“Од време на време ќе ја видев од далеку или ќе наидев на неа случајно, разминувајќи се на пешачката зебра кај Цека. Многу подоцна сфатив дека оние сочни лососи и генерално необични но привлечни порции храна (често пати сладоледи), креативно портретирани, сончеви и колоритни фотки, со музичка и уметничка ‘нота’, надополнети со досетливи описи и коментари на Инстаграм се всушност лична колекција токму на нејзиниот профил.
Не ја познавав но, случајните средби зачестија, размената на искрени лајкови по социјалната фото мрежа исто така, како да се стеснуваше кругот и беше само прашање на време и прав момент. Премногу неонско-трепкави „стрелки“ речиси како светлечка реклама сигнализираа во нејзин правец, луѓе воедно посочуваа на неа. Дојде некако, природно, „денот“. Деновите на блиски и „тралала“ средби со неа. „Ќе ги понесам со мене Доминото и лажичката за Апсинт“, „Некој сообраќаен знак на улица ќе ни заврши работа!“, „Сакам да зануркам во светки и да излезам целата блештава.“
Се сретнавме во екот на мај и на залезот на септември каде горенаведените несекојдневни реченици си дојдоа на свое место како поводи. Со крупни и искрени очи, секогаш весела, секогаш во слоеви и во живописни бои, но слеана како свежа вода што тече и сè помудра за своите „тралала“ години. Во редок склоп и избор на мисли, ја краси оригинален говор, стил, по малку меланхоличен но ведар и слободен дух, позитивна во свој неверојатен „палав“ меур, со „светки“. Тропа зимата на врата, со задоцнување но со цело срце, „Тралалајка would suffice?!“ :) – Умешно и посоодветно, здравје, таа се има себе-сумирано.

(Инспирација во поглед на облека) - Најверојатно од сè што гледам околу мене. Вода најмногу. Ух, ух, дожд и petrichor. И реки - сè што има некој тек. Има реки каде што алгите се во секакви бои и сите тие бои заедно „стојат“. И море и океан, сепак од нив доаѓа мојата омилена храна. :) Да не ги заборавам растенијата. М м м, бои, форми и мириси... сите се слеваат едно со друго, смируваат наоколу, а има од сè по нешто.

Го носам она што ми е најудобно и некогаш изгледа чудно – неколку пати сум ги наредила на кревет работите кои ги носам и не се вклопуваат едно со друго ама кога ќе ги облечам си добиваат своја форма и многу сум среќна поради тоа. Заживуваат веројатно, како коцки се редат. Не ретко „насилно“ ме пресоблекувале другарки поради тоа исто „невклопување“.

Секогаш сум сакала средени уши. Да бидат „под конец“. Ако се има менѓуши и пирсови, да бидат складни. По можност и да имаат посебно значење. На пример, на левото уво двете сребрени ми се од мајка ми, двата црни пирсови си ги купив сама во некои поинтересни периоди од „тинејџерството“. Plug-овите ги имам едно седум-осум години веќе. Бидејќи сама експериментирав со нивното ставање, неретко имаше утка во величини, па завршуваа со паѓања во несвест. Најверојатно уште малку би ги раширила бидејќи имам прекрасен пар за подарок - бордо ружи. Најновата менѓушка ми е на десно уво. Мојата најдобра другарка стави на левото уво, на исто место, па некако „си се означивме“.

(Што никогаш не би исфрлила од твојот плакар?) - Хммм, мислам дека нема да можам да се задржам на едно парче. Меѓу нив би биле најверојатно светкавите Vans-ици на кои им се ближи распаѓањето. И едни свилени шорцеви/пижами во бело-тегет риги што ми се омилен подарок. И сите машки XXXL маици прилагодени ко фустани. :)

Различни лакови за нокти многу јако стојат со различни работи. Баш кога се одвикнував од грицкање нокти купив милион лакови и секој ми беше искомбиниран со сè. Ги менував секој ден. Мајка ми ме има научено дека можеш да видиш каков е човекот според ноктите и според рацете. На пример, дали работи или е мрзелив, ако му се средени ноктите и животот му е среден.

Стилот би можела да го дефинирам како: носиш тоа што ти е удобно, на твој начин, и со тек на време сè повеќе си пододбираш „водечки“ парчиња. А стекнување со време... Преку исцрпно експериментирање и излегување од comfort zone без резерва. Да има хаос и да изгледа убаво. :) Барем за мене сум сигурна дека сум поминала од крај до крај. Тој период на пронаоѓање ми се случуваше во средно, и баш беше забавно. Сама си ја пресредував фризурата, од најголемото шишкиште до бричење пола глава, па кратки фризури... Слоеви, експериментирање со бои, сечење маици за на крај некако избалансиран исход.

Совршено само-изразување е и тоа што го носиш на ушите, модифицирање на телото, косата. Како ја носиш косата. Дали имаш нешто на ушите, какви менѓушки бираш. Или тетоважи, какви ги бираш, на кое место. За облека, зошто баш тоа парче, зошто некој сам си ја направил или зошто баш така некој си сошил нешто. Многу зборува за некој. Понекогаш многу интересно се доловува нечија појава, според тоа што и како носи. :)

Средно училиште... цел период ми беше на пронаоѓање на себеси. Сама си ја средував фризурата, од најголемата шишка на векот, од шарање коси во принтови/риги со другарка, до бричење на пола глава... Носење на слоевита облека, па мешање еден тон бои, па уозбилување. Па носење кратко ишишана коса, свирење бубњеви, сечење маици... Баш забавна еволуција.

Од стил икони би можела да ја издвојам Vivienne Westwood. Безвременска кралица која излегува од сите калапи. Сè што прави е уникатно. Не зборам само за модата. Потоа, M.I.A, таа мешавина на Лондон и Шри Ланка носи една необична топлина; би ја додала и FKA Twigs, и Grimes - кралицата на слоевите и накитот; Ian Curtis од Јoy Division; Мајка ми. Рустична на некој начин но урбана и тоа мн ми се допаѓа. Од сите земам по малку.

Сфатив дека нешто морам да вежбам, работа и факултет малку ме „задавија“. И, отидов на Pole Dancing да видам што е, како е... и бев „труба“ некое време. Ама не се фрустрирав. Имав желба и одеднаш, магично, после месец дена увидов напредок. Ми се среди цело тело и едноставно ми стана љубов. Начин на функционирање, многу пријатно. Работиш со својата тежина и ако имаш мотивација можеш да постигнеш супер резултати. Најбрзо се прават мускули од сè што сум вежбала. Открив мускули што не знаев дека постојат. Ако се заљубиш во Pole, тоа е многу „побудалена“ работа. Цело време нови работи се учат. Прво викаш „немам храброст“ и потоа ги правиш сите работи. И секогаш имам вишок енергија после тренинг. Плус, ја имам најдобрата инструкторка на свет. Мислам дека каква атмосфера ќе ти создаде инструкторот одредува дали ќе продолжиш. Многу е добро за „adrenaline junkies“ но и за некој што сака за брзо време да си го оформи телото.

„Заразена“ сум со музика. Сега помалку истражувам од порано, но пак се „потресувам“ на добра песна. Скоро 2 години имав емисија во 103ка, по пола со другарка. Супер искуство, и пренатрупување со музика. Ептен се надградив во изборот на музика. Во моментов се преместувам од благи калифорниски сурферски бендчиња до меланхолии и помеки електроники... Чудно е како ми се развртува расположението.

Психологијата понекогаш знае да ми влијае и се нервирам затоа што не размислувам како себе туку како психолог. Ја користам некогаш во комуникација со луѓе веројатно затоа што сакам да се оградам некако, да не бидам тотално лековерна. Понекогаш проценувам како што треба ама си викам „ај батали“ и по некое време ми се враќа сред чело, као, „зoшто не си се држеше до мислењето“.

Кога одам во „лов на богатство“, што не се случува често, обично ги прекопувам скриените ќошиња на затуцани продавничиња што се чинат ко крајот на светот. Претпочитам зграпчување на сè што ми прија на очите, и што ми е удобно. Но, многу ретко си наоѓам веќе облека што ми е по вкус или пак ќе ми трае, многу ги пазам старите работи. Веројатно одиме на квантитет, а не квалитет. Некако, се случува на две-три години да ми исплива омилено парче, кое се носи до непрепознавање.

(Сопствениот стил со неколку зборови?) - Опа, едно лесно прашање. „Тралалајка“ would suffice? :) Не знам, тоа ми е носечко, од мала, со мајка ми, знаеше да ми рече „тралалајко една“ и некако цел животен стил ми е таков. Менувам насоки, си осознавам. Нови занимања, од pole fitness до готвење. Звучи трапаво и смотано, ама на некој префинет начин. Многу ми е пријатно. Тралалајка, тутурутка.