Сликиве се сликани пред точно 4 временски сезони. Добро, за поточна временска рамка додате на тие 4 + и некоја презреана смоква. Додадете на нив плус и една-две тетоважи, додадете го фантастичното дуо „Trinity“, додадете (не знам кооолку, претпоставувам и самата одамна престанала да брои) одржани часови и тренинзи, режим и војничка дисциплина, додадете упорност, фото-сесии, додадете златен медал.
Пааа, „нииишто посебно“ всушност… освен, според грубите квази-математички пресметки овде, сумирани како една фатално радикална еволуција, трансформација и реализација на една личност чија енергија и ентузијазам отсекогаш, откако ја знам, тогаш и сега, биле, и, се Hard to Explain. Во моментов, и „hard to reach“ со слободно време „во минус“ (среќа ги имавме фоткиве во архива!) и уште толку понесфатлива, како ли и’ успева. Затоа, еве една hard to explain спојка на необјавени фотографии, во нејзини лично дизајнирани парчиња облека, кај неа лично дома, доцна летото во 2012та, во едно ретко издание од неа што одамна не сте имале можност да го видите, со еден скорешен муабет на тема што и како се случува сега.

Колку можеше им се отворија на луѓево очите за уметноста но мислам дека капацитетот е толку, дека нема простор за повеќе. Искрено, и малку целава ситуација со уметноста во државава нè одвраќа некако од таа работа и затоа сме малку како под некој “статус кво.” Затоа и се посветив повеќе на ова што го правам, затоа што ми е на еден начин исто толку голема љубов како и дизајнот со тоа што јас нема да престанам ниту со едното ниту со другото само, како да кажам, за сè си има свое време.

„Trinity“ си го работиме со Јасна партнерски, баш. И за часови и за сè...како да сме поделени на два отсека: таа држи часови во вторник, четврток и сабота; јас, понеделник, среда и петок и, дури и стилот на работа на часовите ни е различен и баш поради тоа сме и комплетни. И секој си се пронаоѓа во својот стил.

Успехот на Тринити се должи, пред сè, на посветеноста. Тоа што јас и Јасна сакаме ова да го правиме многу, вложуваме во себе постојано, во надградба на нашиве тела, и како инструктори се надоградуваме и самата таа енергија вежбачите ја осеќаат и затоа имаме и таков feedback. Целосна посветеност. И работа многу. Многу труд. 100 процентен.

Да, и маркетинг, цело време. Треба да се покажeш за тоа што си работел цела година за да можат вежбачите практично да се поистоветат со нас, да сакаат да изгледаат како нас, нè пратат што правиме, како правиме, што е многу битно. Да си пример, тоа е најдобриот начин. Ние и преку фотографии и преку видеа го доловуваме тој момент колку можеме повеќе и тоа значи многу за добар маркетинг.

Се натпреварував во категоријата „Бикини фитнес над 172cm“,не како индивидуалец, туку за клуб, за Тринити. И земав златен медал. Планирам понатаму да се натпреварувам и една категорија погоре и здравје, и „надвор“ да се излезе затоа што тука нема ни конкуренција, и тоа и не е така интересно, не ти е предизвик. :) Тоа би ме мотивирало уште повеќе. Би сакала и повеќе девојки да се натпреваруваат. Во категоријата мажи има константно учесници и би порачала до сите да не се обесхрабруваат, и мажи и жени, затоа што треба да се бориме, да се трудиме спортов да го доведеме до некое достојно ниво.

(Цел начин на живот го имаш изменето??!) - Апсолутно, да. Цел еден „Lifestyle“ е во прашање. Значи сите ме прашуваат, и вежбачи и луѓе со кои комуницирам во текот на денот, „Леле како издржуваш?!“, поготово додека се спремав за натпреварот. Јас не издржувам. Јас не викам дека... Сметам дека и спорт, која било работа каде вложуваш труд, еве, нека е и подготвување на една ревија, е многу тешко. Целиот процес е стварно макотрпен и бара максимална посветеност. Ама, за нешто што го сакаш и ти е баш буквално како животен сон не е тешко, воопшто. Уживаш едноставно во тоа и откако ќе заврши си доаѓаш малку на себе и си викаш, „ајде, кога пак??!“

Од тој аспект, еве и тука можат да се поврзат тие 2 професии: една колекција, колку се спрема? Јас ја спремам некои 6 месеци, зависи нели, некогаш можеби ќе има потреба и повеќе. И се спрема два пати во сезоната, 6 месеци една сезона, 6 месеци друга. Цееела година макотрпно работиш на тоа за на крај да излезат манекенките на ревија и сè тоа да изгледа толку „wow!“, лесно и едноставно. А во суштина е многу напорно и макотрпно... за една креација од колекцијата само низ што сè поминуваш за да биде совршена и да изгледа така како што финално изгледа.

Јас мислам дека вежбачите ги мотивира најмногу инструкторот. Затоа што дали е пристапот индивидуален, еден на еден, или во група, инструкторот е тој што треба да те мотивира, и психолошки и физички. Како инструктор ти си тој што треба да ги водиш вежбачите, треба да си пример, треба да си психолошки спремен да си буквално како учител, како мајка. И тој психолошки пристап го осознаваш со многу работа, повторно со труд. Тоа се гради нели низ текот на годините, искуството, цел живот учиме, секој еден час одржан е ново искуство, сознаваш многу работи за тренингот, за себе и учиш како да си „психолог“.

90% од луѓето не доаѓаат само за вежбање, доаѓаат и да се социјализираат, да се дружат и нели низ призма на сите тие елементи, најпосле, да се постигне и она што сакаат да се постигне. Треба максимално да ги мотивираш затоа што сите се со различна причина тука, некој сака да ослабе, некој сака да направи мускулна маса, на некој пак му е тешко па сака да се откаже па, гледаш да го решите проблемот ако смената не одговара повеќе; некој има сосема друг проблем и треба многу да се делува, буквално да ги мотивираш во секој момент. И ти треба цело време да се придржуваш до едно такво ниво, инструкторот не смее да си дозволи да изгледа „лошо“ или пак да е „слаб“. Треба да е пример. Кога ќе застанеш таму да се огледаат на тебе и буквално да продолжат понатаму, да не застанат.

Јас сум цел живот „навлечена“ само што најверојатно со текот на годините треба да стекнеш искуство за да стигнеш до одредено ниво со тоа што веќе почнав и професионално да се бавам со спорт. Инаку цело време сум спортувала, цел живот вежбам, одморам само во недела... ок, сега ни во недела не одморам. Од понеделник до сабота сум на тренинг, цело време.

Според мене, вежбањето е како психотерапија на еден начин, да избегаме од тоа што во текот на денот, во текот на животот ни се таложи, ни се товари. Светов е максимално луд и начинот на живот ни е премногу, максимално брз и вежбањето ти е баш онака, да се преиспиташ самиот себе, да бидеш психолошки јак, учење на една страшна дисциплина. Да бидеш точен, да ги почитуваш луѓето да го почитуваш нивното време... го гради карактерот во еден многу поразличен правец. Мислам дека е доста полезно да вежбаш и строго го препорачувам на сите.

Многу ретко се случува да се напијам. Една чаша вино да речеме ако има некој повод додека, за време на подготовките воопшто не пиев. Ниту голтка, скроз. Ме прашуваа „како издржуваш, тешко ти е?!“ – Не. Воопшто. Мене вежбањево ми е и „алкохол“ и„ дрога.“ :) Ме исполнува тотално. Ако не извежбам, не можам!

Го немам сменето стилот. Јас имам малку поавангарден стил, по underground, и тука сум останата во тој „правец“. Нормално, дека сега сум повеќе во спортска опрема но сум пак во „мој“ стил. Се разбира дека на тренинзите мора да се носи спортска опрема и хеланки од практични причини, и преку ден кога ќе завршам сум повеќе во тренерки или во некои скинати фармерки за да можам одма да се пресоблечам, ама стилот е тој.

Сè уште се бавам со дизајн само што сега ми е вежбањево повеќе во преден план. Спремаме нешто под „Hard to Explain“, би рекла работиме на проект за спортска линија и тоа моментално се „кува“ така што не би открила нешто повеќе. Ама би била „Ready to Wear“ дизајнерска линија, и во догледно време ќе има таква колекција. Затоа што сакам да ги спојам двете професии.

Со тек на време во животов, од искуство се научив некако во право време да ги правам работите и еве сега некако ќе ги поврзам едното со другото, со тоа што ќе правам спортска линија. Тука ќе се направи таа конекција со што ќе бидат по casual парчиња облека, не толку авангардна и повисока мода да речам, како што претходно работевме. Од тоа се исклучуваме и продолжуваме во друг правец.

Сигурно сте приметиле кога одредени луѓе се нерасположени, им се приметува дури и преку облеката. Може и да е фејк но, пак ќе кажам, и тоа е израз на карактерот значи дали си фејк или не, ти тоа го правиш претежно свесно. Ама секако го правиш, излегува од тебе. Не е само дека ти физички се облекуваш колку да се покриеш туку пак, ти размислуваш за како да го направиш тоа, што да облечеш, како да се облечеш.

Начинот на облекување кажува многу за личноста. Што таа сака да каже, за каков човек се работи, личниот израз... Апсолутно, да, свесно или несвесно пренесуваме некаква порака со облекувањето. Изборот на облека не е само импулсивно така, облечи се колку само да се облечеш и излези. Тоа е се поистоветува со некоја состојба на умот, состојба моментална, со нешто што ти се случува во моментот, дали си инспириран дали е нешто друго... многу има врска.

Стилот, или го имаш или го немаш. Секако дека понатаму го надоградуваш, затоа што со тек на време како созреваш го менуваш и карактерот низ различни фази: тинејџер си, па после си девојка и продолжуваш понатаму да се развиваш. Со тоа се менуваат да речеме и некои твои лични критериуми, и личното искуство влијае што е нормално. Како што карактерот се менува со текот на годините нормално е да се менува и стилот; ама, мислам дека во основа се сведува на тоа дека или го имаш или го немаш.

Многу го сакам Скопје. А и многу го мразам сега. До пред некое време само многу го сакав, сега го сакам и го мразам подеднакво. Го сакам затоа што беше многу позитивен град и се надевам дека барем 10% од таа позитивност е останата меѓу луѓето во Скопје. Во некој круг на луѓе сме во кој си имаме изградено некој свој свет во кој се движиме и тоа нè држи. И некои заеднички спомени за Скопје, и она што ни се случувало како многу добрите журки порано, многу добрите дружби, улиците коишто дишеа и мирисот на пролет кога ќе излезеш надвор и кога ќе ги осетиш липите на „Партизанска“... тоа секогаш ми било онака, свето.

Мислам дека општо владее некоја многу чудна енергија. Многу луѓе се измешаа тука, од секаде, не зборувам за да потценам некого и немам такви предрасуди ама мислам дека има и многу шунд наоколу, и сите критериуми за убаво, за уметност се срушени и се прават некои работи и настани само колку да се направи нешто... Еве да речеме за сценава на електронска музика, за концерти итн. Знаете и сами како беше и како е сега. И сме разговарале 100 пати на таа тема, со луѓево што се знаеме толку долго, што сме горе доле таа генерација и некои тврдат дека ние веќе сме пораснале, некои дека сме остареле веќе но, јас тоа не сметам дека е така, и дека сега во принцип има некои нови дечки но, мислам дека не е ни до тоа.

Пак ќе кажам дека тие некои 10% на луѓе кои се со многу страшен ентузијазам останати сме си во некој свој свет и тоа нè оддржува за да продолжиме да го сакаме Скопје и да се сеќаваме на него како такво. И мислам дека треба да се бориме заедно да го спасиме, колку можеме, еве на ваков начин, со вакви работи, со спорт, со уметност, со позитивна енергија.