Отсекогаш сме сакале облеката што ја носиме да биде повеќе како искуство отколку обичен дел од секојдневното облекување. Како бренд, „Алшар“ навистина остава свој белег со тоа што дизајните зрачат со екстраваганса, фантазија и елеганција. Сега повеќе од кога и да е, сакаме да сонуваме и да се чувствуваме инспирирани, сакаме парчиња што ќе ни помогнат да ја поттикнеме мечтата и да ги замислиме можностите што доаѓаат. Дизајните се направени да ја нахранат потребата од оној раскошен, разигран, префинет, смел и оригинален изглед, без напор. Ќе го пробаме парчето и веднаш ќе му „фрлиме“ откачен, насмеан поглед на својот партнер или пријателка!

„Brave new world“ – нова пролетна колекција на „Алшар“. Дозволете комбинациите да внесат живост во вашиот чекор и насмевка на лицето во оваa чудно доба.

„Инспирација за колекцијата е серијата Brave New World која е направена според истоимената книга на Олдос Хаксли, која патем ја имам прочитано уште во средно училиште и ми остави силен впечаток. Тоа ме привлече да ја гледам и серијата, бидејќи целата дистописка тема, за жал, одговара на моментот кој го живееме. Серијата е одлично визуелно доживување и беше директна инспирација за креациите од пролетната колекција Brave New World, од Black Label линијата на „Алшар“. Колекцијата ја карактеризираат елегантни, чисти линии со елементи на сафари доловени преку креациите со надворешни џебови. Содржи минималистички креации збогатени со набори и со колор-блок комбинации. Боите се топли, земјени тонови, нијанси на кафена и бледокафеава боја, искомбинирани со црна и бела… Асоцираат на природа и топлина и одлично се комбинираат со додатоци од природни материјали, дрво, рафија, бамбус и камел кожа. Креациите од Black Label колекциите се уникатни, што значи не ги мултиплицираме и се по едно парче. Изработени се со големо внимание и од природни, високо-квалитетни ткаенини, како памук и свила. Многу битно во оваа ситуација ми беше да ги направиме креациите носливи и удобни почитувајќи ги моменталните потреби на нашите клиентки, сепак, и покрај тоа тие да имаат силен дизајнерски печат и да содржат доза на магија која ни е потребна во моментов. Креациите го доловуваат сензибилитетот на урбани девојки со истенчено чувство за мода и естетика. Оваа колекција веќе ја надополнуваме со покежуал креации од нашата White Label линија кои ја следат оваа приказна“. – Силвија Михајловска

Фотосесијата е направена во моето омилено место во Скопје – Музејот на современа уметност, со чевлите на кумановскиот бренд Boss, а за фризурата се погрижи Маријана Ковачева од фризерското студио ‘Нирвана’.

Spread the love
  •  
  •  
  •  
  •   
  •   
  •   

Leave a Reply