Се водиш ли по некоја животна философија?
По некоја своја веројатно. Минам време со себеси. Добро, некогаш се преиспитувам премногу. Си оставам простор да доживеам што и да ми се случува и секаква емоција. Верувам дека од сѐ се учи нешто мудро. Верувам во поголема сила од нас и се трудам да внимавам на енергијата која ја емитувам. Наоѓам хумористична црта во секој проблем. Плачам кога ми се плаче.

Што те исполнува во тоа што го работиш, а што покрај работата?
Во работата ме исполнува разновидноста во културите зависно од потеклото на клиентот, сите нивни приказни и логиката позади преговорите. Настрана од работата, уживам во театарот, музиката, љубовта, фамилијата и пријателите, природата.

 

Омилени задоволства?
Насмевките на најблиските, море и зајдисонца, шеги на моја сметка, сладолет, танцување.

 

Имаш некои модни опсесии?
Многу сакам да купувам летни фустани, во јаки бои или шарени, можеби со цветови. Мислам дека похрабра сум летно време, само поради нив. Многу ми се допаѓа тој gypsy и boho стил, никогаш не ми се доста такви фустани.

Кој е најнеобичниот муабет или комплимент што си го добила?
Засекогаш во меморија ми е врежан комплиментот што го добив еднаш од момче кое беше слепо, притоа пијанист. Ме слушна како пеам по ходници на факултет и започнавме кратка конверзација околу музиката. На крајот од средбата ми рече: „Баш си убава!“. Тој комплимент ми значеше и ми значи на различно ниво од сите други.

Најоткачено или „statement“ парче гардероба што го поседуваш?
Во моментов ми текнува на некој период околу 17-18 години, кога експериментирав со стилот и ми беше мошне психоделичен и шаренолик. Купив силно тиркизен долг фустан со циклама шари од мексиканската или индиската култура, не сум точно сигурна. Иако ја надраснав таа фаза, сѐ уште сметам дека е statement парче бидејќи привлекуваше внимание насекаде.

Во што се чувствуваш најпријатно, најсвоја?
Во секоја комбинација што ќе си ја смислам, во парчиња за кои конечно ќе си се согласам со себеси дека ми стојат добро (ова е ретко навистина) и во ноќници.

Омилена книга, зошто токму таа?
Приказната позади мојата омилена книга е всушност самиот филм Волшебникот од Оз, снимен 1939та година со Џуди Гарланд во главна улога. Мама ми го пушти на касета кога имав 5-6 години и оттогаш секогаш кога ќе се почувствувам залутано, изгубено, знам да си го пуштам и да ме врати дома. И книгата и филмот ми се од сентиментална вредност поврзана со моето детство.

Сметаш дека стилот е вроден или пак го стекнуваме со текот на времето (и како)?
Во моето искуство, стилот го стекнуваме со тек на време преку откривање на себеси подлабоко и изразување на оригиналноста што сите си ја носиме без страв од игривост. Апсолутно тука влијае околината, музиката која ја слушаме, нашите родители и идоли, периодот во кој растеме и живееме.

Импулсивно купуваш? Купуваш слични парчиња на тие што веќе ги имаш?
Зависи. Си имам неколку уникатни места од кои константно купувам слични парчиња, а доколку се најдам во некој трговски центар сосема импулсивно купувам кога ќе осетам љубов на прв поглед, бидејќи често ме заморува пробувањето на облеката и гужвата по бутиците.

Некој со исклучителен, маркантен стил, што се носи оригинално, да нема друг налик него според твојот вкус и параметри за мода?
Björk, Sevdaliza, FKA Twigs, Green Tea Peng. Контрадикторно па сум и голем фан на актерките од стариот, гламурозен Холивуд, мора да ја спомнам Одри Хепберн – поради неа сѐ уште бисерите ми се прв избор со црн аутфит.

 

Колку ти влијае на впечатокот за една личност начинот на кој тој/таа се облекува?
Сите би се согласиле дека кога некој е кул облечен – не можеш да го игнорираш тоа, исто и обратно, кога некој е невкусно и несоодветно облечен според нашите параметри во најмала рака потсвесно го критикуваме, така што мислам дека на сите начинот на облекување ни влијае на впечатокот за личноста.

 

 

Низ каква модна фаза минувaш моментално? Дали би се облекувала поинаку од ова, што би сакала да додадеш во своите комбинации?
Моментално чувствувам дека тотално заврши мојот период на експерименти за што мојата постара сестра е пресреќна хаха. Конечно исти работи ни се допаѓаат!
Сега тежнеам кон пософистициран изглед и ја разбирам убавината во минималноста.

 

Што сметаш дека е кул за еден аутфит, со што некој успева моментално да те освои, особено да ти се допадне и да ти го задржи вниманието?
Животински принтови ама тенка е линијата во мојот вкус. Треба да е мал детал или парче облека многу внимателно искомбинирано. Гледам некаква храброст и страст во тоа.

Што ти го покрева духот?
Љубовта, дечињата на сестра ми, животните, морето, добра театарска претстава или филм, музика.

Која карактерна црта најмногу ја цениш кај жена? А која кај маж?
Можеби ќе звучи чудно, но најмногу ценам жени кои се тотално различни од мене. Мојот дух знае да биде немирен, па им се восхитувам на тивки и интровертни дами. Кај мажите ценам детерминираност, тоа ми е многу мажествено. Без разлика на полот почитувам лојалност и искреност, интересна смисла за хумор и чиста душа.

 

Некое твое достигнување за кое си особено горда?
Јас сум благодарна на секое будење и фактот дека сум жива, здрава и среќна девојка. Се гордеам кога сум успеала јас да им помогнам и возвратам на моите родители, сама да се грижам за себеси, сама да заработувам и живеам, меѓутоа такви достигнувања и победувањето на некои битки научив да ги гледам како дел од животот и сум скромна околу доживувањето на истите.

Кој совет би го дала некому што ти самата не си го послушала?
Тек сега учам да барам и да слушам совети. Во тинејџерскиот период не беше така – мајка ми е сведок хаха. Најмногу не сакав да слушам совети околу моите интимни врски, значи сигурно за романтичните проблеми на моите пријатели сум била експерт!

Следиш модни трендови? Актуелен тренд што ти се допаѓа и што не ти се допаѓа.
Не следам модни трендови, спонтана сум и флуидна во мојот начин на облекување. Слатки ми се новиве генерации на тинејџери со уникатна шминка, патики и наочари, а не ми се допаѓаат кроп топови, филери и флуросцентни бои.

Колку е личниот избор на гардероба/накит/чевли итн., начин на самоизразување? Сметаш ли дека емитираме потсвесно некаква порака преку сопствениот стил?
Личниот избор автоматски е начин на самоизразување и треба да бидеме гласни и бестрашни во пренесувањето на таа своја, оригинална порака преку стилот.

Поминавме многу пријатно и инспиративно неделно претпладне со Тијана, млада актерка во подем, која негува одличен стил, и Соња, која специјално за нас го отстапи прекрасниот простор на нејзиното новоотворено кафуле @dnevnadoza.kafe. Благодарам на двете.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply