„Тука сум јас од пред некое време веќе, да знаеш“, ми пиша Анета дека пристигнала во нејзината куќа која се простира во шумовит предел на Матка. Се договоривме да сликаме таму зашто, како што таа ми кажа, оттаму црпи најмногу енергија и сила, од моќта што ја емитува самиот кањон и звуците кои ги разлева тамошната шума. „Можам со саати да седам и само да слушам, тоа веднаш ме пренесува во друга димензија“. Така и се чувствував кога пристигнав, со љубопитност за сите нешта што ме опкружуваа, восприемав, и ги барав најдобрите кадри. Покрај сета таа зачудувачка природа, местото носеше со себе специфичен културен идентитет, тие нешта се вкрстуваа, се мешаа, и се создаваше симбиоза на различности. Потоа, низ разговорот дознав дека тоа е суштественоста на нејзиниот карактер. „Сфатив дека едноставно тоа сум јас, постојано сум на некоја бранова должина која вибрира помеѓу практичност и ониричност, циклично е, едното со другото си влијаат“.  Во центарот на дворот се извишуваше стогодишна липа. Таа послужила како инспирација за името на нејзиното студио за изработка на керамика. За кратко се упативме и во нејзината работилница, каде што нејзините уметнички концепти се преточуваат во неповторливи предмети од глина. Современа керамика, во која таа го вметнува својот личен печат. Нејзиното изострено архитектонско око и поетичен ум нежно го движат процесот, за на крај да креира чинии, вазни и други дела од кои тешко ќе го тргнете погледот и кои зрачат со суптилност и ноншалатност. „Сакам комотни работи, лежерност. Сакам и риги, ме потсетуваат на море, на бродови. Ја сакам таа атмосфера, ѝприпаѓам“. Уште еден фрагмент од неа во кој се препознаваше нејзиниот сензибилитет. Парчињата облека што ми ги покажа се состоеја од кошули со впечатливи детаљи, лежерен фустан и маица во, што ако не, риги! :), потоа „карактерни“ додатоци во стајлингот, како ташни и накит од мајка ѝ, мантил од 70-тите, комбинезон во земјен тон. Би се согласила дека нејзиниот стил е некоја мешавина од Џејн Биркин – Шарлот Геинсбург ‘френч лук’ со примеси од ‘југоносталгија’“. „Можам во дијаметрално различни насоки да пронајдам дел од себеси. Секогаш ми претставувало проблем да одберам омилени работи или да се поистоветам со некој или нешто“. А јас велам, без сомнеж, дека нејзината ќе биде ваша нова, омилена приказна на „Скопје се носи“.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply