
- Хахаха, хороскоп. Астрологија. Ептен сум навлезена. Опседната сум. Во секој момент од денот имам желба да прочитам и научам нешто ново за хороскопските знаци, планетите и куќите. Куќите уште не ги знам ама за планетите знам скоро сè. Ме „влече“, и по малку се разбирам и гледам на натални карти. Онака, луѓе остануваат без збор, што не ги ни познавам.

Тетоважата на глуждот ми е од Мила, другарка ми, нејзин потпис. Оваа на ракава, Мичиќ ми ја правеше и има многу значење ама нема да кажам што. :) Ова е една од тетоважите што најтешко се цртаат затоа што е конусна. Сакам да се истетовирам цела, кога ќе имам плата минимум 1000 евра :) и кога ќе си ги исполнам сите желби што си ги имам во глава.

Ташнава ми е подарок од Боте и од Маја Казакова од Солун, од Зара. Ми се јавија еден ден и ми рекоа: „Емче, каква ташна сакаш, црна или бордо?“ и одбрав бордо бидеќи веќе имам црна ташна. Многу ми е практична и ја носам секојдневно. Ја имам „уништено“, ја оставам во диско на коњопој доле, па се истураат пијачки врз неа... и се будам сабајлето, ташната цела во капки.

Еден од омилените дизајни ми е последниот кој го работев со другар ми Васе, преку конкурс, за дизајн на амбалажа за слатко. Ќе го видите наскоро. Ќе го издвојам дизајнот кој го работев на работилницата во едно прекрасно италијанско гратче, Васто. Темата беше „Save the nature“. Имавме и изложба каде што јас и Тони Димитров пуштавме музика.

Чизмиве ми се од пред три години од Timberland. Mи ги купи Игор Џамбазов, бидејќи му го направив дизајнот на корицата за книгата „Прирачник за Анти Антиалкохоличари“ и сакаше нешто да ме почасти. Јас си ги одбрав, си ги носам нон-стоп. Не „умираат“, многу се квалитетни. Големо задоволство ми беше да ги дизајнирам последните две книги на Игор Џамбазов, кој ми е многу драг пријател.

За музика можам да напишам цела книга. Без музика не можам да живеам, се будам и заспивам со неа. Во диско одам да ја почувствувам музиката, да фатам ритам и без престан да играм. Тоа за мене е ослободување на душата, ширење на позитивна енергија и добри вибрации. Затоа и пуштам музика, сакам и да ја создавам. Електронската музика ми е пред сè, сакам „deep“ и психоделични звуци.

Многу сакам маслинеста боја. Зелениве шорцеви се на мајка ми; исто така се стари, некои 20 години. Ги носела како млада и многу ми се допаѓаат. Ги носам и со едни гумени црни чизми и многу добро стојат. Црна гумена чизма, овие и маичка и „шибаш“. Од мајка ми имам повеќе работи, кошули што се за искачање, цветни... „свашта“.

Следам мода преку Тumblr и Instagram. Обично се облекувам според моето расположение и мислам дека облеката ја изразува душата. Комбинирам ретро парчиња од мајка ми со ново-купени парчиња облека. Навлечена сум на улична мода. Сакам секогаш да сум комотна во тоа што го носам и нормално никогаш не облекувам нешто што не знам да го носам, а не го ни купувам. Сиена Милер засекогаш, а од нашиов град ќе ја издвојам Елена Узуновски од Излет и Катарина Ивановска, нашиот топ модел. :)

Ташнава со орел ми е од Берлин. Ми ја има подарено колешка на мајка ми. Сакам да живеам во Берлин и да се занимавам со уметност. Да станам некој познат музички артист, да ги забавувам луѓето во јавни локали со мојата музика, да ги правам среќни. Ако не, би отишла на Тајланд и би ловела риба, би живеела гола во природа. Скопје ми фали и кога ќе отидам до Грчка. Го сакам и ќе ми фали буквално сè. Се надевам дека ние, новите генерации, ќе го направиме место за подобро живеење.

Капчето ми е поклон од ДЈ Мачки. Еден ден баравме поклони за роденден на негови двајца драги луѓе и за да не бидам запоставена си го одбрав капчево од Quicksilver. И често ги посетувам тие некои мали збутани продавнички како што е Pewex. Од таму ми е бордо блузонов кој е супер за на планина во ладните зимски денови. Не ми е важен брендот и цената на облеката. Сакам да купувам сè што ми прилега и што прави да се чувствувам убаво.

Отсекогаш ме влечела уметноста и сум сакала некако, визуелно да се изразувам. Дедо ми е ликовен уметник кој има и рачно изработувано логоа пред да се појават компјутерите. Со него секогаш цртав и со линијари од геометриски тела создавав луѓе и предмети. Најверојатно од таму потекнува желбата за тоа што го работам моментално. Овде сум се потпишувала, детството мое...