„Тука сум јас од пред некое време веќе, да знаеш“, ми пиша Анета дека пристигнала во нејзината куќа која се простира во шумовит предел на Матка. Се договоривме да сликаме таму зашто, како што таа ми кажа, оттаму црпи најмногу енергија и сила, од моќта што ја емитува самиот кањон и звуците кои ги разлева тамошната шума. „Можам со саати да седам и само да слушам, тоа веднаш ме пренесува во друга димензија“. Така и се чувствував кога пристигнав, со љубопитност за сите нешта што ме опкружуваа, восприемав, и ги барав најдобрите кадри. Покрај сета таа зачудувачка природа, местото носеше со себе специфичен културен идентитет, тие нешта се вкрстуваа, се мешаа, и се создаваше симбиоза на различности. Потоа, низ разговорот дознав дека тоа е суштественоста на нејзиниот карактер. „Сфатив дека едноставно тоа сум јас, постојано сум на некоја бранова должина која вибрира помеѓу практичност и ониричност, циклично е, едното со другото си влијаат“. Во центарот на дворот се извишуваше стогодишна липа. Таа послужила како инспирација за името на нејзиното студио за изработка на керамика. За кратко се упативме и во нејзината работилница, каде што нејзините уметнички концепти се преточуваат во неповторливи предмети од глина. Современа керамика, во која таа го вметнува својот личен печат. Нејзиното изострено архитектонско око и поетичен ум нежно го движат процесот, за на крај да креира чинии, вазни и други дела од кои тешко ќе го тргнете погледот и кои зрачат со суптилност и ноншалатност. „Сакам комотни работи, лежерност. Сакам и риги, ме потсетуваат на море, на бродови. Ја сакам таа атмосфера, ѝприпаѓам“. Уште еден фрагмент од неа во кој се препознаваше нејзиниот сензибилитет. Парчињата облека што ми ги покажа се состоеја од кошули со впечатливи детаљи, лежерен фустан и маица во, што ако не, риги! :), потоа „карактерни“ додатоци во стајлингот, како ташни и накит од мајка ѝ, мантил од 70-тите, комбинезон во земјен тон. Би се согласила дека нејзиниот стил е некоја мешавина од Џејн Биркин – Шарлот Геинсбург ‘френч лук’ со примеси од ‘југоносталгија’“. „Можам во дијаметрално различни насоки да пронајдам дел од себеси. Секогаш ми претставувало проблем да одберам омилени работи или да се поистоветам со некој или нешто“. А јас велам, без сомнеж, дека нејзината ќе биде ваша нова, омилена приказна на „Скопје се носи“.

Кога растев мислев дека треба да се фокусирам само на една работа што ме интересира. Така нè учела и средината, „што ќе бидеш кога ќе пораснеш“. И пред да се запишам на факултет не знаев дали сакам архитектура, книжевност или... Избрав архитектура зашто ми делуваше попрактично. Сега имам различно чувство. Сфатив дека постојано бранувам меѓу практичност и ониричност, циклично е, едно со друго си влијаат. На периоди пишувам. Без форсирање, зашто од тоа не заработувам. Едноставно е нераскинлив дел од мене.

Од дете пишувам и цртам. Моментот со керамиката е поврзан со тој визуелен порив. На почетокот имав идеја за декорирање чинии, не размислував за изработка. Потоа почнав да навлегувам сè подлабоко. Почнав да учам и да се приврзувам за процесот на работа. Комплексна е како дејност, занает, уметност, но токму тоа ме предизвикува. Жива е. Тоа што сакам сега да го правам станува сè поапстрактно. Ќе правам и функционална керамика со практична примена, но сè повеќе размислувам во некоја поетична, скулптурална и концептуална насока.

Во моментов испробувам различни насоки и медиуми кои можеби потоа ќе ги спојам во некој проект. Сакам кога откривам нови нешта и можности, тоа ми ја поттикнува креативноста и ми го раздвижува мисловниот процес. Чувствувам како да ги барам делчињата што недостасуваат од некој колаж, кој може само да се насети, но не е целосно видлив. Сакам да ја поврзувам керамиката и воопшто глината со други материјали, по структура сосема спротивни и различни. На тоа работам, да дојдам до „вистинскиот“ сублимат.

Нешто интересно што воочив за време на пандемијава е дека не само што сакам да правам различни работи, тоа ме исполнува, туку дека едноставно морам да работам на различни проекти истовремено. Тогаш сум најинспирирана и осознавам најразновиден спектар од поттикнувачки влијанија. Очигледно не можам да бидам посветена само на едно нешто. Тогаш повеќе се „губам“ и сè станува помагловито. Архитектурата, керамиката, пишувањето... меѓусебно си влијаат и се надополнуваат. Таа динамика особено ме поттикнува.

Кој дел од процесот на изработка на керамиката ми е омилен? Зависи за што се работи. Во секој случај морам да бидам сосема концентрирана на процесот и обликовниот момент, зашто и најмало невнимание може да биде „фатално“. Но во некои случаи токму тоа и го сакам, некоја грешка или нерамнина, сакам да ја вознемирувам совршеноста.

Периодов ми е потребно дружење, комуникација, да разменам енергија. Затоа и сè уште не сум почнала сериозно да работам на некои идеи што ми се вртат во глава, пред сè поврзани со керамиката, чувствувам дека не дошол вистинскиот момент, но блиску е, се наближува. Во моментов имам потреба да бидам надвор, да го восприемам светот. Па така, си дадов време и простор да се наполнам со нова енергија.

Најмногу енергија и сила црпам од дворот на Матка, од моќта што ја емитува самиот кањон и звуците кои ги разлева тамошната шума. Неверојатни се, можам со саати да седам и само да слушам, тоа веднаш ме пренесува во друга димензија. Од јужното море, кое пред пандемијата, секој месец го посетував. Луѓето кои се нераскинлив дел од мојот живот... Инаку и самата сум доста енергичен и динамичен човек.

Имам склоност кон симетрија. Не знам дали е професионална деформација, но сакам кога нешто е на одредена позиција и забележувам кога е изместено, на пример брош, и ми доаѓа за милиметар да го поместам, малце погоре - малце подоле... Генерално носам земјени тонови. И сино, сакам сино речиси во сите нијанси. Летно време обожавам да носам еспадрили.

Секогаш ми претставувало проблем да одберам омилени работи или да се поистоветам со некој или нешто. Не дека не се случува, но веројатно поинаков е начинот. Можам во дијаметрално различни насоки да пронајдам дел од себеси. Сепак мислам дека најмногу се пронаоѓам во некоја мешавина од Џејн Биркин - Шарлот Геинсбург „френч лук“ со примеси од „југоносталгија“. Само што ми текна на еден мантил од мајка ми од крајот на 70-тите кој сè уште знам да го облечам.

Колку возраста влијае на изборот на гардероба? Влијае, но мислам дека изборот најмногу зависи од личноста и како таа се чувствува или како го чувствува светот. Не мора и не треба да се водиме строго по линија на возраст. Животот сепак секој го живее на различен начин, тоа се одразува и на изборот на гардероба.

Искрено не сум некоја голема „трошаџика“ на облека и слично. Најмногу сакам кога е љубов на прв поглед дефинитивно. Генерално купувам по потреба, но сепак знам да купам некое поскапо парче доколку од прва се приврзам за истото. Најмногу сепак, би платила за чевли или капут/јакна и веројатно парче накит.

Мислам дека повеќе експериментираш додека растеш, тоа се однесува и во поглед на облеката секако, испробуваш различни насоки, се бараш, се пронаоѓаш... Преминот од основно кон средно мислам дека ми беше најизразен во тој поглед. Тогаш носев некои ланчиња од спајалици, суво цвеќе во косата, врзував кожички на подебели прерамки на маици, такви некои чудни експерименти. Сè што случајно ќе најдев, гледав како да го преобразам во нешто возбудливо за носење.

Кај другите главно ја гледам целината, секогаш, но забележувам и по некој детаљ, нешто што ќе ме привлече. Сакам ноншалантност и неа баш ја забележувам. Или подобро да се каже ја доживувам. Сакам разговорни и позитивни луѓе, но не нападни. Сакам кога има суптилност во комуникацијата. Ме привлекуваат поотворени луѓе зашто јас сум малку поинтровертна.

Во моментов шетам низ неколку книги, вообичаено така влегувам од една во друга, од избор драми на Стефановски до поезијата на Будимка Поповска. „На осамениот брег на морето“ од Зоран Фериќ ја читав скоро и ми остави длабок впечаток. Сè уште ја чувствувам атмосферата развлечена низ далматинското приморје, Југославија и пост-Југославија. Потоа, „Атмосфери“ од Цумтор, навидум архитектонска книгичка, а многу повеќе од тоа. Читам и на интернет, сакам и кога споделуваат луѓе и така доаѓам во контакт со фини, нови работи.

Мојата збирка кратки раскази ја издаде „Антолог“ во 2009 г. Сакав да пренесам делчиња атмосфери, а скриената порака индиректно да се доживее, или не. Се работи за кратки дијалози замислени како „микро-драми“. Секој расказ има и свој ликовен дел, т.е. секоја драма има свој плакат на соседната страна. Пишував и некои експериментални драми, две поконкретно, од кои едната во соработка со авторка од Словенија. Интересно искуство, едната го продолжуваше напишаното од другата, па не секогаш се знаеше каде ќе нè однесе дејството.

Ако имам магично стапче би срушила доста ствари, Скопје е значително оптоварен и натоварен со сè и сешто, премногу згради и други „тракатанци“ што едноставно треба да исчезнат. Да е ситуацијата уште подраматична, истите се и предимензионирани. Како да не постои ниту базично чувство за хуман простор и време. И сообраќајот е голем проблем, и нему дефинитивно му треба магично стапче - волја за промена. Градот плаче за растеретување, сака да дишe...

Освен Матка, која всушност е надвор од Скопје, сакам кога без некоја посебна цел се шетам низ Стара чаршија и нагоре кон Музеј на современа и Кале, од таму горе се отвораат убави погледи кон, за жал, денес видно измалтретираната наша река и поштата. Но дури и недостатоците гледани оттаму се за момент занемарливи.

Сакам да шетам и низ Тафталиџе или Козле, ги набљудувам куќите и дворовите, од нив се шири мирис на кафе и тоа навистина асоцира на дом и на Скопје некогаш. Католичка и нејзиниот двор како мало цветно јадро кое ми се „испречува“ на патот кој често го поминувам. Емотивно сум врзана за Жена Парк, паркот од моето детство, иако сега е натрупан со несоодветности. Го сакам Градскиот парк и езерцата. Сакам да шетам низ градот и да го реоткривам. Oдвреме-нaвреме, се појавуваат и свежи содржини. Тоа влева надеж. Значи дека и покрај сè, градот е жив.