Oва е еден креативно-инспиративен, во моиве очи, „ladylike психолог“ кој пред сè, ако го пуштите да зборува за сопствената професија страствено ќе се расприкаже и ќе Ве замуабети до недоглед! И зошто да не ladylike?! Доза на класика, колорит, смелост и самоувереност што до некаде е отсликување и на нејзиното држење, манири, нејзиниот персоналитет.
Приватната колекција на Ladylike психологот можам да констатирам дека е „временска машина“ која ќе те лансира и прошета низ повеќе од половина век, стартувајќи од 50тите до ден денес затоа што: ги обожува шапките и шеширите на баба си, винтиџ Астибо фустаните на мајка си, рало „Меквинки“ веќе има и Милува лобутинки што, еден ден, исто така ќе ги има. И како и секој добар исклучок од (ladylike) правилото „кисне“ во oversized блузонот на Индог.
Но, да се разбереме, патот до дамскиот look бил трновит: од шмизла и обиди да изгледа „10 години постаро“ до карго панталони и бејзбол маици и некои други пропратни, непрецизирани „underground“ изданија. Во кое издание и да сте наишле на неа, сега и тогаш, важно е што таа била отсекогаш, тука. Градски лик што во своите уникатни изданија се трансформирал аналогно со изданијата на градот, минувал верно рака под рака со градот, низ етапите на градот. И муабетот беше подеднакво интензивна временска машина што ме катапултираше низ последното 20-годинишно социјално битие на Скопје. И да, Ида е по некоја случајност е „ladylike психологот“ со диско-душа што ќе рече: да, „ловам“ одредени моменти во однесувањата и во муабетите и ќе ми текне, „еј, ова сум го учела“ па само ќе си се насмеам. Не далеку од тоа дека сите сме во извесна мера „когнитивни“ случаи за набљудување. Нели? :)

За време на додипломските студии на „Шефилд“, учев психологија. По двегодишна пауза решив да одам на магистерски. Тогаш го одбрав Leiden, гратче измеѓу Хаг и Амстердам, каде што магистрирав во областа на Здравствена психологија. Смерот подразбира работа со луѓе кои имаат хронични болести или пак со луѓе кои се здрави ама се работи на превенција на одредени болести и ми се чинеше многу интересна гранка од психологијата која е практична и применлива. Имав убава идеја што ќе правам отпосле. Меѓутоа некои работи не се поклопија, ми требаше и дополнителна едукација и сето тоа го ставив на „on hold”.

Првото нешто што ме фасцинираше кај Холанѓаните е дека се многу културни. До сега тоа не сум го приметувала во Скопје, но откако се вратив сфатив колку нам ни фали основно домашно воспитување. Тука некои работи ги занемаруваш, не придаваш значење, дали некој ќе каже „здраво“ кога ќе влезеш во некој кафич, дали ќе кажеш „добар ден“, иако те воспитале на тоа со тек на време го забораваш. Епа, Холандија ме потсети на тоа. Второ, во очи ми падна и чистотата. Каде и да отидеш е чисто. Никогаш пред тоа не сум запазувала и не ми сметала чистотата на градот како што тоа беше случај откако се вратив од Холандија. Тоа ми ги отвори очите за некои работи, колку ги земаме здраво за готово, како да е ситница, а колку е всушност битно.

Имам неколку парчиња од мајка ми. Фустанов со затворена крагна, од 80ти, од „Астибо“.Сигурно е некои 20-30 години стар, а сепак е добро зачуван и изгледа на нов. Скроз е ретро. Го имам облечено два пати, бидејќи е специфичен, свилен е и убаво стои ама не ми соодветствува со околината или пак не можам да најдам настан на кој би го носела. Памтам дека еднаш во зима го носев со кожна авијаторска јакна.

Не знам точно кој беше мојот прв допир со модата, претпоставувам во петто-шесто одделение, кога го купив првиот Vogue и се фасцинирав од сите тие фустани, накит, кондури. Се сеќавам во едно од тие списанија ги видов за првпат Christian Louboutin Pigalle лакованите штикли. Тоа е тој модел на штикла што јас сакам да го носам и што некогаш во животот мора да го имам. Иако други кои ги носеле ми имаат кажано дека е најнеудобната кондура што постои затоа што е 12cm ама гајле ми е, мене ми е тоа уметничко дело.

Холанѓаните се многу поотворени, шетаат, се занимаваат со тоа што сакаат да се занимаваат, немаат предрасуди. Нивото на свеста кои го имаат тие мислам дека е за нас недостижно во следните 100 години. Има исклучоци и секоја чест за нив. Не знам каде луѓето во нашиов град свртеа во погрешен правец. Дали е тоа зошто се движиме во затворен круг и не излегуваме, не патуваме доволно, затоа што те лимитираат финансиите. Таму инфраструктурата е друга, во кое било село, во кој било град можеш ко од шала да стигнеш, достапно ти е. Народот се меша, Холандија е земја каде има проток на туристи, поготово во Амстердам. Сите градови се студентски и сакал не сакал имаш допир со други култури, доаѓаат од сите држави, од сите континенти, имаш размена на искуства и тоа ти ги отвора видиците. Живееме во многу затворено општество и многу ми е криво поради тоа.

Она што најмногу ми фали понекогаш е lounge-бар, да се опрчиш на големи перници, да седиш или да лежиш. Исто така ми фали тоа што кафичите не работат сè додека има луѓе. Те лимитира да си до 12 или до 1 и те брка во диско – некогаш не ми се оди во диско. Некогаш ми се седи со убаво друштво и тоа е тоа. Цела среќа диско-душа сум па не е секогаш проблем.

Од Холандија се вратив со желба да почнам нешто што тука го нема. Имав идеја и амбиција да пробам нешто ново. Не дека наидов на пречки, можеби моја е кривицата што не бев малку поупорна, но кога доаѓаш и им кажуваш на луѓе што си завршил и што ти е идејата не наидуваш на поддршка. И тоа малку те тишти. И кога завршив и одев на пракса, за да добијам лиценца како психолог, на страна обуката за психотерапија, каде и да бев и со кој и да разговарав муабетот беше „Еј, да, ова интересно е ама каде бе ова тука ќе го правиш. Научна фантастика е за кај нас“. И колку и да не сакаш ти остануваат зборовите во потсвест. Моја грешка е што сум дозволила таквите коментари да ме кутнат и да не држам до себе и да си кажам „Што ми е гајле“, да сум ја гаела таа амбиција. Цел ми е да запишам докторат и од тоа нема да се откажам.

Плисираниве шалвари со висок струк се од мајка ми. Радост голема беше кога таа ги „ископа“ од нејзиниот шкаф затоа што многу ме потсетија на една комбинација, пролет-лето, не знам која година, на Marc Jacobs – зелена плисирана сукња комбинирана со бела маичка и каиш. Јас „пукнав“ по таа зелена сукња! Барав материјали, се двоумев дали да шијам или не, и во разговор со мајка ми, знаеше што барам и едноставно ги извади: „Повели!“ Должината е до глужд и всушност се сукња-пантолони. Бела маица ми е есенцијален момент во гардероберот, без разлика во која форма и варијанта.

Во една прилика кога возев точак ми се заглави ногавицата од шалвариве во ланецот. Застанав и си реков, ОК, ќе пробам да ги извадам, ако не ќе се јавам на мајка ми да донесе ножиции и тоа е тоа. Инаку требаше да свртам цел круг со ланецот за да ја извадам. И лека-полека ја извадив, се познаваат запци ама среќа не се скина. И не ги носам веќе на точак. Инаку, да си на точак и да носиш нешто лелеаво, за мене тоа е многу убав и романтичен момент. Возиш точак, а позади тебе се вее лелеава сукња.

Не си дозволувам да ги анализирам луѓето кога за првпат ќе ги запознаам бидејќи не оди тоа така. Треба неколку сесии, неколку разговори и неколку прашања и потпрашања. Но, да, „ловам“ некои моменти во однесувањата и во она што го зборуваат, што сум го учела. Некогаш си дозволувам да ги потпрашам „од околу“ нешто, на начин за да не приметат дека тоа го правам, и некогаш ќе ми текне, „еј, ова сум го учела“ и само ќе си се насмеам.

Галијано и Вествуд многу ги сакам како дизајнери. Од Вествуд не би носела сè бидејќи апсолутно не се мој стил. Том Форд исто така. Него го сакам и од други причини - многу е убав! :) Шала на страна, и тој знае да извади многу добри работи. Жил Сандер, класика. Од нашиве би ги издвоила Гаго - Лудус, Индог, од него имам неколку парчиња, Росица Мршиќ. Бобан Илиевски исто има интересни парчиња.

Многу често ми се случува да имам некоја комбинација во глава ама едноставно не можам да ја облечам затоа што сметам дека ќе изгледам или чудно или смешно и не го сакам оној момент „сите очи вперени во мене“. Непријатно се осеќам. Да, фино е да привлечеш внимание со нешто ама пак, некако незгодно ми е. Не сум таков тип на човек кој бара константно внимание. Нормално, се случува од време на време да се појавам во „посмела“ комбинација, ама сепак сум умерена.

Во средно имав пресврт, константно носев широки панталони, патики, блузон и капче. Обожавав бејзбол маици, што кај нас ретко се наоѓаа. Памтам после долго време решив да си купам сукња од Манго, ама ми беше срам да влезам бидејќи од една страна “глумам” андерграунд и носам широки пантолони, а од друга влегувам во „Манго“ по сукња. Lady-like фустан кој ме потсеќа на баба ми.

Еднаш во средно купив многу убава карирана сукња, ама сестра ми ја облече и направи дупка од цигара и тоа беше cat fight :) А баш се сеќавам и кажав “океј, земи ја ама пази да не ја изгориш”, имав интуиција. Ама било поминало. На крај на средно се опуштив и реков па и не е толку страшно да ставам и тесни фармерки, сукња. Ми беше срам, си викав „Чекај сеа, до завчера широки панталони носев, а сега нешто сукња и штикли, па што ќе кажат сеа другите“.

Не сум сигурна дека би сакала да живеам во земја како Холандија. Од една страна сè е точно подредено, има прописи и правила ама од друга страна некако не се пронајдов во таа средина. Не ме привлече нешто па да кажам „Овде морам да останам“. Можеби и не е до тоа, можеби е самото искуство таа година, не се погоди нешто што ќе ме натера да останам. Сплет на околности.

Гледајте колку дизајнери има. Иако мислам дека во последнава декада нема некои новитети во модата. Сè е рециклирање на некои претходни декади. На пример, панкот и 80тите имаат „камбек“ секоја втора сезона. Мислам дека најкреативната декада е 90ти. Тогаш постоеја шака дизајнери кои беа на врвот на модната индустрија. Скиците се чувале во сеф. Не се знаело до самиот почеток на модната ревија што некој дизајнер ќе претстави. Имало индивидуалност и веднаш го препознаваш дизајнерот. А сега, го има оној момент на модна тенденција. На пример, тенденција за пролет-лето 2015 ќе биде жолта боја, „Петар Пан“ крагна, сукњи со висок струк. И се’ што се дизaјнира е варијација на таа тема. Масовно се продуцира. Многу ми е контрадикторно да се истакнува креативност и индивидуалност во доба каде што има толкава масовна продукција, навистина е тешко.

Порано „Дамар“ бил столарска работилница, мислам, имаше, можеби сè уште има една маса со алатките што ги користеле, а можеби е спуштена долу. Не знам како го нашле просторот и дали го барале...реновиран е, на пример лимениот дел кај тоалетот, шанкот исто така, но сè друго е оставено автентично, како што си било – така. Постои 6 години. Памтам по тоа што кога правеа 5 годишнина се поклопи настанот со Оскарите. Јас глумев во филмот на Анѓа, „Before the train“. Го носев црвениот шешир. Тој е за на плажа, голем е и кога ќе го ставам на мене ако застанам право изгледам како столна лампа. Ама тоа ми е едно од поомилените парчиња.

Друго што ми паѓа на памет е и, можеби, потребата за внимание. Од една страна сакаш да си ја изразиш индивидуалноста а, од друга страна, сакаш и да привлечеш некого. Некој пат да, некој не. Некогаш едноставно ми се допаѓа одредена комбинација и ќе си ја облечам затоа што јас си ја сакам и се чувствувам комотно во неа. Некогаш си викам, па што, сакам денес да ме гледаат луѓе. Кај мене тоа е во зависност од расположението. 90% од времето е чисто ради мој кеиф, не за да привлечам внимание. Не ми била никогаш поентата да се истакнам, да бидам центарот на внимание, непријатно ми е. Значи, сумирано, индивидуалност и креативност, тоа е тоа.

Кога студирав во Холандија го открив сајтот „Farfetch“ и „киснев“ на тој сајт и само си замислував што би можела да купам од таму, си букмаркирав работи што ми се допаѓаа за да ги шијам. Тогаш беа многу модерни чизми до глужд и ги начекав тие на Меквин. Првичната цена беше многу висока. Си реков нема шанси јас да си ги дозволам, но со оглед на тоа што има попусти, ќе тргам на страна и ќе штедам, па ако ми дозволи буџетот да ги земам ќе ги земам , ако не, да сме здрави и живи, само ќе сонувам за нив. И цела среќа, си собирав пари многу месеци по ред, конечно дојде попустот и ги начекав на половина цена. Тие ми се единствени кондури што се марка.

Ден денес другар ми Марко ми памти еден аутфит за искачање во средно: црна сукња, црна блуза, за сето тоа да изгледа како little black dress, црвен кармин и ball chain бидејќи нема отстапување од андерграунд моментот. На факултет додека бев имаше уште остатоци од средношколскиот стил на широки панталони и блузончиња ама при крај се подопуштив и сфатив дека сакам да си се дотерувам и да изгледам како женско. :)

Во средно „кисневме“ многу на кругче и на кеј. Јас тој дел со Лидо и со Бутлег не го фатив бидејќи тогаш уште излегував во Аха и МНТ, шемата ја терав. Ама Kругче дефинитивно го фатив, кеј, пикање по локални гаражи затоа што другарите ти се во некој бенд, сме се шлаеле многу повеќе на улици отколку сега. На моменти ми фали и се обидувам тоа да го правам летно време, пиво во рака и возиме точаци. Исто така одевме и по журки во Метропол, многу одев по транс журки, одевме во МКЦ на журки, по концерти по некакви си такви „рупетини“ од места.

Во тоа време немавме мобилни, а не ни требаа. Ќе се слушневме по телефон, „Кај ќе одиш вечер? – На Kругче.“, кога и да искочиш ќе најдеш некој. Сега на пример, не дека не можам да излезам и да свратам во тие кафичи каде што излегувам и да најдам некој познат ама распрчкани се луѓето. Тогаш беа сите на едно место и сам да излезеш ќе ги најдеш, не требаше посебно договарање.

Блузониве ми се фаворит! Верувале или не ги комбинирам со црни свилени боксерици. Малото дупче на блузонот од Индог не сакам да го потшијам бидејќи ми е посимпатично така; два пати имам фатено да го шијам и не, не ми е тоа тоа. Може Индог ќе ми се налути. :) Зошто сакам да ги комбинирам со црни боксерици? Затоа што по дома најчесто сум по кратки панталончиња и блузон. Бидејќи блузониве се подебели најчесто ги носам во зима, со шорцеви и волнени чорапи и тоа ми е домашниот аутфит. За вечерни излегувања ги комбинирам со хеланки и високи чизми над колена на штикла. Ги носам понекогаш за вежбање, за до продавница. Блузонот ми е останат како парче што сум го носела цел живот и понатаму ќе го носам. Другиот ми е подарок од Bastet Noir, го добив за роденден и многу ми е драг.

Прво кај човек ја приметувам харизмата. Некој може да е облечен и во вреќа од компири и да е со нечешлана коса откако се родил, а пак да зрачи со некоја харизма и енергија. Има луѓе кои ќе те привлечат со својот став, некој со својот стил на облекување, но мислам дека харизмата е најбитна. Сте приметиле некои луѓе кои едноставно зрачат со енергија и не ти е јасно зошто се кул и привлечни? Немате исти интереси и немате некој муабет да сврзете ама сепак ви се привлечни. Тоа би го дефинирала како харизма. Тоа едноставно си го носиш во себе, тоа не се учи, не се купува и облечи се како сакаш едноставно не можеш со сила да си харизматичен.

Психологијата како наука не ти дозволува од школска клупа веднаш потоа да ја работиш како професија. Можеш минимално, на пример да користиш психо-дијагностички тестови. Но, и за тоа треба дополнителна обука бидејќи за време на студиите недоволно се практикуваа. Имав и пракса и вежби во областа на психотерапијата, сепак, тоа не е доволно бидејќи треба и ти како човек да поминеш низ личен раст и развој преку тие техники што си ги применуваме во групи на себе за потоа да можеме понатаму да ги применуваме на други. Мораш нели да си чист со себе за некои работи за да можеш да бидеш чист и пред некој друг. И психологијата како наука е поприлично захтевна, бара од тебе константно да учиш, да се надоградуваш, да читаш, да одиш на семинари, на доедукации, за да можеш конечно тоа да го работиш.

Се одлучив за психологија бидејќи сакав работа која ќе ми дозволи да работам со луѓе. Една опција беше маркетинг, од оваа дистанца си викам можеби и требаше тоа да го запишам, ама од друга страна психологијата ми изгледаше доста интересна и применлива во други струки. И како наука ти отвора сосема различна перспектива, го разгледува човекот од многу гледни точки и агли, видикот ти е проширен и на друг начин ги гледаш луѓето и го разбираш она што го прават или не го прават. До некаде ја знаеш позадината, што е нож со две острици затоа што цело време имаш емпатија и разбирање за другите.

Ми требаше долго време да го најдам перфектното бело сако. Го носам исто така во многу ретки прилики бидејќи е бело и знае брзо да се извалка и морам многу да пазам, да не одам во гужва, да не ме изгорат со цигара. Ми се случи да видам една флека и си реков сама ќе ја исчистам и како што ја протрив со сунгерче, водата се рашири и стана толку голема флека што си реков, готово, сакото отиде! Цела среќа постои хемиско, ги измалтретирав до немајкаде, им реков „Не ми го враќајте додека не ми го исчистите“. И беше неизвесно. Тоа ми е од оние парчиња кога ќе ги видиш си викаш „ова е тоа што мора да го имам“.

Шеширите на баба ми. Тие ми се тие парчиња што мислам дека ќе немам никогаш прилика да ги носам. Многу се специфични, не знам каде би можела да ги носам и во каква комбинација. Моделот е 40ти-50ти, би можеле да се носат во есен или во зима бидејќи материјалот е подебел. Ништо не ми паѓа на памет во моментов од тоа што го имам дома за комбинација. Но, дефинитивно ќе ги чувам. Најверојатно би можеле да се носат со некој „trench coat“, со „old school“ крој.

Како малечка читав сè што ќе ми падне во рака. Лектири, списанија, го сакав „Политикин забавник“. Во средно за жал, не толку. И има некои книги за кои навистина мислам дека не се за таа возраст или пак треба повторно да ги прочиташ кога ќе созрееш. Има многу книги за кои ми е жал што не сум ги прочитала во средно и на кои дефинитивно сакам да им се посветам. Немам некој истенчен вкус за литература, не можам да посочам некој правец и да кажам „е ова е тоа што го сакам”, затоа што од средно натаму некако изгубив допир со тоа.

Сега читам, но не толку често и многу ми е криво. Кундера како автор многу ми се допаѓа, многу ми е романтичен. На секоја страна читаш по некоја мисла и си воздивнуваш. Покасно го открив. Една од книгите кои ми имаат оставено силен впечаток е „Мајсторот и Маргарита“. Ми требаше подолго време да се наканам да ја прочитам и конечно и’ дојде време. Исто така „Неподносливата леснотија на постоењето“. Ја купив пред две години и ја прочитав и кога се селев некаде се изгуби. Многу ми е криво бидејќи сакав пак да ја прочитам. Имам маркирано некои пасоси на кои сакам да се потсетам, не ги памтам.

Меквин ми е омилен дизајнер баш поради тоа што е специфичен и има откачен дизајн. Самиот крој ми се допаѓа. Линијата на некој фустан, како е сето тоа направено, смислено со некои интересни детали. Не е секојдевно, не е стандардно, и можеби баш поради тоа што не е носливо, затоа ме привлекува. Да сум милионер, би купила сè од него. Како Isabella Blow. Во други услови сигурна сум дека би ги носела тие парчиња ама тука не. И според мене навистина беше трагедија кога почина затоа што модната индустрија изгуби генијалец.

Тек сега, на овие години ми се случува нешто на кое не сум му придавала значење или внимание да му се посветам. Истото важи и за уметност; Друштво, фала ви многу! :) Мислам да не ми беше такво друштвото немаше до толку да почитувам ниту уметност, ниту литература, ниту пак архитектура; иако сум лаик на еден тивок начин почитувам уметност.

Дадов еднаш на една шнајдерка да ми шие фустан кој беше модел на Вивиен Вествуд, но за жал го однесов кај погрешна шнајдерка. :) Многу сакав да научам да шијам како мала за да можам да ја носам онаа облека која не сум можела да ја најдам тука. Мајка ми сум ја молела да ме научи или пак да ме прати кај некоја шнајдерка за да научам...ама изгледа никогаш не ме сфати сериозно. :) И сега не е доцна за такво нешто, оставам простор.

Генерално, облеката служи да ти го покрие телото. Како што човештвото се развива така се развивала и облеката, т.е. модата. Се развива креативноста и свеста кај луѓето. Модата е нешто што ја одразува креативноста, потребата за индивидуалност. Да немавме потреба од индивидуалност сите ќе носевме една иста работа. Ќе беше тоа некоја униформа и безлична боја. Тоа е мое лично мислење.

Освен што возам точак, трчам на кеј. Имав сериозен подвиг и лани се пријавив на полумаратонот . Од човек кој никогаш не сакал да трча, наеднаш се спремам за полу-маратон. Сум спортувала ама сум била во стил „Дај молим те не ме терај да трчам, подобро ќе рипам во место да се загреам“, така што полумаратонот ми беше најголемото спортско достигнување. Имам одено и на атлетика, тренирав тенис, одев и на балет, а од преклани почнав и со мечување. Паралелно со мечување почнав да одам и на Pole Fitness, но тие две работи морав да ги ставам во мирување бидејќи се спремав за маратонот и не можев сите три работи да ги правам одеднаш.

Мајка ми и баба ми исто така ми имаат влијаено со начинот на кој се облекувале. Имаат доста удел, поготово баба ми, која ја доживувам како дама. Со многу убави шешири, ташни, кондури... се дотеруваше за да оди до банка, со портокалов кармин или црвен. Мајка ми исто така знаела отсекогаш да ме изненади со некои нејзини парчиња.

Се сменија и генерациите, се распрчкаа, па дојде време за факултет, повеќето другари отидоа во странство да студираат, од големото друштво се направија 10 помали... до некаде е и до инфраструктурата на градот, до тоа како тој се менува и се развива. Не дека не се собираат друштва надвор, на пример на клупи во маало, во парк исто така. Ама навиките се менуваат, а и надраснуваш одредени моменти, си викаш, „океј, ова сум го правела, сега ми е досадно“, со тоа што после извесно време се враќаш на старото. Сега немам потреба да седам во кафич туку едноставно сакам да пијам пиво од трафика и да си отидам на кеј или на клупа и да се зезам, лежерно облечена. Се надевам дека со скејт-паркот што го направија на кеј ќе се поттикне и ќе се врати тоа што било на времето.