Ќе почнам со приказна поврзана со нејзиното име: „Во еден паб во Америка каде што работев имаше трио музичари кои свиреа бразилска боса нова. Морав да се сретнам со еден од членовите, постар човек во неговите 70-ти, кој беше заинтригиран од моето име. Му реков дека доаѓа од коренот ‘душа’ и му објаснив што значи. Фасциниран, тој ми кажа дека неговиот прв бенд се викал ‘Con Alma’ (со душата) по џез-стандардот и се пошегува сега да се нарекуваат себеси ‘Con Dusha’“. И навистина, се чини дека Душица прави сè – со душа. Несомнено, тука се вбројува и негувањето на нејзиниот индивидуален стил, кој ги канализира 50тите, 60тите и раните 70ти. Едноставно, не почувствував дека некогаш таа и била поинаква. Како да е родена со тој вајб, беспрекорно го носи на себе. Ретро духот е оживеан, ослободен од слепо следење на модните тенденции, проткаен со одмерени кроеви, цветни и сонливи фустани и принтови, глатки контури и женствена нишка.
„Ме води мислата да им пристапувам на сите животни предизвици со отворен ум; да им се предадам комплетно на работите, идеите, луѓето кои ме исполнуваат и да не престанам да си го очудувам секојдневието. Да продолжам да сонувам, да сум присутна, свесна“. – ќе рече таа.
„Тоа многу убаво го има сумирано Силвија Плат во својот дневник: ‘I want to meet and know and love people with that intense rapport, transient and elusive as it may be, which i have felt so strongly on so many separate instances: i want to condition myself to hear, and not just listen; to see, and not just look, to communicate, and not just talk; to feel, and not just touch’“.
Повеќе за неа, за уникатниот спој од минати сеќавања и идни соништа во галеријата и текстот подолу.

Студирам англиски јазик и книжевност, наскоро ќе дипломирам. Јазиците отсекогаш ми одеа, па кога требаше да одлучам на кој факултет ќе одам, се двоумев меѓу јазици и психологија. Откако одлучив јазици, се мислев за кои, ама англиски отсекогаш и како мала го сакав. Посебно ми се допадна насоката „Англиски јазик и книжевност“, зашто многу сакам да читам и сакам англиска литература. Главно читам англиска или американска литература, професионална деформација, гледам колку можам и светска. Од модернизмот омилени ми се Вирџинија Вулф, Џејмс Џојс, потоа магичен реализам, Харуки Мураками. Исто така го сакам Борхес. А, и поезија.

Додека да го пронајдам мојот стил, она што сум „јас“, веројатно повеќе следев модни трендови. Се носев покежуал, фармерки со маички, со џемперчиња и сл. Некогаш знаат да ми кажат некои луѓе или моите дома дека премногу сум се дотерала за некоја пригода, а всушност мене таков ми е стилот на облекување. На пример, ако облечам фустан. Ми се допаѓа женствениот момент.

Во средно почнав да се интересирам за тој период. Главни виновници се „Битлси“. Преку нив полека се запознавав со културата во 60тите. Гледав нивни настапи, интервјуа, документарци…слики со нивните девојки. Така се заљубив во Пети Бојд, жената на Џорџ Харисон (подоцна на Ерик Клептон). Карактеристичната фризура со рамни шишки, dolly dresses, разиграни бои...Преку нив ги открив и останатите бендови од тој период. Бев инспирирана и од стилот на овие музичари со т.н. dandy боемски стил, шарените психоделични кошули, елечиња, каиши, ѕвонарки и слично. Влијанието продолжи преку мјузикли како Grease, Dirty Dancing, Footloose, Saturday Night Fever... Меѓутоа тоа остана само на некоја воодушевеност од самиот период, не се ,,осмелував” да пробам така да се облекувам.

На факултет почнав да го оформувам мојот стил сè повеќе, веројатно чувствувајќи се послободна, а и посигурна и свесна за тоа што ми се допаѓа. Тогаш буквално се опседнав со филмови од новиот бран во 60тите, посебно во Франција - филмовите на Godard, Rohmer, Truffaut. Мојата омилена серија Twin Peaks - a real gamechanger. Би рекла дека мојот стил најмногу влече и канализира 50ти, 60ти, рани 70ти, тој период најмногу ме инспирира, преку сите уметности. Улога има и „Инстаграмот“ бидејќи откога почнав да наоѓам некои профили од цел свет на девојки кои исто така сакаат винтиџ облека, добив некоја смелост и јас да почнам така да се изразувам преку мојот стил, она што го сакам, да го изразувам и на тој начин. И се зачудив кога видов какво community има низ светот во тој поглед.

Како би го опишала мојот стил? Како еден сунѓер кој ги впива сите влијанија со кои стапил во контакт за потоа да ги рефлектира и да се оформи според нив. Најмногу се доближува и ги канализира 50ти, 60ти и раните 70ти години од минатиот век. Ваквата мешавина резултира со некоја блага елеганција но, во исто време прилично разиграна.

Хмм, како најоткачено парче би ги издвоила моите ѕвонарки на риги што ги купив летово. Кога ги облеков првпат на работа искомбинирани со бела лелеава кошулка, менаџерот цел ден ми ја пееше „Mamma Mia“ од ABBA! Не секому му се допаѓаат ваквите панталони, но од тие луѓе знам да добијам коментар во стилот на ,,Само ти можеш да носиш вакво нешто и да изгледаш добро во нив“. Од омилени парчиња би издвоила еден црвен фустан на копчиња до колена кој го наследив од мајка ми.

Најголемиот дел од мојата гардероба е облека која припаѓала на мајка ми или баба ми како и облека од „thrift stores“. Додека престојував во Америка го открив совршениот каде буквално одев секој втор ден и секогаш знаев да си најдам барем едно кул парче. Во последно време читав доста за брзата модна индустрија и политиките на водечките брендови па си поставив цел колку што можам да намалам во купувањето на такви парчиња облека. Тоа се тие преостанати 20% во мојата гардероба.

Се заљубив во Sun Valley, Idaho каде живеев и работев 3 месеци. Толку се пронајдов во тоа место и во Ketchum, гратче во непосредна близина. Бев опкружена со делот од американската култура на кој отсекогаш сум му се воодушевувала – „saloons“, олдтајмери, дајнери, автентичен декор од средниот запад замрзнат во 40тите години кога биле отворени најголемиот дел од тие објекти. Запознав прекрасни луѓе со неверојатни животни приказни. Поминав неколку дена во Њу Орлеанс. Југот е едно неописливо мистично место, со неизмерно богата култура. Би сакала да го истражам повеќе, па да прошетам во Алабама, Тексас, Тенеси – корените на блуз музиката. На листа ми се и Бразил, Куба, Тајланд, Јапонија. Сакам да се запознаам со култури кои ни се далечни а со тоа и непоимливи. Тие искуства се бесценети.

Беше момент на New Year’s resolution, сакав да си најдам некое хоби и везењето ми се виде интересно. Прво сакавме заедно со другарка, демек ќе веземе нешто ама на крај, не знам, таа така остави, јас си почнав. Плус најдов цел куфер со конци од баба ми, да ги немав тие потешко ќе беше да почнам. Фразава е од „Твин Пикс“, мојата засекогаш најомилена серија. На прашањето какво кафе сака агентот Купер ќе одговори „Black as a midnight“. Има едно место многу важно за серијата, The Black Lodge, подот е таков со линии, црно-бели, а завесите се црвени. Затоа се тие нијанси.

Колку ти влијае на впечатокот за една личност начинот на кој тој/таа се облекува? - Многу! Мислам дека тоа е една од главните работи со кои некој може да ме привлече. Сметам дека автентичното облекување или добро изразен стил барем мене ми кажува многу за една личност - во поглед на интереси, карактер и колку добро се познава себеси. Мислам дека сè повеќе кај нас се слободни во модниот израз. Посебно го приметувам тоа кај помалите генерации, бидејќи имам помала сестра. Сигурно имаат влијание социјалните мрежи, секојдневно го гледаат тоа кај други млади луѓе низ светот и се отворија поголем број на продавници од порано.

Дали има конретно парче гардероба кое е „ти”?! Некој кој добро те познава, кога ќе го види парчето да каже дека токму тоа најмногу те доловува односно е „ти”... Тоа малку зависи и од периодот. Едно време тоа беа парчиња облека со polka dots на нив, а летово се заљубив во everything gingham па се снабдив со неколку маички, фустанчиња, панталони и кошула во овој принт. Па така, ако некоја другарка здогледаше такво парче веднаш бев известена хаха.

Стил икона и зошто токму тој/таа? - Anna Karina, Audrey Hepburn, Brigitte Bardot, Twiggy, Peggy Moffitt, Edie Sedgwick – модни икони од педесетите и шеесетите кои ми биле (и се’ уште се) огромна инспирација. Исто така, на инстаграм следам неколку блогерки со автентичен винтиџ стил кои честопати ме инспирирале да искористам некое парче гардероба на нов начин или да го пресоздадам: @devyncrimson @_lou_bee_ @biancaroose @themarisjones @larissablintz (сопственичка на брендот@miracleeye), други брендови: @adoredvintage @wovensun @electriclovecompany @electricwest @palomawool

Претходно ми било незамисливо да купам и носам панталони со висок струк и ѕвонарки, како и воопшто дека толку би ,,ризикувала” со начинот на облекување. Мислам дека сум дошла до тој момент кога не размислувам како некој би реагирал и би го доживеал она што го носам туку како јас можам да бидам своја и да се чувствувам пријатно. Во тој поглед ми се сменети гледиштата но истовремено и околината (Скопје) станува поотворена за да ги прифати луѓето со она што индивидуално го претставуваат, а не како толпа која треба да се приспособи на некој општоприфатен калап.

„Слабост“ ми се винтиџ фустанчиња и сандали, дефинитивно! Доцна пролет/ почеток на лето ми е омилениот период од годината и едвај чекам да затопли за да можам да ги носам. Сакам широки од половината надолу, со карактеристичната „swing/poodle skirt“ во педесетите или пак тесните „mod“ мини фустанчиња со разни принтови. Љубовта кон фустаните веројатно се должи на таа женственост и елеганција што ја изнудуваат.

Многу се согласувам со тоа дека начинот на облекување е начин на самоизразување. За мене е многу важно и го приметувам тоа и кај другите, колку обрнуваат внимание. Колку се свесни. Мислам дека општо модата го рефлектира општеството на свој начин, како и сите други уметности. Еве да речеме во 60тите сите тие јаки бои, таа слобода во облекувањето всушност го рефлектира движењето за слобода во тој период, хипи движењето и сè тоа што се случувало, а на некој начин револуционерно е претставено и во модата.

Порано многу често излегував во Чаршија, кога беше „жива“. Најмногу на блуз свирки. Еден дел од мене се 60ти, 70ти, музиката од тој период, друг дел од мене се рокенролот и блузот, посебно блузот. Мислам дека и тоа го има оформено до некој степен мојот стил. „Менада“ би ја издвоила, колку и да звучи како клише, некако е cosy, убаво уредена, на убаво место, топло е самото место. Така што кога се двоумам каде да одам, изборот паѓа на „Менада“ .

Најмногу слушам рок од 60ти, rock’n’roll, psychedelic rock, surf-rock. The Beatles, The Kinks, Zombies, Pink Floyd, The Doors, The Byrds, Bowie, The Metres, потоа, The Babe Rainbow, Khruangbin, Unknown Mortal Orchestra, La Luz, Nick Waterhouse, Leon Bridges, Mac DeMarco. Сакам спој на фанк и џез, класичен џез и блуз! Преку португалскиот се вљубив во боса нова, за потоа да се запознаам со нашиот Шпато. Исто, уште еден омилен жанр (ако може да се нарече така) ми е и музиката компонирана за италијанските giallo филмови од 70тите. За него писателката Ана Билсон вели: ,,The Giallo Sound is typically an intoxicating mix of groovy lounge music, nerve-jangling discord, and the sort of soothing lyricism that belies the fact that it's actually accompanying, say, a slow motion decapitation“.

Членовите на „Filch“ ги имам запознаено на свирките во Чаршија. Свиреа во еден тезгарски бенд, блуз и блуз-рок, и таму одевме по два-три пати неделно и така се запознавме со сите од бендот. Ги следев во процесот додека го подготвуваа албумот. Имаат примеси и на џез, сурф. Дизајнот за албумот го има цртано еден од членовите на бендот.

Често се случува да ,,предвидам” некој моден тренд – на пример gingham принтот летово или ѕвонарките периодов. Викендов во Солун забележав каубојски чизми по продавниците за облека – многу ми се интересни и цело лето ѝ кажував на другарка ми како сакам да си купам некои додека таа ме обесхрабруваше велејќи дека само мене би ми текнало такво нешто да носам. Oh well...

Водам и мој блог, иако треба да го ажурирам поредовно. Мислев дека е убаво да имам своја платформа каде што ќе споделувам некои работи што мене ме интересираат. Го почнав главно со постови за патувања, па потоа додадов некои рецепти, па преводи...се мислам, сакав понатаму да додадам некои постови во кои ќе дискутирам за модата ама како анализа на модни парчиња или елементи од минатото. Што било што ме интересира да го споделувам.

На глобално ниво, модата како и секоја друга уметност го рефлектира општеството и неговите вредности. Знаела да биде доста субверзивна низ годините. Најпрост пример за тоа е носењето панталони од страна на жените – дури во седумдесетите години на минатиот век тие биле прифатени во официјалниот кодекс на облекување на работа, до тој момент ретко кој ги носел за мода а главно при некоја физичка работа од практични причини. Не гледам голема разлика и кај личниот избор на гардероба. Кога некој не нè познава, првиот контакт е преку физичкиот изглед каде спаѓа и облеката и сметам дека не треба да се занемари како алатка за оставање некаков посакуван впечаток. Ако не го правите тоа свесно, секако ќе се емитува некоја потсвесна порака.

Скопје е сепак местото каде што сум го поминала целиот мој живот, сум растела и сум се градела како личност. Со него ме поврзуваат многу луѓе и места, настани, случки. Како што напоменав погоре, се чувствува некоја свежина преку сите културни настани кои постојано се организираат - концерти, дискусии, предавања, изложби, поетски читања, филмски проекции, итн. Ми се чини дека младите луѓе се послободни денес за разлика од пред неколку години да творат и да се борат да се чуе нивниот глас и барања. Претпоставувам главен виновник за тоа е интернетот и влијанијата/трендовите од ,,Западот”. Од каде и да доаѓа тоа будење на свеста – е повеќе од добредојдено!