Она што е кроасанот за Париз, вафлата за Брисел, крофната за Њујорк и ѓеврекот за Истанбул, тоа е мекицата за Скопје. Таа неоправдано запоставена вистина, неправда за рецептот и појадокот на нашите прабаби, треба да се исправи по секоја цена.

Кроасанот во фолија, кесата со смоки или некоја слична инстант замена за појадок на повеќето деца во градов, ја оневозможи и ја занемари симпатичната топла мекица во рачињата на децата на пат за школо. За тоа, недостасуваат мали шарени киосци во кои таа ќе се приготвува до 10 часот кога би било пристојно да се јаде и во меѓувреме со активност да се потроши нејзината калориска вредност. Таа е барем радосен појадок, за разлика од сите други набројани или ненабројаните, во кои спаѓаат разни слатки корнфлекси ништо покорисни и плус фабрички.

Мекицата за појадок враќа извесна радост и традиција од минатото. Таа не е исчезната, туку скриена некаде во менито за појадок на речиси секоја градски угостителски објект: од кафетерија до ресторан.

А штета е тоа. Симпатичната тркалезна или малку долгневеста тестена реш испржена делиција, може во сабота да се пржи на плоштад Македонија, да се дегустира, да се рекламира и да се споделува рецептот. Би се јадела ретко, но токму тоа ѝ дава предност пред извитоперениот хамбурегер со помфрит од замрзнувач и привилегираниот мрсен бурек. Мекицата е детаљ, таа не е амбициозно ниту фенси јадење, но би била придружена со приказна од нечие детство, би придонела кон некои ритуали или традиционални појадоци од минатото, кои не смеат да се заборават. Мора да биде топла, свиткана во шарено хартивче, со смалени димензии во согласност со здравата исхрана. Секако, на лице место направена и топла, зашто тестото што нема ништо друго освен брашно и вода, кога ќе се излади станува тегаво и бескорисно.

Со мекицата, ние кажуваме дека немаме ништо со американските крофнички пржени во изгорен зејтин, но имаме со мекиците од детството на многу минати генерации од овие простори. Можеби ќе може да се избори со бурекот, на кој треба да му се избројани сааатите, зашто многумина се здебелија јадејќи го за секој појадок.

Ве носиме на мекица во град, како Италијанците што нè носат на парче пица од киоск, што може да биде послатка од некоја помпезно послужена пица во ресторан.

Мекицата има уште една добра особина. Со неа може да се пие јогурт, кафе, дури и пиво ако одамна не сте сретнале добар пријател и не сте го однеле на мекици. Не, не се тоа оние мекици што се делат за новороденче. А и кога сме кај тие, некогаш се пржеа дома по раѓањето на дете. Срамота беше да се купуваат готови.

Кратката приказна за мекицата би завршила со фактот дека таа е храна за добро расположение. Да ја почнеме саботата со мекица е некако светски, а наше. Баш наше.

Овојпат, мекицата е сместена во амбиентот на „Колектив“ на плоштад. Тие си имаат свое сфаќање за тоа како треба да се сервира. Со каков поглед, до кое време, со каква музика.

Утро е во Скопје. Вака тоа изгледа понекогаш. Различно на секое место. Враќање на симпатичното и традиционално во нашето секојдневие. Во оние моменти кога не се бројат калории и се креира еден редок радосен момент.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply