Чоколадо и сол. Лубеница и сирење. Двојка, флипс и норт пред спиење. Ах, парадоксалност, љубов моја.
Насловот е навидум парадоксален исто така. Но, дајте ми шанса да објаснам.
Што значи “тип”?
Онака, муабетџиски?!
Не, не мислам на тип брашно… тип бе, тип. Не јака типка. Т-И-П.
Знаете, луѓето се како добро нареден агол на брендиран дуќан за кежуал ствари. Некоја машина штанца сè што гледате, но секое парче има свој сериски број. Тук-таму штепот киднал, па ни клот црните маици од 9,99, не се исти. Овие две јакни се исти, а имаат различни копчиња. На пантолониве им е расипан патентот… други имате?!
Брат ми Дуци ова креативно го сумира како:
“Дебел, сè е исто, ама не е исто.”
Елем, луѓето. Сите со различни штепови и копчиња. Морам да признаам, генијално е барањето “тип” на човек во море различности. Во тип800 има залетани зрна пченка. Да не збориме за езотерија, каква се живите организми.
_____________________________________________________________________________________________
„Знаеш, фонт е многу битна работа.”
Сосема се согласувам. Во ера на вулгаризирање на секаков тип образование, под низа (капиталистички) изговори, веројатно најмногу трпи естетиката. Не, слон не може да е балетан. Не, ако си забар, не можеш да си графичар. Ај да те видам од зет, стани свекрва…НЕ, И ТИПОГРАФИЈАТА Е НАУКА, ЗА КОЈА ТРЕБА ОБРАЗОВАНИЕ!
Теоретски, од Гутенберговата наваму, секое слово на папир е типографија. Модерните „cheat” кодови важат и за оваа наука, варирајќи од дигитал дизајн составен само од букви/зборови, до танц како визуелна презентација на одредени зборови.
„Јас за тетоважата, фонт бирав три месеца!”, вика Елена.
„Леле, јас па приметувам фонтови во мејлови”, вика Ана.
*Дедукција на темата не носи кон суштината.*
“Сепак, колку е битен фонтот, толку е битна и суштината.”
„Не треба да ја ‘судиме книгата според нејзината корица’.”
_____________________________________________________________________________________________
Што „дафак” зборам?
За ера во која дедукцијата е дел од тренди поп културата благодарение на Мофатовиот „Sherlock”, малце сте ми спори.
Двете страни на „type” се:
– именскa, да означува тип на луѓе или ствари со слични карактеристики.
– глаголскa, да означува пишување.
Јас би „type” да го дискутираме – човечки.
Да не ширам скепса – сметам дека постои тип на храна што желудникот подобро ти ја вари. Песна која умот ја врзува за минати ствари. Но, тажно е да бараш тип на атипично место, каде стереотип не смее да припари.
Човекот е „местото” каде, ни под смртна закана, не смее да се бара тип. А осуда според стил, треба да е казнива со закон. Луѓето не се фонтови, па да бираш според агол или заобленост. А да сакавме нашата различност да се гледа, ќе носевме јакни од корици.
Напротив, препорачливо е добро да се намачиш, само да спознаеш некој каков не е…
…оти не е исто да сакаш, и да си заљубен во сликата за некој/а…
…оти не е препорачливо да сакаш, само за да промениш некој/а…
…оти не е „за машала” да си заглавен во стереотипи кои не смеат да важат за секого/ја.
Човек треба да прашува и учи. Оти само информиран поглед може да познае добра типографија. А и таа типографија има свои болд и италик варијанти. Добра е и паралелата со сликањето – една магента розева нема иста рефлексија кога е изложена на сончеви зраци наутро и напладне. А и една идентична перспектива, за други очи ќе е различна.
Исто е, ама не е исто.
Не судете ја книгата според корицата.
А, што значи „тип”?
Па, едноставно е:
Каков тип човек си?