Ивана ја запознав кога таа го организираше настанот со изложба на фотографии инспирирани од фасади на објекти кои го дефинираат вистинскиот идентитет на старо Скопје, „Моја скопска приказна”. Одамна знаев дека архивата на препознатливи скопски ликови по целокупниот изглед и харизма, оние кои се обележје на нашево време, ќе биде непотполна без неа, поточно без нив двајца, како пар. Ја имав одамна забележано, низ градов. Неизбежно е да ви „падне во очи“, ова ќе ви го потврдат многумина. Кај неа плени и нејзината отвореност, топлина, насмевка. Се сеќавам и што носеше тој ден. Во склад со настанот, црна блуза, над неа елегантно сако со боја на кожа, панталони со цветен принт кои не би прилегале така добро на секој и нејзиниот главен печат – големи, впечатливи обетки кои даваат „тежина“ на целиот изглед. Мајка ѝ ќе рече: „Кај ги наоѓаш парчињава Ивана, јас ова никогаш не би го ни погледнала, а види што убаво ти стои.” Да. Тоа е она вродено чувство за уникатен стил, да се склопи одредена комбинација, па кога е дополнето со убава енергија и професионална поткрепа, имате човек кој би сакале да ви е во блискиот круг на пријатели или едноставно да имате моменти кога ќе размените убави и содржајни муабети.
Таква беше и нашата втора средба, кога го запознав и Александар (попознат како Шекут), а се случи во нивниот дом во Дебар маало, едно утро во септември. Веднаш штом влегов се уверив дека и во него се отсликува нивната префинета естета. Иако двајцата велат дека не се многу слични карактери и на тој начин се надополнуваат, дознав дека и двајцата се носталгичари по старо Скопје, по сè она како што било порано, од мода, до музика, навики, начин на живот. Па затоа ѕидот од дневната соба им го красат разгледници со имињата на најпознатите скопски дуќани своевремено, нешто што им буди убави емоции. Меѓу другите на него се издвојува врамена и нивната уникатна и креативна покана за свадба „Кога Николовска стана Шекуткоска”, како сценарио од филм-романса со очигледен „And they lived happily ever after“ момент. Идејата била на Ивана, која како продуцент на филмови досега имала тет-а-тет средба со неколку холивудски филмски ѕвезди. Едноставно целиот простор е исполнет со внимателно избрани парчиња (тука Шекут има вмешано прсти како инжинер по дрвна индустрија) и е синоним за топлина. Тоа не е ни чудно бидејќи за нив семејната атмосфера е поттик за сè останато во животот.
Нашето сценарио за дента се ближеше до својот крај, но знаете што? Имав можност да ја запознаам и ѕвездата во нивниот дом, нивното преслатко синче, Дамјан, кој штотуку се беше расонил.

Ивана: Завршив е-бизнис на државниот факултет, a магистрирав Маркетинг, рекламирање и односи со јавност, минатата година на City College, University of Sheffield. Работам како филмски продуцент веќе три години. Излезе спонтано...мојот ментор со кој работев и претходно, ми предложи да работам во филмска продукција, ми звучеше многу интересно и се согласив. Тој веќе имаше неколку негови сценарија, ми даде да ги прочитам, го избрав тоа што највеќе ми се допадна, ни беше одобрено од „Агенција за филм“ и така потоа си продолжи работата.

Ивана: Работата главно ми вклучува целосна организација за реализација на еден филм. Планирање на подготовки, организација на снимање, координација со сите сектори, буџетирање, обезбедување средства. Читање сценарија со цел наоѓање на интересно сценарио и малку покреативниот но и подолгиот дел, развој на проект од идеја.

Шекут: Инженер сум по дрвна индустрија и се занимавам со проектирање и изработка на мебел и ентериер. При изработка на проектите највеќе инспирација црпам од актуелните трендови во индустријата (бидејќи тоа е најчесто она што го бараат клиентите). Секако, во секој проект се трудам да вметнам некој детал, кој ќе му даде посебност на ентериерот или парчето мебел кое го изработувам.

Ивана: Заедно сме од 2007, врската ни почна на журка на Бој Џорџ, на Велигден. Се сеќавам, имаше една реклама за кечап и Шекут беше оригинал кaко дечкото на рекламата, тогаш имаше пуцвал голема коса. Прв пат се видовме на роденден кај наша заедничка другарка и јас бев убедена дека е дечкото од рекламата. Тој прв ми пријде. Одевме два месеци, па летото јас заминав во Англија на 3 месеци, па во тој период имавме Skype врска и си титкавме на телефон. :)

Шекут ме запроси на денот на нашата годишнина. Не дека не очекував, веќе бевме долго заедно ама дента ми подари кактус, убаво спакуван, така некако ми го подари со посебно внимание и си викам тоа ли е подарокот, многу се потрошил. :) Тогаш веќе живеевме заедно, требаше вечерта да излеземе на вечера, ама претходно отидов да одржам час зумба, си извежбав убаво и се враќам дома, влегувам во станот, темница, а нешто чудна светлина гледам. На скалите беше прстенот, убаво осветлен само тој. Одма почнав да плачам. :) За кратко време сите најблиски ни дојдоа дома, повеќето од нив веќе и знаеле па чекале само да им јавиме.

Ивана: Апетитот е најважен! Важно ми е да имаме ручек дома и гледам секогаш кога можам да подготвам јадење. Гурмани сме и двајцата, а јас посебно сум среќна кога јадам. Бабичката е соларник што си го купивме кога бевме на патување во Шведска, а Кока-Кола шишенцата се сол и бибер, кои ги донесов од Лас Вегас. Многу се радувам на вакви детали и ситници и колку време и да ги имам меракот не ми поминува и секогаш ми враќаат убави спомени.

Си ја сакам многу работата, ме исполнува, иако знае на моменти да биде многу напната и напорна, ама сепак ми е убаво и уживам кога работам. Добив можност да патувам два пати во Америка, и таму најмногу се заразив со ова што го работам денес. Откако почнав да се занимавам со филм така животов ми стана драма, акција, романтичен, комедија, sci-fi, се во едно. :)

Ивана: Поради тоа што во последниве години често патувам, купувам разгледници од секаде каде што одам, само не ги праќам туку си ги урамуваме. :) „Кога Николовска стана Шекуткоска” ни е поканата за свадба. Сè ни беше на свадбата под тој наслов, ја смисливме заедно со братучед ми со кој одлично функционираме кога станува збор за креатива и дизајн. Јас првично сакав да е поканата поврзана со филм и сакав да има ретро мотив, на Шекут му се допадна идејата, му кажавме на Петар, некако го смисливме насловот и така излезе оваа покана. Многу убави коментари добивме. Поканите беа спакувани во тутурутки, запечатени со восочен печат со нашите иницијали.

Шекут: И двајцата сме љубители на очила за сонце и имаме повеќе различни модели. Ова ни се најновите наочари, со рачно изработени дрвени рамки. Посебно мерак ми прават бидејќи се занимавам со изработка на мебел, па така некако ептен си се пронаоѓам кога ги носам. :) Не сум некој голем купувач. Купувам работи што навистина ми се допаѓаат и знам дека ќе ги носам така што сè што купувам е максимално ,,експлоатирано”. :)

Ивана: Обожавам впечатливи, големи обетки. Некако ми се допаѓа кога доминираат, потенцираат и даваат дополнителна тежина на целиот изглед. Кога се убаво искомбинирани, со стил, баш така личат „аристократски”, што би рекла мајка ми. Сините обетки ги носев на мојата свадба. Не носев никаков друг накит, само обетките.

Кога се селеа моите пред три години од станот, мајка ми ми рече: „Ивана, да видиш каков материјал сум нашла, многу ќе ти се допаѓа. Го добив на подарок од Уругвај и никогаш не го сошив.” Кога го видов материјалот се заљубив. Свекрва ми, која супер шие, го претвори во ова палто и нема кој не ме прашал од каде ми е. Уникатно е навистина и убаво се чувствувам кога си го носам.

Од Иванка за Иванка! Тоа се моите кондури за свадба, Иванка Трамп, си ги купив од Лос Анџелес. Омилени ми се, ама малку височки, па ги носам само во посебни пригоди. Порано многу повеќе купував, тек па на попусти, па тоа мислиш од утре веќе ништо нема да има. Веројатно и тоа си доаѓа со возраста, сега купувам помалку, но поквалитетни и поскапи работи.

Спортувам од мала. Вежбав ритмичка гимнастика 8 години, престанав на 16, но продолжив да сум спортски активна секојдневно. Последниве 5 години бев инструктор по зумба, но заради зголемени обврски морав оваа година да престанам, но сепак не се откажувам од вежбање. Мислам дека е многу важно човек да спортува и да стекне навика за тоа, од најмала возраст. Кога почнав со гимнастика бев упорна и многу вежбав, се качував сама во автобус и одев на тренинзи во „Партизан“, па потоа на „Факултетот за физичка култура“. И ден денес сум зависна од спорт, а чувството после вежбање не се споредува со ништо. Како се наближува зима одвај чекам да бордам. Последниве години одиме на Копаоник и баш е уживање. Среќа доаѓаат и моите со нас, го чуваат Дамјан па јас сум таму со цело работно време од 8 до 4, едноставно не можам да застанам. Ветив дека годинава нема толку да бордам. :)

Ивана: Во суштина сум ретро тип и ми се допаѓа сè како што било порано, од мода, до музика, навики, начин на живот, сè. Некако сум носталгична по старо Скопје, дури и од периодот кога не сум ни била родена и кога ќе видам нешто од тоа време баш ме допира. Оваа година, кога го организирав настанот „Моја скопска приказна”, имав можност почесно да комуницирам со Данило Коцевски, кој ми враќаше убави емоции и спомени за градот и ме потсети на дедо ми кој ми има раскажувано исти и слични работи за старо Скопје. Убаво се сеќавам на пример, како изгледаше Кино Карпош, кога ме шеташе баба ми низ маало...Многу ми е мило што Шекут успеал да ја зачува оваа разгледница со имињата на најпознатите скопски дуќани своевремено, па си ја имаме сега дома да ни буди убави емоции.

Шекут: Го сакам Скопје какво било порано и какво беше кога јас бев клинец. Секој ден после часови со другар ми се возевме ,,шверц” низ градот во старите хармоника автобуси, без некоја одредена дестинација. Oдамна ги имам разгледнициве и ги чував за да ги урамам. (,,by the way”, имаме уште неколку кои чекаат свое место на некој ѕид дома). :)

Ивана: Не дека судам, но начинот на облекување ми кажува за луѓето. Убаво ми е кога гледам луѓе со стил, убаво облечени, од кои многу брзо произлегува сопствениот став и гледањето на работите и некако соодветствува со тоа како изгледаат. Се воодушевувам на луѓе кои не мора да се нешто посебно дотерани ама едноставно се појава, зрачат со убава енергија и кога ќе се појават го исполнуваат просторот. Ги гледаш и се загледуваш.

Минатата година мојот прв испродуциран филм „Железната приказна” беше дел од „Short Film Corner“ на Кански фестивал, на јубилејниот 70ти по ред. Меѓу многуте случувања на фестивалот, имав и можност од близу да ги видам Никол Кидман, Шарлиз Терон, Бенисио Дел Торо, Селма Хаек, Медс Микелсен, Моника Белучи, Антонио Бандерас, Тилда Свинтон, Ел Фенинг. Сите одеднаш. :) Превозбудливо беше. Дефинитивно „once in a lifetime event”.

Следам трендови, но сепак повеќе си го следам сопствениот стил, ако јас во нешто не си се доживувам убаво и не се бендисувам, колку сака нека е модерно, не го носам. Сметам дека стилот во голема мера е вроден. Може и да се стекне, но се разликува од таму каде што е вроден. Прво што забележувам при запознавањето со некого се енергијата, насмевката и чевлите.

Омилено место во Скопје? Ивана: Најмногу време поминувам во Дебар Маало, таму сум израсната, таму живеам, многу работи и спомени ме поврзуваат за ова место. Шекут: Имам повеќе ама во моментов ми текнува на две. Аеродром, затоа што таму израснав и старото кафуле „Бастион“ во Д.Маало (кое за жал веќе не постои).