„Тогаш генерално сите имаа многу повеќе и живеачката беше многу поевтина. Виски во диско дали едвај поминуваше 100 денари… Животот беше многу поубав, генерално. Ние го фативме времето на Анте Марковиќ. Тогаш марката имаше многу голема вредност. 100 марки беа 3.000 динари и тие 3.000 динари вредеа како сега, некои 6.000 денари ако не и повеќе. Баш тогаш со таа екипа го почнавме Хард Рок.
Првите менаџери на „Џуниор“ забавите во Скопје бевме ние. – Хард рок дискотекава, деведесетите некаде, од нас почна „Џуниор“. :)
Имавме некаде 16-17 години и Џуниор беше наменет за средно школо, од прва до 3та, да речеме и 4та година. Се искачаше од 20-21ч до кај 23:30 скоро до полноќ. Исто како и сега, 12 веќе фајронт. Останувавме малку после крајот ама ни се приспиваше и нас… :)
Тогаш немавме Фејсбук и немавме мобилни. Одевме од школо до школо и викавме луѓе. Договараш и девојки и дечки ама не како сега, пушташ еден евент и го пушташ кај 1.000 луѓе… Имавме флаери како покани, печатени листови во боја со нашите имиња или прекари и „бла бла“ – што ќе биде журката. И, одиш и даваш на рака ливче „покана“. Онака, делиш.
Ги фативме најубавите времиња… и многу повеќе луѓето играа во диско.“ – Никола
Една „скопска“ ретроспектива за Скопје во изминативе 20-на години. Една поинаква „транзиција“ низ диска, кафичи, ноќниот живот, изгледот и имиџот на градот. Едни од најурбаните ликови, среќа се воедно и живи легенди и еден од најурбаните ликови, лично и персонално, со препознатлив имиџ и уникатен стил – Никола. Сега и тогаш.
**Голема благодарност за ентериерот и амбиентот до „Бистрò Бруклински“ на ул. Орце Николов и до „Плеј Кафе“ на Ул. Македонија. ;)

Не би можел и не би сакал да бидам приморан да се облекувам некако... Ама, ако ти зависи работата и си приморан да работиш и мораш да ја работиш таа работа и мора да бидеш дали во униформа дали во одело, тогаш ќе бидеш во тоа. Тогаш ние не се прашуваме. Не можам па од друга страна да кажам дека мене некогаш ми било наметнато да морам нешто да носам па да морам да го „зачинам“ со нешто лично мое. Сепак, што и да треба да облечеш, во каква и да е пригода, дали деловна или кежуал, ќе кажам, треба нешто од себе само да ти доаѓа во поглед на изборот и комбинациите.

Не дека гардеробата треба нешто посебно да ти значи. Зошто да би морало? Треба прво ти да си го имаш тоа од внатре. И веројатно да си свесен дека треба да изгледаш фино без разлика на возраста и годините. Барем пристојно. Има и доста луѓе на кои тоа им е сосема небитно. Секој си има свое. Можеби тоа не му е интересно, можеби му е интересно да отиде да си уплати во кладилница за тие пари со кои ќе купи нормална кошула или па да отиде да ги испие. Не знам, секој си има по нешто.

Треба само да ти дојде од внатре. Да ти се склопи, да ти се направи во глава некоја комбинација. Што знам, природно нешто од внатре ми доаѓа. И секој ден различно се облекувам. Ама буквално секој ден. Во текот на еден ден можам три пати да се пресоблечам. Еден „стил“ сум на работа, еден стил на тренинг, за преку ден шеткање наваму-натаму друг, трет стил навечер. Не дека одам во едно исто, ги менувам тие „стилови“ ги менувам парчињата меѓу сите тие „стилови“. Да, нормално дека зависи и од тоа какви обврски имам дента. Ако имам состаноци секако треба да бидам малку поофицијален.

Го почитувам преку ден тоа „средување“. Тоа и во Белград ќе го видите и во Рим ќе го видите, сегде ќе го видите. Мажи поготово, не само жени. Пак ќе кажам, не мора да изгледа нешто „wow“, доволно е и да е само „пристојно“. И за машко и за женско. Искрено и не сакам девојка пренашминкана. Тоа е мое мислење.

Не можам да си го дефинирам стилот затоа што 3 пати во ден се пресоблекувам и 3 пати се преоблекувам различно. И „спортски“ сум, и „кежуал“ и „елегантен“ сум. И се осеќам убаво и во сако, во кошула, и во маица, во фармерки. Немам некој еден да кажам, стриктно тој стил да ми е фетиш, или нешто најубав. Стварно немам, никогаш не сум ни имал, или да речеме да сум се пронаоѓал само во еден „стил“. Секогаш е различно.

Израснат сум во блоковиве на Градски Ѕид, во „Српско маало“. Сите маала ни имаа некакви имиња и почнуваа од Зелено пазарче: Зелено пазарче го викаа „Мрсул маало“, затоа што по сите клупи имаше мрсули, наводно деца лепеа многу мрсули! Жими сè ви кажувам, го викаа „Мрсул маало“! Наредно, тоа позади „Краш“, го викаа „Кучкар маало“ демек имаше многу кучиња, дека таму седеле џукели. Па моето маало, „Српско маало“ демек многу Срби живееле тука – врска немаше, веројатно ради воената зграда одма тука. Потоа „Победа маало“ ради „Победа“ ресторанот што беше, иако тоа маало ни беше како „филијала“ на нашево ...нив ги шљакавме секогаш пошто беа мали. Не можеа да се тепаат зашто беа многу помали. :) Кај Малага беше „Јат маало“, ради „Јат“ - авионскава компанија, таму им беа канцелариите. Како деца бевме сите на улица.

За разлика од тогаш, сега се сите по дома. Ние игравме жмурки. И кога не сме играле нешто конкретно пак сме биле сите надвор, сме се дружеле... и во периодот на тинејџерските години, и тогаш сите бевме надвор. Сега децава се дружат виртуелно. Во група на мрежни игрици. Ние се гаѓавме со топка, децава сега играат мрежни стратегии. Не викам дека на нив им е тоа помалку интересно, да не збориме, „абе ние како бевме...“ Од кај знаеш? Интересно му е сигурно да седи дома, и штом седи дома и може да го игра тоа со денови. Јеби га...во тоа време ние го немавме тоа. Татко ми кога ми донесе гемче... па не знам, како некој спејс шатл да ми донесе. Тетрис. Само една боја на екранчето, црна. Толку беше тогаш технологијата. Нашето беше многу поприродно дружење.

Венеција ми е омилен бар. Во Чао сум преку ден, Чао ми е и „канцеларија“ понекогаш, одам и во Coffee Factory (поранешно Кала), секаде. Веројатно Венеција ми е прв затоа што и мој другар го држи па таму сме претежно... ама цел живот сум со кафани и дискотеки. - Тоа го имам работено не во буквална смисла. :)

Од тоа што имам гледано, наваму-натаму што сум шетал и видел, според мене најубаво и најпристојно и нај фенси и нај „ин“ се облекуваат во Црна Гора. Јас не знам што е тоа, тој феномен таму што им е побитно да се облечат од сè друго. Нема да јаде ама ќе се дотера. И машко и женско. И доста гардероба имам купувано од таму. Нема кај нив „фалш“. Има по пазарите како што има сегде, ама по моловите нема од фазонот „Principe“, или не знам што ниту кинеска роба. Нема тоа таму. Што знам, можеби ми доаѓале некои идеи, веројатно имам некои слики во глава и од таму. Е, се сеќавам стварно дека прв носев овде “Energy”. Во Подгорица имаше бутик Energy, покасно се отвори и тука.

Разликата во тоа време и денес е што тогаш сме имале паричка сите. Сега е „пепел“. Цела младина имаше многу повеќе него сега. Кога ти е пуно џепчето а сте друштво каде и да отидете ќе си поминете убаво. Кога немаш, влези каде и да е, влези во Паша, во Амнезија, во најубавите дискотеки нема да ти биде убаво.

Тогаш генерално сите имаа многу повеќе и живеачката беше многу поевтина. Виски во диско дали едвај поминуваше 100 денари... Животот беше многу поубав, генерално. Ние го фативме времето на Анте Марковиќ. Тогаш марката имаше многу голема вредност. 100 марки беа 3.000 динари и тие 3.000 динари вредеа како сега, некои 6.000 денари ако не и повеќе. Баш тогаш со таа екипа го почнавме Хард Рок. Ги фативме најубавите времиња... и многу повеќе луѓето играа во диско. :)

Сега се сетив на една убава ситуација: Првите менаџери на џуниор забавите во Скопје бевме ние. „Хард рок“ дискотеката, деведесетите некаде, од нас почна Џуниор. :) И, се сеќавам, хит беа кожни јакни. Знаете кои? Оние со патенти, на рацете и од страна...едни као панкерски, може и „панкерки“ да ги викаа...а ги има и сега јакниве. Всушност тој модел е безвременски, ко што се и Док Мартинс да речеме. И се сеќавам, цела екипа купивме кожни јакни ама сите купивме во различни бои! Јас имав црна, Нико „Сарма“ брат му на Томи Бојаџи, имаше црвена, Арко имаше бела, Ники „Аутомобиле“ имаше тегет, Масе имаше кафеава, Боро „Сектор“ не можам да се сетам...Ние бевме таа екипа таму ама бевме сите во различни. И знаевме тогаш да кажеме као, „Ај цела екипа вечер јакните ги облекуваме!“

Со јакниве беше стварно онака, ептен хит. Уште првата вечер кога се појавивме сите во различни... знаеш, интересно беше, финта беше! Сите во исти јакни а различни бои. :) Следната недела па ќе се договориме сите до еден во сакоа. И пак, еден жолто, еден плаво друг црвено, трет бордо па не знам, зелена. Тогаш тие бои беа хит. Али си имавме цело време такви шеми, после неколку викенди ќе смислевме нешто трето...

Диџеј тогаш ни беше Томче „Корнер“; Зоки „Свила" исто така и Диџеј „Бабура“ уште од тогаш. Имаше миксови, тогаш се пушташе све и свашта. Пуштаа нешто што беше актуелно во моментот, во тоа време беа актуелни Technotronic. Поинаку беше тогаш по диската, не фураа само еден стил на музика, пуштаа секаква: Technotronic, AC-DC, Guns and Roses... мешано, сè. Зборам за музиката на Џуниор забавите.

Можеби не додека бев дете ама нормално после веќе во тие тинејџерски години, веќе во средно школо почнав да припазувам на гардероба. Внимававме на облекување, знаеш, гледаш малку да се издвојуваш од другите. Не само јас, зборам за цела екипа. Да, имаше после „копирање“. :) Се сеќавам почнавме први и Док Мартинкс да носиме, почнаа и други да ги носат. Па после носевме каубојки. Нико, брат му на Томи Бојаџи, од Англија ги нарачуваше, од кај сè не ги нарачувавме. Не „трендсетери“...тоа време со ова не може никако да се спореди, и не можеш да кажеш баш така за тогаш, ама се издовојувавме.

Види, во сите генерации се појавувале некој си вид на „трендсетери“...во принцип секогаш имало по некој. Дали поекцентричен, или поавангарден или поупадлив, секогаш ги имало. И зависи кој, како... сепак индивидуално е тоа. На некој му се допаѓа како ти се носиш или пак стилот на некој друг, на некој не. Така и тогаш. Сè е тоа индивидуално, сè е тоа прашање на вкус.

Ние тогаш немавме Фејсбук и немавме мобилни. Одевме од школо до школо и викавме луѓе. Договараш и девојки и дечки. Не како сега, пушташ еден евент и го пушташ кај 1.000 луѓе. Имавме флаери како покани, печатени листови во боја со нашите имиња или прекари и „бла бла“ – што ќе биде журката. И, одиш и даваш на рака ливче „покана“. Онака, делиш.

Држев едно време многу убав бутик. Лоциран на ул. Македонија, „Индустрија“ се викаше. И ептен добро работеше. Тогаш знам, го донесов и Sorbino брендот, прв го продавав. Робата ја носев од Италија и кога ќе ме видеа тие во магацин коса им се креваше! Затоа што не тргував со нив туку ќе земев само по едно-две парчиња. Така и ги продавав, од таа маица по една, две, од тие фармерки по два пара... немаше да кажеш од една серија 10 парчиња и баш тоа им се допаѓаше на муштериите.

Лично, мојот критериум е „пристојно“. За мене не е нормално лакована бела чизма, во сред зима да се носи. За мене не е тоа ок. Не знам, можеби е за некој друг. Можеби има такви „Шанел“ чизми што чинат 2.000 евра. Ова ви го кажувам затоа што ми се има случувано, имам гледано по диска и по кафичи. Не знам, чизмата е поприметлива од која било кондура. Поготово ако е бела. :)

Сè што е во нормала за мене е ОК. Дали што сум гледал надвор од Скопје, дали тука кога сум работел по дискотекиве и по кафичиве. Не зборам сега дека единствено обична фармерка и маица е ОК. Ама па не мора и да ставиме, на пример, девојка од 80кг во хеланки. Колку и да се убави тие хеланки треба и таа девојка да изгледа убаво и да и’ стојат убаво. Или 150кг дечко да го ставиш во стреч тесна маичка. Треба да биде барем малку оформен.

Јас можам за себе да кажам. Секое друго мислење е индивидуално исто како што е и моето. Никогаш не сум критикувал затоа што ниту сум се гледал како некој критичар, ниту како некој моден гуру така што не можам јас многу да ви кажувам околу тоа. На некој му се свиѓа плава натапирана коса со циркони, со леопардеста јакна, тигрест фустан и бела лакована чизма. На некој тоа му е фетиш ама и тоа пак ќе речам си е индивидуално.

Не пратам нешто особено и не загледувам ама мислам дека од младинава денес, средношколците се тие што малку повеќе придаваат важност, тврдам дека они повеќе од сите други. Тинејџерите, да речеме дечкиве до кај 20 и некоја, посветуваат повеќе внимание на стајлингот и на облеката него ние во наше време. Во мое време имало многу помалку избор и брендови. Тогаш имало 100 фирми, денес има 5.000 да речеме. Поготово достапни. И интернет има сега. Пратат стилови што се „трендовски“ да кажам. Порано се знаеше, во наше време родителите ни ги правеа комбинациите за матура. Сега... „ти искачај“ ти вика, „е вака и вака сакам.“

Многу од нашата екипа што почнавме заедно, после тоа средно школо, после тој период, се тргнаа. Се тргнав и јас ама по неколку години се вратив назад. Во периодот што следуваше многу беше актуелно и многу беше убаво излагањето во ГТЦ. Факт е дека Чао не само што е прв кафич во ГТЦ туку и во цело Скопје што веројатно опстоил и работел најмногу, наназад во години гледано. Цел тој ред таму беше со кафичи - Чао, Змија, Стоби – и работеа „фул“. И идеше цела раја, цел народ беше фокусиран на тоа место.

После тоа почна да станува актуелен кејот. Прв кафич на кеј беше „Дали“ и работеше многу добро. Втор кафич кој работеше уште подобро беше „Опиум“. Опиум беше на почетокот, го држеше Камењар. Третиот кафич што се отвори на кеј беше „Инсомнија“. Зборам од кафичи. Така всушност се разработи кејот. И сите тие кафичи ги држеа градски фаци а не копучишта некои. И тие градски фаци го имаа заживејано кејот, тоа да си го знаете. Камењар, ваму беше „Буштур“, таму Сале „Мода“. Е тие луѓе го живнаа, го издигнаа тој кеј. После се отвори Ања и кои не, не ми текнува на сите како се отвораа по ред...ама кејот веќе беше заживеан.

Имаше дискотеки и после тој „Џуниор“ во Хард Рок... се отвораа и се затвораа дискотеки цело време. МНТ работеше добро едно време; па се отвори Процес, работев и таму еден период. Прва, претходно пред Процес, беше Мусандра. Ние бевме таа екипа што го работевме Хард Рок а, Сури со „Глауч“ ја водеа Мусандра. Се дружевме сите. Змија беше исто така доста актуелна, таму се искачаше многу едно време.

Тогаш ќе излезевме и гледаш девојка или дечко. Ги гледаш, дали него, дали неа во живо и тоа е тоа. Сега ги гледаш на Instagram. И кога ќе ти се појави и ќе ти се претстави „еј здраво јас сум од Instagram...“ - не е истата девојка, не е истиот дечко. Тоа го немаше тогаш. Не е природно, повештачко е, пак ќе кажам тогаш имавме многу поприродна дружба отколку сега. И сега сите се во група на Viber, во група на Messenger, на What’s up и сè повеќе е така.

Мене најскопска „фаца“ искрено, ми е Пеџа! Ги има повеќе факт е, ама Пеџа ми е некако баш, такво „скопско типче“. Воопшто не делува како годините и се држи многу јако. И секогаш бил исто „среден“, секогаш онака „нај“. Скроз е забавен и е права урбана скопска фаца. Отсекогаш имал стил, за што било. Покрај Пеџа и за Камењар исто ќе кажам, отсекогаш се издвојувал без грешка.

Ќе ви кажам со сигурност за уште еден и да знаете дека е апсолутно така: од тие „времиња“ и стил на облекување ми бил Сури. Сега е тоа што е за жал, криво ми е што не е ок, инаку Сури бил баш онака скопски, не „дечко и пол“, па можеби и највеќе од сите. Сурко, си имаше некое свое стилче, не ми текнува баш во детали ама се сеќавам на неговата свадба... дали се облече во сребрено одело или нешто така... си имаше он многу моменти. Ама беше отсекогаш така „актуелен“, и во поглед на гардероба, воопшто во секој поглед.

Купувам од секаде и не патам од брендови. Ги имам, да, ама имам и работи што ми се допаднале и без тоа, најобични маички што не треба да се wow... битно е да знаеш тоа со тоа да го искомбинираш. Можеш да имаш јакна од 400 евра и да ја искомбинираш со убава маица од 400 денари. Убава маица, од 400 денари, еве ја, ја имам на себе.

Сосема е нормално некој да не знае да искомбинира костим со кошула, со ова, со она... има полно што не знаат и нема ништо лошо тука. Некој што никогаш не носел одело и наеднаш му доаѓа таква ситуација, дали влегува на таква работа па мора да носи итн. Сум имал да речеме некое искуство со одела, дали дека и работните места ми биле такви па сум морал често да бидам и пристоен и официјален и елегантен и имам полно другари кои се случува да се консултираат со мене, да отидеме заедно да избереме, да помогнам да искомбинираме заедно.

Совет? – Моментално, социјалнаве мрежи. Секој може да си отвори да си види. Достапни се сега до секого и доволно е сам да си отвориш и да си видиш. Не мора да изгледаш исто. Не мора никој да биде така трендовски облечен, во најмала рака може да биде културно и убаво. Не е потребно не знам што за ти да изгледаш не знам како, не само за во диско. Воопшто. Факт е дека за машко е подруго. На машко му требаат малку повеќе пари за да се облече. Тоа е мое мислење. Ама сметам дека, барем сега е многу подостапно и стварно има толку брендови, фирми каде за многу евтино можеш да купиш. Многу е подостапно и многу повеќе има гардероба.

Имаш места каде што не е дозволено во тренерки да се појавиш. Во Арабеска беше така. Наслушнав и за Скај бар, сè уште не сум бил. Не дека не дозволуваат, ќе влезеш ама пак, ако имаат некаков кодекс треба да го испочитуваш. Да сум во тренерки и да отидам таму кога ќе погледнам наоколу мене ќе ми биде непријатно и ќе се свртам, ќе си отидам. И тоа не е само кај нас. Секаде го има и не само по дискотеки. Во Букурешт кога бев, ти доаѓа менаџерот и прво те мерка, те гледа и ти вика „ок“. На врата од ресторани и не којзнае колку скапи ама збориме за убави, добри ресторани по градовиве надвор; прво те гледа како изгледаш да не му влезеш каков било затоа што си држи некој кредибилитет, некоја репутација на ресторан. За такви места и самиот ти, треба „глупо“ да ти падне да влезеш таков... на секој би му било непријатно. Мислам дека треба да го имаме тој осет.

Треба сепак, барем колку-толку, да мислиме и на околината. Јас сум секогаш за тоа па колку и да викаме „еј гајле ми е за околината!“ Добро, ако ти е гајле стави два рога на глава и шетај се наоколу, ако мислиш дека тоа е модерно. Или ќе влезе, на пример, некоја девојка што изгледа како „елка“, како „лампион“, да е онака „напукана“... колку и да сакаме да викаме дека не е така, знаеме дека сите зборат, коментираат. Сите ние викаме „абе баш ми е гајле“ а пак, потсвесно криво ни е ако таа околина нè руга. Нормално ќе ме руга ако ставам танга да ми се гледа или ако се ставам во кожни панталони. Не сметам ниту јас дека е тоа во ред. Треба, треба да имаш и малку усул.

Еве тргнете од самите себе, кога ќе видиш околу себе фини, „скоцкани“ луѓе и кога ќе видиш „парталави“... мислам дека и сами знаете. Изгледот е, буквално, за секоја прилика најбитен. Да не се лажеме, најбитен е. Еве кога девојка оди на состанок. Трни од тоа кога ќе ти дојде дотеран, и кога ќе ти дојде како партал. Или ако збориме за работа: кога ќе ти се појави некој на состанок среден и кога ќе ти дојде со искинати фармерки или сл. Поинаку го перцепираш, поинаку го гледаш од сам старт. Не е пресудно, и не мора да значи ама од самиот старт буквално е друго, додека не го видиш кој е, што е, како е. Дури, имаш и фирми каде што не е дозволено ни да се влезе во фармерки... или кај директор не па на состанок.

Тука сум толку време и знам како беше пред да се среди плоштадот. Е сеа тоа што е „средено“ со Александар, зошто и дали требало да стои Александар на тоа место, не ни сакам да навлагам... ама едно знам, а тоа е дека до пред 10 години освен по некоја џукела и кучиња скитници на плоштад друго немаше, не знам дали памтите... за разлика од сега што во пролет не можеш да се разминеш. Значи повеќе не станува збор за дали мене ми се допаѓа или не, очигледно е. Е сега тоа што е направено е малку смешно. Барок е скапо нешто. Ова не е барок, имитација е. Ама пак колку-толку направено е; и пак, колку-толку е заживеано Скопје. Реално, е така. Па сега колку сакаме можеме ние да коментираме и дали некој ќе се согласи или не.

И го сакам Скопје и ептен се осеќам онака, „скопјанец“. Моментално каков што е градов нешто ми се допаѓа, нешто не, нешто ми е премногу, нешто ми е океј. Да, статуите ги има премногу, баш премногу. Од друга страна пак делот кај Археолошкиот музеј и премногу ми се свиѓа. Стварно убаво изгледа, многу поубаво од што изгледало претходно и тоа не може никој да го порекне.

И мразам кога го хејтаат. Си имаме „хејтерчиња“ наши, домашни. Гледам по социјалниве мрежи, значи, тие јавно што највеќе го хејтаат Скопје „еј што го направивте, вакво е такво е, циркуз е!“, сите тие се сликани дали пред некој од новиве објекти или барем пред еден споменик ако не и пред повеќе. Мене ако нешто не ми се свиѓа нема сигурно таму да се сликам. Али факт е дека го сакам Скопје. Имал и убави и лоши работи и си го сакав и претходно каков беше, го сакам и сега. Секако си го сакам овој град.
That alone wwas an egregious oversight on thheir own part, since Maxberry