Добро каде се движат овие луѓе?! Помислуваме кога случајно ќе се разминеме со убавата и рафинирана девојка во црна кожна панталона, па и ќе се подзавртиме неколку пати, ја меркаме, загледуваме…за жал ретко и речиси е невозможно да наидете на многу од нив во вашето диско или кафуле и останатите вообичаени места…игли во сено се, раритети, уникати. Си „бркаат работа“, во својот круг на пријатели, не се експонирани, не знаете каде се, не знаете за нив…таму каде што не одиме, таму се. Таму каде што не сте оделе порано, таму биле тие. Кога ќе размислам подобро, сме се разминувале и порано со нив. И тогаш тие биле „завиени“ во црно и тогаш сме се вџашиле, без да ги видиме какви навистина биле тие и сè уште се. А биле одлични ученици, верни другари и извонредни познавачи и љубители на музика, денес израснати во интелектуалци, економисти, архитекти…и пред сè, тие биле и се пријатни личности, добродушни и вообичаени луѓе…и конзумирачи на истата таа „своја“ музика. И полни приказни, како и сите ние. Како што таа ми посочи, „луѓето го гледаат само тоа што сакаат да го видат“. Одговорив, „Не секој може да поверува во она што не го гледа. Провидни сме за она што не треба да бидеме и недоволно умешни да согледаме зад она што се наоѓа пред нас. Особено ако е сето „црно“. Од друга страна пак велиме, „Мора да е темница за да ја видиш ѕвездата.“ – кој кого убедува овде?!
Станува збор за истата девојка од самиот почеток. Црна е нејзината бр. 1 боја, омилена но и по убедување, по историскиот тек на нештата, по нејзиниот целокупен концепт. И по омилената песна, истоимената Black No.1. „-Пејачот на Type O Negative ни беше симпатија! Беше „вистински“ пример за дечкото од нашите соништа, висок маж со долга црна коса, блед тен, светли очи и најважно, стил со кој остава впечаток…едно време си стави и „дракула“ импланти! Во тоа време само посакувавме да се појави некој таков, ама добро си ја знаевме реалноста. :) За како што нè нарекуваа „блекерки“,„ даркерки“ само таков и прилегаше да биде покрај нас…се случуваше луѓе да нè избегнуваат на улица, изгледавме навистина ексцентрично, слушавме Black metal и музиката во тоа време ни беше сè…“
Кој би рекол, ако ја среќавате за прв пат…таа продолжи да раскажува, „имавме црни коси, лицата ни беа цели избелени, исцртани со туш шпицеви на очите до слепоочници, најтемен кармин што можеше да се најде и најчесто во црно, од глава до пети…“ – сè уште ми е музиката особено значаен сегмент од животот иако не ми се отсликува толку експлицитно од надвор…навистина треба храброст за да си дозволиш таков ексцентричен изглед и ние бевме тоа – храбри.”
Веќе спомнавме, не секогаш ги препознаваме скриените „знаци“: затоа што таа сè уште има „мачкини“ очи и специфични нокти, изразените шпицеви сега се повеќе изразени во рабовите на облеката, карнерите како основен „блек, готика“ елемент и тие се исто така тука, и најповеќе етерната, црна боја…суштината си го наоѓа патот до површината, вака или онака. Со тоа што таа денес е убавата русокоса, архитект по вокација, извонредно рафинирана и жив пример за најактуелните модни трендови денес! – И за тоа ме порекна, објаснувајќи: „Не дека слепо пратам мода и го носам најмодерното. Едноставно сега е во тренд а со тоа и на дофат облеката што отсекогаш ние „блекерите“ ја носевме, а порано едвај ни беше достапна, па се снаоѓаме како знаеме. А внимававме, дури и премногу на изгледот, но и тогаш, далеку од актуелната мода!
„Добро бе, кај се овие убави и стокмени луѓе во градов“?!
Како да ми ја прочита мислава уште од сам почеток, за да на крајот да ми каже: „ Нормално е што со тек на време, поради околностите и работата се менуваме, но тоа не значи дека не сме доследни на она што одвнатре сме и на тоа како самите се доживуваме себеси. И луѓето се тие истите со кои отсекогаш сме биле. И ден ден одиме на истите метал и рок свирки, во наши потесни кругови во локални збирни места, не дека некого избегнуваме или некој не избегунва нас…си се знаеме, тие сме, и нема никогаш да се изгубиме сосема или пак да го заборавам тоа убаво време.“ – ‘ксмет е да се разминеш со убавата руса девојка…без да забележиш дека всушност е „блекерка“ и доследна на истите убедувања и ден денес. Самосвесна и „своја“, без да треба облеката да кажува во нејзино име што било…на мене, тебе, кому било.

Првиот пат кога слушнав „метал“: отидов во продавница и купив некое CD и погодив „Блек метал“. Не се сеќавам точно кој бенд беше... Ми се допаѓаше музиката ама пеењето ми беше тешко да го примам бидејќи тоа не е пеење туку повеќе е „гролање“. Си реков, „ова не ми се допаѓа, не го слушам!“, по некое време пак го слушнав и така постепено го заслушав, почна да ми се допаѓа. Ја најдов убавината во сето тоа. Значи прво беше рок па Iron Maiden и малку нагло дојде преминот, немав баш некоја средина. Всушност во никоја работа во животот немам средина. Или едниот или другиот крај.

Станав свесна на 15 години дека овој стил е „јас“. Почнав на 13 години ама почнав со рок, почнав толку мала затоа што бендот „Берза“ беше на вујко ми. На Рок Фест во 80-тите биле прогласени за откритие на годината, познати беа. Тој ги основал Session Selection и откако заминува за Австрија, тие продолжуваат понатаму. Сè уште се бави со музика, живее во Австрија и заработува од рок свирки. И татко ми свирел бас и всушност, тоа ми било опкружувањето. Порасната сум со таква музика дури и мајка ми ја сака таа музика... така почнав.

Завршив средно правно. Пред да се запишам на факултет, мајка ми ме праша дали сум сигурна за право, кажав дека не сакам. Ме интересираше уметност, без разлика каков е начинот на кој таа се интерпретира, важно ми беше да е нешто поврзано со уметност, па така на нејзиниот предлог „архитектура“, не ни размислив само одговорив: „-сакам...“ И тоа и запишав. Завршив и постдипломски, сега го спремам магистерскиот труд.

Го работам тоа што го сакам. Архитектурата е уметност и претставува еден уникатен начин на изразување, притоа е корисна: дали се работи за надворешна архитектура, ентериерно уредување или пак урбанистичко планирање, сè е со цел да се подобри и разубави живeeњето. Е сега, има и примери за спротивното ама подобро да не навлагаме во тоа. :)

Доза на готика сè уште носам во себе, заради работа немам намера да ја потиснам, само ја смирувам :) Но не бев до толку „готичар“, колку што сакав Black Metal… За да се адаптирам онаму каде што сега работам, морам да почитувам одреден дрес код кој таму е правило. Треба да знаеш како да искомбинираш за да не и’ дојде нападно на околината. Внимавам како се облекувам, но си го наоѓам просторот каде можам да вметнам и по некое парче што „сведочи“ за тој стил. На пример, кошула и џемперче со кожна панталона. :)

Во принцип, повеќето архитекти сме „underground“ и секогаш со најинтересни решенија на проектни задачи кои никогаш не се „школски“ нацртани! :) Архитекти ко архитекти се малку погорделиви, имаат посилно его и тоа оди со професијата. Обично се издвојуваат така и треба да биде. Кај нив се приметуваат почисти линии, геометриски форми. Имаше и такви кои вртеа еден ист стил – пошироки панталони, кошулче со џемперче, големи очила и некои патичиња ниски, пастелни бои... нема живост, нема некоја нагласена шара, нема нешто интересно да излезе од него. Можеби мене тој стил ми е подосаден бидејќи јас сум цел живот поекцентрична... Некој не е толку екцентричен па другово му делува поинтересно.

Стилот што го имам пак е „даркерски“, само што не е толку екцентричен. Сега ми е посмирен, пософистициран. Тоа и со годините оди. Порано ќе кажевме колку години имаме и некако, оправдано беше. А сега ќе кажеш колку години имаш и каде работиш и некако не „оди“. И едноставно некои работи што изгледале добро на 17 години сега не се носат; сакам да кажам, со годините стануваш пософистициран а сепак стилот е тој. Сега сакам и да прошарам со некоја боја или специфична шара...

Сигурно дека емитираме некаква порака преку сопствениот стил, можеби порака и за нашата личност, карактер. Но тоа зависи од човекот. Постојат и голем број на „копиранти“ без свој стил и само добро имитираат. Ние ги нарекувавме „фејкери“. Тие не знаат кои се, па се губат во стиловите: еден месец или пет месеци ги гледаш како рокери или металци, па после фенси, буржоазија и така... веројатно е така затоа што се работи за непостојани личности, па следствено на тоа и во стилот.

Модата може многу да влијае, но зависи кој како ја следи и колку дозволува да му влијае. Денес претежно се гледа што е во тренд. Јас никогаш не сум гледала од тој аспект како да се облекувам. Кога ќе се пронајдеш себеси во одреден стил, си го негуваш во текот на целиот живот. Некои работи се безвременски и секогаш во мода.

Кога ќе почнеш со работа од обврски и друго ти се наметнува, немаш време. Порано многу време посветував на музика. Цело време само тоа правев: сабајле станувам, пушти си, слушај, облечи се, излези со другарките, оди на факултет или средно, ќе завршиш, ќе излезеш, ќе се собереме, па пак ќе слушаме нешто заедно, па „еј слушни го ова, добро е... леле каков бенд сум нашла!“ Тоа ни беше главна преокупација, наоѓање бендови, што е можно помалку комерцијални, не она што секој би го нашол.

Обично гледавме да избегнеме гужва... во Охрид, кога требаше да стигнеме до Сараиште каде што најмногу се собиравме или горе на Канео, ако цел народ одеше по долната улица ние одевме по горната. Чисто за да избегнеме контакт со останатите затоа што знаевме како нè гледаат, на кој начин нè перцепираат; често имаше довикувања „леле види ги какви се!“ или уште не те поминал некој а веќе се врти, нешто шепка, за нас зборува. Не дека ни сметаше ама ако имавме можност да избегнеме, зошто да не. Се облекувавме за себе. Ако беше намерно за другите ќе шетавме пред сите. Си бевме задоволни со тој стил. Цело друштво бевме такви, општо: сите што беа металци, дали слушале блек метал или хеви метал или рок, се собиравме заедно, бевме сложни. Доаѓаа од Прилеп, од Битола, од Скопје, ќе се собереме во Охрид и седевме, се дружевме. Во Скопје најчесто одевме во парк, летно време. Зимно време најчесто седевме на „љубов“. Се одеше и во „Браво“во Буњаковец. Кафичи ретко. И во „Круг“ во Аеродром ама тоа ако не ни се излегуваше во град па се договаравме на „полабаво“ таму. Во принцип повеќе седевме надвор.

Ме викаа Xorpeal. И ми се допаѓаше, ми одговараше со стилот „блекерски“ и си го носев тој надимак. Си имаше некои рангови во металското друштво. На пример, доаѓаш како нов и постепено градиш име и стил. И почнуваш да добиваш почит од постарите, полека почнуваат да те прифаќаат. Како доаѓаат нови сите поминуваат низ истото.

Сега кога помислувам, сфаќам дека треба да имаш многу голема храброст за да тераш таков стил. Убедливо. Самиот стил покажува дека само јак човек може да изведе нешто такво. Првиот судар со луѓето е, што да ти кажам. Потоа се навикнуваме и ние и они. И дефинитивно не ми се допаѓаше рекламата што ја пуштија за металците дека се насилници. Јас најголемите насилници кои ги имам запознаено се „батките“ од клубовите. Ако имаш проблем на улица металец ќе ти помогне или ќе те одбрани од некого, нема да те нападне. Ограниченоста е таа. Човекот секогаш гледа во тоа што ќе го види а не верува во тоа што не може да го види. А не мора да значи дека ако нешто не се гледа дека не постои или дека начинот на кој гледаш е точен.

Најдобрите луѓе што ги познавам ги запознав во „тоа време“ како металци. Тие се цврсти луѓе но знаат да сочуствуваат со другите, осетливи се. Поентата беше дружбата а не да извлечеш некаква корист од другиот. Имаше и многу фејкери, и ден денес ги има но генерално имавме голема дружба, слога и тоа нема никогаш да го заборавам. Веќе го нема тоа големо друштво, тргнати се сите по свој пат. Тешко е понекогаш и кафе да договориш ама така е со сите, не само со нас. Но уште има свирки и таму се среќаваме :) Многу ретко ми се случува да сретнам такви луѓе и затоа можеби цел живот држам до нив...

Пејачот на Type O Negative ни беше симпатија зашто беше баш „вистински“ пример за каков е оној од нашите соништа, кој би бил „The one“. - Хахаха. Типичен пример на висок маж со долга црна коса, блед тен, светли очи и најважно, со впечатлив стил и секоја би се завртела по него. Во тоа време само посакувавме да се појави некој таков, ама добро си знаевме која е реалноста. :) За како што нè нарекуваа „блекерки“,„ даркерки“ само таков и прилегаше да биде покрај нас (не сакам да звучи ова гордо, не е во таа смисла кажано).

Најнеобичниот коментар или комплимент што сум го добила бил дефинитивно во однос на изгледот порано. Мислам дека понеобичен коментар за нешто друго и не сум добила, хаха! Еднаш со една другарка прошетавме низ Охрид со corpse paint - прилично језиво, но носевме и крст на вратот. Сепак, човекот како човек со својата ограниченост, го виде само тоа што сакаше да го види, па не нарече „сатани“. Ги фатија децата за раце и ги повлекоа на страна. Во целата таа гужва барем ни се отвори чист пат. :) Не дека не „си го баравме“, стварно изгледавме страшно но беше мала шала; тоа беше еднаш и беше доволно :) Поуката беше дека многу се суди според надворешноста, а не според она што го носиш во себе. И онака никогаш не можеш да очекуваш дека некој би ги познал твоите вистински вредности, освен ти самиот.

Имам промена во накитот. Имаше една тезга во Охрид од каде порано купував многу мексичко сребро. Имаше со црвен камен, со црн, ланчиња кои се носеа на цел врат целите изнаредени со камења, барокни, во тој стил. Таков накит носевме, не носевме костурски глави; тоа не ни се допаѓаше, сакавме да бидеме женствени сепак. Или по секоја цена да асоцираш на „блек метал“ а тоа не ти стои па на ништо не личиш. Не е поентата само црно. Ние и тогаш имавме многу комбинации со виолетово, или со бордо, па и со бело. На пример цел фустан ако беше црн, под него носевме бела кошула со широки ракави.

Бевме поекцентрични и во поглед на облеката што ја шиевме. Корсетот беше најчестото парче што го носевме и најчесто шиено. Скоро сè што носевме беше шиено. Фустаните имаа секогаш „шпицови“. Да речеме од црн плиш, со долги ракави кои паѓаа закосено во шпиц. Тоа беше детаљ кој преовладуваше, или карнерите или тул. Па чизма на топук, горе корсетот. Наоѓавме на интернет модели за шиење или сами правевме комбинации. На пример од еден фустан ќе ми се допаднеа ракавите; па ќе ги замислев на некој друг корсет што ќе го видев, па од трет фустан ќе најдев долен дел итн. Сами си ги избиравме и материјалите. Имало многу „замарање“ околу облеката. Бараше време, посветеност. Фалеше уште да научевме да шиеме!

Александар Ванг, тоа што тој го прави... јас не знам каде беше тој до сега! Тоа е тој стил, што сега е веќе во мода. Не дека пратам мода премногу иако имам пасија кон облека и цело време има нешто што сакам да го купам. Оние работи што порано ги посакувавме и за кои моравме да се снаоѓаме, ги купувавме од странство за многу пари или ги шиевме, сега за истите тие ќе се „снајдеме“ и по продавнициве :) Јасно е дека модата сега е таа, насочена кон некој рок-метал стил, и кога ќе видиш, повеќето така и се носат. Има луѓе кои како оди модата така и тие се менуваат со неа.

Впечатокот за некоја личност врз база на тоа како е облечена, не ми влијае многу. Не е важно како се носиш, важно е каква личност си. Не дека требало некој да е ист како мене за да започнам муабет. И меѓу металци да дојде некој облечен целосно во бело, ако е ок човекот може да биде подобро прифатен и од некои што се цело време во друштвото. Облеката не била никогаш фактор за да прифатиш некој или не.

Не одам никогаш од некое правило, треба нешто одвнатре да ме раздрма. Музиката што ја слушам ја слушам со душа, а не површно. Многу ми е важна. И навистина ме размрдала ако кажам за песна дека е многу добра! Некои викаат „абе како така, зошто се внесуваш толку?“ Можеби има врска што учев основно музичко... секој инструмент го слушам одделно, и’ се восхитувам на „спојката“. На некој му е тешко да поверува, како што мене ми е тешко за турбофолкот да поверувам. И техно и транс не сум слушала затоа што ми биле многу вештачки. Сè што ми е вештачко не го „можам“.

Слушам постар рок. Омилени ми се The Cult, Sisters of Mercy, AC/DC, White Snake, Bad Company. Kiss едно време, леле колку ги сакав! Посебно кога имав 14 години. Пратев сè од нив. Iron Maiden ми се исто врв! Type O Negative си ги слушам уште, дум метал се и не можам да ги откажам, ме потсеќаат на тоа време, убаво ми е. Led Zeppelin исто така многу ги сакам. Тие се тие.

Музичарите порано биле пообразовани, сега музичкото образование е малку извештачено, во смисла: има многу техники, многу нешта кои заменуваат звуци кои порано се правеле „рачно“ а сега се „прават“ со едно копче. AC/DC ако со душа правеле музика, денес некој седи пред компјутер, ќе склопи нешто фокусиран пред сè на заработката од тоа и автоматски истото се чувствува и во музиката. Таа е нешто што треба да те придвижи… како би можела песна да те „раздрма“ ако е некоја „тралалајка“?

Кога се гледам на сликите од градинка, помислувам, „мајка ми е „крива“. Ме облекувала во кошули во тој стил, со елече некое и со црна плиш сукња исто така „натуфкана“. Можеби наследно си одат тие работи бидејќи повеќето од другаркиве имавме членови од фамилијата кои биле рок музичари или биле во некоја поинаква релација со музика.

Не мора мојот начин на живот да се ограничи на тоа дека потекнува од едно нешто, едноставно тоа доаѓа од мене. Таму ми е душата. Не мора да е едно нешто за да те предизвика така да се облекуваш. Исто како јас да прашам некого зошто тој/таа обично се облекуваат; „што ги поттикнува да се облекуваат обично?“ Се гледаш и си викаш тоа сум јас. И кога ќе кажеме за себе „ми стои“ или „не ми стои“ и тоа е битно. Не дека не ти стои, и во очите на некој човек веројатно изгледа дека тоа стои добро на тебе додека во моиве очи не изгледа така. Пак, тоа доаѓа од внатре, не е предизвикано од нешто надворешно. Музиката е таа што до некаде ми го „покажала“ патот и најмногу ми има влијаено. Таа ми ја дала „идејата“ за стилот, и спотовите што ги имам гледано со девојките во нив, па сум почнала и јас така да се носам. Потоа сум продолжила, без разлика дали таа музика ја слушам или не.

Моментално вежбањето ми е хоби, одам на екстремен аеробик, но паузирам поради здравствен проблем. Исто така сакам и фотографија, порано бев повеќе активна сега морам да се посветам на магистерската и немам толку слободно време. На пролет би требало веќе да возам и мотор! Животна желба ми е, па здравје во иднина и со искуството да си купам и некој поголем мотор. :)