За да Ве доближам уште повеќе до сржта на скопското актуелно живеење, избрав локален патриот, токму неа, токму од Карпош. Зошто неа, зошто Карпош, како да ви појаснам?! Скопје си има ќошиња, си има убави и културни населби, великани, споменици, спомени но, Карпош се простира низ сржта, како трета аорта, како Вардар, како Партизанска. Прострен линеарно, да, по „нумерирани единици“, но еден е Карпош и старите темели на градот. Ова се времиња на љубови, на свадби, афоризми, жаргони, социјални мрежи, #, самосвесни ликови, бистри глави и шармери и само ќе кажам дека таа е тотално ажуриран, по сите стандарди и величини не-стандардно феноменален современ репрезент.
Како да појаснам? – Таа е Институција, слеш, Карпош е институција, зборуваме за Институција во Институција. Не си младо скопско дете ако не го знаеш овој мештан карпошов. Уште повеќе, ако таа тебе не те познава. И не само од, и во Карпош. Исто како Карпош, лоцирана е во Карпош, но ако Карпош е аорта, таа е цела мрежа што пулсира низ градов. Не си сè уште во брак ако таа не ти играла на свадба и нема твоја свадбарска слика во нејзиниот свадбен албум од фотографии, слеш, во нејзиниот скопски албум на свадби, слеш, во албумот свадби на Скопје. Албумот на Мери е албумот на цело Скопје. Таа е, и Чичко Зоки со брковите кој те венчавал во матично-центар. Реков, Скопје може да се пофали со населби, со ликови, со историја… денес, патриотски, just sayin’, ќе се пофалам со скопскиот лик Мери. 100-ка на саат, духовита, неверојатно шармантна, вон стандарди good-looking и своја СЛЕШ Мери. Од Карпош. Ако треба да ја доловам со неколку зборови, веќе го направив тоа на неколку наврати досега во денешново излагање. За да ја доловам од професионална гледна точка, ќе се повикам на нејзината омилена реклама и ќе ја поистоветам со истата: „The Man Your Man Could Smell Like“ на Old Spice. Мери е македонската транскрипција на истата. Впечатлива, досетлива, креативна и интелигентна, имено, како рекламата. Таа е оној „стар“ (посебен) „зачин“ на успех кој тебе ти треба иии… наеднаш, you’re all over! Ти си добриот, прочуен „парфем“ и си насекаде! Мери е „човекот“ кој ќе направи од тебе „парфем“, слеш, човек каков што сакаш „да те купат“… ќе ги убеди сите и „ќе те продаде“ како добро пакување парфем! Затоа што таа е твојот „тата-мата“ за јавноста, твојата десна рака, твојот ПР, твојот „зачин“ за успех а ти си најпродаваниот „парфем“ во моментот! Just sayin’…
Што се однесува до естетиката нејзина, ставови и нестандардно феноменален изглед, таа е сам-свој PR и сама по себе „плус“ бренд и ќе и’ допуштам сижево за неа, во тој поглед, (инспиративно и автобиографско-музички) да го доврши сама. Последно, ќе „забиберам“ дека е срце-парателен, емотивно приврзан патриот за Карпош, за „шака“ Скопје и глуварчињата, за скопските скопјани, свадбите нивни, спомените наши и ваши.

Имам два типа на гардероба: гардероба што ја сакам и носам секој ден, и гардероба за на свадба затоа што свадба е „продукција“. Значи, ако не сум ти била на свадба, многу е голема веројатноста дека не си венчан. Таа е вистината, јас и чичкото со брковите од матично Центар. Тие сме тие. :) :) :) Сите имаат албум со слики од нивната свадба, јас имам албум со 20 слики од мојата, останатите се слики од свадби на други луѓе. Немаше веќе место каде да ги ставаме сликиве... #свадбафоревр

Татко ми кога полнеше 30 години, јас бев скоро 7 годишна, дома кај телевизорот, ни беа „монтирани“ Банкрот Блуз Бенд. Супер си пројдов. Врв ми беше кога Гиш ми кажа дека и јас можам да пеам! И дека звучам ко Џенис Џоплин! Фин беше човекот со мене, ама ја откачив ептен. Мислам дека моите ја мрзат Summertime, ја презираат. затоа што тоа беше пеење Summertime по цел ден, секој ден, засекогаш!!! – Иако човекот ми рече дека можам, реално не можам. :)

Патикиве, ми се чини, ги купив од Квиксилвер од ГТЦ, со другарка ми Маја... скроз се Old School и многу ги сакам затоа што се со лепенки. Не знам дали толку ме потсеќаат на детство, колку што ме потсеќаат на Run–D.M.C. Ова ми се „Run–D.M.C.“ патиките! Знам дека шаховници и лепенки не се баш HC ама мене ми се чинеа „убер“ кул. Види колку се кул, многу ги сакам! :)

Завршив социјална работа и политика, свесна дека никогаш нема да сакам да работам по струка. Треба да си емотивно многу стабилен, за да можеш да работиш со маргинализирани групи од кој било профил и да го преживееш тоа. Посебно во земја, како нашата, во која социјалната политика е на незавидно ниво. Општеството голем дел од нив ги отфрла, и не им помага. Свесна бев дека нема да можам тоа да го издржам, ама пусто си ги сакав студиите.

Ние како битија имаме примална потреба да припаѓаме некаде. Затоа имаш семејство, пријатели, училиште, држава итн. Ние сме генетски предодредени да бидеме подобри во друштво. И сето влијае на тебе. Мислам дека стилот треба да еволуира со твојата социјална и интелектуална еволуција. Би било глупаво да се облекуваш исто како во средно.

На нервна база печам. Да, печам! Еден Божиќ испеков толку многу колачиња што имаше и за гладните у Африка. И немавме што да им правиме па ги дававме како поклони за Нова година. За секој имаше по ќесичка колачиња... тоа беа вреќи и вреќи брашно што јас ги испеков. Ме релаксира. На пример, луѓе вежбаат, јас, печам. #ДебелКриминалец стана синоним за мене. Другарка ми Снеже ме упозна со него, нејзин хаштаг е, јас само се пронајдов и почнав ревносно да го користам. :)

Uggboots -ов, ги купивме на летен одмор, во Грција. Ужасно ми е криво што не купив 10 пара, на попуст беа, реално патувавме со авион, и фрка беше да ги донесам... Значи, кога општеството ти вика дека топлинки е општествено прифатливо да ги носиш надвор, купуваш 10 пара и ги носиш цееело време! Многу сакам Ugg boots, мислам дека ги сакам повеќе од себе си.

Мноооогу сакам точки. Тулот од венчаницата, одоздола, ми беше со точки. Не се ни гледаа ама јас знаев дека ги има. Исто, многу битно, беше што, на венчаницата имав три-четврт ракави и џебови. Кога и реков на Гоца, „направи ми и џебови“, ми рече „дали си нормална, што ќе ти се??!“ Kако бе што ќе ми се? Во еден џеб цигари, во другиот шноли и мобилниот. - Логика. :) :) :) И така би!

Нас жените, маркетиншки нè програмираат дека ако ослабеш животот ќе ти биде среден и дека е успех во животот да си слаб. Исто како кога те убедуваат дека е успех да се омажиш. Значи не е...не е. Успех е да бидеш среќен без компромис, па ако ме прави среќна јадењето, има да јадам и да бидам среќна! Aко те прави среќна да се омажиш go ahead, do it! Или ако сакаш да имаш сто децa, имај! Имај сто и две и сите нека ти бидат среќни, ти најсреќнa. Ако желба ти е кариера, имај кариера, океј е. Ако мислиш дека можеш сè, и тоа е океј. Треба само да бидеш тоа што 100% проценти си.

Имам еволуција во стилот, секако. Учиш што ти одговара и што ти стои. Но, не знам да си го дефинирам стилот. Мој е. Во моментов „фурам“ Ghetto Fabulous стил, имав периоди кога бев classy posh... генерално ми влијае расположение, музика ма сè ми влијае. Не ми смета ни крзно, ниту кожна јакна, сакам да носам и мартинс и штикли. Јас сум сè. Сакам и онакви gold hoop earrings, само не можам да најдам сега, ги имав порано. Онакви, баш ghetto, ghetto. Уште да пишува swag. Топ ќе ми стојат!

Прв пат лани, за Нова година ја видов Лепа Брена на филм! Во „Ајде да се волимо“ и бев у шок! Затоа што не знаев дека ја имало на филм! Стварно не знаев! Од кај да знаев?! Ама после тоа надокнадив, сè си прегледав, не е океј да не знаеш. Смешно е и симпатично е да гледаш во 2014 нешто што било актуелно во 80 или 90 и некоја.

„Фрката“ е што генерално имаме претстава дека plus-size гардероба е нешто што е како oversized горна тренерка, кошула, голем џемпер што треба да ти го покрие задникот, бидејќи задникот е нешто за покривање ако ти е голем. Исто така, деколтè е безобразно да покажеш, а реално имаш гради или, животински принт не е за крупни девојки. Илјада и едно глупаво правило. Which is not cool ама, тоа е.

Иако звучи клишé она што дизајнери го кажуваат но, се согласувам со „What you wear is a piece of art “. Убавината на уметничка слика која ја ставаш на ѕид дома, ја гледаат само луѓе кои ќе ги поканиш во твојот дом. Уметничката слика што ја носиш на себе ја делиш со сите на улица и поканети непоканети.

Во моментов е сосема во ред и трендовски e да ги изпомешаш: Pop Style со 90s глам рок. Или HC Metal да го „шлапнеш“ со шљокици... Мене лично многу ми одговара затоа што имам многу што да кажам. На пример, имаш, елегантeн фустан со бисер и крзно одозгора и после идеме, Адидас, фармерка, дуксер и „руска салата“. Пред некој ден, барав од мајка ми да ми ги најде докмартинсот. Сега на пример, не би ми било проблем да ја облечам плавата хаљина и мартинки одоздола... ми оди. Затоа што сè е тоа „јас”, печатот од мене. Тоа е израз на мојата креативност.

Кога почнав да се дружам со другарка ми Миа, некаде 2002-2003 година, Цеца правеше некој камбек. Миа ме „упозна“ со Цеца и Драгана Миркович и сите тие... јас ги имав пропуштено. Пропуштив сè и од Backstreet boys, Boyzone, таквите ствари... и сега ми фали тоа, сега го преживувам. И не ги разбирам луѓето кои не го признаваат турбо фолкот. Тоа е некаков жанр и правец, постои, дури и тренд е! Може само да не ти одговара.

Мразам норми и конформизам и не ми се допаѓа мислењето „одреден стил е за одредена група“. Поделбата на женска и машка работа, и тоа ме фрустрира. Јас сум за еднаквост за сите. Другарките Ирена и Ана работат на тоа поле, на полова еднаквост, со маргинализираните заедници и човекови права. Луѓе како нив ни требаат повеќе! Кај нас сè што е различно не е добро. Да си дебел не е добро, да си геј воопшто не е добро, да си жена во „машки“ бизнис, жена-доктор; жена-возач ич не е добро. Од дома ме учеа дека различностите се тие кои нè прават луѓе и колку си поразличен толку си подобар.

Пред некој ден го гледавме „The Imitation Game“ и мислам дека е најдобриот филм во 2014та, воодушевена бев! Алан Тјуринг е човекот кој ги поставил основите на дигиталниот компјутер. И покрај оромниот придонес, најголем грев му било што бил геј, го осудиле за тоа, се самоубил на 41 година откако една година примал третман (хемиска кастрација) поради тоа што тогаш било казниво со закон да си хомосексуалец. Замисли, што се' можеби ќе откриел/измислел да поживеел.„Sometimes it is the people no one imagines anything of that do the things no one can imagine.”

Морам да признаам дека сето има врска и со Бизи. Тој не е оптоварен со социјални норми. Апсолутно не го интересираат. Дали било модерно да имаш одреден вид патики. Бизи не го „конта“ концептот „модерно“. Не му е гајле. Ако тој сака такви патики, такви и ќе има. Кога поминуваш време со човек кој не те цени според тоа како изгледаш, сеедно убаво му е кога си нашминкана, ама ок е и кога не си, веројатно е логично и самодовербата да ти е на високо ниво. И некој што ти мислиш дека е паметен (Јас мислам дека Бизи е исклучително, бескрајно паметен) ќе ти рече дека ти си паметен? - Небото, граница! Готово. :)

Бабите и дедовците на сите деца им кажуваа „не си играј со глуварчиња ќе оглувиш!“ Мојата баба ми имаше кажано, „секој пат кога ќе земеш глуварче во рака замисли си желба“. На местото на Сити Мол, имаше гоолеми тревници, одма тука Месната заедница „Партизан“ . Дедо ми ме носеше на тие тревници и ќе си седнев... имаше милион глуварчиња и со саати скубев глуварчиња и не знам како не се онесвестував од толку дување и замислување желби. Дедо ми ми беше еден од омилените ликови во животот и глуварче ме потсеќа на него. Кога тој почина истетовирав глуварче.

90% од гардеробата што ја носам е custom made за мене. Веројатно среќа што се најдов со другарка ми Гоца и веќе 8 години ме „облекува“, ми прави сè освен фармерки и долен веш. :) Сакам гардероба од македонски дизајнери особено ми се драги овие помладите како Гоца, Бопче (Chic Undercover), Ивана, Тошева, Филиповиќ... од сите имам по нешто.

Имав навистина голема привилегија да растам со родители како моите. Татко ми беше Диџеј и ние од тоа живеевме. Релативно се млади родители и ден денес имаат младалачки дух. Татко ми има чопер и фура адидас тренерки, мајка ми е „авион риба“. Тоа се луѓе со изграден стил. Едно од најубавите доживувања ми беше кога отидов со татко ми на Deep Purple концерт. Пази, јас, 20 годишна, и татко ми на концерт на еден од нашите најомилени бендови... лудило! Растев на Led Zeppelin и Deep Purple, растев на тоа.

Имало денови кога со татко ми сме се среќавале во Балет, и сме се карале кој да си оди. Не бива јас и татко ми да сме излезени во истиот локал, во исто време, не е практично. :) И на отворањето на сите дискотеки пред 10тина години, мајка ми и татко ми биле тие што оделе први, за мене немало никогаш карти. :) Јас сум дете растено по дискотеки. Сликите од детството ми се по сепариња и шанкови. Што е право, ги имам и оние традиционалните со елка или на плажа ама овие другиве ми се најдраги.

Во моментов ништо не ми се допаѓа во Скопје бидејќи сум турист во сопствениот град. Поим немам што е, каде е и тоа ме фрустрира. Ме вади од памет што е сè од гипс картон, фактот дека Скопје е „градилиште“ и нема ќош каде не се гради. Дома секогаш знаеш каде ти е фотелјата, мијалникот, телевизорот, дури и во темница кога одиш низ дома, не се удираш. Е па сега во Скопје се удирам во сè нешто. Работи кои ги сакав скоро и да ги нема. Ми фали моето Скопје. Реално Карпош не е толку променет, колку што е уништен Центар ама работат на случајот. Многу е тажно и тешко ми паѓа кога го кажувам ова...

Секогаш ме мотивира кога некој ќе рече дека не можам нешто да направам. Зошто да не можам? Како дете покажував афинитети кон уметност, имав победувано на натпревари итн. и мајка ми сакаше да се запишам во средно уметничко. Мајка ми, при еден разговор, ми рече дека не сум за Карев, што е вистина, не бев. Јас и’ реков: „Молам? E ќе видиш!“. Се запишав во Карев и завршив. Се утепав од малтретирање со математика ама завршив. Заклучок: Не му кажувај на „копиљ“ во пубертет дека не е за негде. Ти текнува, исто како она „Не можеш да бидеш убава бидејќи си дебела?“ – Е па еве, сум. :)

Дуксеров е од ланската капсулна колекција на Бастет ноар, „I’m a cool cat“, и многу го сакам. Го убив од носење! Им подаривме од блузониве на Ида Делиниколова и на Skopje Casual затоа што они се, нели, супер кул. :) Другиот дуксер ми е од Индог. Сто години сме другари, уште од дечишта, од основно. Ова е првото парче што го имам од него, и го убив од носење. Пред некој ден го носев во комбинација со pencil сукња, Ugg boots и јакна. И ланец. И капа.

Руска салата - алфа и омега за Нова година! Блузава е на Footnotes, и ми е подарок од Јаре, другар на Бизи и мој другар; тој си ја купи и му реков „ако не ми купиш и мене, не си човек“. И сега ја имаме заедно истава маица и муабетот е да ја облечеме и двајцата и така да излеземе во град. How lame are we? :) Од време на време се буди гикот во мене, и него го сакам.

Ќе никнам таму каде нема да ме посадиш: на хард кор свирка, братучед ми свири во HC бендот „Screaming for Change“. Ќе ме видиш и у нај фенси клуб. Одам и кај Гоце и Коки во кафич, бидејќи ги чувствувам како фамилија. Неговите миксови си ги слушам во кола и по дома, супер ми се. Имам и миксови на наши евергрини од 50ти и 60ти, за тоа е задолжен другар ми Ненад. Ако тоа ме прави фејкер, тогаш I am the original faker. Super-faker, mega-faker, како сакаш крсти ме. Можеби не е ок бидејќи така си „Jack of all trades and master of none“ ама тоа е тоа, тоа сум јас.

Порано немаше толку дискотеки. Секој хотел своe диско и најмуваше диџеј за цела сезона. Едно лето татко ми пушташе музика во Мрдаја. Мајка ми, нели, во Југославија можела да земе неплатен одмор и ние два и пол месеци во Мрдаја! И дете ко дете, јас, цел ден во езеро. Дојранско е топло ама после толку време модрее устата... и татко ми, упорно, „Мери, излези од вода“, не излегував; „Aбе излези! Ако не излезеш од вода ќе те однесам на Пепи Бафтироски!“ И дека имам слика со моите, тројцата на маса, чинија мезе пред мене, со една фаца несреќна... и Пепи Бафтироски пее! - Ме однесе. Под казна, на Пепи Бафтировски!