Сакам да ви претставам еден „Скопје се носи амбасадор“, сам по себе, како што се вели, „другата страна на медаљата“.
Спротивно од идејата „експонирано“ но исто толку соодветно „градско“, скриено фино-избрусено рубинче во свое меурче, на кое погледи му се радуваат на сите убави места и забави кои ви паѓаат на памет во градов. На првото „Здраво“ таа е манекенска става, на првиот муабет еманципирана до небо, сосем нормална и природна. Често со statement парче на себе, #streetstyle од последната светска модна недела, негува „мода“ што подранила кај нас.. набљудувате дур да се засрамите во девојката која е префинета дури и во тексасна baggy кошула, очигледно со некоја си своја сопствена чиста и конкретна „линија“. Знае да се носи во магионичарски капут со идеалните Оxford кафени чевли на неа, понекогаш пак како дама со шеширчиња…одненадеж се судрувате со докторката во поцепани фармерки и сребрена сандала-римјанка сред метежот на клиника! Стои исправена наспроти стереотипите за доктор, побивајќи ја првата асоцијација за тетката во бел мантил и стерилна речиси „шуби-дуби“ појава и нарав! Препознатливата бисерна насмевка од која очи не тргнавте во град всушност припаѓа на неконвенционалната докторка која повторно ќе Ве заслепи, освои со својот племенит нарав и придобие со милата ѕвезда. Оние што ја познаваат ќе речат.„Тоа е Деа“.

Уште од мaлечка отсекогаш сум сакала посебни работи. Делумно мајка ми е „крива“ за тоа... „не e нормална!“ :) Уште во средношколските денови сè што ќе видела сама го шиела, вакви капути, такви капути, секакви фустани, носела две различни кондури, во различни бои, имала долга црна коса... сите од генерацијата на факултет ја паметат како најоткачена, а имала „луд“ просек. Значи неспоиво. Обично очекуваш дека тие луѓе не излегуваат од дома и само учат.

Се сеќавам како мала дека мајка ми ни’ шиеше, на мене и на сестра ми, капутчиња со ликови. Правеше очи, уста, плетенки. Ги гледаме и ден ден плачеме. Не облекувала да бидеме уникатни и тој ген се префрлил и на мене. Кога станав посамосвесна, позрела и јас секогаш гледав да сум поразлична во стилот од другите.

Не менувам многу од мојот личен стил за на работа. Баш и по тоа ме знаат. Единствено, според мене, мојата професија би забранила провокативност. Толку. Сè друго ми е дозволено. Можам да носам и скинати фармерки или некоја „откачена“ блуза и врз нив го облекувам мантилот. Така и помлада ме доживуваат. Ќе ми речат „девојче“, а не „Докторке“. :) Тоа е плус, зошто да не. А и повеќе доверба влеваш на тој начин. Така што мојата професија не ме оддалечува многу од мојот стил на облекување. Не се осеќам така. Еве на пример, ги носев металик сандаливе на работа еден ден и една од сестрите ми рече: „Леле докторке, колку добро Ви стојат! Интересни се, не би ми текнало да ги купам.“ Ќе ги искомбинирам со некоја маичка и фармерки и супер. Добро изгледаш, а не провоцираш.

Сум имала коментари од типот: „Ах ова за мене е кич.“, во ред, за мене било поинакво од другите. За некого цветните кошули се многу, за мене, тоа е мојот карактер, бидејќи јас сум таква: весела, насмеана, сакам светли работи, во принцип не се карам, не сум таков човек, сакам сè со мирно да се реши и оттука произлегува сè.

Во основно свирев клавир... Обожавам да слушам музика. Тоа ни е во генот, во фамилијата. Татко ми е стоматолог по професија, но обожава да слуша џез. Свири по слух што ќе посака, со нотите е “скаран”. Системот цело време ни е уклучен. Тој ни ја има пренесено желбата за музика. Можам 24 часа да слушам музика. Отсекогаш сум имала префинет вкус – сум знаела што сакам. „Евтина“ музика не поминува. Во последниве неколку години најмногу слушам Indie-Pop и Indie-Rock и секако електорнска музика. Групите како „Foster the people“ и ”Florence and Machine”ми се многу драги, од електронските ги сакам “Bonobo” и “ Flight Facilities” како и многу други... навистина не би се ограничувала...

Памтам во средно, едно време „La fabrique“ беше хит и секоја сабота одевме таму. После следуваше „Colosseum“ и тоа беше тој период на журки, кога се одеше на диџеи и не се пропушташе викенд. Многу убав период што не можам да го заборавам. Потоа настана една пауза во Скопје, немаше ништо, бев втора-трета на факултет. Знам David Guetta имаше добра журка на саем и тоа беше пред некои 6 години, пред да стане многу комерцијален. Пред една година го слушав Вonobo во живо во еден странски клуб, а оваа година “Flight Facilities” за кои особено ми беше драго. Во Сектор на журките исто ми е кеиф да одам. И добра поп-музика е секогаш добредојдена, нешто како John Mаyer и слично... голем број артисти ми се допаѓаат, не сум фиксирана на еден.

Ланчево е купено на зимска распродажба од Marc Jacobs. Мојата другарка живее во Милано па и’ бев на гости, и многу ми се драги. Продавницата беше многу пријатна, воопшто не делуваше „на висока нога“, недостижно, туку беше многу урбана, достапна за секој и внатре имаше многу убави работи. Посебно аксесоарите, беа многу подобри од облеката.

Ми се допаѓа Emma Stone. Многу е специфична, има карактер и зрачи. Diane Kruger е исто добра, Kate Bosworth. Они се минималисти и се издвојуваат. Alexa Chung е „луда“. Не можеш да не ја сакаш. Olivia Palermo е поим за елеганција,Chiara Ferragni е доста интересна. Особено би ја издвоила Solange Knowles ,односно сестрата на Beyonce како што и повеќето од светската јавност ја знаат. Таа е спој на минимализам,смелост и јаки бои, на моменти преточeно во некој ретро стил од 50те,тие што и’ го следат Инстаграм профилот, знаат.

Хоби? - Учам шпански. Имам завршено курс по германски, почнав и грчки, а сега и шпански. Кеиф ми е. На времето го разбирав, додека ги даваа шпанските серии на тв... откако ги прекинаа го имав сè уште во глава ама ми остана неостварена желба да го научам и бидејќи имав време, си го трошев на тоа. Чат-пат кога имам време знам и да прочитам книга. Знам и да си зготвам... се трудам да правам од сè по малку. Нашето студирање е доста захтевно, постои еден вид на натпревар помеѓу социјалниот живот и студиите.

Марамава ми е од Капали чаршија во Истанбул. Бев со колешки од Шпанија кои се ценкаа феноменално! Беше „тежок“ човекот и јас не можев да ја симнам цената ама затоа тие го направија „партал“! Марамата со точките ја имам купено од Берлин и многу си ја сакам. Најомилена марама ми е. Ја комбинирам со креамави и кафени парчиња.

На пример, њујоршката модна недела е екстремно нослива, тоа е оној урбан стил, се носи на улица и нема грешка. Париската модна недела е гламурозна а, миланската е доста елегантна. Лондонската е друга приказна. Англискиот стил е многу специфичен. Тие се такви, underground, алтернативни и ако знаеш од тоа да одбереш и да го ускладиш би било многу добро. Можеби дури навидум да е грдо парчето, само по себе но, добро вклопено со останатите е добитна комбинација.

Сакав да го имам капутов и решив да го купам па макар светот три пати да се преврти! Некој ме викаше „магионичар“ во него, не знам кој беше... така му личело. :) Некој дури и како килим го дефинираше. Во позитивна смисла, како килимче. :) На пример, треба да се комбинира со нешто поедноставно за да дојде до израз. Го носам во преодот есен-зима. Од „Мона“ е.

Ги обожавам Англичаните. Нивното знаме само по себе има некој естетски удел кај мене. Ташнава ја прогонував во „Accessories“ со месеци, беше скапа и на крај реков ја земам па колку сака нека е. Имав и марами со знамето. Ми се допаѓа културата и сè што е поврзано со Англија. Музиката им е едноставно одлична, отсекогаш имале најдобри поп-бендови. Ми се допаѓа стилот што го диктира англиската мода. Убаво чуден, специфичен.

Ми се допаѓа работата со пациенти. Цело време сум во комуникација со луѓе, им помагам...убаво се чувствуваш кога на некој си му направил добро. Мене тоа ме исполнува. Учиш шест години и се нервираш и после кога ќе почнеш веќе да работиш сосема е поинаку. Нема врска со студирањето. Така се впуштив во насока во која се справувам со секакви луѓе, различни болести и „луди-големи” HI-TECH машини кои се прозорец на човечкото тело.

Цел живот слушав за медицина и кога дојде време за мојот упис, едноставно ми звучеше убаво да бидам докторка. Многу луѓе го дефинираат како „терање“ заради моите родители но, кај мене не е така. Да, имаше тешки моменти ама тие се како кај и на секој факултет. Ќе се навикнеш. Имаше и многу дружба, цело време се организираа журки. Се дружевме на колегијално ниво. Се трудевме да не се запостави социјалниот живот.

Начинот на облекување оддава 60% од сликата за човекот. Останатите 40% ќе ги оставиш на запознавање. На прв поглед можам да проценам според облеката дали ќе имам работа со некој полесен карактер, позабавен, самиот склоп, комбинацијата ќе ми даде до знаење. Познавам луѓе кои носат доста темна облека, што не мора да значи, но, се по „down“ и не се толку оптимисти и позитивни. Во голем дел од случаите тоа ми се погодило така. А, денес, модата е лесно достапна па камуфлираат, мораш да седнеш со човекот за да видиш навистина каков е. Ама облеката зборува, си има свој јазик.