Денес е нивниот последен ден. Предаваат штафета, од мутна вода во оган. Наводно, некаква петочна соларна еклипса во последниот степен од последниот знак, кој воедно е и последниот степен во последната, 12-та куќа, па се заокружува полн круг… како и да е, светот е во добата на риби што значи матна вода и ум, креативност, уметност, естетика, потрага по идентитет и оригиналност. Јас им бев на гости дента, во нивната прва „куќа“ за сега, по малку збунет но воодушевен, под исто толку чудни мутно-водени околности.
Беше недела, врнеше. Моторичките способности ми беа успорени а сетилата за ориентација некако, едвај функционални… поради притисокот на воздухот, дождот дополнително ми го имаше зашемутено умот… Окееееј, добро! И чашите шток од претходната вечер. Затоа, деталните објаснувања на Анета по телефон, за како да стигнам до нивната адреса, беа залудни. Инхибираниот кликер не успеа самостојно да ја лоцира дууури првата уличка веднаш после Симпо, од која апсурдно веќе се наоѓав на неколку педи! – Не преостана друго, Анета мораше да слезе по мене…
На прагот од станот, љубопитно и питомо ме дочека нивниот „цимер“ Амон, еден 11 годишен ретривер. Знаете, тој е од оние „персонифицирани“ кучиња, со човечки фацијални експресии и насмевка… подоцна увидов и дека се „ракува“ за „Здраво“! Мартин пак, си кулираше на тивкото музиче од лаптопот покрај отворениот балкон…
Тоновите низ станот беа земјени и топли, минимализмот урбан и модерен со чувство на удобност и лежерност. Големата трпезариска маса ја доживеав како центарот на збиднувањата во станот. Ја почувствував и енергијата како циркулира околу неа, налик „топло Добредојде во опуштена атмосфера“: Асоцираше на чести собиранки и багра гости до доцна, на лесна вечера и добро вино… помислив, „нема што, Анета и Мартин се ‘тешки’филантропи!“ Иако, знам дека една од омилените состојби на хороскопскиот знак риби е, многу често, „едноставно да си молчи“ во друштво на партнерoт. Воедно, симболот на знакот е дуален – две риби пловат во тандем… По некоја случајност Анета и Мартин, се риби во хороскоп. И не би можел да Ви ја доловам со зборови поврзаноста меѓу нив, која се чувствува уште во првите половина час во нивно присуство: „пловат“, во ист ритам! Се прашувам, дали морскиот мотив на ѕидот – феноменалната репродукција на „Mорски змии“ од Густав Климт – е случаен? – Како и да е, совршено се вклопува во контекстот на двете „риби“ овде…
-„Сакаме со време да ги исполниме ѕидовите со уметнички слики… за жал, добивме само неколку слики меѓу свадбените подароци. Репродукцијата од лево е подарок од наша драга пријателка, таа ја наслика за нас…“
И, повторно, на повидок уште некои од карактеристиките за „Риби“: нагласен инстинкт за естетика, сензибилитет за уметност, нестандардни „играчки“ и интерес за автентични занимања… не е ни чудо што Анета црта и има студирано моден дизајн, а Мартин е еден од пионерите кај нас во една прилично необична и креативна дејност: го управува 8 метражниот Цепелин кој лебди над речиси сите значајни скопски дешавки, го „лета“ со далечинско и Мултикоптерот со вградена камера кој снима од небо објекти и што не! Најверојатно ќе налетате на двајцата во новото урбано Бистро „Sotto“ затоа што Мартин има удел и „далечински управувач“ и за таму. :)
Тие пак, одмерени, пријатни и духовити. И тврдам дека двајцата се жива потврда за „златните пропорции“ и кај човечката природа. Знаете, оние на Еудикт, грчкиот филозоф, што низа веле-уметници ги примениле и, ги применуваат во своето творештво до ден денес.
OK, доста ласкање! И не се баш така „сјајни“! Барем беа искрени и ја спомнаа и „потенцијалната кражба на обетки (од 1 евро!)“…која, сепак, не се остварила: Исти такви обетки биле изгубени претходно, но, изненадно „никнале“ повторно низ станот, наскоро потоа… среќа„злоделото“ не биднало!
И за двајцата ќе кажам, „лежерност“. И крлушките им се исти. Океееј, стајлингот!!! – Бермуда и добро патиче и спремни се… па и за во диско! И најчесто спонтано се „во тон“: двајцата носат машки часовници а понекогаш, црвени Адидас дуксери… Анета малку „забушава“, (од што мора) па ќе облече фустан за на свадба! И кога нешто им се допаѓа, нема „лабаво“! Зборуваме за еден пар исти панталони во 3 бои и „Даинезе“ во сите облици на облека и асесоари. :)
До 7 часот вечерта со нив и две кафиња, се вратив на себе… почнав и, ќе привршам со алкохол: спомнав и вино. Веќе неколку години се во долгорочна „мисија“ или подобро, стартуваат сопствена традиција: во не баш мал, стаклен сад ги собираат тапите од вината кои тие веќе ги испиле, и во иднина ќе ги пијат… ги очекува години „макотрпна работа“ во која е инволвирана непроценета кубикажа вино! :)

Мартин: Цепелинот лета за време на настани и се користи генерално за outdoor маркетинг, како летечки билборд за реклами. А мултикоптерот може да снима и објекти и настани, какви било случувања. Кога во Скопје летал цепелин? Се нема појавено, 8 метри цепелин да ти лета над градов. Први бевме во Македонија во однос на aerial видео, фотографија и маркетинг.

Мартин: Спонтано се случи двајцата да имаме црвена Адидас тренерка. Кога ја купив мојата многу и се допаѓаше и на Анета ама иста таква женска немаше во моментот. После година дена начекавме многу слична и си ја купи. Се погаѓа двајцата да сме во исти парчиња ама спонтано и некако денот го диктира тоа, отсабајле кога ќе станеме и се чувствуваме двајцата исто. И се фаќаме и двајцата за истата тренерка.

Анета: „Мартин и Мартина, сестра ми, беа најдобри другари, излегуваа заедно, цело време се дружеа. И секој пат, „со Мартин сум, еве излезени сме со Мартин...“ појма немав кој е Мартин затоа што имаше „милијарда“ другари. На почетокот не ми беше ниту убав камо ли нешто повеќе од тоа. Ама после една чудна ситуација во диско...Како се запознавме, од истиот момент, се немаме одвоено ниту еден ден. Освен кога тој е некаде на пат или јас сум некаде со моите. И најјако беше што само после месец дена му кажав дека тој ќе ми биде маж. Чудно ме гледаше, мислеше дека сум луда.“

Мартин: Физички воопшто не ми се допаѓаше ниту она мене. Бев кај Мартина на гости кога ја видов прв пат и ја гледам, влага кај нив дома... абе брат, као комшија изгледаше! А Мартина не ми кажува во моментот дека се сестри (Анета: „Веројатно очекуваше да личиме а сме многу различни!“) и се шета тука низ станов... Вака на фаца убава, мало човече, помислив, „ништо посебно...“

Мартин: Ја видов уште два-три пати потоа, и си викам, „ова, може.“ Бев во некоја фаза, ми требаше девојка да се приберам инаку не се издржуваше веќе по улици. И, и’ викам на Мартина „Дај бе спаси ме?!“, стоиме пред Балет и го праиме муабетов, и ми вика „Како да те спасам, има дечко.“ –„А што прави, добра ли е? Мислам, што човек е?!“ – „Ништо бе, седи дома само, мирна е, ништо не прави, ништо.“ – „А лаже ли бе?“ – „Не лаже“. – „И сеа, ти ми кажуваш, као, нутела, разбираш... па има ли „Нутели“ бе Мартина, јас и ти толку сме откачени, ова што ми го збориш не ми се верува! Башка сестра ти е, ме лажеш, ќе те убијам!“ – „Не бе, не те лажам, стварно! Не знаеш колку сме спротивни!“ И таа цела контрадикторност, толку различно од една стана... си реков, „чекај јас да „чепнам“, да видам што има тука“... и чепнав и, некако... не знам, си дојдовме еден на друг.

Нè спои тоа што тргнавме најискрено. Од старт зборувавме за длабоки емоции и тајни што ги немаш споделено со друг. Во старт беше муабетот „дај ми го пасвордот.“ Разменивме пасворди од сè. Една недела откако се упознавме, зборевме ко луди еден за друг: по 15 часа ефективни муабети, само на таа тема. Најбрзо на цел свет, за 10 дена ги отворивме сите карти.

Прстенов е на сестра ми. Ми го даде да го поносам и си го присвоив... само што она мисли дека го има некаде изгубено и се има опростено од него... а јас си го чувам за мене и го носам кога не сме заедно. Бев „тазе“ раскината со еден дечко и, од болка... не знаев што да направам и отидов во Рамстор, си го купив прстенов, ланчиња и уште неколку ствари...

Мартин: Имаше една јака дешавка, сабота беше, почнуваше Skopje Street Festival и требаше таму да летаме. Откажа некако првиот мотор и цепелинов залута накај касарна и падна позади неа. Отидовме, пријавивме на портирница, иако беше надвор од касарнава, и бидејќи земјиштето било на име на Министерство за одбрана, се појавија 7 тимови, внатрешни, разознавање, контраразознавање, кои сè не. И ја земаа опремата и нè проверуваа, до шест сабајле, мислеа да не сме шпиуни, ради камерите. И дента го промашивме настанот. Skopje Street Festival траеше два дена па го изработивме следниот ден и беше супер зезање.

Не купувам тренди гардероба по секоја цена, само затоа што сега e „ин“. Треба да е нешто што ме отсликува мене... реков, секој шопинг имам и по едно утнато парче гардероба, кое во моментот ми се видело интересно па седи во плакар необлечено И нормално е да има промени во стилот. Kако созреваш, созрева и тој но, сепак, останува она што во основа сум јас.

Мартин: Оние дваесет и некоја година, кога прв пат се вработуваш во фирма и почнуваш да луташ. Купуваш кошула, панталони, па ќе се дотераш, па се гледаш и си викаш „кој е овој“, па ајде ќе излезеш, една недела, две недели, со сила одиш таков, да бидеш нели како момче, прибран. И тоа се случи само во една фирма, потоа сите работни места ми беа несекојдневни, трпеа сè. Тогаш и се бричев секој втор ден... се немам уназад избричано не знам колку години. Сто!

Гледаме многу филмови и серии. Мартин: Многу тешко се „дочепуваме“ до серија и кога ќе ја одбереме, поготово ако ни „легне“ од прва втора епизода, среќен сум дека ќе потрае и во тие недела-две што се дружам со таа серија и ја „живеам“ ми е мн добро! Би седел дома и само би гледал серии. Без тоа и без „играчките“, не би можел... Анета: ги гледам до 7 сабајле и одам неспиена на работа! Ги гледам и кога Мартин ги гледа, да не сум утнала некој момент. :) Мартин заборава ликови, а јас го потсеќам, „овој беше овој, оној“... Мартин: Последна ни е Vikings. Ги собирам најновите епизоди, Анета можеби и „ѕирка“ веќе! Анета: Веќе ѕиркам! Немам трпение. И сакам сè да знам, ги гледам и спојлерите, и кога ќе се открие нешто за наредните епизоди. Мартин касни, на пример, 2 епизоди... Мартин: А Анета ги раскажува унапред! :)

Мартин: Риба знаеш како дише?? - Поразлично од сите, воздухот е различен и како го дишеш. Сè е чудно. Ама, енергија „фрлаш“, сите да се соберат. Рибата собира луѓе кога е во форма, психолошка и физичка и нема појако „створење“, сериозно. И кога е во лоша психолошка и физичка кондиција, проаѓа риба и една таква негативна енергија шири... дваесет луѓе можам да напраам да сакаат да се фрлат под кола. И тоа е многу лошо.

Анета ме „држи“ при земја. Ако сум сам, во Уругвај можам да отидам. Би избегал утре. Тaжно е што тука не можеш да си направиш сопствен канал на живеење и владее тотална неинформираност за нештата и нереална слика, и за облекување и за јадење, за здравје, за себе. Има многу неоформени ликови... ретривер е уште лабрадор кај нас. Дополнително на тоа со глупости и баналности те трујат цело време, медиумски, од сите аспекти.

Анета: Евентуално свадби, само тие ни се настани за дотерување, тогаш се комбинираме, да не биде Мартин да е во патики a јас дотерана. Мартин: Не можам веќе да се дотерувам, да облекувам кошули, кондури итн. Не знам... ретко некогаш имам желба, и не ми зависи чија ќе биде свадбата. На кого ќе се падне, ќе му отидам дотеран. Би отишол во долна облека, ако може.

Анета ми збори дека сум преоптеретен со стереотипи и навистина многу ми сметаат. Ми влијае околината многу и затоа внимавам со кого се дружам... малку се ликови кои имаат скроз поинаков концепт. Како се градат сите, истите „градби“ се, истиот „ред“ е, се повторува истото... Одбери десет луѓе и знам како ќе тече 80% од муабетот. Целиот дијалог можам самиот да го направам.

Мартин: Правиш „Recycle Bin“, да, но и тоа се преполнува. Не сум тип што можам да ја оставам работата после работа и да водам два, три, паралелни животи, одиш дома, па фамилија, па ноќен живот. Се „филтрирам“ само преку „играчките“ што секогаш ги изнаоѓам. Кога не можам да најдам некоја „играчка“ или не можам да си ја дозволам, лошо е... секоја прича ми почнува од интересно или од предизвик. Така беше и со цепелинот, со хеликоптериве... Летањето и снимањето од воздух за мене е несекојдневие кое ствара завиност. Отпосле го барам ќарот или живејачката од тоа поради што доживувам и неуспех, па отпосле се снаоѓам. Никогаш не сум тргнал со цел „еј сега ова или она ќе бидам, вака па така ќе правам и толку ќе заработувам“. Го оставам моментот да „оди“ што тука ретко успева.

Мартин: Во камп си нон-стоп во купаќи и сегде одиш бос, гол и цел ден си на плажа.Стануваш сабајле и сè ти е тука. Имаш некоја лежерна организираност што може да трае бескрајно. Прв пат кога ја однесов Анета во камп, ја однесов на најбрутално, од хотелски соби во шатор. Влагаш во кантина и се тушираш со едно цревце! Анета: „Сакав да имам свој тоалет а во кампот немаше вода не па струја! Бевме во најдивиот камп што постои,патувавме со мотор, натоварени со торби, со ранци, шатори со чуда...и штом јас можам,може секој. Само друштвото да е ок. После 2 дена го забораваш несесерот и сфаќаш колку е убаво да не ставаш маска на коса...

Кампери сме. Анета: Покрај Мартин станав и јас кампер. Првиот одмор ни беше на Лефкада. Не знам како и прелажав неколку парови да отидеме, во апартмани. А Мартин научен цел живот на отворено, да нема ѕидови... Мартин: „Влегуваме во соба и... во соба. Не знаев што да направам. Ја спуштив торбата и...„И сега што?“ Ме тераше на закачалки во шкаф да ја ставам облеката. Смешно беше! Ќе отидев на тераса, ќе се фатев за ограда и гледав во морето па назад во соба далечинското во рака, мењав канали и пак на тераса и цело време така, горе-доле. Едвај чекав да излезам од соба! Ја чекав Анета пред врата надвор додека се спремаше. После тоа го фативме редот, од сабајле до вечер на плажи, сконтав дека таа е причата, се смирив, „ок, добро е, доаѓаме во соба само да се преспие“.

Мартин: Во последно време гледам дека младава генерација која ја сметав за „колатерална штета“ всушност и не е. Напротив, има добри исклучоци кои мислам дека се и многу побрутални и похрабри од нас постарите.. малку се но се доволна движечка сила за да потсеќаат на тоа дека таа сила постои и дека нема да дозволат „убавото“ да замре... мене ми е да трае убавото, да има промени кои што ќе ги однесат работиве во некој нормален правец на случување затоа што гледаме што се случува наоколу... немаме настани, забава, музика нема а треба со нешто да се „полниш“.