Мони ме чекаше пред зграда, на пладне. Тркнавме најпрвин до кај мајка и’ за да земе нешто…по неколку минути, се врати со две бунди во раце, иако надвор имаше 35 степени целзиусови! За време на нашиот две-минутен пат назад, таа кажуваше со 100 на саат, едно па друго, сè уште под адреналин: „сите ми се горе… вчера заглавивме на журката во Сектор… пред малку станавме и имам вртоглавица… кој се бања, кој се ‘освестува’… а јадеш паста? Ирена ќе ја зготви додека стасаме…и Бела ќе дојде, и таа за прв пат кај мене на гости… се прибравме накај 6 часот утрово па Сандра помина на кратко за да чуе што пропуштила вечерта…. уф, едвај се сеќавам на…. аха, ете каде ми биле сандалитеее!“ (посочувајќи кон совозачкото седиште) – Забавна и детски искрена!
Челно во дневната на Мони – eдна маркантна библиотека која таа сама ја направила… уффф! И секое катче со „душа“! Богати детали на кои, несомнено, е посветено апсолутно внимание и енергија! Каде попрво да погледнеш!!! И „Old School”, нема што! Ако не и по малку „њујоршки“ со тие црвени цигли…
Пастата беше речиси готова. Наоколу се „шуњаа” другарките на Мони, во оваа пригода во својство на (по малку мамурни) „хостеси”. Прво ја проследивме точката на дуото „My Brother from Another Mother” кое настапи со импровизиран танц на оној од нумерата „Бандидо” од “Евровизија”, 1990-та година… потоа, следуваше кратка фото-сесија со бундите на Мони… единственото машко во станот – Џек, , веднаш се „пофали” со својата вештина „вертикален скок во висина од еден метар” и тоа, со гумена коска меѓу катниците… до душа, беше и по малку збрлавен од концентрацијата на жени околу него… Накратко, вака започна нашата „целодневна” заедно!
Во моментот кога стана збор за „винтиџ мапите”, настапи свечен молк. Мони не заобиколуваше, појде од самата „срж”, нејзината фатална пасија – Винтиџ. За секое патување кое и’ претстои, Мони изготвува „мапи“ до „скриеното богатсво”. Со други зборови, ја печати според Гугл мапи најефикасната маршута во која се опфатени СИТЕ локации на винтиџ продавниците во градот – дестинација… Откако истите се детално „прочешлани”, воедно од таму и купени „од прва” бесценети пронајдоци (евентуално „таксани” за на крајот од патувањето), вториот ден веќе може да се погледнат и знаменитостите наоколу…
Таа кај и да е, би можела да си отвори сопствена антикварница или „втора рака” дуќан, во кој строго и’ препорачувам да ја препродава сопствената „архива” по дупла цена! Парчињата би оделе ко’ алва! Постхумно пак (ако не и порано), нејзиното име, пропратено со портрет од неа, веројатно ќе фигурира како синоним во лексиконот на македонскиот јазик за зборот „винтиџ”! Чисто информативно: Нејзината чанта-куферче за 6 години ќе наполни јубилејни 100 години! – Ви се верува?! Точно еден век негово постоење, во супер сочувана состојба. Датира од далечната 1920 година…
Нејзината професионална ориентација… Мони е израсната во империја на мониста во сите спектри на бои… и безбројни облици на накит! Нејзината визуелна стимулација не можам ни ментално да си ја претставам, не пак со зборови… Не верувам дека „вообичаените” луѓе доживуваат толку детали и микроскопски ситници, севкупно во животот… оттаму и нејзината еклектичност и колоритен каледоскоп, кои, неизбежно се рефлектираат и на нејзиниот изглед. Oттаму и „ЕКЛЕКТИКА“, нејзиниот бренд на рачно изработен накит, класично-модерен преплет на техники и материјали, фантазија и досетливост, искуства и спомени… Парадоксално, таа поседува дури десетина парчиња накит кои едвај, ретко ги носи!
Нејзин омилен град?! –Барселона. Град со исто толкава врвулица од бои и разноврсни контури кои човечкото око не ги регистрира како премногу информации во мили секунда. Токму тоа се случува и низ нејзината глава и, така единствено би имала логика нејзината силна поврзаност со истоимениот град, нарекувајќи го и свој „втор дом“.
Тајланд и не е така близу до Барса… Да, била и таму. Нејзинте естетски апетити и креативност, се потхранети со прекуокеански патувања и разновидни светски култури. Таа има видено „сè и сешто”! И ќе се погрижи нејзиниот омилен сувенир, макар тоа да е сламен ковчег кој не го собира ни во нејзиниот најголем куфер, преку океани, планини и мориња, по секоја цена, безбедно да стигне до Скопје!
…надвор се стемни, дојде време и за вечера. Повторно, Ирена ја зготви… Навратија и Еви и Виктор, се посмеавме уште малку сите заедно… поставата на гости се смени на неколку наврати во денот. Овој пат, заминав јас. На излегување, Мони само ми дофрли: „И да не се затвори вратата зад тебе не грижи се! Ќе налета некој друг кај и да е…“– и’ се придушуваше гласот додека се оддалечуваше низ ходникот…
П.с. Ок, вистина е дека има и флуоресцентно зелени потпетици кои се еден од последните крици на модата, дијаметрално спротивно од генералната слика за неа… -„Наменети беа за еден зелен фустан! И зажалив штом ги купив, џабе ми стојат во плакар…”

Инспирацијата ми доаѓа од се’ што ме опкружува. Може да биде некој добар филм што сум го гледала претходната вечер; некој нов бенд; мојата преполна библиотека со сите оние книги за фотографии од сите декади... денес пак може да ме инспирира и некоја моја блиска личност или што било, што ќе ме натера да размислам како да внесам некој нов елемент во мојата креација и да го направам дел од мене.

Моите омилени чизмички кои што не можам да ги носам. Сандра ме натера да ги ставам во фрижидер, ме убедуваше дека ќе попуштат... После месец и нешто, седиме со Сандра на кафе и ме прашува: „Ги извади чизмите од замрзивач?“ – „Не! “ Знаев дека се еден број помали ама ги купив... само еднаш ги облеков на еден Божик во Барса и мам***то мамино!!! Ги купив пред 7 години и многу ги сакам иако веројатно веќе не би ги носела и да ми беа точни... Има работи што никогаш нема да ги дадам, чизмиве на пример!

Обично пред да тргнам на патување, си правам мапа за винтиџ продавници во градот каде одам. И ги „малтретирам“ сите затоа што мора еден ден прво да се помине низ сите продавници, според мапата... потоа следуваат знаменитостите. Обавезно еден цел ден е посветен на „винтиџ мапата“. Често ми се случувало и случајно да наидам на „Винтиџ“ пазари... Фустанов е винтиџ, од “Шик-шик“ е...

Некогаш ме инспирира и тоа што ќе го облечам дента; кога ќе се погледнам во огледало и ќе се подзамислам какво парче накит ми фали во моментот, знам и да го земам блокчето во рака за да го нацртам тоа што го замислувам. И нешто што тотално не би одговарало, јас ќе го облечам... класична Хавајанка (апостолка) и фустанов. „Хавајанки“ ми се класика!

Целиот трик е да знаеш како да ја комбинираш облеката но најбитното е да се чувствуваш комотно (да се движиш и да играш) и задолжително е да „ставиш“ и мал „рок момент“, со некој добар аксесоар. Ова е ланчето што го носам секој ден, веќе 10 години наназад. Ми одговара буквално на се’! Го направив од синџирчиња за клучеви.

Банкнотата ми е многу драг подарок. Додека работев во хостел во Барса, престојуваа двајца американци од Тексас, на пат низ Европа. Пред да тргнат, понеле 3 вакви банкноти од по 2 долари за да им ги подарат на тројца што многу ќе им помогнат во текот на патувањето. Им се најдов на Барса, им помагав за локации, за шетање итн... Ми пријде едниот од нив вечерта пред да си одат и ми рече „Решивме едната да ти ја подариме тебе...“..Мислев дека лажат и ме зезаат, дека не е вистинска... отпосле проверив на интернет дека навистина има цела приказна зад хартиените 2 долари. Речиси не постојат, ги печатат еднаш во 100 години, многу се ретки...

За мене „убаво облекување“ и „употреба на модни додатоци“ е комбинација од различни фактори меѓу кои, да имаш добар вкус, да имаш стил и секогаш елеганција. Претпоставувам дека тоа е тоа што сите го забележуваме кај некоја личност, за која сметаме дека е добро облечена; не е толку стилот што го има избрано, туку начинот на кој „го носи“.

Edie Sedgwick. Ја сакам затоа што ме потсеќа на ерата на 60’-70’-те и кога и да го гледам „Factory Girl“ филмот, неколку дена потоа сум „опседната“ со „Иди“ комбинации. Темната „smokеy eyes“ шминка и тој „effortless“ момент, да „фрли“ бунда врз машка кошула, под неа само црна хулахопка со класична балетанка... и на целата таа комбинација скоро секoгаш виси обетка долга до рамо.

„Втор дом“ затоа што таму никој не е „somebody“ и чувството што градот ми го буди ме прави среќна. Има нешто во воздухот, градот е богат и на визуелно ниво, богат и за душата. И во цел тој хаос сепак, можеш да се опуштиш. Ми се допаѓаат луѓето, сакам да шетам по улиците и да се разминувам со илјадници од нив... и се движиш со музика во уши и си во твојот мал свет каде се’ функционира совршено.

Сите овие ми се од „Годел“ периодот низ кој сите поминавме, и ги чувам уште затоа што многу ми се драги! со Иренка бевме „луди“ по Годел! 100ден од пар!Купував како мрдната, еден модел на чизми морав да го имам во сите бои! Од Барса, прва станица откако ќе слетав на аеродром во Скопје беше „Годел“ во Буњаковец! Доаѓав со празен куфер, ќе го накрцав со кондурки за цимерките и штом ќе се вратев во Барса, им го отварави полудуваа...тоа, и Ајвар! :) Не им се веруваше дека се нови и неносени... „Годел“ ни беше ептен, „момент“ во животот!

Плик ташни ми се „слабост“... ова го имам купено од еден ром од Сарај, за 100 денари! ...и е мојата „ташна од лани“! Кога ќе ми ја видеше Наде, ми викаше, „те молам, со несесеров.“.. Па мајка ми ќе ми ја земе шпиунски, ќе ми ја сошие... а не сакав! Колку повеќе се упропастуваше толку поубава ми беше...

Џемперов е на баба ми ама цела зима сум во него...во комбинација со гумените чизми! Така облечена го шетам Џек секое утро. Имам и специјални „Џек“ патики, „Џек outfit“. И што е најсмешно, пред некој ден помина пред мене една баба со ист ваков Џемпер! Од „Тетекс“ е, си го најдов во станот на баба ми во Софија, заедно со карираното палто (слика 15)