мојот прв здив, до нејзиниот последен. Ми се имаше случено, неколку пати кога веќе бев возрасна девојка, да ми каже дека нешто не ми стои или е „невкусно”, да се вратам во соба и да се пресоблечам во последен момент пред да излезам. Не ми стои веројатно значеше не соодветствува со вредностите кои ги носам во себе, не соодветствува со вредностите кои се длабоко мои.

Приказната со белата кошулата не се сеќавам како точно започна, но се случи во занаетчиската работилница на чичко Ангел, веднаш под Саат Кулата во Велес. Искрено, бев скептична и незаинтересирана за ништо друго освен за работата на магистерскиот труд во тие месеци, и отидов само за да ја видам Кулата (со свежи очи, не како дете туку како архитект) и да ѝправам друштво на баба ми на свеж воздух. Тетка Лујза, сопругата на чичко Ангел, ми зема мерки. Прв пат бев таму, внатре (замислете, прв пат, а само 100 метри од родната куќа!).

Бев и сè уште сум запрепастена, секојпат кога ги посетувам тие прекрасни луѓе, од љубовта и разбирањето кои го имаат еден кон друг. Внатрешните ѕидови на приземната работилница на старата велешка куќа се излепени со фотографии од нивната младост и сведочат за воодушевувачкото отсуство на граници помеѓу нивната заедничка работа и нивниот заеднички живот.

Белата кошула беше сошиена по недела-две, и – после 8 години, сè уште е ми е најубавото и најмилото парче облека што целовито ми стои. Моделот, оригиналната мостра, беше сива кошула на баба ми во поинаков и помек материјал. И нејзината сива кошула ја чувам, убаво ми стои, и знам да ја носам. Но белата е потсетник и сведок на мојата разбудена свест за присуството и значењето на овие мали работилници, за љубовта внесена во шиењето на секое поединечно и неповторливо парче облека (од страна на чичко Ангел и тетка Лујза), за љубовта и времето посветени на изборот на материјалот и бојата (од страна на баба ми), за ретката добрина и умеење да се сака на начин кој бара бавност, посветеност и дарување во склад со специфичниот карактер на личноста која е дарувана.

Што никогаш не губи мода?

Бела боја.

Морски колаж во тегет, бело и црвено.

Да бидеш свој/а и верен/-на на себеси и на личностите на кои им се восхитуваш.

На што најмногу трошиш…. облека/накит/чевли? Зошто токму на тоа? Како го бираш парчето, треба да е љубов на прв поглед или…?

Книги, папки и прибор за цртање, и последователно – чанти кои се доволно просторни и едноставни да ги соберат сите овие нешта, и марами кои – или ги носам на вратот, или во случај да е претопло ги врзувам на чантата. По бројноста во гардероберот, владеат марамите.

Уште една љубов ми се обетките. Дупнување уши кај мене се случи кога бев повозрасна, околу 17 години. Оттогаш наваму ме освоија. Има нешто светлечко во обетките, како да плетат приказна со очите до нив и со косата која им служи како позадина. Марамите и обетките се два елементи со кои најмногу сум експериментирала, и се исто така модните детали кои веднаш, најпрво ги забележувам кога набљудувам друга личност.

При изборот, внимавам парчето да кажува приказна која кореспондира со мојата внатрешна состојба, во тој момент на избор. Се прашувам себеси „Што сакаш да кажеш?” носејќи ја таа облека во огледалото? Ако одговорот е доволно јасен, одлуката е едноставна.

Се водиш ли по некоја животна философија?

Нема поинаков начин нешто длабоко да се научи, освен поминување низ сопственото искуство, доживување и свесно рефлектирање на доживеаното.

Ова е парафразирана реченица на Тарковски, која посакувам да ја откриев многу порано. Често слушаме „најбезбедно се учи на туѓите грешки”. Мислам дека е ова е најголемата невистина што сум ја слушнала. Оваа невистина содржи едно површно справување со скриен страв. Не е злонамерна, но може да биде брутално опасна и штетна.

Кои карактеристики ти се најважни кај некоја личност?

Волјата да слуша и да разбере.

Страста кон тоа што го создава.

Храброста да се нурне во непознато.

Омилени книги што ги препорачуваш?

Alberto Perez-Gomez: Built Upon Love: Architectural Longing After Ethics and Aesthetics

Фјодор Достоевски: Браќа Карамазови

Андреи Тарковски: Вајање у времену

Кој е твојот личен печат во облекувањето?

Полусвесната сличност помеѓу тоа што го цртам и тоа што го носам.

Што сметаш дека е кул за еден аутфит, со што некој успева моментално да те освои, особено да ти се допадне и да ти го задржи вниманието ?

Жарот во очите и телесниот став на личноста која го носи аутфитот. Луѓето кои се чувствуваат убаво и удобно во тоа што го носат, кои знаат како да ја носат таа облека, многу јасно се издвојуваат од останатите на еден нежен, ненаметлив начин. И знаат како тоа што го носат однадвор стапува во дијалог со она што го носат во себе.

Колку си fashion/styling толерантна? Колкава е и каква е твојата толеранција кон стилот на другиот/поинаков од тебе?

Прегрнувам и охрабрувам различности. Учам многу, и од тоа што ми е привлечно и од тоа што ми е одбивно. Потоа размислувам, од каде произлегува тој негативен отпор или позитивен афинитет, и пробувам да ја „неутрализирам” првичната импулсивна реакција, односно, да ги прифатам и да ги видам луѓето какви што се, без осудување. И потоа одам малку подлабоко, и размислувам, од каде доаѓа таквата појавност, и каква порака се стреми таа душа низ тоа тело да пренесе?

Што ти го покрева духот? Во кои „мали“ нешта уживаш?

Заливање на домашните цвеќиња.

Собирање костени во шума.

Бавно излевање на еспресо врз едно топче сладолед.

Колку е личниот избор на гардероба/накит/чевли итн., начин на самоизразување? Сметаш ли дека емитираме потсвесно некаква порака преку сопствениот стил? Колку ти влијае на впечатокот за една личност начинот на кој тој/таа се облекува?

Како што кажав, мислам дека човек, за вистински да се изрази, низ архитектура, низ цртање, низ говор, низ физичка појавност, низ начин на одење, мора прво да воспостави зрела врска со самиот себе, одново и одново.

Да си одговори како се разликува и како се спојува со другите луѓе. Да се разбира самиот себе, да се самоистражува, да се запраша како замислува да изгради смислен развиток на својата личност.

Кај некои луѓе облеката е бегање од реалноста, компензација за отсуство на некоја подлабока духовна потреба, маска за празна/површна внатрешост.

Но кај некои луѓе облеката е продолжение на негувана внатрешност.

Овие се двата екстреми. Првиот е последица на напор да се имитира/биде како некој друг, познат и почитуван. Вториот се должи на храбро препуштање во истражувањето на самиот себе, и преку тоа, пронаоѓањето, градењето и модифицирањето на стилот на облекување.

За да биде автентична, несвесната одлука на облекување треба да се освести (претвори во свесна).

Ти благодарам од сè срце, драга Витја, за средбата и прекрасните одговори.

Викторија Богданова (@vitja_bogdanova) за „Скопје се носи“

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply